У.бр.156/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија‟ број 70/1992) и („Службен весник на Република Северна Македонија‟ број 202/2019) на седницата одржана на 14 октомври 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 103/2020 и 140/2020).

2. Светскиот македонски конгрес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила означена во точката 1 на ова решение.

Подносителот на иницијативата ја оспорил уредбата за која сметал дека не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11 од Уставот на Република Северна Македонија коишто се однесуваат на владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, како дел од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Оспорената уредба не била во согласност ниту со членот 51 од Уставот, каде е определено дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Понатаму, Уредбата не била во согласност со уставната определба дека Собранието на Република Северна Македонија го донесува и изменува Уставот и донесува закони и дава автентично толкување на законите согласно член 68 став 1 алинеи 1 и 2 од Уставот.

Исто така, Уредбата не била во согласност ниту со член 125 ставови 2 и 3 од Уставот, каде е определено дека постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници, додека пак одлуката со која се утврдува постоење на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена.

Понатаму во иницијативата се цитира и уставната определба од член 126 став 2 од Уставот, каде е утврдено дека овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредна состојба, за што одлучува Собранието.

Подносителот во иницијативата наведува дека досега од страна на Собранието на Република Северна Македонија немало донесено закон за вонредна состојба и дека не постоела одлука на Собранието за остварување на овластувањето: Владата да донесува уредби со законска сила додека трае вонредната состојба, а Собранието морало да донесе таква одлука, иако распуштено, бидејќи мандатот на пратениците во Собранието не престанувал да важи со распуштањето туку тој траел до изборот на новите пратеници во Собранието.

Имено, одлука за постоење на вонредна состојба донесувал претседателот на Републиката и му ја поднесувал на Собранието на потврдување штом тоа ќе било во можност да се состане. Претседателот можел таквата одлука да ја повторува неограничен број пати во период од 30 дена, онолку колку што ќе побарала Владата.

Уставниот суд по службена должност можел да оценува уставност и законитост на акти на Владата, меѓутоа не можел да биде супститут на Собранието, бидејќи Собранието вршело политичка контрола и надзор над Владата и над другите носители на јавни функции што биле одговорни пред Собранието.

Притоа, ако Владата имала намера мерките за санирање на вонредната состојба да продолжат и по завршувањето на вонредната состојба, тоа требало да го направи со предлог-закони за изменување и дополнување на соодветните закони што подлежеле на собраниска процедура за нивно донесување или недонесување. Уредбите коишто Владата ги донесувала за време на вонредна состојба не важеле по завршувањето на вонредната состојба.

Владата на Република Северна Македонија можела со примената на Законот за управување со кризи како и со Законот за заштита од заразни болести да донесе голем дел од мерките преземени со уредбите со законска сила.

Имено, без Закон за вонредна состојба и без одлука на Собранието, во согласност со член 126 став 2 од Уставот, Владата немала овластување да донесува уредби со законска сила, со важност за времетраењето на вонредната сотојба.

Врз основа на наведеното, се бара поништување на оспорената уредба со законска сила донесена од Владата за време на вонредната состојба поради пандемијата со коронавирусот од 18 март 2020 година, а до донесувањето на конечна одлука да донесе решение за запирање од извршување на актите и дејствијата што се преземале врз основа на уредбата со законска сила донесена од Владата за време на вонредната состојба.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорената уредба и со дополнувањето на уредбата е предвидено дека:

Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седница, одржана на 16 април 2020 година, донесе

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ДОНАЦИИ И ЗА СПОНЗОРСТВА ВО ЈАВНИТЕ ДЕЈНОСТИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности („Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/06, 86/08, 51/11, 28/14 и 153/15), ќе се применува за време на траење на вонредната состојба, доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.
За утврдување на јавниот интерес и за остварување на даночното поттикнување за донации во јавните дејности, за време на траење на вонредната состојба се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.

Член 2

Јавниот интерес на донацијата во финансиски средства, добра и услуги, чиј примател на донацијата се буџетските корисници, со цел да се решат состојбите што се предизвикани на територијата на Република Северна Македонија од коронавирусот COVID 19, се смета за утврден согласно оваа уредба со законска сила.
За донацијата од став 1 на овој член не се спроведува постапка за потврдување на јавен интерес во Министерството за правда.
За секоја друга донација во јавните дејности, опфатена со членот 2 од Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности („Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/06, 86/08, 51/11, 28/14 и 153/15), со исклучок на донацијата од став 1 на овој член, постапката за потврдување на јавниот интерес се спроведува во хартиена форма или по електронски пат.
Барањето за потврдување на јавен интерес за донацијата од став 3 на овој член, се поднесува во хартиена форма или во форма на електронски или дигитализиран документ, а документацијата што се доставува во прилог на барањето, се доставува во хартиена форма или во дигитализирана форма согласно членот 9 од Законот за електронски документи електронска идентификација и доверливи услуги.
Барањата и документацијата во прилог на барањето од ставот 4 на овој член, се доставуваат до архивата на Министерството за правда доколку се поднесуваат во хартиена форма, а доколку се доставуваат во дигитализирана форма се доставуваат до официјалната електронска пошта на Министерството за правда.
За донацијата од став 3 на овој член, Министерството за правда донесува решение во хартиена форма или во електронска форма потврдена единствено со електронски потпис на раководното лице или од него овластено лице или решение во дигитализирана форма согласно членот 9 од Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги.
Во постапката за потврдување на јавен интерес за донацијата од став 3 на овој член, Министерството за правда врши прибавување и размена на докази и податоци по службена должност во електронска форма, согласно одредбите од Законот за прибавување и размена на докази и податоци по службена должност.

Член 3

За остварување на даночното поттикнување за донација во финансиски средства кон буџетските корисници-приматели на донација од членот 2 ставот 1 од оваа уредба со законска сила, чија цел е да се решат состојбите што се предизвикани на територијата на Република Северна Македонија од Коронавирусот COVID 19, физичкото лице-давател на донацијата, до Управата за јавни приходи, најдоцна до 31 јануари во годината која следи по годината во која ги донирало средствата, доставува Извештај за донирани финансиски средства на буџетски корисник за време на вонредна состојба,на образец „ДЛД-ФЛ-ИД/К19” кон кој приложува копија од договорот за донација, писмена потврда за примена донација, како и доказ за уплатени финансиски средства до Управата за јавни приходи преку системот „e-Персонален данок”.
Извештајот од ставот 1 на овој член е даден во Прилог кој е составен дел на оваа уредба со законска сила.
За остварување на даночното поттикнување за донација во финансиски средства, добра и услуги кон буџетските корисници-приматели на донација од членот 2 ставот 1 од оваа уредба со законска сила, чија цел е да се решат состојбите што се предизвикани на територијата на Република Северна Македонија од коронавирусот COVID 19, правното лице-давател на донацијата, до Управата за јавни приходи доставува даночен биланс кон кој приложува копија од договорот за донација, писмена потврда за примена донација, како и доказ за уплата на средствата.
Документацијата од ставовите 1 и 3 на овој член се доставува во електронска форма.
Буџетскиот корисник – примател на донација во финансиски средства, добра и услуги, чија цел е да се решат состојбите што се предизвикани на територијата на Република Северна Македонија од Коронавирусот COVID 19, е должен до 31 декември 2020 година, до Управата за јавни приходи да достави извештај по електронски пат и во електронска форма за примени донации согласно оваа уредба со законска сила, кој треба да ги содржи следните податоци: единствениот даночен број, односно единствениот матичен број на граѓанинот, називот, односно името и презимето на давателот на донацијата, износот на донацијата во финансиски средства, износот на донацијата во добра и услуги, вкупниот износ на донацијата, бројот и датумот на договорот за донација и бројот и датумот на потврдата за примена донација.

Член 4

За секоја друга донација во јавните дејности, опфатена со членот 2 од Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности („Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/06, 86/08, 51/11, 28/14 и 153/15) која се дава за време на траење на вонредната состојба, со исклучок на донацијата од член 2 став 1 од оваа уредба со законска сила, постапката за даночно поттикнување со враќање на данокот на додадена вредност се спроведува во хартиена форма или по електронски пат.
Барањето за враќање на данокот на додадена вредност на вршителот на прометот за донацијата од став 1 на овој член и документацијата што се доставува во прилог на барањето се поднесува до Министерството за финансии во хартиена форма или во електронска форма.
Кога предмет на донацијата од став 1 на овој член се финансиски средства, барањето за враќање на данокот на додадена вредност се поднесува на образец (ЗДС/ФС-ДДВ), пропишан со Правилникот за начинот на спроведување на даночното поттикнување кога примател на донација добива финансиски средства и истите ги користи за плаќање на набавки на добра и услуги со цел за реализација на јавниот интерес, како и формата и содржината на барањето за враќање на данок на додадена вредност на вршителот на прометот кога примател на донација добива финансиски средства и истите ги користи за плаќање на набавки на добра и услуги како и потребната документација („Службен весник на Република Македонија“ бр.78/14).
Кога предмет на донацијата од став 1 на овој член се добра и услуги, барањето за враќање на данокот на додадена вредност се поднесува на образец (ЗДС/ДУ-ДДВ), пропишан со Правилникот за начинот на спроведување на даночното поттикнување при промет на добра и услуги од давателот кон примателот на донацијата, извршен за реализација на донација од јавен интерес, како и формата и содржината на барањето за враќање на данок на додадена вредност на вршителот на прометот, при промет на добра и услуги од давателот кон примателот на донацијата како и потребната документација („Службен весник на Република Македонија“ бр.78/14).
Кон барањата од ставовите 3 и 4 на овој член, се приложуваат следните документи како докази:
-фактура во електронска форма (pdf или друг електронски формат) согласно Уредбата со законска сила за примена на Законот за данокот на додадена вредност за време на вонредна состојба или фактура во хартиена форма од вршителот на прометот, за прометот на добра и услуги издадена кон примателот на донацијата, во која износот на данокот на додадена вредност е искажан во денари;
-решение со кое се потврдува јавниот интерес на донацијата, во хартиена форма или во електронска форма потврдена единствено со електронски потпис на раководното лице или од него овластено лице или решение во дигитализирана форма согласно членот 9 од Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, донесено од Министерството за правда согласно членот 2 од оваа уредба со законска сила, и
-копија од налог за јавни приходи (Образец ПП-50) за извршена уплата на данок на додадена вредност на соодветната уплатна сметка.
Кога барањата од ставовите 3 и 4 на овој член и документацијата од ставот 5 на овој член се поднесуваат електронски и се доставуваат во електронска форма, поднесувањето се врши на посебна е-маил адреса утврдена од Министерството за финансии.
Министерството за финансии, во рок од седум дена од денот на доставување на барањата и документацијата, го потврдуваат приемот на комплетното барање.

Член 5

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-2954/1                                                                                                                                                                                       Претседател на Владата
16 април 2020 година                                                                                                                                                               на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                   Оливер Спасовски,с.р.

Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 29 мај 2020 година, донесе

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ДОНАЦИИ И ЗА СПОНЗОРСТВА ВО ЈАВНИТЕ ДЕЈНОСТИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Во Уредбата со законска сила за примена на Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.103/20), по членот 4 се додава нов член 4-а кој гласи:

„Член 4-а

Одредбите од членовите 2, 3 и 4 од оваа уредба со законска сила се применуваат за време на траењето на вонредната состојба, како и по престанувањето на траењето на вонредната состојба до 31.12.2020 година.“

Член 2

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-4738/1                                                                                                                                                                                                                 Претседател на Владата
29 мај 2020 година                                                                                                                                                                                              на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                                                Оливер Спасовски,с.р.

4. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот (став 1). Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот (став 2). Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба (став 3). Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната за мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста (став 4).

Со членовите 125 и 126 од Уставот се уредува прашањето поврзано со вонредна состојба.

Согласно членот 125 од Уставот, вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии.

Постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници.

Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена.

Имено, доколку Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.“

Според член 126 став 1 од Уставот, при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Според ставот 2 на истиот член, овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

Имено, тоа значи дека Уставот определува дека во услови на вонредна состојба, Владата, со донесувањето на уредби со законска сила, ги презема легислативните надлежности на Собранието.

Уредбите со законска сила се специфични правни прописи коишто се донесуваат во вонредна состојба кога има потреба од преземање брзи и ефикасни мерки, од брзо нормирање на определени прашања коишто воопшто не се нормирани во закон или се нормирани на начин којшто не дозволува ефикасно преземање мерки коишто ги наложува вонредната состојба, со цел соочување и надминување на причините коишто довеле до вонредната состојба но и последиците од истата, и враќање во редовниот уставно правен поредок.

Уредбите со законска сила се разликуваат од законите според постапката за донесување и според органот којшто ги донесува, но се еднакви со законите по предметот на нивното регулирање и по нивната правна сила. Од тие причини, овие уредби се разликуваат од другите уредби што ги донесува Владата согласно член 36 став 2 од Законот за Владата, коишто имаат карактер на подзаконски акти кои се носат во функција на извршување на законите.

Оттука, со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може поинаку да регулира одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но, ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки коишто се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чие задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

Притоа, согласно Европската конвенција за заштита на човековите права во случај на војна или некоја друга општа опасност којашто го загрозува животот на нацијата, секоја Висока страна договорничка може да презема мерки коишто отстапуваат од обврските предвидени со оваа конвенција, и тоа строго во согласност со барањата што ги наложува ситуацијата под услов таквите мерки да не бидат во спротивност со другите обврски што произлегуваат од меѓународното право (член 15 став 1). Дозволените ограничувања за споменатите права и слободи според оваа конвенција, може да се применуваат само за оние цели за кои се и предвидени (член 18).

Претседателот на Републиката, врз основа на членовите 125 и 126 од Уставот на Република Северна Македонија, врз основа на образложениот предлог на Владата на Република Северна Македонија, на 18 март 2020 година донесе Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.68/2020). Со Одлуката се утврдува постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 30 дена заради заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирусот COVID-19.

На 16 април 2020 година, претседателот на Републиката донесе нова Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 30 дена („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2020).

На 16 мај 2020 година, претседателот на Републиката донесе нова Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.127/2020). Според оваа одлука се утврдува постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 14 дена заради заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирусот COVID -19.

На 30 мај 2020 година, претседателот на Републиката донесе нова Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 14 дена („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.142/2020).

На 15 јуни 2020 година, претседателот на Републиката донесе нова Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 8 дена („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.159/2020).

Имено, во конкретниот случај, Владата, врз основа на член 126 став 1 од Уставот и член 36 став 1 од Законот за Владата, на 16 април 2020 година, донела Уредба со законска сила за примена на Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.103/2020). Притоа, Уредбата е дополнета.

Оттука, сметаме дека се неосновани наводите на подносителот на иницијативата дека предметната уредба со законска сила е донесена без постоење на закон за вонредна состојба, бидејќи овластувањата да донесува уредби со законска сила Владата ги добива директно од уставните одредби во членот 125 и членот 126, односно од одлуката на претседателот со која е прогласена вонредна состојба со што се активираат овластувањата од членот 125 од Уставот. Владата, за времетраењето на прогласената вонредна состојба, добива уставно овластување да носи уредби со законска сила со кои може да запре од извршување одредени закони на одредено време, може да одредува нови рокови, може да ограничува и менува постојни и да носи нови законски решенија.

Оспорената Уредба со законска сила за примена на Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.103/2020), уредува остварување на даночното поттикнување за донации во јавните дејности, за време на траење на вонредната состојба.

Во член 2 став 1 е наведено дека со оваа уредба со законска сила е утврден јавниот интерес на донацијата во финансиски средства, добра и услуги, чиј примател на донацијата се буџетските корисници, со цел да се решат состојбите што се предизвикани на територијата на Република Северна Македонија од коронавирусот COVID- 19. За ваквите донации не се спроведува постапка за потврдување на јавен интерес во Министерството за правда.

За секоја друга донација во јавните дејности, опфатена со членот 2 од Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности („Службен весник на Република Македонија“ бр.47/2006, 86/2008, 51/2011, 28/2014 и 153/2015), постапката за утврдување на јавниот интерес се спроведува во хартиена форма или по електронски пат согласно со членот 9 од Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги. Потоа, Министерството за правда донесува решение во хартиена или во електронска форма според истиот закон.

Во членот 3 е уредено како физичкото лице-давател на донацијата, чија цел е да помогне да се решат состојбите предизвикани од коронавирусот, најдоцна до 31 јануари во годината којашто следи по годината во која се донирани средствата на буџетски корисник за време на вонредна состојба, доставува Извештај на образец „ДЛД-ФЛ-ИД/К19“ и кон кои приложува копија од договор за донација, писмена потврда за писмена донација, како и доказ за уплатени финансиски средства од УЈП. Правните лица, донатори доставуваат даночен биланс, копија од договор за донација, потврда за примена донација и доказ за уплата на средствата во електронска форма. Од друга страна, буџетскиот корисник којшто е примател на донацијата поврзана со коронавирусот треба да достави Извештај до 31 декември 2020 година до УЈП со следниве податоци: ЕМБГ или ЕДБ, име и презиме, износ на донацијата во финансии или износ во добра и услуги, вкупен износ, број и датум на договор за донација и број и датум на потврда за примена донација.

Во членот 4 е регулиран начинот за враќање на ДДВ на донаторот за донацијата каде се прави разлика меѓу донациите поврзани со COVID 19 и останатите донации кои се даваат во време на вонредна состојба, за коишто процедурата за поврат на данокот на ДДВ е посложена и треба да приложат повеќе документи.

Во членот 1 од дополнувањето на оспорената уредба е утврдено дека во Уредбата со законска сила за примена на Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.103/20), по членот 4 се додава нов член 4-а кој гласи:

Одредбите од членовите 2, 3 и 4 од оваа уредба со законска сила се применуваат за време на траењето на вонредната состојба, како и по престанувањето на траењето на вонредната состојба до 31.12.2020 година“.

Неспорно е дека оваа мерка е предизвикана од причините за прогласување на вонредната состојба – епидемија од COVID -19 и мерките коишто се преземаат за надминување на истите.

Поради тоа, ваквата мерка има легитимна цел, општествена оправданост, разумна е и пропорционална на целта што се сака да се постигне, поради што сметаме дека нема основи за сомневање во нејзината уставност.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека не се исполнети условите од членот 27 од Деловникот на Уставниот суд да го прифати барањето во иницијативата, до донесување на конечна одлука, Уставниот суд да донесе решение за запирање од извршување на актите и дејствијата што се преземаат врз основа на уредбите со законска сила донесени од Владата за време на вонредната состојба во врска со пандемијата со коронавирусот од 18 март 2020 година, поради кршење на слободата и правата на граѓаните, суспензија на внатрешниот правен поредок на државата и штетни последици по владеењето на правото.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.156/2020
14 октомври 2020 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати