Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија‟ број 70/1992) и („Службен весник на Република Северна Македонија‟ број 202/2019) на седницата одржана на 3 декември 2020 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на делот „2001‟ од член 4 став 2 од Законот за Агенција на Република Македонија за управување со средства („Службен весник на Република Македонија‟ број 70/2001).
2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на дел од одредбата од Законот означен во точката 1 на ова решение.
Подносителот во иницијативата ги цитира ставовите 1 и 2 од членот 4 каде во ставот 1 е определено дека: „Агенцијата престанува со работа на 31 март 2004 година‟, додека во ставот 2 е определено дека: „По престанување со работата, остатокот на побарувањата во билансот, имотот и бројот на вработените во Агенцијата со состојба на 31 март 2001 година се пренесуваат во Министерството за финансии‟.
Според подносителот на иницијативата од ставот 1 на членот 4 од Законот, произлегувало дека Агенцијата основана со тој пропис престанувала со работа на 31.03.2004 година.
Притоа, делот „2001‟ кој воедно е и оспорен дел, од ставот 2 на членот 4 можело да доведе до заблуда во правниот промет кое нешто не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.
Имено, Законот за Агенција на Република Македонија за управување со средства бил објавен во „Службен весник на Република Македонија‟ број 70 од 2001 година од 05.09.2001 година, а влегол во сила на 15.09.2001 година (всушност Законот влегол во сила на 13.09.2001 година) и во таа смисла и забраната за ретроактивна примена на законите и другите прописи пропишана со Уставот.
Поради наведеното, се бара поведување на постапка за оценување на уставноста на делот „2001‟ од ставот 2 на членот 4 од Законот за Агенција на Република Македонија за управување со средства.
3. Судот на седницата утврди дека според член 4 став 2 од Законот за Агенција на Република Македонија за управување со средства („Службен весник на Република Македонија‟ број 70/2001), е утврдено дека по престанување со работата, остатокот на побарувањата во билансот, имотот и бројот на вработените во Агенцијата со состојба на 31 март 2001 година се пренесуваат во Министерството за финансии.
4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата:
– ако не е надлежен да одлучува за барањето;
– ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и
– ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Според членот 1 од Законот за Агенција на Република Македонија за управување со средства („Службен весник на Република Македонија‟ број 70/2001), со овој закон се уредува основањето, работењето, организацијата и престанокот на работењето на Агенцијата на Република Македонија за управување со средства.
Согласно член 4 став 1 од Законот, Агенцијата престанува со работа на 31 март 2004 година, а во ставот 2 е утврдено дека по престанување со работата, остатокот на побарувањата во билансот, имотот и бројот на вработените во Агенцијата со состојба на 31 март 2001 година се пренесуваат во Министерството за финансии.
Од наведеното произлегува дека законодвецот предвидел Агенцијата да престане со работа на 31.03.2004 година, а по нејзиниот престанок да се направи пренос на остатокот на побарувањата во билансот, имотот и бројот на вработените во Агенцијата со состојба на 31 март 2001 година, така што преносот да се изврши во Министерството за финансии.
Според тоа основањето, работењето, организацијата и престанокот на Агенцијата се уредени со Законот за Агенција на Република Македонија за управување со средства којшто имал правно дејство додека постоела Агенцијата односно до 31.03.2004 година.
Оттаму, Законот имал темпорален карактер што се однесува и на оспорениот член 4 став 2 од истиот закон, па и тој се исцрпел во примената по однос на својата содржина и дејство.
Оттука, Судот оцени дека постојат процесни пречки за постапување по иницијативата и дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.38/2020
3 декември 2020 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати
Издвоено мислење по предметот У.бр.38/2020