Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/ 1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 14.10.2020 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Трендафилка Симоновска од Куманово за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на заштита на слободата на уверувањето, мислата и јавното изразување на мислата и заштита од дискриминација по основ на пол и социјална припадност.
2. Трендафилка Симоновска од Куманово, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија коишто се однесуваат на заштита на слободата на уверувањето, мислата и јавното изразување на мислата и заштита од дискриминација по основ на пол и социјална припадност за кои се смета дека е сторена со Решение II ВПП 1 бр. 77/16 донесено од Основниот суд во Куманово, а потврдено со Решение ГЖ.бр. 35/18 на Апелациониот суд во Скопје.
Според наводите во барањето со горенаведените судски решенија на подносителката ѝ биле повредени слободата на уверувањето, на мислата и на јавното изразување на мислата, загарантирани со членот 16 од Уставот и ѝ била сторена дискриминација по основ на пол и социјална припадност спротивно на членот 9 од Уставот.
Според подносителката на барањето слободите и правата ѝ биле повредени со наведените судски решенија донесени во вонпарнична судска постапка за физичка делба на недвижен имот, којшто бил приватизиран со Решение за приватизација на земјиште по основ на поранешна сопственост У.бр.19-841 од 19.01.2007 година. Во наводите во барањето се појаснува како се водела судската постапка и дека по направено вештачење на 20.02.2017 година, вештиот наод според подносителката содржел неправилности кои се однесувале на пристапниот пат, при што таа добила 99 м2 помалку од запишаниот ½ идеален дел. Со изготвениот вешт наод и мислење не била постигната спогодба меѓу странките со цел на спротивната странка да ѝ биде дадено право на службеност и без претходно известување и согласност на подносителката на барањето било извршено друго вештачење. Потоа на 20.06.2017 година било донесено решение со кое предметот бил даден на проценител за да се утврди вредноста на разликата од ½ и вредноста на насадите (родни дрвја). На 09.08.2017 година била извршена проценка, при што без знаење на подносителката од страна на судијата во предметот било вметнато дополнителното вештачење, а нејзините барања за да се изврши вештачење од страна на вешто лице агроном за проценка на насадите не биле земени предвид од страна на судијата.
На расправата одржана на 06.10.2017 година, судијата донел Решение со кое се повлекува решението да се даде предметот на вештак – агроном дадено на главната расправа од 20.06.2019 година со оглед на тоа дека со дополнителното вештачење во делот кој би му припаднал на противникот, немало никакви насади.
Понатаму во барањето се наведува дека иако имало спорни прашања коишто требало претходно да се решат во парнична постапка судијата во вонпарнична постапка ги решил сите спорни прашања и воспоставил право на службеност на дел од имотот на подносителката на барањето иако имотот бил ограден и имало засадени родни дрвја и лозови насади, без притоа да се изврши претходна проценка и без да се земе предвид фактот дека спротивната странка имала пристапен пат до неговата парцела. По ова, на 06.10.2017 година било донесено оспореното решение од Основниот суд во Куманово против кое подносителката поднела жалба до Апелациониот суд во Скопје којшто ѝ ја одбил жалбата и го потврдил првостепеното решение.
Во барањето, исто така се наведува дека по завршувањето на судската постапка подносителката извршила увид во списите по предметот при што нашла поднесок од полномошникот на спротивната странка којшто прв пат го видела и кој бил со невистинита содржина, односно дека наводно двете странки се согласни за некаква делба, иако таа како странка во постапката пред судот ниту дала таква согласност ниту пак ѝ било овозможено да го изнесе своето мислење.
Како докази за наводите во барањето подносителката ги наведува: вештачењето за физичка делба од 22.02.2017 год.; дополнителното вештачење од 11.05.2017 година, според коешто на спротивната страна ѝ се признава право на службеност; процената на вредноста на градежно земјиште од 09.08.2017 год.; Решение II ВПП.бр. 77- 16 од 16.10.2017 година (со кое наводно е извршена повреда на слободите и правата на подносителката); поднесокот со невистината содржина со кое на подносителката и било ограничено правото да го изнесе нејзиното мислење; дополнителното вештачење направено без согласност на подносителката на барањето; решението за давање на проценител за да се утврди вредноста на имотот. Од наведените докази според подносителката на барањето ѝ била ускратена можноста да го брани нејзиното уставно загарантирано право односно со тоа што не биле наведени насадите и оградата на дворното место за обесштетување и не била известена за денот на излегување на лице место ѝ било оневозможено да го искаже својот став и мислење во постапката со што била сторена повреда на слободата на уверување, мислата и јавното изразување на мислата и ѝ била сторена дискриминација по основ на пол, како единствена жена во постапката и по основ на социјална припадност, како стечаен работник, невработена со нарушена социјална сигурност и без никакви финансиски и материјални приходи.
Поради горенаведеното подносителката бара Уставниот суд да го укине решението на судот и предметот да биде вратен на повторно одлучување во соодветна судска постапка во која ќе се спроведе правично судење и ќе се донесе законита одлука.
На крај, подносителката на барањето предлага Уставниот суд да изрече времена мерка за забрана за извршување на судското решение за да не настанеле штетни и неотстранливи последици со воспоставување на службеноста низ нејзиното дворно место.
3. Уставниот суд, врз основа на наводите во барањето за заштита на слободите и правата и доставената документација во претходна постапка ја утврди следнава фактичка состојба:
Од извршениот увид во доставената и прибавена документација се констатира дека пред Основниот суд во Куманово се водела вонпарнична постапка за физичка делба на имот во која барателката Трендафилка Симоновска од Куманово била учесник. Од увидот во документацијата Судот утврди дека Основниот суд во Куманово, постапувајќи по предлогот за физичка делба, со Решение II ВПП1-77/16 од 06.10.2017 година, извршил физичка делба на недвижности помеѓу учесниците во постапката, против кое барателката вложила жалба поради суштествени повреди на одредбите на парничната постапка, погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право.
Апелациониот суд во Скопје, со Решение ГЖ-35/18 на 03.05. 2018 година, ја одбил вложената жалба како неоснована, а првостепеното решение го потврдил, со образложение дека првостепениот суд доследно ги применил одредбите од Законот за парничната постапка и со оспореното решение не е сторена повреда на одредбите од Законот за вонпарнична постапка, како и дека првостепениот суд извел доволно докази во текот на постапката за физичката делба на имотот, дека истите правилно ги оценил и на основа на тоа ги утврдил сите решителни факти од релевантно значење за одлучувањето.
На 09.06.2020 година, Трендафилка Симоновска до Уставниот суд поднесе барање за заштита на слободите и правата што се однесуваат на повреда на слободата на уверувањето, мислата и јавното изразување на мислата и забрана на дискриминација по основ на пол и социјална припадност, според неа, сторена со горенаведените судски решенија.
По приемот на барањето, во претходната постапка, Судот писмено се обрати до Основниот суд во Куманово со барање за одговор по наводите во барањето на Трендафилка Симоновска и доставница со датум кога тужителката го примила правосилното решение.
Од страна на Основиот суд Куманово до Уставниот суд беше доставен одговор на наводите во барањето во кој е наведено дека подносителката имала изјавено и барање за Ревизија против правосилното решение ВПП1 бр.77/16 од 06.10.2017 година согласно начелото на двостепеност на постапката како и правото на поднесување на Ревизија како вонреден правен лек до Врховниот суд, но истото било отфрлено како ненавремено бидејќи ревизијата била изјавена по истек на законскиот рок определен во член 372 став 1 од Законот за парничната постапка.
Исто така, од Основниот суд во Куманово беа доставени фотокопии од доставиците за лично доставување на судските решенија. Од увидот во доставниците Судот утврди дека адвокатот Борче Ивановски од Куманово, како полномошник на подносителката на барањето оспореното решение на Основниот суд од Куманово го примил на 10 ноември 2017 година, а решението на Апелациониот суд во Скопје го примил на 11 јуни 2018 година.
Оттука, Судот утврди дека барањето за заштита на слободите и правата на човекот и граѓаните е поднесено по истекот на рокот од 2 месеци од денот на доставувањето на оспореното судско решение кое станало конечно и правосилно на 03.05.2018 година, што значи поминале повеќе од две години од денот на приемот на истото.
4. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Според членот 51 од Деловникот на Уставниот суд, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Во конкретниот случај, подносителката во барањето изнесува хронологија на дејствија преземени од нејзина страна во водена вонпарнична постапка ВПП1-77/16 пред Основниот суд во Куманово за физичка делба на имот, како и хронологија на донесени решенија од страна на Основниот суд во Куманово и Апелациониот суд во Скопје, од чиј исход таа не е задоволна.
Со поднесеното барање до Уставниот суд подносителката бара предмет на оценка пред овој суд да бидат решенијата донесени од посочените судски органи, со кои таа смета дека и биле повредени нејзините права загарантирани со Уставот, односно бара од Уставниот суд да ги преиспита судските решенија и доказите врз основа на кои судот одлучувал и да ги укине донесените судски решенија како незаконити, а предметот да го врати на повторно судење.
Од изнесената фактичка состојба произлегува, пак, дека правосилното решение, полномошникот на подносителката на барањето го примил на 11 јуни 2018 година, а барањето за заштита на слободите и правата е поднесено до Уставниот суд на 09.06.2020 година.
Разгледувајќи го барањето од аспект на членот 51 од Деловникот, произлегува дека Уставниот суд може да постапува по барање за заштита на слободи и права на граѓанинот утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот за кои граѓанинот смета дека му се повредени со конечен или правосилен поединечен акт во определен рок, односно во рок од два месеци од денот на доставувањето на конечниот или правосилниот поединечен акт.
Имајќи ја предвид оваа деловничка одредба, а со оглед дека од денот на доставувањето на поединечниот акт до денот на поднесувањето на барањето за заштита на слободите и правата утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, поминало повеќе од 2 месеци, Судот оцени дека во конкретниот случај не се исполнети процесните претпоставки од членот 52 од Деловникот на Уставниот суд за впуштање во мериторно постапување и одлучување по барањето за заштита на слободите и правата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот, за отфрлање на барањето.
5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.198/2020
14.10.2020 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати