У.бр.235/2020 и У.бр.259/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 18 ноември 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на:

– Уредбата со законска сила за примена на Законот за минерални суровини за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-3987/1 од 14 мај 2020 година, („Службен весник на Република Северна Македонија” број 103/2020, 111/2020, 126/2020 и 134/2020),
– Одлуката за едностран договор за концесија за експлоатација на минерална суровина – Варовник на локалитетот КРАСТА с.Бороец, Општина Струга, донесена од Владата на Република Северна Македонија бр.44-4442/4 од 26 мај 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 136/2020) и
– Одлуката за едностран договор за концесија за експлоатација на минерална суровина – ГАБРО на локалитетот „СТРИЖАК“ с.Лабуништа, Општина Струга, донесена од Владата на Република Северна Македонија бр.44-4442/2 од 26 мај 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 136/2020).

2. Друштвото за превоз, трговија и услуги „МИ ТРАНС“ увоз-извоз, Велешта ДООЕЛ со седиште во с.Велешта, Општина Струга, застапувано преку полномошник Игор Петревски, адвокат од Битола и Трговското друштво за градежништво, производство, трговија и угостителство „Илинден“ АД Струга до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднеле иницијативи за оценување на уставноста и законитоста на оспорените акти од точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата поднесена од Друштвото за превоз, трговија и услуги „МИ ТРАНС“ увоз-извоз Велешта ДООЕЛ со седиште во с.Велешта, Општина Струга, застапувано преку полномошник Игор Петревски, адвокат од Битолa, оспоренaта уредба со дополнувањата била во спротивност со член 8 став 1 алинеи 3, 4, 6 и 7 и членот 126 од Уставот, член 15 став 1 од Европската конвенција за човекови права и членот 1 од Протоколот број 1.

Подносителот на иницијативата смета дека уредбите со законска сила донесени за време на вонредна состојба морало да бидат во согласност со причината поради која било утврдено постоење на вонредна состојба и не смееле да излегуваат надвор од причината за вонредната состојба и да навлегуваат во другите правно уредени односи и траеле само до завршувањето на вонредната состојба.

Со оглед на тоа што Одлуката за прогласување на вонредна состојба била донесена заради заштита и справување со последиците од ширењето на вирусот COVID 19 произлегувало дека уредбите коишто ги носела Владата требало да бидат поврзани со и околу мерките за санација и претпазливост од пандемијата. Меѓутоа, според иницијативата, оспорената уредба со дополнувањата од страна на Владата и содржината којашто тие ја уредуваат не се однесувала на причината за утврдувањето на вонредната состојба определена во Одлуката на претседателот, а тоа било заштитата и справувањето со последиците од ширењето на пандемијата предизвикана од коронавирусот и излегувале надвор од наведената причина за вонредната состојба.

Имено, со одредбата од член 2а став 1 од Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за минерални суровини за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-3987/1 од 14 мај 2020 година, („Службен весник на Република Северна Македонија” број 134/2020), се додавала нова содржина со што Владата изворно и оригинерно нормирала одредена ситуација којашто не била предвидена со Законот.

Со оспорените уредби Владата по сопствена оцена паушално раскинувала договори за концесија под превезот на нарушување на јавниот интерес и здравјето на населението користејќи ја вонредната состојба. Оттука, подносителите на иницијативата сметаат дека оспорената уредба со дополнувањата излегувале надвор од причините за прогласување на вонредна состојба и со истата не се вршела операционализација на постојна одредба од членот 51 од Законот за минерални суровини, туку се вршело изворно нормирање. Поради наведеното се предлага да се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената уредба со дополнувањата и истовремено се бара Судот да донесе времена мерка со која ќе се запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените уредби.

Во иницијативата е наведено дека се нарушувал јавниот интерес, безбедноста и здравјето на локалното население и посебно се предлага да се донесе времена мерка со која ќе се запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените уредби во однос на Одлуката за едностран договор за концесија за експлоатација на минерална суровина – Варовник на локалитетот КРАСТА с.Бороец, Општина Струга, донесена од Владата на Република Северна Македонија бр.44-4442/4 од 26 мај 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 136/2020) бидејќи ќе се произвеле правни последици и ненадоместлива штета врз работењето на подносителот на иницијативата.

Со иницијативата поднесена од Трговското друштво за градежништво, производство, трговија и угостителство „Илинден“ АД Струга се оспоруваат основниот текст на Уредбата и трите измени на истата, како и одлуката за едностран раскин на договорот за концесија, наведувајќи дека истите се во спротивност со одредбите од Уставот и тоа член 8 став 1 алинеи 3, 4, 6, 7 , 10 и 11, член 30 ставови 1 и 3, членот 55, како и членовите 61, 68, 91, 125 и 126. Понатаму во иницијативата се наведува дека оспорените акти не се во согласност и со членот 4 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и со член 6 став 1 и членот 14 и членовите 1, 15, 17 и 18 од Протоколот 12 од Европската конвенција за човекови права, како и со членот 1 од Протоколот 1.

Од содржината на иницијативата произлегува дека подносителот преку наведените уредби всушност ја оспорува Одлуката за едностран договор за концесија за експлоатација на минерална суровина, ГАБРО на локалитетот „СТРИЖАК“ с.Лабуништа, Општина Струга, донесена од Владата на Република Северна Македонија бр.44-4442/2 од 26 мај 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 136/2020).

Имено, според наводите во иницијативата пред донесување на оспорената одлука претходело донесување, односно склучување на договор за концесија, за што следувале финансиски импликации за другата страна на договорот, односно биле преземани одредени потребни дејствија и истражувања на конкретниот локалитетот што предизвикало одредени финансиски трошоци. По сите преземени дејствија страната во договорот добила и дозвола за експлоатација по кое надлежното Министерство за економија одобрило врз основа на склучениот Договор за концесија со Владата, подносителот да врши експлоатација на минерална суровина-варовник. Подносителот бил совесен, пазарно ориентиран субјект и договорна страна која ги исполнила сите законски предвидени услови.

Меѓутоа, и покрај тоа, Владата во услови на вонредна состојба, иако истата била странка во конкретниот Договор, ги донела оспорените уредби и донесува одлука за едностран раскин на договорот, со што се создавала правна несигурност на граѓаните и ги руинирала наведените одредби од Уставот и меѓународните договори. Ова, дотолку повеќе што договорот бил склучен за период од 30 години што значело дека на подносителот досега му била сторена голема штета, а во иднина уште повеќе му се повредувале правните интереси со оглед на тоа дека нарушувањето на јавниот интерес, безбедноста на здравјето на локалното население не постоеле како причина за истите, не биле изведени докази за фактите дека со работењето на подносителот би се предизвикало опасност за здравјето и безбедноста на населението.

Од наведените причини се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените акти како и да донесе времена мерка, односно да ги запре од извршување сите дејствија и акти преземени врз основа на оспорените уредби, а особено да го запре извршувањето на оспорената одлука.

3. Судот на седница утврди дека врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 16 април 2020 година, донесе

У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА МИНЕРАЛНИ СУРОВИНИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Законот за минерални суровини („Службен весник на Република Македонија“ бр.136/12, 25/13, 93/13, 44/14, 160/14, 129/15, 192/15, 39/16, 53/16, 120/16, 189/16 и 7/19), ќе се применува за време на траењето на вонредната состојба доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.
За роковите за вршење на увид на локалитетот за кој е поднесена иницијатива за вршење на детални геолошки истражувања, за склучување на договор за детални геолошки истражувања по влегување во сила на одлуката за доделување на концесијата, за поднесување на барање за доделување на концесија за вршење на детални геолошки истражувања на ист простор и за ист вид на минерални суровини за кои е доставен извештај со кој се потврдува дека деталните геолошки истражувања не се во целост завршени, за доставување на елаборат од извршените детални геолошки истражувања, за вршење на увид на локалитетот за кој е поднесено барање за издавање на дозвола за детални геолошки истражувања, за поднесување на барање за проширување на концесија за експлоатација, за поднесување на барање за продолжување на периодот на кој е доделена концесија за експлоатација, за поднесување на барање за доделување на концесија за експлоатација по истекот на концесијата за детални геолошки истражувања, за вршење на увид на локалитетот за кој е поднесено барање за доделување на концесија за експлоатација на минерални суровини, за склучување на договор за експлоатација на минерални суровини по влегување во сила на одлуката за доделување на концесијата, за поднесување на барање за издавање на дозвола за експлоатација и за започнување со експлоатација на минералните суровини по издавањето на дозволата за експлоатација, за време на траењето на вонредната состојба се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.

Член 2

Роковите за вршење на увид на локалитетот за кој е поднесена иницијатива за вршење на детални геолошки истражувања, за склучување на договор за детални геолошки истражувања по влегување во сила на одлуката за доделување на концесијата, за поднесување на барање за доделување на концесија за вршење на детални геолошки истражувања на ист простор и за ист вид на минерални суровини за кои е доставен извештај со кој се потврдува дека деталните геолошки истражувања не се во целост завршени, за доставување на елаборат од извршените детални геолошки истражувања, за вршење на увид на локалитетот за кој е поднесено барање за издавање на дозвола за детални геолошки истражувања, за поднесување на барање за проширување на концесијата за експлоатација, за поднесување на барање за продолжување на периодот на кој е доделена концесија за експлоатација, за поднесување на барање за доделување на концесија за експлоатација по истекот на концесијата за детални геолошки истражувања, за вршење на увид на локалитетот за кој е поднесено барање за доделување на концесија за експлоатација на минерални суровини, за склучување на договор за експлоатација на минерални суровини по влегување во сила на одлуката за доделување на концесијата, за поднесување на барање за издавање на дозвола за експлоатација и за започнување со експлоатација на минералните суровини по издавањето на дозволата за експлоатација, престануваат да течат за време на траењето на вонредната состојба и продолжуваат по истекот на траењето на вонредната состојба, но само за онолку денови колку што преостанале, и тоа од денот на истекот на траењето на вонредната состојба.

Член 3

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр.44-3194/1                                                                                                                                                                                            Претседател на Владата
16 април 2020 година                                                                                                                                                                   на Република Северна Македонија
Скопје                                                                                                                                                                                                       Оливер Спасовски, с.р.

II. Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/19) Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 28 април 2020 година донесе

У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА МИНЕРАЛНИ СУРОВИНИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Во Уредбата со законска сила за примена на Законот за минерални суровини за време на вонредна состојба (“Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.103/20) член 1 во ставот 2 по зборовите „за склучување на договор за детални геолошки истражувања по влегување во сила на одлуката за доделување на концесијата“ се додаваат зборовите „и рокот за плаќање на понудениот концесиски надоместок за добивање на концесијата“, а по зборовите „за склучување на договор за експлоатација на минерални суровини по влегување во сила на одлуката за доделување на концесијата“ се додаваат зборовите „и рокот за плаќање на понудениот концесиски надоместок за добивање на концесијата“.

Член 2

Во членот 2 по зборовите „за склучување на договор за детални геолошки истражувања по влегување во сила на одлуката за доделување на концесијата“ се додаваат зборовите „и рокот за плаќање на понудениот концесиски надоместок за добивање на концесијата“, а по зборовите „за склучување на договор за експлоатација на минерални суровини по влегување во сила на одлуката за доделување на концесијата“, се додаваат зборовите „и рокот за плаќање на понудениот концесиски надоместок за добивање на концесијата“.

Член 3

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-3469/1                                                                                                                                                                                            Претседател на Владата
28 април 2020 година                                                                                                                                                                      на Република Северна Македонија
Скопје                                                                                                                                                                                                        Оливер Спасовски, с.р.

III. Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 14 мај 2020 година донесе

У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА МИНЕРАЛНИ СУРОВИНИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Во Уредбата со законска сила за примена на Законот за минерални суровини за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.103/20 и 111/20) по членот 2 се додава нов член 2а кој гласи:

Член 2-а

Владата еднострано ќе го раскине договорот за концесија за експлоатација на неметалични минерални суровини во случај кога со вршењето на експлоатацијата на неметаличната минерална суровина е нарушен јавниот интерес, безбедноста и здравјето на локалното население.
Во случај на едностран раскин на договорот за концесија за експлоатација од ставот 1 на овој член, концесионерот може да поднесе барање за добивање на нова концесија за експлоатација на неметалична минерална суровина на друг локалитет во рок од 60 дена од денот на влегување во сила на одлуката за едностран раскин на договорот.
Во случај кога е поднесено барање за доделување на концесија за експлоатација од ставот 2 на овој член, органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на минералните суровини во рок од 30 дена по службена должност бара мислење од органите на државната управа надлежни за вршење на работите од областа на заштитата на животната средина и просторното планирање, заштитата на културното наследство, транспортот и врските, земјоделството, шумарството, водите, како и од други органи на државната управа надлежни за вршење на работите од соодветната област и од единицата односно единиците на локалната самоуправа на чија територија е поднесено барање за доделување на концесија.
Постапката за доделување на концесијата за експлоатација од ставот 3 на овој член ќе се спроведе согласно член 42 од Законот за минерални суровини („Службен весник на Република Македонија“ бр.136/12, 25/13, 93/13, 44/14, 160/14, 129/15, 192/15, 39/16, 53/16, 120/16, 189/16 и 7/19)“.

Член 2

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-3987/1                                                                                                                                                                                                                    Претседател на Владата
14 мај 2020 година                                                                                                                                                                                                 на Република Северна Македонија,
СКОПЈЕ                                                                                                                                                                                                                               Оливер Спасовски, с.р.

IV. Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 22 мај 2020 година, донесе

У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА МИНЕРАЛНИ СУРОВИНИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Во Уредбата со законска сила за примена на Законот за минерални суровини за време на вонредна состојба (“Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.103/20, 111/20 и 126/20) по членот 2-a се додава нов член 2-б кој гласи:

Член 2-б

Одредбата на член 2а од оваа уредба со законска сила ќе се применува за време на траење на вонредната состојба како и 90 дена по престанување на траењето на вонредната состојба.“

Член 2

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-4438/1                                                                                                                                                                                                              Претседател на Владата
22 мај 2020 година                                                                                                                                                                                             на Република Северна Македонија
Скопје                                                                                                                                                                                                                            Оливер Спасовски, с.р.

Врз основа на член 2-а став 1 од Уредбата со законска сила за примена на Законот за минерални суровини за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.103/20, 111/20 и 126/20), Владата на Република Северна Македонија на седницата, одржана на 26 мај 2020 година, донесе

О Д Л У К А
ЗА ЕДНОСТРАН РАСКИН НА ДОГОВОРОТ ЗА КОНЦЕСИЈА ЗА ЕКСПЛОАТАЦИЈА НА МИНЕРАЛНА СУРОВИНА – ВАРОВНИК НА ЛОКАЛИТЕТОТ „КРАСТА“, с. БОРОЕЦ, ОПШТИНА СТРУГА

1.Со оваа одлука Договорот за концесија за експлоатација на минералната суровина – варовник на локалитетот „Краста“ с. Бороец, Општина Струга бр.24-5629/1 од 13.11.2014 година, еднострано се раскинува од страна на концедентот, бидејќи со вршењето на експлоатацијата на минералната суровина-варовник е нарушен јавниот интерес, безбедноста и здравјето на локалното население

2.Со денот на влегувањето во сила на оваа одлука престанува да важи Одлуката за доделување на концесија за експлоатација на минерална суровина – варовник на Друштво за превоз, трговија и услуги „МИ ТРАНС“ ДООЕЛ увоз – извоз Велешта, на локалитетот „Краста“ с. Бороец, Општина Струга бр.51-6423/1 од 8.11.2011 година (,,Службен весник на Република Македонија“ бр. 160/11).

3. Оваа oдлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-4442/4                                                                                                                                                                                                                   Претседател на Владата
26 мај 2020 година                                                                                                                                                                                                 на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                                                  Оливер Спасовски, с.р.

Врз основа на член 2-а став 1 од Уредбата со законска сила за примена на Законот за минерални суровини за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.103/20, 111/20 и 126/20), Владата на Република Северна Македонија на седницата, одржана на 26 мај 2020 година, донесе

О Д Л У К А
ЗА ЕДНОСТРАН РАСКИН НА ДОГОВОРОТ ЗА КОНЦЕСИЈА ЗА ЕКСПЛОАТАЦИЈА НА МИНЕРАЛНА СУРОВИНА – ГАБРО НА ЛОКАЛИТЕТОТ „СТРИЖАК“ С. ЛАБУНИШТА, ОПШТИНА СТРУГА

1.Со оваа одлука Договорот за концесија за експлоатација на минералната суровина – габро на локалитетот „Стрижак“ с. Лабуништа, Општина Струга бр.24-2694/1 од 9.4.2015 година, еднострано се раскинува од страна на концедентот, бидејќи со вршењето на експлоатацијата на минералната суровина-габро е нарушен јавниот интерес, безбедноста и здравјето на локалното население.

2. Со денот на влегувањето во сила на оваа одлука престанува да важи Одлуката за доделување на концесија за експлоатација на минерална суровина – габро на Трговското друштво за градежништво, производство, трговија и угостителство „ИЛИНДЕН“ АД Струга на локалитетот „Стрижак“ с. Лабуниште, Општина Струга бр.42-1108/1 од 17.3.2015 година (,,Службен весник на Република Македонија” бр. 47/15).

3. Оваа oдлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-4442/2                                                                                                                                                                                                          Претседател на Владата
26 мај 2020 година                                                                                                                                                                                      на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                                         Оливер Спасовски, с.р.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Согласно член 28 алинеи 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува и ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со членот 1 од Уредбата со законска сила за примена на Законот за минерални суровини за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-3194/1 од 16 април 2020 година, („Службен весник на Република Северна Македонија” број 103/2020, 111/2020, 134/2020 и 136/2020, Законот за минерални суровини („Службен весник на Република Македонија“ бр.136/12, 25/13, 93/13, 44/14, 160/14, 129/15, 192/15, 39/16, 53/16, 120/16, 189/16 и 7/19), е определено дека истата ќе се применува за време на траењето на вонредната состојба доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.

Од анализата на содржината на оспорената уредба и дополнувањата кои ги направила Владата на Република Северна Македонија, а особено од содржината на членот 2-б од последното дополнување на оспорената уредба неспорно произлегува дека наведената уредба со законска сила ќе се применува за време на траење на вонредната состојба, како и 90 дена по престанување на траењето на вонредната состојба.

Со оглед на фактот дека Уставниот суд со Решението У.бр.157/2020 од 3 јуни 2020 година не повел постапка, а со Решението У.бр. 227 и 224/2020 година ги отфрлил иницијативите од причина што оспорените уредби ја исцрпеле својата содржина и дејство, односно истите имале темпорален карактер односно по определениот рок била исцрпена нивната примена, односно настанале процесни пречки за постапување по иницијативите поради што биле исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата.

Оттука, според Судот во конкретниот случај оспорената уредба со законска сила и нејзините дополнувања поради темпоралниот карактер, кој се исцрпел по определениот краен рок за нивната примена, односно 90 дена по престанувањето на вонредната состојба, оспорената уредба со законска сила престанала да произведува правно дејство заклучно со 23 септември 2020 година.

Имајќи ги во вид наведените факти и тоа дека Уставниот суд за истата работа веќе одлучувал односно во конкретниот случај нема основи за поинакво одлучување по иницијативите поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата.

По однос на оспорените одлуки за еднострано раскинување на договор за концесија за експлотација на минерална суровина на одредени локалитети, наведени во точката 1 од ова решение, Уставниот суд утврди дека не е надлежен да ја цени нивната уставност и законитост од причина што оспорените акти немаат карактер на општ пропис, не делуваат erga omnes, туку истите уредуваат односи inter partes односно уредуваат одредени облигациони односи на две договорни страни за што во случај на спор и неисполнување на одредени права и обврски уредени со конкретниот договор надлежен е редовен граѓански суд. Од овие причини Судот оцени дека и по однос на оспорените одлуки исполнети се условите за отфрлање на иницијативата во смисла на член 28 алинеја 1 од Деловникот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.235/2020
У.бр.259/2020
18.11.2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати