У.бр.286/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 26 јануари 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Бобан Анѓелковски од с.Брвеница за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, а коишто се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност, повредено со Пресуда К.бр.588/19 од 20.02.2019 година, донесена од Основниот суд Тетово, и Пресуда бр.КЖ.129/20 од 25.06.2020 година, донесена од Апелациониот суд Гостивар.

2.Бобан Анѓелковски од с.Брвеница, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе барање за заштита на слободите и правата, а кои се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на социјална припадност утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот.

Подносителот на барањето наведува дека на 09.05.2018 година, Основниот суд Тетово донел пресуда со казнен налог К-234/18 каде подносителот на барањето е осуден на казна затвор во траење од 3 месеци, а која казна условно се одлага во временски период од 1 година да не стори ново кривично дело за наводно кривично дело уцена по член 259 став1 во врска со член 19 од Кривичниот законик. Наведената пресуда станала правосилна на 16.10.2018 година со што е започната законската рамка, односно временскиот рок на траење на условот од една календарска година, односно издржување на казнената санкција.

На 16.10.2019 година со пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Кзз.бр.11/19 казнениот налог К-234/18 донесена на 09.05.2018 година од страна на Основниот суд Тетово е укината поради суштествена повреда на одредбите од Законот за кривичната постапка.

Основниот суд Тетово, постапувајќи по Пресудата на Врховниот суд на Република Северна Македонија, постапува по истата и донесува Пресуда К.бр.588/19 од 20.02.2019 каде подносителот на барањето е осуден на казна затвор во траење од 3 месеци, а која казна условно се одлага за временски период од 1 година и 6 месеци да не стори ново кривично дело за сторено наводно кривично дело уцена по член 259 став 1 во врска со членот 19 од Кривичниот законик, која пресуда од страна на Апелациониот суд Гостивар е преиначена само во делот на кривичната санкција. Со наведените пресуди подносителот бил дискриминиран во поглед на социјалната и општествена положба согласно членот 9 од Уставот на Република Северна Македонија каде сите граѓани се еднакви пред Уставот и законите и во врска со членот 14 од Уставот.

Како прв факт кој го наведува подносителот на барањето со кој е сторена дискриминацијата е фактот што наведените судови постапиле спротивно на членот 9 од Уставот според кој сите граѓани се еднакви пред Уставот и законите. Во членот 14, пак, од Уставот е наведено дека никој не може да биде осуден за кривично дело кое претходно не е предвидено со закон или друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна. Подносителот на барањето го цитира членот 259 од Кривичниот законик , при што констатира дека судовите погрешно го примениле членот 19 од Кривичниот законик со што направиле дискриминација во поглед на социјалната и општествената положба што се воочува од членот 145 од Кривичниот законик чијашто содржина подносителот ја цитира.

Како втор факт кој го наведува подносителот на барањето е фактот што наведената дискриминација по основ на социјална и општествена положба е тоа што наведените судови постапиле спротивно на членот 7 од Законот за кривичната постапка. Во конкретниот случај ако постои кривично дело по член 259 став 1 во врска со членот 19 од Кривичниот законик, а според подносителот не постои, фактот што наведената дискриминација се утврдува со Пресуда со казнен налог К-234/18 донесена од Основниот суд Тетово станала правосилна на 16.10.2018 година и од наведениот датум е започнато издржувањето на условот, односно, една календарска година да не стори ново кривично дело. Според овој факт од страна на подносителот условот од една година е издржан и истата завршила на 15.10.2019 година.

Во контекст на изнесеното на ден 16.10.2019 година, Врховниот суд на Република Северна Македонија со Пресуда Кзз бр.11/2019 ја укинува Пресудата со казнен налог К-234/18 од Основниот суд Тетово, еден ден, од кога подносителот на барањето ефективно ја издржал казната утврдена со Пресуда на Основниот суд Тетово К-234/18.

Како трет факт кој го наведува подносителот за дискриминација е фактот што наведените судови постапиле спротивно на член 9 од Уставот на Република Северна Македонија. Имено наведената пресуда К.бр.588/19 од 20.02.2019 видно било дека од страна на Основниот суд Тетово погрешно била утврдена фактичката состојба дека наводно подносителот на барањето се заканувал дека ќе поднесе кривична пријава. Од извршениот распит на сведоците С.И. Н.Р. и Б.А, на главниот претрес а видно од записниците за главна расправа, на кои судот им поклонил верба, сведоците С.И. Н.Р не посочува дека подносителот на барањето се заканил со правно средство- кривична пријава. Исто така Б.А во распитот пред судот посочува дека подносителот на барањето ќе поднесе правно средство, дека тој ќе биде пријавен. Оттука, според подносителот останува нејасно од каде судот утврдил дека подносителот наводно се заканил со поднесување на кривична пријава.

Како четврт факт на наведената дискриминација, подносителот посочува дека наведените судови односно Основниот суд Тетово во Пресудата К.бр.588/19 од 20.02. 2019 година, на страна 5 наведува дека „Доколку обвинетиот (подносителот на барањето) сметал дека е незаконски сменет од позицијата во СВР Тетово требало да поведе законска постапка согласно позитивните прописи со поднесување на жалба или приговор на Решението донесено од министерот за негова смена или пак да поведе судска постапка за неговите права кои произлегуваат од работен однос“.

Од наведеното, според подносителот видно било дека судот свесно или несвесно, намерно или ненамерно не споменува тоа со што го лишува од правото за вонсудско решавање на работните спорови т.е. имотното побарување кое вонсудско решавање на спорови е регулирано со закони.

Исто така, подносителот го информира Уставниот суд дека од негова страна е поднесено барање за заштита на законитоста до Врховниот суд на Република Македонија, Советот на јавни обвинители и до Републичкото јавно обвинителство.

Имајќи го предвид наведеното подносителот на барањето му предлага на Уставниот суд донесените пресуди на Основниот и Апелациониот суд да ги поништи и да се отстранат штетните последици.

3. Судот на седницата од извршениот увид во доставената и прибавена документација констатира дека пред Основниот суд во Тетово во кривичниот предмет против обвинетиот Бобан Анѓелковски од с.Брвеница, по обвинителен предлог на Основното јавно обвинителство Тетово IV КО.бр.316/18 од 03.05.2018 година, за кривично дело Уцена по член 259 став 1 во врска со член 19 од Кривичниот законик по одржана главна, јавна и усна расправа на 20.02.2020 година, донел Пресуда К.бр.588/19, со која обвинетиот Бобан Анѓелковски од с.Брвеница виновен е затоа што: Во првата половина на месец декември 2017 година во Тетово, се обидел со намера да прибави за себе противправна имотна корист, му се заканил на оштетениот Бобан Апостоловски од Тетово дека доколку не му даде пари во износ од 5000 евра во противвредност од 305.000,00 денари против него и против поранешниот началник на ОКП-Тетово М.Х.ќе поднесе кривична пријава поради тоа што од нивна страна бил наводно незаконски сменет од работно место раководител на ОНТДО –Тетово од 2014 година на работно место самостоен инспектор за општ криминалитет, на начин што преку самостојните инспектори на СВР- Тетово, С.И. од Тетово и Н.Р.од с.Брвеница, на наведениот оштетен му пренел да појде кај адвокат на обвинетиот позади судот за да изврши плаќање на оштетата во наведениот износ,за да не му наштети на неговиот углед, но истиот не успеал во намерата,бидејќи оштетениот одбил да го плати наведениот износ.

Со наведените дејствија обвинетиот сторил кривично дело Уцена по член 259 став 1 во врска со член 19 од Кривичниот законик.

За наведеното дело судот изрекол условна осуда. На обвинетиот му се утврдува казна затвор во траење од 3 месеци која нема да се изврши, доколку обвинетиот во време од 1 година и 6 месеци по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.

Пресудата К.бр.588/19 од 20.02.2020 на Основниот суд Тетово подносителот на барањето го примила неговата мајка на 03.03.2020 година.

Незадоволен од наведената пресуда, подносителот на барањето, односно обвинетиот Бобан Анѓелковски од с.Брвеница, преку бранителот Б.С адвокат од Тетово до Апелациониот суд Гостивар изјавил навремена жалба со која ја обжалува истата поради суштествена повреда на одредбите од Законот за кривичната постапка, повреда на Кривичниот законик, погрешно утврдена фактичка состојба и одлуката за кривичната санкција, со предлог жалбата да се уважи, обжалената пресуда да се укине и предметот да се врати на првостепениот суд на повторно одлучување или обжалената пресуда да се преиначи и обвинетиот да се ослободи од обвинение.

Вишото јавно обвинителство Гостивар, до Апелациониот суд Гостивар доставил писмен предлог I КОЖ.бр. 165/20 од 20.05.2020 година, со кој предлага да се уважи како основана жалбата на обвинетиот Бобан Анѓелковски од с.Брвеница против пресудата на Основниот суд Тетово К.бр.588/19 од 20.02.2020 година , со тоа што првостепената пресуда да се преиначи само по основ на времетраењето на условната осуда, а во останатиот дел жалбата да се одбие како неоснована.

Апелациониот суд во Гостивар, постапувајќи по жалбата на обвинетиот Бобан Анѓелковски изјавена преку бранителот А.С. адвокат од Тетово донел Пресуда КЖ.бр.129/2020 на 25.06.2020 година, со која жалбата на обвинетиот делумно се уважува и му се изрекува алтернативна мерка – условна осуда при што на обвинетиот му се утврдува затвор во траење од 3 месеци и се определува дека утврдената казна затвор нема да се избрише ако обвинетиот за време од 1 година не стори ново кривично дело.

Во останатиот дел жалбата се одбива како неоснована, а првостепената пресуда се потврдува.

На 02.10.2020 година, Бобан Анѓелковски до Уставниот суд поднесе барање за заштита на слободите и правата што се однесуваат на повреда на слободата на уверувањето, мислата и јавното изразување на мислата и забрана на дискриминација по основ на пол и социјална припадност, според него сторена со горенаведените судски решенија.

По приемот на барањето, во претходната постапка, Судот писмено се обрати до Основниот суд во Тетово и Апелациониот суд Гостивар со барање за одговор по наводите во барањето на Бобан Анѓелковски како и доставница со датум кога тужителот го примил правосилното решение.

Од страна на Основниот суд Тетово и Апелациониот суд Гостивар до Уставниот суд беше доставен одговор на наводите во барањето.

Од увидот во доставниците се утврди дека подносителот на барањето оспореното решение на Основниот суд од Тетово го примил на 03.03.2020 година, а решението на Апелациониот суд во Скопје го примил на 09.07.2020 година.

Оттука, Судот утврди дека барањето за заштита на слободите и правата на човекот и граѓаните е поднесено по истекот на рокот од 2 месеци од денот на доставувањето на оспорените Пресуди кои станале конечни и правосилни.

4. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според членот 51 од Деловникот на Уставниот суд, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи ја предвид оваа деловничка одредба, а со оглед дека од денот на доставувањето на поединечниот акт до денот на поднесувањето на барањето за заштита на слободите и правата утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, поминале повеќе од 2 месеци, Судот оцени дека во конкретниот случај не се исполнети процесните претпоставки од членот 52 од Деловникот на Уставниот суд за впуштање во мериторно постапување и одлучување по барањето за заштита на слободите и правата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот, за отфрлање на барањето.

5. Врз основа на направената анализа, и изнесената фактичка и правна состојба се одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.286/2020
26.01.2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати