У.бр.32/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 07.10.2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Камер Имери од с.Горно Строгомиште, Кичево, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на дискриминација по основ на политичка припадност.

2. Камер Имери од с. Горно Строгомиште, Кичево, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија коишто се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на политичка припадност, за кои се смета дека се повредени со Одлуката на Собранието на Република Северна Македонија бр.08-7050/1 од 25.12.2019 година за избор на Илбер Руфати за заменик народен правобранител.

Воедно, подносителот на барањето смета дека повредата била сторена и со предлогот на Народниот правобранител за кандидат за заменик народен правобранител во подрачната канцеларија во Кичево за друг кандидат, спротивно на законските услови предвидени во Законот за Народниот правобранител.

Во наводите на барањето, се наведува дека Народниот правобранител на 28.10.2019 година објавил оглас за заменици на народниот правобранител за подрачјето на Скопје, Битола и Кичево. На објавениот оглас за заменик народен правобранител за подрачната организациона единица (ПОЕ) во Кичево се пријавил и подносителот на барањето при што ги приложил сите потребни документи коишто се барале на огласот.

Подносителот на барањето наведува дека предлогот за избор на заменик народен правобранител не му бил доставен, ниту наводно имало упатство за право на жалба, приговор и сл. За поднесениот предлог дознал по извршен увид во материјалите за седницата на Собранието на Република Северна Македонија. Против предлогот, подносителот на барањето, благовремено поднел приговор до Народниот правобранител, претседателот на Собранието, претседателот на Владата, Постојаната анкетна комисија на Собранието за заштита на слободите и правата на граѓаните, Државната комисија за заштита од корупција и судир на интереси, при што ниту еден од овие органи не повел постапка и не одлучил по приговорот, а сѐ со цел да се оствари договорот на партиите од власта да се избере предложениот кандидат иако не ги исполнувал законските услови.

Подносителот на барањето исто така, наведува дека веднаш после предлогот на Народниот правобранител, иако поднел приговор до горенаведените органи, точката за избор на заменици на народниот правобранител била ставена на дневен ред на 123-та пленарна седница на Собранието, закажана за 11.12.2019 година, но истата била одложена за 12.12.2019 година, при што по отворањето на расправата по оваа точка претседателот на Постојаната анкетна комисија известил дека за местото заменик народен правобранител имало поднесено приговор до неа (приговорот на подносителот на барањето) и предложил оваа точка да се одложи до изјаснување на комисијата, но претседателот на Собранието не го зел тоа во предвид и ја продолжил расправата.

На седницата на Собранието, којашто била одржана на 25.12.2019 година, претседателот на Собранието го ставил на гласање предлогот за заменици на народниот правобранител и предложениот кандидат бил избран за заменик на народниот правобранител.

Подносителот на барањето смета дека бил дискриминиран затоа што иако ги исполнувал законските услови не бил избран за заменик на народниот правобранител туку бил избран друг кандидат кој, според подносителот на барањето, не ги исполнувал законски предвидените услови за заменик на народниот правобранител, туку бил избран само затоа што бил во роднински врски со лидер на партија и бил активист на политичка партија.

Поради наведеното, подносителот на барањето смета дека постоело повреда на неговите слободи и права како граѓанин со што биле прекршени членот 9, членот 23 и членот 24 од Уставот и бара од Уставниот суд да утврди дека е извршена дискриминација по основ на политичка припадност и да ја поништи Одлуката на Собранието на Република Северна Македонија за избор на заменик народен правобранител за подрачна организациона единица Кичево, бр.08-7050/1 од 25.12.2019 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.271/2019).

Исто така, подносителот на барањето му предлага на Уставниот суд да донесе решение за запирање од извршувањето на одлуката на Собранието бр.08-7050/1 од 25.12.2019 година во делот каде што Илбер Руфати се избира за заменик народен правобранител, до донесување на конечна одлука.

3. Уставниот суд, врз основа на наводите во барањето за заштита на слободите и правата и доставената документација во претходна постапка ја утврди следнава фактичка состојба:

– Народниот правобранител на 28.10.2019 година објавил оглас за заменици на Народниот правобранител за подрачјето на Скопје, Битола и Кичево, кој бил објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ и дневните весници „Нова Македонија“ и „Коха“. На 13.11.2019 година, народниот правобранител при отворањето на доставените пријави за избор на заменици, утврдил дека за заменик на народниот правобранител за подрачјето на Кичево, пристигнале 14 пријави, од кои 5 од пријавените кандидати ги исполнувале општите и посебните услови предвидени во Законот за работните односи и Законот за народниот правобранител, меѓу кои била и пријавата на подносителот на барањето Камер Имери.

Според одговорот од Народниот правобранител, избраниот кандидат Илбер Руфати од Кичево ги исполнувал општите и посебните услови предвидени во Законот за работните односи и Законот за Народниот правобранител односно го имал потребното образование од 240 кредити, како и стекнал дополнително образование од втор циклус – правосудни студии, работно искуство од над 7 години, поседувал релевантни препораки и признанија од областа на заштитата и промоцијата на човековите права коишто можат да се верификуваат, издадени од Асоцијација за демократски иницијативи, канцеларијата за развој на ОН (УНДП), како и препораки и сертификати за познавање на странски јазици и компјутерски техники.

Народниот правобранител од петте пријавени кандидати кои ги исполнувале општите и посебните услови, до Собранието на Република Северна Македонија доставил Предлог за избор на заменик на народниот правобранител за подрачната канцеларија во Кичево заедно со образложение. По доставениот предлог заедно со образложението, Собранието на Република Северна Македонија на 25.12.2019 година донело Одлука за избор на заменици на народниот правобранител, со која Илбер Руфати е избран за заменик на народниот правобранител за подрачјето на Кичево, којашто е објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.271/2019 од 26.12.2019 година.

Предлогот од Народниот правобранител до Собранието, за избор на заменици на народниот правобранител, бил разгледуван на 123-та пленарна седница на Собранието одржана на 12.12.2019 година, на која бил ставен предлогот за избор на заменик народен правобранител за Скопје, но предлогот не поминал поради недобиеното потребно мнозинство од 61 гласа. На 123-та пленарна седница на Собранието одржана на 25.12.2019 година повторно бил ставен предлогот на Народниот правобранител за избор на заменици, на која биле избрани Лилјана Илиевска за заменик народен правобранител за подрачната канцеларија во Битола и Илбер Руфати за подрачната канцеларија во Кичево. Илбер Руфати бил избран од присутни 95 пратеници, гласале 78 пратеници при што 62 гласале ЗА, а 16 гласале ПРОТИВ.

– На 27.11.2019 година, подносителот на барањето доставил приговор до: Народниот правобранител, Собранието и Владата на Република Северна Македонија, против предлогот за избор на заменици на народниот правобранител за подрачната канцеларија во Кичево поради погрешно утврдена фактичка состојба, погрешна примена на материјалното право и повреда на постапката.

– На 18.12.2019 година, подносителот на барањето доставил дополна на приговор до Собранието на Република Северна Македонија – Постојaна анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓаните со кој бара од комисијата да утврди повреда на неговите права како граѓанин и права од работен однос од следниве аспекти: иако ги исполнувал сите законски услови, во однос на распишаниот оглас не бил предложен до Собранието за заменик народен правобранител, туку бил предложен кандидат кој не ги исполнува законските услови; неосновано и неоправдано одложување на постапката за објавување на оглас за избор на заменик народен правобранител скоро 3 години и неосновано и неоправдано одложување на постапката за пополнување на предвиденото работно место по правилникот за систематизација – советник во Подрачна единица Кичево.

Постојaната анкетна комисија на 23.12.2019 година го известила подносителот на барањето дека на 12. седница на Комисијата одржана на 20.12.2019 година, расправала по неговиот приговор, при што по исцрпувањето на дискусијата по точката од дневниот ред, претседателот на Комисијата, Фадил Зендели ја прекинал седницата, а за продолжувањето на истата, дополнително ќе бил известен.

– На 29.12.2019 година, подносителот на барањето го доставил приговорот и до Државната комисија за спречување на корупција.

4. Според член 50 став 1 од Уставот, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Северна Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност. Во ставот 2 од овој член од Уставот се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Согласно член 68 став 1 алинеја 16 од Уставот, Собранието на Република Северна Македонија врши избори, именувања и разрешувања и на други носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон.

Според точката 1 од Амандманот XI од Уставот, Собранието избира Народен правобранител со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија. Според член 77 став 3 од Уставот, условите за избор и разрешување, надлежноста и начинот на работата на народниот правобранител се уредуваат со закон.

Во надлежност на Уставниот суд на Република Северна Македонија, согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, е заштитата на дел од слободите и правата на човекот и граѓанинот и тоа што се однесува на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминацијата на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Бројот на замениците на Народниот правобранител, според членот 5 од Законот за Народниот правобранител („Службен весник на Република Македонија“ бр.60/2003, 114/2009, 181/2016, 189/2016 и 35/ 2018), го определува Собранието на Република Македонија, при што на предлог на народниот правобранител замениците на народниот правобранител ги избира и разрешува Собранието на Република Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во Републиката.

Во ставот 5 на членот 5 од Законот е предвидено дека најдоцна три месеци пред истекот на мандатот на замениците, Народниот правобранител распишува оглас за избор на заменик народен правобранител. По спроведениот оглас, Народниот правобранител утврдува предлози, при што соодветно треба да бидат застапени двата пола и ги доставува до Собранието на Република Северна Македонија.

Понатаму во Законот за Народниот правобранител се определени и условите што треба да ги исполнуваат лицата кои се избираат за заменици на народниот правобранител (член 6 од Законот), при што при избор на заменици на народниот правобранител без да се нарушат условите пропишани со закон се обезбедува соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во Република Македонија (член 6 став 4).

Во членот 8 од Законот за Народниот правобранител е предвидено само дека функцијата народен правобранител е неспојлива со вршење на друга jавна функција и професија или со членување во политичка партија.

Според членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во барањето, според членот 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучување на Уставниот суд.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

5. Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека изборот на замениците на народниот правобранител го врши Собранието на Република Северна Македонија, а кандидатите ги предлага Народниот правобранител врз основа на резултатите од објавениот оглас. Притоа, право е на Народниот правобранител раководејќи се од законски определените принципи и законски предвидените услови да предложи еден од кандидатите што ги исполнуваат предвидените законски услови. Собранието на Република Северна Македонија е единствено надлежно да изврши избор на заменик народен правобранител со истото мнозинство на пратеници што е предвидено и за Народниот правобранител, а со Законот е предвидено и за замениците, при што Собранието може и да не го избере предложениот кандидат.

Оттука, недвосмислено произлегува правото на Народниот правобранител да предложи по еден кандидат за заменик во Скопје и во подрачните канцеларии, додека нивниот избор согласно наведените уставни и законски одредби е во исклучива надлежност на Собранието на Република Северна Македонија.

Во членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, се утврдени начините со кои може да биде сторена повреда на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот: со конечен или правосилен поединечен акт или со дејствие.

Во конкретниот случај се работи за барање за заштита на слободите и правата утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, наводно повредени со Одлука за избор на заменик народен правобранител донесена од Собранието на Република Северна Македонија и со предлог на Народниот правобранител за кандидат за заменик народен правобранител.

Одлуката за избор на заменик народен правобранител на Собранието е донесена согласно неговите уставни надлежности утврдени во член 68 став 1 алинеја 16 од Уставот да врши избори, именувања и разрешувања и на други носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон, при што неспорно е дека ваквата одлука претставува поединечен акт. Исто така, неспорно е дека и предлогот на Народниот правобранител за кандидат за заменик народен правобранител, којшто е даден согласно законските овластувања на Народниот правобранител во постапката за избор на заменик народен правобранител, претставува поединечен акт. Меѓутоа, овие акти не може да имаат статус на конечен или правосилен поединечен акт каков што имаат поединечните акти донесени во судска или управна постапка.

Оттука, одлуката на Собранието за избор на заменик народен правобранител и предлогот на Народниот правобранител за кандидат за заменик народен правобранител, не претставуваат акти согласно членот 51 од Деловникот на Уставниот суд за кои може да се бара заштита на слободите и правата предвидени во член 110 алинеја 3 од Уставот.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај не се исполнети процесните претпоставки од членот 51 од Деловникот на Уставниот суд за впуштање во мериторно постапување и одлучување по барањето за заштита на слободите и правата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот, за отфрлање на барањето.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.32/2020
07.10.2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати