У.бр.97/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 9 декември 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите 22 и 23 од Законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување („Службен весник на Република Македонија” број 245/2018).

2. Адвокатско друштво Дебарлиев, Дамески и Ќелешоска од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијатива за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од Решението.

Според наводите од иницијативата, оспорените членови 22 и 23 од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување („Службен весник на Република Македонија” број 245/2018) биле спротивни на основните права на човекот и граѓанинот предвидени во Уставот и законите на Република Северна Македонија и со истите не се почитувало начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, поради неможноста да се предвиди што би можело да се случи во иднина поради непостојаноста на законите.

Нивното уредување било спротивно и на самиот Закон за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување. Имено, оспорените законски решенија од член 22 ставови 1 и 3 од Законот со кои се уредува престанување на членството во вториот пензиски столб на осигурениците родени пред 1 јануари 1967 година и пренесување на вкупниот износ на средства од нивните поединечни сметки од друштвото во Фондот на ПИОМ, со што остануваат осигуреници само во првиот пензиски столб заснован на генерациска солидарност, биле спротивни на членот 64 од Законот бидејќи тој предвидувал дека доколку членот престанел да уплаќа придонеси во пензискиот фонд пред пензионирањето, продолжувал да биде член на пензискиот фонд се до смртта или неговото пензионирање и ги имал истите права како и другите членови.

Потоа, имајќи предвид дека член 40 став 2 од Законот уредувал дека сопственици на пензискиот фонд биле неговите членови и нивните поединечни сопственички права биле определени од износот на средствата на нивните сметки, како и дека согласно член 67 став 1 од Законот, средствата од сметката на членот се дел од неговиот личен имот, а правата на користење и на располагање со тие средства не можат да се остварат до денот на неговото пензионирање, смрт или инвалидност, не можело без никаква согласност од членот и без склучување на анекс кон договорот, друштвото да ги пренесе сите лични средства од индивидуалната сметка на неговиот член, а на сметката на ПИОМ.

Во случајот станувало збор за двостран договорен однос помеѓу друштвото за управување со задолжителниот пензиски фонд и членот на задолжителниот пензиски фонд, со што во овие случаи применливи биле одредбите од Законот за облигационите односи во однос на еднаквоста на правата и обврските на двете договорни страни. Членот 8 од Законот за облигационите односи уредувал дека во засновањето на двострани договори учесниците тргнувале од начелото на еднаква вредност на заемни давања, а пак според член 59 став 2 од Законот за облигационите односи, барањето на законот договорот да биде склучен во определена форма важи и за сите подоцнежни измени или дополнувања на договорот.

Тоа не можело да биде сторено ниту по сила на закон, затоа што станувало збор за двостран договорен однос којшто се однесувал на лични права и во однос на кои државата немала право да задира, па во контекст на тоа се поставувало прашањето, како можело индивидуалната сметка на членот еднострано да се затвори од страна на друштвото, без согласност на членот, кога случаите за затворање на индивидуалната сметка биле точно и прецизно предвидени во самиот Закон за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување.

Дека не можело по сила на закон да престане членството на член од вториот пензиски столб говорел и фактот дека во Правилникот за членство во задолжителен пензиски фонд („Службен весник на Република Македонија” број 157/2009), поточно со член 8 точки а), б), в), г) и д) од Образецот биле предвидени случаите на престанување на договорот, поточно дека договорот имал важност до моментот кога членот:

а) стекнел членство во друг задолжителен пензиски фонд;
б) стекнел право на старосна пензија;
в) стекнел право на инвалидска пензија;
г) во случај на смрт и
д) други случаи на повлекување на средствата од задолжителниот пензиски фонд согласно Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување.

Бидејќи ниту еден од тие услови во Правилникот од 2009 година не бил исполнет, нејасно било како можело договорот да престане да важи и индивидуалната сметка на членот еднострано да биде затворена. Условот од точката д) „други случаи на повлекување на средствата” во никој случај не можело да се поистовети со пренесувањето на средствата извршени еднострано од друштвата, бидејќи таквото постапување било во целост спротивно со член 52 став 4 од Уставот, којшто уредувал забрана на повратно дејство на законите и другите прописи. Ова од причини што оспорениот член 22 со ставот 3 од Законот предвидувал пренесување на вкупниот износ на средствата од сметката на членот кои ги поседувал и тоа од почетокот на неговото осигурување во задолжителниот пензиски фонд заклучно со 31.12.2018 година, а не само пренесување на средствата кои би му припаднале сметано од 01.01.2019 година откога Законот стапил во примена, со што се дозволувало ретроактивно важење на Законот, што не било оправдано ниту поповолно за граѓаните, а со тоа спротивно на член 52 став 4 од Уставот.

Дополнително, а во прилог и во поткрепа на постапувањето на законодавецот спротивно на член 52 став 4 од Уставот во однос на ставот 3 од оспорениот член 22 од Законот, говорел и фактот што во „Службен весник на Република Македонија” број 9/2019 од 16.01.2019 година, била објавена Исправка на Правилникот за членство во задолжителен пензиски фонд („Службен весник на Република Македонија” број 157/2009) и тоа конкретно на Образец број 1 од Правилникот, при што со исправката се вршело дополнување на членот 8 од Образец 1, на начин што додадена била точка ѓ) којашто гласела: „ѓ) биде поништен од Регистарот на членови согласно Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување.“

Во контекст на ваквите наводи подносителот наведува дека во ниту еден случај и по ниту еден основ не можело Исправката од 16.01.2019 година, објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија” број 9/2019, со која во членот 8 на Образецот број 1 којшто бил составен дел на Правилникот од 2009 година, бил додаден новиот услов ѓ) за престанок на договорот за членство да се применува ретроактивно на договорите кои се веќе склучени и потпишани.

Овој факт говорел дека за веќе склучените договори за членство во задолжителен пензиски фонд, не можела да се применува одредба којашто не била предвидена во тој договор и којашто не важела во време на склучувањето на договорот, па оттука неспорно било дека пренесувањето на вкупниот износ на средства (сметано од првиот ден на пристапувањето на членот во задолжителниот фонд, а не од 01.01.2019 година) од индивидуалната сметка на членот на сметката на ПИОМ, без согласност на членот и затворање на индивидуалната сметка по тој основ, било противуставно.
. . .

Во однос на погоре наведеното, Судот констатира:

Наводите дека со Исправка во „Службен весник на Република Македонија” број 9/2019 од 16.01.2019 година, било интервенирано во Правилникот објавен во „Службен весник на Република Македонија” број 157/2009, на начин што била додадена нова точка ѓ) во Образецот број 1 од тој правилник, не се точни. Исправката за којашто зборува подносителот на иницијативата, не се однесува на Образецот број 1 од Правилникот од 2009 година.

Имено, Правилникот од 2009 година, повеќе не е во правна сила, по него има уште еден Правилник од 2013 година („Службен весник на Република Македонија” број 55/2013) којшто исто така не е во правна сила.

Во сила е Правилникот за членство во задолжителен пензиски фонд („Службен весник на Република Македонија” број 247/2018), а во Образецот број 1, во кој е содржан членот 8, постои точката ѓ) со содржината којашто ја цитира подносителот, но таа содржина воопшто не е додадена со Исправката на која се повикува подносителот. Таа содржина е уредена со самото донесување на актуелниот правилник. Воедно точката ѓ) на членот 8 од Образецот број 1, како содржина и претходно била уредена уште во Правилникот од 2013 година („Службен весник на Република Македонија” број 55/2013).

Оттука, исправка се врши на актуелниот Правилник од 2018 година, објавена во „Службен весник на Република Македонија” број 9/2019 на 16.01.2019, којашто целосно е од техничка природа, без навлегување во содржината на Образецот број 1 од Правилникот.
. . .
Понатаму, со иницијативата се наведува дека оспорените членови 22 и 23 од Законот, биле дискриминаторски, бидејќи ги ставале осигурениците во нееднаква правна положба пред Уставот и законите. Ова заради тоа што самоволно и еднострано се пренесувале средствата само на одредена група на осигуреници и тоа само на оние кои биле родени пред 1 јануари 1967 година, а кои биле вклучени во задолжителното пензиско и инвалидско осигурување по 1 јануари 2003 година, а од друга страна на останатите осигуреници кои не спаѓале во оваа група, им се давала можност да изберат дали членството во задолжителниот пензиски фонд ќе го продолжат или прекинат, односно по сила на закон им продолжувало членството. Тоа во целост било спротивно со член 9 став 2 од Уставот, според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Се наведува и дека не се имала предвид штетата што им се причинувала на огромен број вработени странски државјани во Република Северна Македонија, кои како осигуреници поседувале индивидуална сметка во задолжителен пензиски фонд, бидејќи со самото пренесување на нивните лични средства на сметката на ПИОМ, биле оштетени. Ова од причини што согласно Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, членот (осигуреникот), меѓу другото, можел да ги користи акумулираните средства кога ќе се стекнел со правото на старосна пензија, што значело по навршување на одреден број години на живот и по навршување на 15 години пензиски стаж, меѓутоа во случајот кога како осигуреници, односно членови на задолжителен пензиски фонд се јавувале странци, најчесто и многу веројатно било дека истите речиси никогаш не можеле да навршат 15 години пензиски стаж од вработување во Републиката. Поточно, странците можеле да се стекнат со правото на пензија и правото да ги искористат акумулираните средства на нивната индивидуална сметка отворена во задолжителниот пензиски фонд по навршување на одреден број години на живот и по навршување на 15 години пензиски стаж како збир од пензискиот стаж остварен во Република Северна Македонија и друга држава/и држава/и каде што странецот работел во текот на својот живот. Но, наведеното повторно се однесувало само на одредени случаи кога Република Северна Македонија имала склучено договор за социјално осигурување со третата држава каде што странецот работел или работи.

Странецот немало да има штета доколку не бил опфатен со оспорениот член 22 ставови 1 и 3 од Законот, со што немало да му престане членството во задолжителниот пензиски фонд, а со тоа странецот согласно членот 92 од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, би имал право да стекне право на старосна пензија според Законот за пензиското и инвалидското осигурување, во случај да немал навршено пензиски стаж најмалку 15 години, со што можел да купи месечен пензиски ануитет доколку износот на ануитетот бил еднаков или поголем од 40% од најнискиот износ на пензија, а доколку пресметаниот износ на пензискиот ануитет бил помал од 40% од најнискиот износ на пензија, задолжителниот пензиски фонд на членот наеднаш ќе му ги исплатил акумулираните средства на неговата сметка, при што купувањето пензиски ануитет и исплата на акумулираните средства согласно погоре наведеното можело да се изврши по навршување на 65 години на живот.

Од тоа, неспорно произлегувало дека со оспорените законски решенија, се оштетувале странските државјани и им се оневозможувало користење на правата кои произлегувале од заснован работен однос во Република Северна Македонија, што било спротивно на членовите 34 и 35 од Уставот со коишто се гарантираат правата на социјална сигурност и социјално осигурување.

Оспорените членови задирале и во правото на сопственост на човекот и граѓанинот, вклучително и во правото на сопственост врз средствата коишто странските државјани ги поседувале по основ на уплатени придонеси за социјално осигурување за времето поминато во работен однос заснован на територијата на Република Северна Македонија, со што оспорените членови од Законот биле спротивни и на членот 30 во врска со член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот, бидејќи станувало збор за располагање со туѓа сопственост и ограничување на права за кои не бил платен никаков надоместок или пак правото на надоместок бил целосно исклучен за странците кои не можеле да ги остварат своите права.

Доколку предметниот закон, навистина почнал да се применува од 1 јануари 2019 година, а не како во случајот со пренесување на вкупниот износ на средствата од индивидуалната сметка на членот на сметката на ПИОМ сметано од првиот ден на неговото осигурување во конкретниот задолжителен пензиски фонд, во тој случај од 1 јануари 2019 година, придонесите за пензиско и инвалидско осигурување на членовите на задолжителните пензиски фондови би се уплатувале на сметката на ПИОМ, со што штетата којашто би им била причинета на членовите би била значително помала.

Во тој случај членовите коишто биле осигурани во задолжителен пензиски фонд би имале право да ги користат средствата коишто ги поседувале на својата индивидуална сметка заклучно со 31.12.2018 година согласно членот 92 од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување. Во спротивно, располагањето со средства што претставувале личен имот на членот и пренесување на средствата од индивидуалните сметки на членовите на сметката на ПИОМ претставувало повреда на правото на сопственост.

Со оспорените законски решенија на странските државјани им се ускратувало правото на избор на друг вид на работа во Република Северна Македонија согласно Законот за вработување и работа на странци, како што било упатување на странец на работа во Македонија, наместо вработување. Имено, доколку членовите-странци однапред би биле запознати со фактот дека придонесите за нивното пензиско и инвалидско осигурување би се уплатувало во ПИОМ и дека истите не би можеле по ниту еден основ да ги искористат бидејќи не постоел договор за социјално осигурување меѓу Република Северна Македонија и другата држава, истите би имале опција да изберат да останат вработени во својата држава за да навршат потребен број на години на пензиски стаж и да го искористат своето право на старосна пензија во својата држава. Но, на начинот како што тоа било направено со предметниот закон, на членовите странци не им се давал никаков избор и неосновано, незаконски и противуставно им се одземале нивните лични средства од индивидуалните сметки.

Вака поставените оспорени законски решенија, ниту претставувале, ниту биле соодветни за заштита на какво било правно добро односно јавен интерес и со истите не се штитело никакво јавно добро или интерес, ниту станувало збор за проценка дека истите биле поповолни за граѓаните, туку со истите се преферирале и фаворизирале само одредени групи на граѓани за сметка на други, што било недозволено и како такви биле противуставни и без преседан во демократските земји во кои постои владеење на правото.

Оттука, како заклучок произлегувало дека оспорените членови од Законот биле спротивни на член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 6, членот 9, членот 29, членот 30, членот 34, членот 35, членот 51 и член 52 став 4 од Уставот, а исто така биле спротивни и контрадикторни на член 40 став 2, членот 64 и член 67 став 1 од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, како и спротивни на членот 8 и член 59 став 2 од Законот за облигациони односи, поради што се бара поведување на постапка за оценување на нивната уставност и законитост, а потоа да се прогласат за неуставни и да се поништат.

3. Судот на седницата утврди дека оспорените членови од Законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување („Службен весник на Република Македонија” број 245/2018), го уредуваат следното:

Член 22

(1) На член на задолжителен пензиски фонд роден пред 1 јануари 1967, му престанува членството во задолжителен пензиски фонд на 1 јануари 2019 година. Со престанување на членството, осигуреникот останува осигурен само во тековното финансирано пензиско осигурување засновано на генерациска солидарност.
(2) По исклучок од ставот (1) на овој член, членот на задолжителен пензиски фонд роден пред 1 јануари 1967 година, кој пристапил во задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување по сопствен избор и станал член на задолжителен пензиски фонд, согласно со членот 58 став (3) на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ број 29/2002, 85/2003, 40/2004, 113/2005, 29/2007, 88/2008, 48/2009, 50/2010, 171/2010, 36/2011, 98/2012, 13/2013, 164/2013, 44/2014, 192/2015, 30/2016 и 21/2018), има право да избере да го прекине или продолжи членството во вториот пензиски столб со писмена изјава за престанување или продолжување на членството во задолжителен пензиски фонд, најдоцна до 30 септември 2019 година. Доколку членот, во текот на траењето на овој рок не даде изјава за продолжување на членството во задолжителен пензиски фонд, по истекот на рокот му престанува членството во задолжителен пензиски фонд. На членот кој дава изјава за престанување на членството во задолжителен пензиски фонд пред 30 септември 2019 година, членството му престанува на датумот на давањето на изјавата.
(3) За членовите на кои им престанува членството согласно со ставот (1) на овој член, друштвото го пренесува вкупниот износ на средствата од сметката на членовите во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, во рок од шест месеци почнувајќи од 1 јануари 2019 година, на начин пропишан од Агенцијата. По извршениот пренос на средствата, друштвото ја затвора индивидуалната сметка на членот.
(4) За членовите од ставот (2) на овој член, индивидуалната сметка во задолжителиот пензиски фонд останува отворена и тие средства се инвестираат на еднаков начин како и другите средства на задолжителниот пензиски фонд до датумот на давањето на изјавата за престанување на членството односно до истекот на рокот од ставот (2) на овој член. По престанокот на членството согласно со ставот (2) на овој член, друштвото го пренесува вкупниот износ на средства од сметката на членот во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, на начин пропишан од Агенцијата. По извршениот пренос на средствата, друштвото ја затвора индивидуалната сметка на членот.

Член 23

На осигурениците кои се стекнале со членство во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување согласно со членот 58 од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ број 29/2002, 85/2003, 40/2004, 113/2005, 29/2007, 88/2008, 48/2009, 50/2010, 171/2010, 36/2011, 98/2012, 13/2013, 164/2013, 44/2014, 192/2015, 30/2016 и 21/2018) и кои се родени по 1 јануари 1967 година, им продолжува членството во задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 29 став 1 од Уставот, странците во Република Северна Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори.

Со член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата (став 2). Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон (став 3).

Според членот 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Со членот 35 од Уставот се уредува дека Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност. Републиката им гарантира право на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани. Републиката им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.

Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со член 52 став 4 од Уставот се уредува дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Со Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ број 29/2002, 85/2003, 40/2004, 113/2005, 29/2007, 88/2008, 48/2009, 50/2010, 171/2010, 36/2011, 98/2012, 13/2013, 164/2013, 44/2014, 192/2015, 30/2016, 21/2018, 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија број 180/2019), се уредува задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување, основање и работење на задолжителни пензиски фондови и друштва за управување со задолжителни пензиски фондови, како дел од системот на пензиското и инвалидското осигурување (став 1). Задолжителните пензиски фондови и друштвата од ставот (1) на овој член се основаат со цел да примаат придонеси од осигурениците обврзани врз основа на закон, да ги вложуваат во финансиски инструменти, да вршат распределба на акумулираните средства и да вршат исплати на програмирани повлекувања согласно со закон (став 2). Со овој закон се основа Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (во натамошниот текст: Агенција) (став 3).

Во Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија” број 98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 35/2018, 220/2018, 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 180/2019), одредбите посветени на членството во вториот пензиски столб се уредени во глава XI. Задолжително капитално финансирано пензиско осигурување.

Предмет на оспорување со иницијативата се членовите 22 и 23 од Законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување („Службен весник на Република Македонија” број 245/2018).

Воведувањето на задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување настана со реформите во пензискиот систем, поточно со измените и дополнувањата на Законот за пензиското и инвалидското осигурување од март 2000 година, кога и се воведе тростолбениот пензиски систем.

Првиот и вториот столб го сочинуваат задолжителното пензиско и инвалидско осигурување. Првиот столб се темели врз генерациска солидарност и е тековно финансиран, односно служи за обезбедување на пензиите на постојните пензионери. Вториот столб е капитално финансиран, односно се состои од индивидуални сметки, во кои вработените осигуреници депонираат дел од нивните придонеси коишто се инвестираат на пазарот на капитал и акумулираат камата, и по пензионирањето се користат како извор на пензионерскиот приход, односно служат за обезбедување на пензијата во иднина. Третиот столб претставува доброволно пензиско осигурување коешто во целост е капитално финансирано.

Согласно одредбите од Законот за пензиското и инвалидското осигурување и Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување коишто важеа до 31.12.2018 година, распределбата на осигурениците во задолжителните пензиски фондови, се вршеше според критериумот на прво вработување. Според овој критериум, секое лице кое за прв пат беше вработено после 1 јануари 2003 година, стануваше задолжителен член во вториот пензиски столб, додека лицата – осигуреници, вклучени во задолжителното пензиско и инвалидско осигурување пред 1 јануари 2003 година, имаа можност да изберат дали покрај првиот столб, ќе се вклучат и во вториот столб.

Со измените и дополнувањата на Законот за пензиското и инвалидското осигурување и Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, објавени во „Службен весник на Република Македонија“ број 245/2018, критериумот на прво вработување за членство во задолжителен пензиски фонд, е заменет со критериумот „возраста на осигуреникот”. Според овој критериум сите осигуреници родени по 01.01.1967 година и кои на датумот на зачленување имаат помалку од 40 години, се задолжителни членови на втор пензиски столб. Поточно, до 01.01.2019 година, распределбата на осигурениците во задолжителните пензиски фондови се вршеше според критериумот „прво вработување“, а по 01.01.2019 година, според критериум „возраста на осигуреникот”.

Сите осигуреници се членови на првиот задолжителен пензиски столб којшто се темели врз генерациска солидарност и е тековно финансиран, а само дел од нив, претходно според критериумот на „прво вработување”, а потоа според критериумот „возраста на осигуреникот” се членови и на вториот задолжителен пензиски столб. Придонесите за пензиското и инвалидското осигурување работодавачот ги уплатува во Фондот на ПИОМ, а оттаму 6% од уплатените придонеси се пренесуваат на тековните индивидуални сметки на осигурениците кои покрај првиот пензиски столб, членуваат и во вториот пензиски столб и со чии сметки управува пензиско друштво кое го избира осигуреникот (во моментов тоа се Сава пензиско друштво А.Д. Скопје, КБ Прво пензиско друштво АД Скопје и Триглав пензиско друштво АД Скопје).

Заради поцелосно согледување на фактичката состојба во однос на распределбата на осигурениците во задолжителните пензиски фондови врз основа на стариот критериум „прво вработување”, а потоа и врз основа на новиот критериум „возраста на осигуреникот”, во продолжение се изнесени содржините од овие закони посветени на задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување коишто важеа пред и по измените и дополнувањата на законите во однос на влезниот критериум за членство во задолжителен пензиски фонд.

Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија” број 98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 35/2018 и 220/2018), пред измените, ја регулира распределбата на осигурениците во задолжителен пензиски фонд според критериум „прво вработување”.

Членот 118 од овој закон, го регулира задолжителното членство во вториот пензиски столб, односно е посветен на лицата кои по сила на закон членуваат и во вториот пензиски столб, а членот 119 од истиот закон, го регулира незадолжителното членство, односно е посветен на осигурениците кои по сопствен избор можат да членуваат и во вториот пензиски столб.

Основа за ваквото уредување е критериумот на „прво вработување”, поточно околноста дали лицето за прв пат е вработено по 1 јануари 2003 година или пред 1 јануари 2003 година.

Членот 118 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување пред измените, ја има следната содржина:

Член 118
(го регулира задолжителното членство)

(1) Осигурениците од член 11, со исклучок на точка 9, и 14 и членовите 12 и 13 на овој закон, кои прв пат во задолжително пензиско и инвалидско осигурување пристапиле од 1 јануари 2003 година, се задолжителни членови на вториот пензиски столб. Осигурениците од Глава VII – Стекнување и остварување на правата на определени категории осигуреници под посебни услови, не се опфаќаат во вториот пензиски столб.
(2) Осигурениците од ставот (1) на овој член поради промена на својството на осигуреник, може само еднаш, по сопствен избор да го отповика утврдениот статус. Ова право осигуреникот може да го изврши најдоцна во рок од една година од настанатата промена.
(3) Осигурениците од Главата VII – Стекнување и остварување на правата на определени категории осигуреници под посебни услови кои се вклучиле во вториот пензиски столб можат, по сопствен избор, да остварат право на пензија од прв столб согласно со членот 34 од овој закон и право на пензија од втор столб согласно со Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување или единствено право на пензија од прв столб согласно со закон при што вкупниот износ на средства од нивната индивидуална сметка се пренесува во Фондот за исплата на старосна пензија.
(4) По исклучок од ставовите (1) и (2) на овој член осигуреник до 29 години возраст кој е во работен однос или самовработен со полно работно време и за кој е утврдено ослободување од плаќање на придонесите од задолжително социјално осигурување во период до 12 месеци согласно со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, не е задолжителен член во вториот пензиски столб за тој период.

Членот 119 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување пред измените, ја има следната содржина:

Член 119
(го регулира членството по сопствен избор)

(1) Осигурениците од членот 11, со исклучок на точката 9, 14 и и членовите 12 и 13 од овој закон, кои биле опфатени во задолжително пензиско и инвалидско осигурување до 1 јануари 2003 година, можат по сопствен избор да се вклучат во вториот пензиски столб, освен осигурениците од Главата VII – Стекнување и остварување на правата на определени категории осигуреници под посебни услови.
(2) Осигурениците од ставот (1) на овој член не можат да го отповикаат сопствениот избор.
(3) Осигурениците од главата VII – Стекнување и остварување на правата на определени категории осигуреници под посебни услови кои се вклучиле во вториот пензиски столб можат, по сопствен избор, да остварат право на пензија од прв столб согласно со членот 34 од овој закон и право на пензија од втор столб согласно со Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување или единствено право на пензија од прв столб согласно со закон, при што вкупниот износ на средства од нивната индивидуална сметка се пренесува во Фондот за исплата на старосна пензија.

Истовремено и Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ број 29/2002, 85/2003, 40/2004, 113/2005, 29/2007, 88/2008, 48/2009, 50/2010, 171/2010, 36/2011, 98/2012, 13/2013, 164/2013, 44/2014, 192/2015, 30/2016 и 21/2018) (пред измените) го регулира членството на осигурениците според критериумот „прво вработување”.

Членот 58 од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, пред измените на Законот, ја има следната содржина:

Член 58
(ставот 1 го регулира задолжителното членство, а ставот 3, членувањето по сопствен избор)

(1) Осигурениците кои прв пат по 1 јануари 2003 година пристапиле во задолжително пензиско и инвалидско осигурување, согласно со член 118 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, должни се да се зачленат и да плаќаат придонеси во пензиски фонд по сопствен избор се додека имаат својство на осигуреник во задолжителното пензиско и инвалидско осигурување.
(2) Осигурениците кои прв пат пристапиле во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување по датумот утврден во ставот (4) на овој член должни се да се зачленат во пензиски фонд во рок од три месеци сметано од датумот на пристапување во задолжителното пензиско и инвалидско сигурување.
(3) Осигурениците кои биле вклучени во задолжителното пензиско и инвалидско осигурување пред 1 јануари 2003 година можат да се зачленат и да плаќаат придонеси во пензиски фонд по сопствен избор и изборот треба да го направат најдоцна до датумот утврден во ставот (4) на овој член. Агенцијата може од оправдани причини да го продолжи рокот за избор најмногу за 12 месеца.
(4) За осигурениците од ставовите (1) и (3) на овој член уплатата на придонесот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување почнува од “датумот на издавање на првата континуирана емисија на државни обврзници, но не подоцна од шест месеци од тој датум. Датумот кога ќе започне уплатата на придонесот го утврдува Владата на Република Македонија и го објавува во “Службен весник на Република Македонија”.
(5) Член на пензиски фонд може слободно да премине и да се зачлени во друг пензиски фонд, освен во случаите наведени во членот 62 на овој закон.
(6) Агенцијата е должна да ги информира граѓаните за категориите осигуреници кои се обврзани да се зачленат во пензиски фонд, за осигурениците кои можат да се зачленат по сопствен избор во пензиски фонд, за факторите кои треба да се земат предвид при одлучувањето дали осигуреник да се зачлени во пензиски фонд и за одлуките што треба да се донесат при првото вработување, односно при започнување со вршење на дејност.
(7) Придонесите на осигурениците кои не се зачлениле во пензиски фонд, а биле обврзани на тоа, се чуваат на посебните сметки во пензиските фондови, до моментот кога осигуреникот станува член на пензиски фонд. Агенцијата времено ги распределува овие осигуреници во пензиски фонд од моментот на нивното пристапување во задолжително пензиско и инвалидско осигурување.
(8) При распределбата на осигурениците во пензиските фондови согласно со ставот (7) на овој член, Агенцијата обезбедува бројот на осигурениците кои се распределуваат во секој одделен пензиски фонд да се определи според приносот на пензискиот фонд и висината на надоместокот од членот 98 став (1) точка а) на овој закон што го наплатува друштвото кое управува со тој пензиски фонд, на датумот што го утврдува Агенцијата.
(9) Осигурениците од ставот (1) на овој член кои нема да потпишат договор за членство во рок од три месеца од датумот на пристапување во задолжителното пензиско и инвалидско осигурување, по истекот на тој рок стануваат членови на, пензискиот фонд во кој биле распределени согласно со ставовите (7) и (8) на овој член.
(10) Агенцијата ја уредува постапката на распределба на осигуреници во пензиски фондови.

Од погоре цитираните законски одредби произлегува дека пред законските измени, односно пред 01.01.2019 година, кога важеше критериумот на „прво вработување” задолжителни членови во вториот пензиски столб (по сила на закон), без оглед на возраста се лицата кои за прв пат беа вработени после 1 јануари 2003 година, додека лицата-осигуреници, вклучени во задолжителното пензиско и инвалидско осигурување пред 1 јануари 2003 година, имаа можност да изберат дали покрај првиот столб, ќе се вклучат и во вториот столб.

Сметано од 01.01.2019 година, а со започнувањето на примената на измените и дополнувањата на Законот за пензиското и инвалидското осигурување и на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, објавени во („Службен весник на Република Македонија” број 245/2018), распределбата на осигурениците во задолжителен пензиски фонд, се врши според критериумот „возраст на осигуреникот”.

Членот 118 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија” број 98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 35/2018, 220/2018, 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 180/2019), по измените, односно со воведувањето на новиот критериум „возраст на осигуреникот”, ја добива следната содржина:

Член 118
(ставот 1 го регулира задолжителното членство, а ставот 2 го регулира продолжување на членството на сите задолжителни членови родени по 1 јануари 1967 година)

„(1) Осигурениците од членот 11 став (1) од овој закон, со исклучок на точките 9) и 15) и осигурениците од членовите 12 и 13 од овој закон, кои прв пат пристапуваат во задолжително пензиско и инвалидско осигурување по 1 јануари 2019 година и на датумот на пристапувањето се помлади од 40 години се задолжителни членови на вториот пензиски столб и плаќаат придонес во задолжителен пензиски фонд по сопствен избор сè додека имаат својство на осигуреник во задолжителното пензиско и инвалидско осигурување.
(2) На осигурениците кои се членови во вториот пензиски столб според член 118 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија” број 98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 35/2018 и 220/2018) и кои се родени по 1 јануари 1967 година им продолжува членството во вториот пензиски столб.
(3) Осигурениците на кои стажот на осигурување им се смета со зголемено траење и осигурениците од Глава VII – Стекнување и остварување на правата на определени категории осигуреници под посебни услови, не се опфаќаат во вториот пензиски столб.
(4) Осигурениците од ставовите (1), (2) и (3) на овој член кои во текот на осигурувањето ќе добијат основ на осигурување според членот 11 став (1) точки 9) и 15) од овој закон или во текот на осигурувањето им се утврди стаж на осигурување со зголемено траење, престануваат да бидат членови во вториот пензиски столб.
(5) По исклучок од ставовите (1), (2) и (3) на овој член, осигурениците на кои стажот на осигурување им се утврдува согласно со членот 100 ставови (2), (3) и (4) од овој закон кои се во работен однос или самовработени лица со полно работно време и за кои е утврдено ослободување од плаќање на придонесите од задолжително социјално осигурување согласно со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, не се задолжителни членови во вториот пензиски столб за период за којшто е утврдено ослободувањето од плаќање на придонесите од задолжително социјално осигурување.“.

Членот 119 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, по измените односно со воведувањето на новиот критериум „возраст на осигуреникот”, ја добива следната содржина:

Член 119
(регулира продолжување на членство на осигурениците кои по сопствен избор се вклучиле во вториот пензиски столб)

(1) На осигурениците членови во вториот пензиски столб според членот 119 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија” број 98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 35/2018 и 220/2018) им продолжува членството во вториот пензиски столб.

Истовремено и Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување („Службен весник на Република Македонија” број 29/2002, 85/2003, 40/2004, 113/2005, 29/2007, 88/2008, 48/2009, 50/2010, 171/2010, 36/2011, 98/2012, 13/2013, 164/2013, 44/2014, 192/2015, 30/2016, 21/2018, 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија број 180/2019) по измените, го регулира членството на осигурениците според критериумот “возраст на осигуреникот”, така што по измените на Законот, односно со воведувањето на новиот критериум “возраст на осигуреникот”, членот 58 од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, ја има следната содржина:

Член 58

(ставот 1 е во врска со членот 118 од Законот за ПИО-по измените и регулира кои се задолжителни членови во вториот пензиски столб и дека им продолжува членството на задолжителните членови родени по 1 јануари 1967 година)

(1) Осигурениците кои прв пат пристапуваат во задолжително пензиско и инвалидско осигурување по 1 јануари 2019 година и на датумот на пристапувањето се помлади од 40 години, согласно со членот 118 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, се должни да се зачленат и да плаќаат придонеси во задолжителен пензиски фонд по сопствен избор се додека имаат својство на осигуреник во задолжителното пензиско и инвалидско осигурување.
(2) Осигурениците од ставот (1) на овој член се должни да се зачленат во задолжителен пензиски фонд во рок од три месеци сметано од датумот на пристапување во задолжителното пензиско и инвалидско осигурување.
(3) Член на задолжителен пензиски фонд може слободно да премине и да се зачлени во друг задолжителен пензиски фонд.
(4) Агенцијата е должна да ги информира граѓаните за категориите осигуреници кои се обврзани да се зачленат во задолжителен пензиски фонд, за факторите кои треба да се земат предвид при донесувањето на одлука за избор на задолжителен пензиски фонд и за склучување на договор за членство со друштво кое управува со задолжителен пензиски фонд.
(5) Придонесите на осигурениците кои не се зачлениле во задолжителен пензиски фонд во рокот утврден во ставот (2) на овој член, се чуваат на посеб-ните сметки во задолжителен пензиски фонд во кој се времено распределени согласно со ставот (6) на овој член, до моментот кога осигуреникот станува член на задолжителен пензиски фонд.
(6) Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија времено ги распределува осигурениците од ставот (5) на овој член во задолжителен пензиски фонд од денот на нивното пристапување во задолжително пензиско и инвалидско осигурување.
(7) При распределбата на осигурениците во задолжителните пензиски фондови согласно со ставот (6) на овој член, Агенцијата обезбедува бројот на осигурениците кој се распределуваат во секој одделен задолжителен пензиски фонд да се определи според приносот на задолжителниот пензиски фонд и висината на надоместокот од членот 98 став (1) точка а) од овој закон што го наплатува друштвото кое управува со тој задолжителен пензиски фонд, на датумот што го утврдува Агенцијата.
(8) Осигурениците од ставот (1) на овој член кои нема да потпишат договор за членство во рок три месеци од датумот на пристапување во задолжител-ното пензиско и инвалидско осигурување, по истекот на тој рок стануваат члено-ви на задолжителниот пензиски фонд во кој биле распределени согласно со ста-вовите (6) и (7) на овој член.
(9) Агенцијата го пропишува начинот на распределбата на осигурениците во задолжителните пензиски фондови од ставовите (6) и (7) на овој член.
. . .

Од погоре цитираните законски одредби може да се согледа дека, ако пред законските измени задолжителни членови во вториот пензиски столб беа сите кои се вработиле по 01.01.2003 година (без разлика на возраста), со законските измени, сите осигуреници родени по 01.01.1967 година и кои на датумот на зачленување имаат помалку од 40 години, се задолжителни членови на вториот пензиски столб.

Пристапувањето кон ваквите измени, односно промената на влезниот критериум во задолжителен пензиски фонд следувало по направени анализи во праксата коишто покажале дека распределбата на осигурениците во вториот пензиски столб според критериумот на прво вработување, предизвикал појава на случаи на неповолно членство за членови поради нивната возраст, а со тоа и ниски пензии од вториот пензиски столб споредбено со пензиите од првиот пензиски столб. Ова пред се поради фактот што вториот пензиски столб функционира на принципот на капитализација на средствата од придонесот, следствено на што потребен е подолг рок на инвестирање на средствата заради нивно оплодување и обезбедување на достоинствена пензија и пензија којашто нема да биде помала споредбено со пензијата којашто членот би ја добил како осигуреник само од првиот пензиски столб. Додека, за повозрасната категорија на осигуреници, работниот век бил пократок, а следствено на тоа, пократок бил и рокот за инвестирање и оплодување на средствата.

Заради надминување на појавата на случаи на неповолно членство за членови поради нивната возраст, а со тоа и ниски пензии од вториот пензиски столб споредбено со пензиите од првиот пензиски столб, со изменетиот критериум за влез во задолжителен пензиски фонд којшто започна да се применува од 01.01.2019 година, се предвидува задолжителни членови во вториот пензиски столб да бидат осигуреници кои се родени по 1 јануари 1967 година, односно кои се помлади од 40 години возраст, со што се прецизира возраста на членовите за кои е поповолно членството во вториот пензиски столб, поради претпоставка за подолг работен век за оваа категорија на лица и со тоа подолг рок на инвестирање и оплодување на средствата.

Поточно, законодавецот со измените и дополнувањата на погоре наведените закони со кои го уреди влезниот критериум за членство во задолжителен пензиски фонд “возраст на осигуреникот” и кој започна да се применува од 01.01.2019 година, а кој критериум е со цел да се избегне појава на случаи на неповолно членство за членови поради нивната возраст, а со тоа и ниски пензии од вториот пензиски столб споредбено со пензиите од првиот пензиски столб, оценил за потребно согласно новиот критериум да бидат опфатени, не само идните осигуреници по 01.01.2019 година, туку да се опфатат и осигурениците пред почетокот на примена на новиот критериум, а чијашто распределба во задолжителен пензиски столб беше извршена согласно стариот критериум „прво вработување”, без разлика на возраста.

Ова со цел и за овие осигуреници да се надмине ризикот на неповолно членство во вториот пензиски столб, тргнувајќи од околноста дека за повозрасната категорија на осигуреници, работниот век е пократок а следствено на тоа пократок е и рокот за инвестирање и оплодување на средствата, што би резултирало со пониски пензии од вториот пензиски столб споредбено со пензиите од првиот пензиски столб.

Така, следствено на изменетиот критериум за распределба на осигурениците во задолжителен пензиски фонд, како преодно решение со оспорените членови 22 и 23 од Законот, законодавецот го регулира понатамошното членство на затекнатите членови од вториот пензиски столб со започнување на примената на новиот критериум „возраст на осигуреникот” (01.01.2019 година), на начин уреден со оспорените законски одредби од членовите 22 и 23 од Законот, имајќи ги во вид направените анализи коишто покажале дека продолжувањето на членството во вториот пензиски столб за родените пред 1 јануари 1967 година, нема да биде поволно.

Според оспорениот член 22 став 1 од Законот,

(1) На член на задолжителен пензиски фонд роден пред 1 јануари 1967 година, му престанува членството во задолжителен пензиски фонд на 1 јануари 2019 година. Со престанување на членството, осигуреникот останува осигурен само во тековното финансирано пензиско осигурување засновано на генерациска солидарност.

Во врска со ставот 1 на погоре наведениот член, е ставот 3 на оспорениот член 22 од Законот, којшто гласи:

(3) За членовите на кој му престанува членството согласно со ставот (1) на овој член, друштвото го пренесува вкупниот износ на средствата од сметката на членовите во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, во рок од шест месеци почнувајќи од 1 јануари 2019 година, на начин пропишан од Агенцијата. По извршениот пренос на средствата, друштвото ја затвора индивидуалната сметка на членот.

Кои се осигурениците од оспорениот член 22 ставови 1 и 3 од Законот?

-Станува збор за категорија на осигуреници – членови на вториот пензиски столб, родени пред 1 јануари 1967 година, а на 01.01.2019 година кога започнува примената на новиот критериум „возраст на осигуреникот”, се постари од 40 години. Ова се осигуреници кои прв пат се вработиле по 1 јануари 2003 година и кои согласно стариот критериум „прво вработување” без разлика на возраста, задолжително по сила на закон станале членови во вториот пензиски столб.

Во однос на оваа категорија осигуреници анализите укажувале дека нивното останување во вториот пензиски столб, не е поволно поради краткиот рок на инвестирање на средствата заради нивно оплодување и обезбедување на достоинствена пензија и пензија којашто нема да биде помала споредбено со пензијата којашто членот би ја добил како осигуреник само од првиот пензиски столб.

Оттука, за оваа категорија осигуреници законодавецот со оспорениот член 22 ставови 1 и 3 од Законот, на 01.01.2019 година кога започна да се применува критериумот „возраст на осигуреникот”, уредил престанување на нивното членство во вториот пензиски столб, што значи остануваат осигурени само во тековното финансирано пензиско осигурување засновано на генерациска солидарност и пренесување на вкупниот износ на средствата од сметката на овие членови од друштвото за управување со тие средства во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија.

Според оспорениот член 22 став 2 од Законот,

(2) По исклучок од ставот (1) на овој член, членот на задолжителен пензиски фонд роден пред 1 јануари 1967 година, кој пристапил во задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување по сопствен избор и станал член на задолжителен пензиски фонд, согласно со членот 58 став (3) на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ број 29/2002, 85/2003, 40/2004, 113/2005, 29/2007, 88/2008, 48/2009, 50/2010, 171/2010, 36/2011, 98/2012, 13/2013, 164/2013, 44/2014, 192/2015, 30/2016 и 21/2018), има право да избере да го прекине или продолжи членството во вториот пензиски столб со писмена изјава за престанување или продолжување на членството во задолжителен пензиски фонд, најдоцна до 30 септември 2019 година. Доколку членот, во текот на траењето на овој рок не даде изјава за продолжување на членството во задолжителен пензиски фонд, по истекот на рокот му′ престанува членството во задолжителен пензиски фонд. На членот кој дава изјава за престанување на членството во задолжителен пензиски фонд пред 30 септември 2019 година, членството му′ престанува на датумот на давањето на изјавата.

Во врска со ставот 2 на погоре наведениот член, е ставот 4 на оспорениот член 22 од Законот, којшто гласи:

(4) За членовите од ставот (2) на овој член, индивидуалната сметка во задолжителниот пензиски фонд останува отворена и тие средства се инвестираат на еднаков начин како и другите средства на задолжителниот пензиски фонд до датумот на давањето на изјавата за престанување на членството односно до истекот на рокот од ставот (2) на овој член. По престанокот на членството согласно со ставот (2) на овој член, друштвото го пренесува вкупниот износ на средства од сметката на членот во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, на начин пропишан од Агенцијата. По извршениот пренос на средствата, друштвото ја затвора индивидуалната сметка на членот.

Кои се осигурениците од оспорениот член 22 ставови 2 и 4 од Законот?

-Станува збор за категорија на осигуреници членови на вториот пензиски столб, кои исто така се родени пред 1 јануари 1967 година, но, тие по сопствен избор (тоа се осигурениците вработени пред 1 јануари 2003 година – член 58 став 3 од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување – пред измените), станале членови во вториот пензиски столб.

За оваа категорија осигуреници законодавецот со оспорениот член 22 ставови 2 и 4 од Законот, на 01.01.2019 година кога започна да се применува критериумот „возраст на осигуреникот”, уредил право да можат да изберат да го прекинат или продолжат членството во вториот пензиски столб, преку давање писмена изјава за престанување или продолжување на членството во задолжителен пензиски фонд, најдоцна до 30 септември 2019 година, со тоа што доколку во определениот рок, писмено не се произнесат за дадената можност, нивното членство во вториот пензиски столб престанува, што значи и овие осигуреници остануваат осигурени само во тековното финансирано пензиско осигурување засновано на генерациска солидарност и пренесување на вкупниот износ на средствата од сметката на овие членови од друштвото за управување со тие средстав во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија.

Законодавецот за оваа категорија на осигуреници (родени пред 1 јануари 1967 година и постари од 40 години), со оспорениот член 22 ставови 2 и 4 од Законот, предвидел право да можат да изберат да го прекинат или продолжат членството во вториот пензиски столб, имајќи предвид дека со оглед на возраста, членството и на оваа категорија осигуреници во вториот пензиски фонд е неповолно.

Со цел да им се овозможи и на овие осигуреници да се заштитат од последиците од неповолното членство во вториот пензиски столб, во кој тие сами избрале да се вклучат согласно член 58 став 3 од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување (пред измените), законодавецот им дава можност сами да одлучат дали ќе го продолжат или не, членството во вториот пензиски столб.

При ова, Законот упатува дека при изборот помеѓу продолжувањето или престанокот на членството во задолжителен пензиски фонд, членовите треба да ги имаат во предвид нивната возраст, годините на работен стаж при зачленување во вториот пензиски столб, очекуваните години на вкупен работен стаж, висината на пензиските придонеси коишто им се уплатувани дотогаш, висината на идните очекувани придонеси кои ќе им се уплатуваат и други фактори.

Според оспорениот член 23 од Законот,

-На осигурениците кои се стекнале со членство во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување согласно со членот 58 од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ број 29/2002, 85/2003, 40/2004, 113/2005, 29/2007, 88/2008, 48/2009, 50/2010, 171/2010, 36/2011, 98/2012, 13/2013, 164/2013, 44/2014, 192/2015, 30/2016 и 21/2018) и кои се родени по 1 јануари 1967 година, им продолжува членството во задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување.

Кои се овие осигуреници од оспорениот член 23 од Законот?

-Станува збор за категорија на осигуреници членови во вториот пензиски столб, сите родени по 1 јануари 1967 година, од кои дел, задолжително членуваат во вториот пензиски столб (член 58 став 1 од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување пред измените), а дел од нив, по личен сопствен избор (член 58 став 3 од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување пред измените).

Така, постојните членови во вториот пензиски столб родени по 1 јануари 1967 година и кои по сила на закон (задолжително членство), веќе се членови во вториот пензиски столб согласно член 118 став 1 од Законот за ПИО пред измените, по 01.01.2019 година, членството им продолжува. Истовремено и со член 118 став 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, по измените, стои пропишување дека: „На осигурениците кои се членови во вториот пензиски столб според член 118 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија” број 98/2012,…и 220/2018, Законот пред измените), и кои се родени по 1 јануари 1967 година, им продолжува членството во вториот пензиски столб.

Воедно, членството во вториот пензиски столб продолжува и за постојните членови во вториот пензиски столб, односно за осигурениците кои исто така се родени по 1 јануари 1967 година и кои веќе сами избрале да бидат членови во вториот пензиски столб согласно со член 119 став 1 од Законот за ПИО пред измените, со кое уредување на осигурениците вработени пред 1 јануари 2003 година, им се остави можност по сопствен избор да се вклучат во вториот пензиски столб. Истовремено и со членот 119 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, по измените, стои пропишување дека: На осигурениците членови во вториот пензиски столб според членот 119 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија” број 98/2012, … и 220/2018, Законот пред измените), им продолжува членството во вториот пензиски столб.

Имено, оспорениот член 23 од Законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ број 245/2018) е во директна корелација со содржините на одредбите од членовите 118 и 119 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, уредени со Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ број 245/2018), што значи тие се истовремено уредени со уредувањето на предметниот оспорен член 23 од Законот, според кој на сите родени по 1 јануари 1967 година, им продолжува членството во задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување.

Оттука, клучно за продолжувањето на членството на осигурениците опфатени со оспорениот член 23 од предметниот закон во вториот пензиски столб по 01.01.2019 година кога започна да се применува критериумот „возраст на осигуреникот”, е што сите овие осигуреници го исполнуваат новиот критериум „родени по 1 јануари 1967 година”, поточно тие не спаѓаат во загрозената категорија на осигуреници – родени пред 1 јануари 1967 година, за кои, а со оглед на возраста продолжувањето на нивното членство во вториот пензиски столб, било оценето како неповолно.

Од погоре изнесеното, а во врска со оспорените членови 22 и 23 од Законот, се заклучува дека станува збор за оспорени преодни одредби од предметниот закон, со кои законодавецот пропишувајќи го новиот критериум „возраст на осигуреникот” за постојното членство во вториот пензиски столб, односно за затекнатите членови на 01.01.2019 година кога започна да се применува новиот критериум „возраст на осигуреникот”, уредува престанување или продолжување на членство во вториот пензиски столб на постојното членство, кои пред измените на Законот станале членови во вториот пензиски столб според критериумот на прво вработување, а основа за ова уредување се направените анализи коишто покажале дека продолжувањето на членството во вториот пензиски столб за родените пред 1 јануари 1967 година, нема да биде поволно.

Имено, со оспорените членови 22 и 23 од Законот, се регулира прашањето за престанување или продолжување на членството на категории затекнати членови во вториот пензиски столб, по започнувањето на примената на критериумот „возраст на осигуреникот” на 01.01.2019 година и тоа:

-осигуреници членови во вториот пензиски столб (вработени по 1 јануари 2003 година, чие членство било по сила на закон) кои се родени пред 1 јануари 1967 година, на кои членството во вториот пензиски столб, им престанува по сила на закон (член 22 ставови 1 и 3), за кои продолжувањето на членството во вториот пензиски столб поради возраста, е оценето како неповолно;
-осигуреници кои во вториот пензиски столб членуваат по сопствен избор (вработени пред 1 јануари 2003 година), кои се родени пред 1 јануари 1967 година, што исто така имплицира неповолно членство во вториот пензиски столб, од кои причини им се дава можност сами да изберат и да одлучат дали ќе го продолжат членството во вториот пензиски столб (член 22 ставови 2 и 4);
-осигуреници постојни членови во вториот пензиски столб, сите родени по 1 јануари 1967 година, на кои членството во вториот пензиски столб, по сила на закон им продолжува поради отсуство на ризик од неповолно членство (член 23). Дел од нив станале членови во вториот пензиски столб по сила на закон (вработени по 1 јануари 2003 година), како задолжителни членови, следствено по сила на закон им продолжува членството, а дел од нив сами го избрале членувањето во вториот пензиски столб (вработени пред јануари 2003 година), и истото им продолжува.

Поконкретно, за постојното членство, законодавецот уредил:

-задолжително престанување на членството во вториот пензиски столб на осигурениците опфатени со оспорениот член 22 ставови 1 и 3 од Законот на 01.01.2019 година – неповолно членство. Тоа се осигурениците родени пред 1 јануари 1967 година;
-по лична процена (и писмена изјава) престанување или продолжување на членството во вториот пензиски столб за затекнатите членови во вториот пензиски столб кои се опфатени со оспорениот член 22 ставови 2 и 4 од Законот, кои исто така се родени пред 1 јануари 1967 година – што значи продолжувањето на членството во вториот пензиски столб, е оценето како неповолно, но, се дава право осигурениците сами да одлучат дали ќе го прекинат или продолжат членството, како што пред тоа и сами одлучиле да се вклучат во вториот пензиски столб;
-задолжително продолжување на затекнатото членство во вториот пензиски столб за осигурениците опфатени со оспорениот член 23 од Законот, тоа се родените по 1 јануари 1967 година, за кои анализите покажале поволност од продолжување на членството во вториот пензиски столб.

Во конкретниот случај со иницијативата се смета дека оспорените законски решенија од членот 22 и членот 23 од Законот биле спротивни на член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 6, членот 9, членот 29, членот 30, членот 34, членот 35, членот 51 и член 52 став 4 од Уставот, а исто така биле спротивни и контрадикторни на член 40 став 2, членот 64 и член 67 став 1 од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, како и спротивни на членот 8 и член 59 став 2 од Законот за облигациони односи.

Наводите за нивното оспорување од аспект на нивната согласност со наведените уставни одредби, се изнесени погоре, но, од истите во суштина произлегува дека акцентот на оспорувањето е уредувањето во членот 22 и неговите ставови 1 и 3 од Законот, според кои, со отпочнувањето на примената на новиот критериум „возраст на осигуреникот” по сила на закон престанува членството на осигурениците кои се родени пред 1 јануари 1967 година, со што остануваат осигурени само во тековното финансирано пензиско осигурување засновано на генерациска солидарност, а со престанокот на членството друштвото го пренесува вкупниот износ на средствата од сметката на членовите во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, по што, друштвото ја затвора индивидуалната сметка на членот.

Според Судот, од содржината на оспорените законски решенија, не произлегува уредување коешто имплицира повреда на принципот на еднаквост од членот 9 од Уставот и повреда на член 29 став 1 од Уставот според кој странците во Република Северна Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори.

Законодавецот преку уставното овластување од член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, има право да донесува закони, истите да ги менува и дополнува, да уредува услови и критериуми во закон, истите да ги менува и дополнува, постојните законски критериуми да ги отстранува од правниот поредок и да пропишува нови, како и да ја одредува категоријата на лица кои ќе бидат опфатени со одредени изменети или дополнети законски решенија, односно категоријата на лицата на кои тие нема да се однесуваат, со што, суштинско од уставно-правен аспект е при нормирањето на одредени односи во правото, да биде запазен принципот на еднакво постапување.

Принципот на еднакво постапување подразбира еднакво постапување со еднаквите, односно со субјектите кои се во иста правна ситуација да се постапува на ист начин, а со субјектите кои се во различна правна ситуација на различен (поинаков) начин.

Во конкретниот случај, според Судот, законодавецот водел сметка за уставниот принцип на еднакво постапување помеѓу лицата кои се во иста категорија и правна положба (категориите се погоре наведени), како и водел сметка во однос на претходните права и обврски коишто за осигурениците произлегувале од Законот, земајќи ја предвид категоријата во која осигурениците припаѓаат при уредувањето на оспорените законски решенија, односно дали нивното членство во вториот пензиски столб било задолжително по сила на закон или пак нивното членување во вториот пензиски столб било по нивен личен избор.

Основната и крајна цел на законодавецот за уредување на оспорените законски решенија, конкретно на одредбите од член 22 ставови 1 и 3 од Законот (коишто во суштина се одредби чие уредување со иницијативата се смета за протувуставно, а останатите одредби од член 22 ставови 2 и 4 и членот 23 од Законот се наведени како содржини коишто уредувале привилегија за дел од постојното членство во вториот пензиски столб во однос на членството опфатено со оспорениот член 22 ставови 1 и 3 од Законот) е сите осигуреници затекнати членови од вториот пензиски столб, подеднакво и најповолно да ги остварат правата од пензиското и инвалидското осигурување, што е сторено со оспорените членови од Законот.

Погоре наведеното се однесува и за странските државјани кои работат на територијата на Република Северна Македонија. Одредбите од Законот за пензиското и инвалидското осигурување со кои се уредува опфатот на осигурениците во задолжителното пензиско и инвалидско осигурување и одредбите за членството во задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување, според Судот, не прават разлика меѓу државјаните на Република Северна Македонија и странските државјани кои имаат заснован работен однос во државата.

Согласно член 29 став 1 од Уставот, странците во Република Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори.

Во случајов, оспорените законски решенија подеднакво се однесуваат како за македонските, така и за странските државјани и подеднакво се постапува со сите осигуреници кои имаат засновано работен однос во државата во однос на користењето на правата од социјалното осигурување по основ на вработување, што значи законите подеднакво се однесуваат за сите осигуреници во државата, така што неосновани се наводите дека со оспорените законски решенија, нееднакво се третирале странските државјани вработени во државата.

Евентуалното склучување на договор за социјално осигурување со странска држава, ќе значи меѓусебно признавање на правата коишто произлегуваат од социјалното осигурување и собирање на навршените периоди на стаж на осигурување на териториите на двете држави, но за тоа навистина треба да постои соодветен меѓународен договор.

Со иницијативата, член 22 ставови 1 и 3 од Законот, се оспорува како спротивен на член 52 став 4 од Уставот, со наводи поопширно изнесени погоре.

Во овој контекст, Судот, ги имаше предвид наводите од иницијативата дека уредувањето со оспорениот член 22 ставови 1 и 3 од Законот, не било поповолно законско решение за овие граѓани осигуреници, а со тоа дека било спротивно на член 52 став 4 од Уставот, којшто го забранува повратното дејство на законите и другите прописи, освен по исклучок во случаите кога тоа е поповолно за граѓаните, како и останатите наводи коишто како поткрепа се наведени со иницијативата во тврдењето за повреда на член 52 став 4 од Уставот, меѓутоа според Судот, од аспект на тие наводи не може да се доведе под уставно сомнение оспорениот член 22 ставови 1 и 3 од Законот, поради следното:

Направените измени во влезниот критериум за членство во двостолбениот пензиски систем, е легитимно право на законодавецот коешто произлегува од член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот и претставува израз на политиката на државата во сферата на социјалното осигурување со закон да ги уредува тие односи.

Во таа смисла право е на законодавецот да ги утврдува критериумите за членство, истите да ги менува и дополнува на начин на кој законодавецот смета дека е најцелисходно, оправдано и потребно во даден временски период во зависност од фактичките и правните ситуации и состојби, односно на начин на кој тоа уредување ќе продуцира поповолни решенија за граѓаните при остварувањето на пензијата, а како што тоа го сторил законодавецот во конкретниот случај, при што од уставно-правен аспект од значење е дека сите осигуреници кои се во иста правна ситуација имаат исти права и обврска, што ги прави еднакви пред Уставот и законот.

Генерално, во однос на прашањето за поповолното дејство на новоуредениот критериум „возраст на осигуреникот” како критериум за членство во задолжителен пензиски фонд, што е причина за уредување на оспорените законски решенија, Судот, за прифатливо објаснување го оцени мислењето искажано, како во предлог-законот, така и во одговорот доставен од предлагачот на Законот, како во однос на причините поради кои законодавецот се впуштил во измена на влезниот критериум за распределба на идните осигуреници во двостолбениот пензиски систем сметано од јануари 2019 година, но исто така и во однос на мотивите за пропишувањето на оспорените законски решенија и целисходноста од истото.

Во случајов, целта на законодавецот била не само да се отстранат неповолностите за идните осигуреници (од 1 јануари 2019 година) кои би ги имале доколку останеше во примена стариот критериум, туку целта на законодавецот била да се отстранат и неповолностите коишто би произлегле поради краткиот период за акумулација на средствата од уплатениот придонес за осигурениците кои се членови во вториот пензиски столб пред овој датум, а кои се родени пред 1 јануари 1967 година и се на возраст постари од 40 години.

Оттука, како преодно решение во Законот, законодавецот ги уредил оспорените членови, со цел неповолноста од членувањето во вториот пензиски столб, да биде отстранета, но, не само за идните осигуреници од 1 јануари 2019 година, туку и за осигурениците пред овој датум.

Проблемите со членувањето во вториот пензиски столб на повозрасната група осигуреници, биле лоцирани не само со подлабоко направените анализи по ова прашање, туку како реален проблем ова прашање било претставено и пред Народниот правобранител, преку низа претставки доставени до овој орган од граѓани уште од октомври 2016 година, со барање за преземање на конкретни мерки и решенија во однос на наводите искажани во претставките, при што, по спроведените подлабоки анализи, реално била доведена во прашања исплатливоста на членството во вториот пензиски столб на повозрасната група осигуреници.

Резултатите од анализите укажувале дека за сите членови на задолжителните пензиски фондови кои се родени пред 1967 година, не било исплатливо членувањето во вториот пензиски столб, односно не било во нивен интерес имајќи предвид дека вториот пензиски столб функционира по принципот на капитализација на средствата заради нивно оплодување и за обезбедување на достоинствена пензија и пензија којашто нема да биде помала споредбено со пензијата којашто членот би ја добил како осигуреник само од првиот пензиски столб. Работниот век за повозрасната категорија на осигуреници е пократок, и со тоа пократок е и рокот за инвестирање и оплодување на средствата. Сходно на ова, анализите покажале нееднаквост на пензиите на сегашните и идните пензионери и нерамноправна распределба на осигурениците (работници) во двостолбениот пензиски систем.

Реформираниот пензиски систем е наменет, пред се, за младите вработени и вработените со неколку години работен стаж пред влезот во вториот столб од пензискиот систем. За повозрасните вработени и вработените со повеќе години стаж, анализите покажале силни причини да останат во системот со единствен столб, имајќи предвид дека во новиот систем би имале помалку време за акумулирање средства на своите сметки пред пензионирањето. Идната пензија ќе зависи од акумулираните средства, успешноста на инвестирањето и очекуваната должина на животниот век при пензионирањето. Пензиското и инвалидското осигурување претставува долгорочно осигурување, па сите тие фактори пропратени со стареењето на населението во државата, имплицирале структурни прилагодувања во пензискиот систем.

Оттука, Судот смета дека оспорниот член 22 став 1 од Законот, не е на штета на осигурениците, бидејќи повлекувањето на повозрасните осигуреници родени пред 1967 година од вториот пензиски столб и нивното членување само во првиот пензиски столб, е еден од ефектите на Законот што може да се оправда со целите на Законот, поради што Судот оцени дека од аспект на наводите изнесени во иницијативата, не може да се доведе под уставно сомнение согласноста на оспорениот член 22 став 1 и 3 од Законот со одредбите од член 52 став 4 од Уставот.

Во однос на наводите од иницијативата според кои повлекувањето на осигурениците опфатени со оспорениот член 22 ставови 1 и 3 од Законот од вториот пензиски столб заедно со нивните средства коишто ги имале на индивидуалната сметка отворена со нивното членување во вториот пензиски столб и нивно останување како осигуреници само во првиот пензиски столб којшто се темели на генерациска солидарност, било спротивно со член 8 став 1 алинеја 6 и членот 30 од Уставот, со наводи дека средствата на индивидуалната сметка биле личен имот на членот кој ја поседувал во друштвото, а повлекувањето значело располагање со туѓи средства, дотолку повеќе што тоа се правело без никаква согласност на членовите опфатени со оспорениот член 22 ставови 1 и 3 од Законот, со што се задирале и во правото на сопственост на човекот и граѓанинот (вклучително и во правото на сопственост врз средствата коишто странските државјани ги поседувале по основ на уплатени придонеси за социјално осигурување), според Судот, од аспект на ваквите наводи не може да се доведе под уставно сомнение согласноста на оспорените одредби од член 22 ставови 1 и 3 од Законот со одредбите на Уставот на кои се повикува подносителот со иницијативата.

Имено, уредувањето во Законот дека средствата од сметката на членот на задолжителниот пензиски фонд се дел од неговиот личен имот, е во контекст на самата поставеност на вториот пензиски столб, а во смисла дека станува збор за средства коишто не можат да се користат за исплата на туѓи пензии (тие се користат за нивно оплодување од страна на друштвата коишто со нив управуваат во согласност со законските прописи, што овозможува принос на вложените средства со што се создава можност пензијата на осигуреникот да расте).

Меѓутоа, суштинско за конкретниот случај е дали придобивката којашто осигурениците ја имаат со останувањето во вториот пензиски столб е поголема или помала од придобивката која ќе ја имаат со нивното членување само во првиот пензиски столб.

Како што погоре е наведено, примарната и основна причина за престанувањето на членството на осигурениците опфатени со оспорениот член 22 ставови 1 и 3 од Законот (родените пред 1 јануари 1967 година и постари од 40 години), е токму околноста што тие на своите индивидуални сметки поради возраста немаат доволно акумулирани средства, а поради краткиот работен век и нема да можат да акумулираат доволно средства, што не е поволно. Така, членувањето во вториот пензиски столб, неспорно е дека има предности, но и неповолности за осигурениците, се во зависност од околноста дали припаѓаат на помладата или постарата генерација на осигуреници, па во таа насока се преземени и мерките од страна на државата преку оспорените законски решенија, се со цел да се постигне најоптимално и најповолно решение за осигурениците при остварувањето на пензијата.

Според членот 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Во случајов, осигурениците опфатени со оспорениот член 22 став 1 од Законот, не по своја волја членуваат во вториот пензиски столб, туку по волја на законодавецот согласно тогашниот законски принцип на прво вработување без разлика на возраста, односно тие задолжително по сила на закон беа вклучени во вториот пензиски столб. Имајќи предвид дека правото на социјална сигурност е уставна гаранција, за овие повозрасни осигуреници кои по сила на закон станаа членови и во вториот пензиски столб и за кои подлабоките анализи покажале неповолно членство поради краткиот работен век на инвестирање (а идната пензија зависи од акумулираните средства, успешноста на инвестирањето и очекуваната должина на животниот век при пензионирањето), законодавецот има уставна обврска за овие осигуреници да преземе мерки, истите да не се доведат во ситуација да остварат помала пензија споредбено со пензијата која членот би ја добил како осигуреник само од првиот пензиски столб.

Примарната цел од уредувањето на оспорените законски решенија е токму околноста што поради возраста осигуреникот нема да може да акумулира доволно средства на неговата индивидуална сметка, заради краткиот работен век на инвестирање и оплодување на тие средства, а клучно по завршувањето на работниот век, е да се обезбеди достоинствена пензија.

Со член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата (став 2). Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон (став 3).

Од наведената уставна одредба произлегува дека правото на сопственост создава права, но и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Во конкретниот случај, со останувањето на овие осигуреници само во тековното финансирано пензиско осигурување, засновано на генерациска солидарност, повлечените средства, а и сите идни уплатени придонеси коишто ги издвојуваат актуелно вработените осигуреници од своите тековни примања, се исплаќаат пензиите на актуелните пензионери.

Понатаму, повлекувањето на нивните средства од сметката која ја имале со членувањето во вториот пензиски столб, а во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија со престанувањето на нивното членство, не може да се разгледува како неуставно од аспект на отсуство на нивна изразена волја за таквото законско решение, бидејќи таа сметка која ја имале со членувањето во вториот пензиски столб, е отворена по сила на закон како што по сила на закон станале членови.

Во случајов како што по сила на закон е наметнат статусот членови во вториот пензиски столб за овие осигуреници, така по сила на закон е прекинат статусот на членови во вториот пензиски столб, следствено, со тоа по сила на закон се затвора нивната индивидуална сметка со пренесување на вкупниот износ на средства од сметката во Фондот на ПИОМ.

Значи, изразена волја немало кога станале членови во вториот пензиски столб, со што не може и во случајов да станува збор за изразена волја за останување во вториот пензиски столб.

Ова пред се од причини што ставот 3 на оспорениот член 22 од Законот, се однесува на осигурениците од член 22 став 1 од Законот, кои осигуреници не склучуваат договор во однос на нивното пристапување во системот на задолжително капитално финансирано пензиско осигурување (вториот пензиски столб) бидејќи (како што погоре е наведено) нивното членување е задолжително по сила на закон, тие по сила на закон се распределени и во вториот пензиски столб.

Задолжителното членување во задолжителен пензиски фонд, не вклучува изразена волја кај осигуреникот. Тие имаат право само да го изберат пензиското друштво кое ќе управува со средствата на нивната индивидуална сметка, за што со договор се уредуваат меѓусебните права и обврски. Оттука, во случајов, не постои изразена волја и согласност како составен елемент на облигационо-правен договор во однос на членството во вториот задолжителен пензиски столб, бидејќи по автоматизам, а согласно критериумите уредени со Законот, се врши распределба на осигурениците во задолжителен пензиски фонд.

Во однос на наводите дека противуставно и спротивно на одредбите од Законот за облигационите односи, било без согласност на членот да се затвори индивидуалната сметка, односно со еднострана изразена волја да се раскинува двостран договорен однос помеѓу друштвото за управување со задолжителниот пензиски фонд и членот на задолжителниот пензиски фонд, Судот, исто така смета дека тие не се основани.

Имено, како што погоре е наведено, за осигурениците опфатени со ставот 1 на оспорениот член 22 од Законот, нема изразување на волја и согласност како составен елемент на облигационо-правен договор во однос на зачленувањето во задолжителен пензиски фонд, бидејќи нивното членување во вториот пензиски фонд беше задолжително по закон.

За разлика од категоријата осигуреници кои се вработени пред 1 јануари 2003 година и кои имаа право да изберат да се вклучат во двостолбениот систем и да станат членови на задолжителен пензиски фонд, (ова се осигурениците опфатени со ставот 2 на оспорениот член 22 од Законот), тие и сега имаа право на избор со изјава да го продолжат или прекинат членството во вториот пензиски столб, со што, со тоа се почитува изразената волја и согласност за пристапување во двостолбениот пензиски систем.

Во однос на наводите од подносителот на иницијативата искажани во поднесокот по одржаната подготвителна седница дека со оспорените законски одредби била сторена дискриминација по основ на возраста на осигурениците, на начин што на осигурениците од оспорениот член 22 став 1 од Законот, по сила на закон им престанало членството во вториот пензиски столб, со што биле ставени во понеповолна положба во однос на останатите осигуреници коишто останале во вториот пензиски столб, сметаме дека истите не се основани, поради следното:

Поимот дискриминација подразбира разликување по основ на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба или друг статус). Меѓутоа, не секое разликување може да се смета за дискриминација, туку само она разликување кое имплицира понеповолни можности на човекот и граѓанинот во остварувањето на своите слободи и права.

Европскиот суд за човекови права во Стразбур, низ своите пресуди наведува дека за целите на член 14 (забрана на дискриминација) од Европската конвенција за заштита на човековите права, разликата во третманот е дискриминирачка доколку „нема објективно и разумно оправдување“, односно ако не ја остварува „легитимната цел“ или ако не постои „разумна врска на пропорционалноста помеѓу употребените средства и целта што треба да се реализира“. Договорните држави уживаат одредена маргина во проценката дали и во колкава мерка разликите во инаку слични ситуации оправдуваат различен третман во законот.

Во конкретниот случај, суштината на измените во Законот, е да се отстранат неповолностите во однос на висината на пензијата којашто би ја примиле категоријата осигуреници опфатени со оспорениот член 22 став 1 од Законот (доколку би останале во вториот пензиски столб), а во однос на осигурениците кои се членови само во првиот пензиски столб, со што осигурениците опфатени со оспорениот член 22 став 1 од Законот би се изедначиле во поглед на пензиите со осигурениците кои членуваат само во првиот пензиски столб.

Законодавецот при уредувањето на оспорените законски решенија, ги имал во предвид претходно направените длабоки анализи по ова прашање, што го поттикнало да ги регулира истите во Законот, се со цел да се отстранат неповолностите за осигурениците опфатени со член 22 став 1 од Законот, во поглед на пензијата којашто би ја примиле со членувањето и во вториот пензиски столб, а кои неповолности фактички ги трпеле осигурениците кои веќе оствариле пензионирање и коешто го изразиле со реакција и поплаки до Народниот правобранител на Република Северна Македонија, за што укажува и Владата во дадените одговори по повод поднесената иницијатива, како и лично на одржаната подготвителна седница, а и во писмен поднесок по одржаната подготвителна седница, на која присуство имаше и претставник од Народниот правобранител на Република Северна Македонија, кој од своја страна лично ги потврди ваквите наводи, истакнувајќи дека во 2016 година, била констатирана состојба во која неспорно било дека граѓаните биле оштетени со утврден пензиски износ, и дека во оваа насока, а со цел да се заштитат правата на граѓаните и заради надминување на наведениот проблем, Народниот правобранител согласно неговите овластувања кои произлегуваат од Законот за народниот правобранител, со допис 098283/2 од 09.12.2016 година, дал укажување до Министерството за труд и социјална политика за потреба од измена во законската регулатива, а како резултат на сето тоа, во декември 2018 година бил донесен предметниот закон.

Претставникот на Народниот правобранител на крајот во своето излагање на подготвителната седница од 01.10.2020 година, информира дека по донесувањето на предметниот закон, а во врска со оспорените членови 22 и 23 од Законот, од страна на граѓаните до сега, до Народниот правобранител, не биле поднесени претставки или жалби во врска со оваа тематика.

Оттука, според Судот, не може да се прифати тврдењето од страна на подносителот на иницијативата дека со оспорените законски решенија е сторена дискриминација по основ на возраста на осигурениците што резултирало со понеповолен третман на категоријата осигуреници опфатени со член 22 став 1 од Законот, туку обратно, суштината на направените измени на Законот, е токму да се надминат неповолностите за категоријата осигуреници опфатени со член 22 став 1 од Законот кои би ги имале доколку го продолжат членството во вториот пензиски столб.

Што се однесува до наводите дека ниту еден од условите во Правилникот за членство во задолжителен пензиски фонд не бил исполнет за да може договорот да престане ако членот биде поништен од Регистарот на членови согласно Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, бидејќи членот 8 од Образец 1 кој во суштина го претставува самиот договор, не ја содржел точката ѓ) која предвидувала таква можност, поточно со исправка дополнително била додадена таа точка, и делувала ретроактивно, меѓутоа во однос на овие наводи, погоре изнесовме дека тие наводи не се точни.

Точката ѓ) на членот 8 од Образецот број 1, којшто се однесува на формата и содржината на договорот којшто се склучува помеѓу осигуреникот и пензиското друштво кое ќе управува со средствата на нивната индивидуална сметка, уредува дека договорот има важност до моментот додека „ѓ) биде поништен од Регистарот на членови согласно Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување.“

Во контекст на ова, Судот, повторно посочува дека точката ѓ) на членот 8 од Образецот број 1, како содржина и претходно била уредена уште во Правилникот од 2013 година („Службен весник на Република Македонија” број 55/2013). Имајќи го предвид наведеното, по автоматизам престанува да важи договорот помеѓу осигуреникот и пензиското друштво кое го избрал да управува со средствата на неговата индивидуална сметка, доколку членот биде поништен од Регистарот на членови согласно Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, а тоа во случајов се однесува на членовите од оспорениот член 22 став 1 од Законот (задолжително вклучените и во вториот пензиски столб).

Во однос пак на членовите опфатени со ставот 2 на оспорениот член 22 од Законот, кои по сопствен избор членуваат во вториот пензиски столб, а се родени пред 1 јануари 1967 година, за кои поради возраста и за овие членови е доведена во прашање поволноста од членувањето во вториот пензиски столб, тие имаат право на избор со изјава да го продолжат или прекинат членството во вториот пензиски столб, со што им се остава можност сами да одлучат и да го преиспитаат членството во вториот пензиски столб. При ова, Законот упатува при изборот помеѓу продолжување или престанок на членство во задолжителен пензиски фонд, членовите треба да ги имаат предвид нивната возраст, годините на работен стаж при зачленувањето во втор пензиски столб, очекуваните години на вкупен работен стаж, висината на пензиските придонеси коишто им се уплатувани досега, висината на идните очекувани придонеси кои ќе им се уплатуваат и други фактори.

5. Тргнувајќи од сето погоре изнесено, во конкретниот случај Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените членови 22 и 23 од Законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување („Службен весник на Република Македонија” број 245/2018) со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.97/2019
9 декември 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати