У.бр.265/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 04.02.2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 16 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010, 51/2011, 15/2013, 139/2014, 196/2015, 142/2016 и 140/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/2019).

2. Светскиот македонски конгрес, до Уставниот суд поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 16 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената законска одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 став 1, членот 89 со Амандманот XXIII, членот 90, членот 92 и членот 94 од Уставот. Поради тоа се предлага донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на оспорената законска одредба.

Во продолжение на иницијативата се цитираат оспорената одредба, членовите: 8, 51, 89, 90, 92 и 94 од Уставот, како и член 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа. Од анализата на овие одредби подносителот на иницијативата заклучува дека во ни една уставна одредба не се зборувало за „заменици на претседателот на Владата“, а уставната одредба (член 89 став 6, погрешно означен како член 89 став 4) која предвидува дека организацијата и начинот на работа на Владата се уредува со закон не давала за право со закон да се пропише поинаква организација и состав на Владата. Ова од причина што Владата ја сочинувале претседателот и министрите и никој повеќе и никој помалку. Уставот не дал право претседателот на Владата дискреционо да определува заменици и да им доверува на замениците вршење на одделни работи што произлегувале од неговите права и должности. Тоа што организацијата и начинот на работа на Владата се уредувале со закон не значело дека можеле да се воведат нови функции „заменици на претседателот на Владата“ како посебни институции, односно функции спротивно на Уставот. Со закон не можела да се утврди функција „заменик на претседател на Влада“ ако таква функција не била утврдена со Уставот.

Подносителот на иницијативата врз основа на уставните одредби заклучува дека само претседателот и министрите се членови на Владата и само ним им припаѓале надлежностите утврдени со Уставот.

Оттаму, со правото претседателот на Владата да определува заменик на претседателот на Владата предвидено во оспорената одредба се нарушувало владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, а воедно се кршел и членот 51 од Уставот.

Врз основа на наведеното се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба, а потоа истата да ја поништи.

3. Судот на седницата, утврди дека според член 16 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија, претседателот на Владата од редот на министрите определува заменици. Претседателот на Владата го заменува неговиот заменик (став 2). Претседателот на Владата може да им довери на замениците вршење на одделни работи што произлегуваат од неговите права и должности (став 3).

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Во член 89 став 1 од Уставот е определено дека Владата ја сочинуваат претседател и министри, а според ставот 6 од истиот член од Уставот, организацијата и начинот на работа на Владата се уредуваат со закон.

Поаѓајќи од анализата на член 89 став 6 од Уставот кој определил организацијата и начинот на работа на Владата да се уредуваат со закон, произлегува дека уставотворецот остава организациските прашања и прашањата поврзани со начинот на работа на Владата да бидат уредени со закон.

Притоа во оспорената законска одредба е предвидено дека претседателот на Владата од редот на министрите определува заменици, кои го заменуваат претседателот на Владата и на кои тој може да им довери вршење на одделни работи што произлегуваат од неговите права и должности. Имајќи предвид дека замениците на претседателот на Владата се определуваат од редот на министрите, што значи дека замениците во исто време се и министри на Владата неосновано е тврдењето во иницијативата дека замениците на претседателот не можеле да ја сочинуваат Владата.

По однос на доверувањето на вршење на одделни работи на замениците, кои работи произлегуваат од правата и должностите на претседателот на Владата, Судот оцени дека е прашање на организациона поставеност на Владата и нејзиниот начин на работа што е област која согласно член 89 став 6 од Уставот се уредува со закон како што е направено во конкретниот случај. Оттаму, определувањето на заменици на претседателот на Владата и пренесување на одделни права и должности од претседателот на Владата кон неговите заменици не е надвор од уставните рамки.

Впрочем, Уставниот суд во постапката по предметот У.бр.109/2015 изразил став дека определувањето на заменик на министерот (член 19 став 2 од Законот за Владата на Република Македонија) е прашање од доменот на организацијата и работата на Владата, уредено со закон, од каде уредувањето на прашањето на именување и делокруг на работа на заменикот на министерот во работата на Владата на Република Македонија, е законска материја која законодавецот ја пропишал за непречено функционирање на Владата на Република Македонија, што е во согласност со членот 89 од Уставот.

Судот, врз основа на наведеното оцени дека оспорената законска одредба е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 89 ставови 1 и 6 од Уставот.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.265/2020
04.02.2021 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати