Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 2 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019 и 256/2020), на седницата одржана на 3 декември 2020 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 19 став 2 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010, 51/2011, 15/2013, 139/2014, 196/2015, 142/2016 и 140/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/2019).
2. Светскиот македонски конгрес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 на ова решение.
Според подносителот на иницијативата, оспорената законска одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 став 1, членот 89 со Амандманот XXIII, членот 92 и членот 94 од Уставот.
Ова од причини што согласно член 89 став 1 со Амандманот XXIII од Уставот, Владата ја сочинувале претседател и министри, а во ниту една одредба од Уставот не се зборувало за „заменици на министри“.
Одредбата на член 89 став 6 со Амандманот XXIII од Уставот, според која „Организацијата и начинот на работа на Владата се уредува со закон“ не подразбирала определување поинаков состав на Владата од пропишаниот со Уставот и не значело со закон да се воведат нови функции „заменици на министри“ како посебни институции.
Со Законот за дополнување на Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ 139/2014), Собранието дури ги проширило надлежностите на „замениците на министрите“, на начин што во членот 19 по ставот (1) се додава нов став (2), кој гласи: „(2) Во случај на спреченост и отсуство на членот на Владата, на седницата на Владата може да присуствува и одлучува заменикот на министерот кој го заменува членот на Владата со сите негови права, должности и одговорности и истиот се засметува во мнозинството присутни како да е присутен членот кој го заменува.”
А што ако, покрај министерот, и „заменикот на министер“ биде спречен и отсутен? Спреченоста или отсуството не се решавало со воведување на неуставен институт „заменик на министер“ кој со целата административна апаратура на секретарка, шофер, обезбедување, возило, канцеларија, вонредни расходи, претставувал дополнителен товар врз даночните обврзници преку Буџетот на државата!
„Заменикот на министерот“ не бил член на Владата. Членови на Владата биле само претседателот на Владата и министрите.
Оттука, „заменик на министер“ ниту можел да присуствува и одлучува на седница на Влада место министерот кој го заменува, ниту можел да ги има сите права, должности и одговорности на министерот кој го заменува, уште помалку можелo да се засметува во мнозинството присутни на седница на Влада како да бил присутен министерот кој го заменувал.
Парадоксот бил уште поголем затоа што оспорениот член 19 став 2 од Законот за Владата бил донесен 2014 година, односно дваесет и три години по донесувањето на Уставот од 1991 година.
На таков начин се нарушувало владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и истовремено се кршел членот 51 од Уставот, според кој „законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон“ и „секој е должен да ги почитува Уставот и законите“.
Поради наведеното, се бара од Уставниот суд да ја поништи оспорената одредба, а до донесување на конечна одлука, Уставниот суд да донесе решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија што ги презема Владата врз основа на оспорената законска одредба.
3. Судот на седницата утврди дека според член 19 став 2 од Законот за Владата на Република Македонија, во случај на спреченост и отсуство на членот на Владата, на седницата на Владата може да присуствува и одлучува заменикот на министерот кој го заменува членот на Владата со сите негови права, должности и одговорности и истиот се засметува во мнозинството присутни како да е присутен членот кој го заменува.
4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Уставниот суд, врз основа на поднесена иницијатива од Тодор Петров од Гевгелија, веќе ја ценел уставноста на член 19 став 2 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010, 51/2011, 15/2013, 139/2014, 196/2015 и 142/2016). Притоа, со Решение У.бр.108/2015 од 12.07.2017 година, помеѓу другото, Судот оценил дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со Уставот, поради што не повел постапка за оценување на нејзината уставност.
Во наведеното решение Судот утврдил:
„Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 89 ставови 1 и 6 од Уставот, Владата ја сочинуваат претседател и министри. Организацијата и начинот на работа на Владата се уредува со закон.
Со оспорениот член 19 став 2 од Законот за Владата на Република Македонија, е пропишано дека во случај на спреченост и отсуство на членот на Владата, на седницата на Владата може да присуствува и одлучува заменикот на министерот кој го заменува членот на Владата со сите негови права, должности и одговорности и истиот се засметува во мнозинството присутни како да е присутен членот кој го заменува.
Основот за именување на замениците на министри произлегува од членот 48 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011) според кој Собранието на Република Македонија именува и разрешува заменик на министерот на соодветното министерство на предлог на претседателот на Владата на Република Македонија (став 1), заменикот го заменува министерот во случај кога тој е отсутен или кога поради болест и други причини не е во можност да ја врши својата функција, со сите негови овластувања и одговорности во раководењето (став 2) и заменикот во соработка со министерот врши работи од надлежност на министерот што тој ќе му ги довери. Надлежностите на министерот се утврдени во член 49 став 1 од овој закон.
Со оглед на тоа што наведените прашања коишто се од доменот на организацијата и работата на Владата, се уредени со закон, произлегува и дека уредувањето на прашањето на именување и делокруг на работа на заменикот на министерот во работата на Владата на Република Македонија, е законска материја која законодавецот ја пропишал за непречено функционирање на Владата на Република Македонија, а во тие рамки и законското решение од оспорениот член 19 став 2 од Законот за Владата на Република Македонија е во согласност со членот 89 од Уставот.
Од овие причини за наведената одредба од Законот не може да се постави прашањето за согласноста со Уставот и Судот одлучи да не поведе постапка за оценка на уставноста на член 19 став 2 од Законот со Уставот.“
Со сега доставената иницијатива за оценување на уставноста на член 19 став 2 од Законот за Владата на Република Македонија, која е доставена од Светскиот македонски конгрес, а потпишана од неговиот претседател, Тодор Петров, повторно се оспорува уставноста на истата законска одредба, од истите причини како и во претходно поднесената иницијатива од Тодор Петров, врз основа на која е донесено Решението на Уставниот суд, У.бр.108/2015 од 12.07.2017 година.
Според Судот, образложението за согласноста на оспореното законско решение со уставните одредби, искажано во претходно наведеното решение на Уставниот суд, во целост се однесува и на наводите во оваа иницијатива, при што не постојат основи за поинакво одлучување.
Со оглед на наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на оваа иницијатива.
5. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.268/2020
3 декември 2020 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати