У.бр.20/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 7 октомври 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценка на уставноста на член 10 став 3 од Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/2019).

2. Билјана Цветковска од Кривогаштани, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценка на уставноста на одредбата од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одредба од членот 10 став 3 од Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта не била во согласност со повеќе одредби од Уставот, и тоа: член 8 став 1 алинеја 3, кој се однесувал на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Републиката; членот 9, според кој граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествена положба и граѓаните се еднакви пред Уставот и законите; членот 32, според кој секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност и секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, а секој вработен има право на соодветна заработувачка, потоа секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор и од овие права вработените не можат да се откажат и остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон; и член 51 став 1 според кој во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите.

Со член 85 став 1 од Законот за основното образование било уредено дека давателите на јавните услуги се вработуваат согласно со овој закон, Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта, прописите од областа на вработените во јавниот сектор и општите прописи за работните односи.

Во член 6 став 2 од Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта било уредено дека: „Видот на стручната подготовка на наставниците кои остваруваат воспитно-образовна работа во основното, односно средно училиште е определен со Нормативот за наставен кадар во наставните програми за соодветните наставни предмети, донесени од страна на министерот, на предлог на Бирото односно Центарот.“

Во членот 3 од овој закон, биле уредени конкретните услови за да може одредено лице да биде наставник.

Меѓутоа, наспроти утврдените законски услови со оспорената одредба од ставот 3 на членот 10 од Законот, се пропишува дека кога на јавниот оглас од ставот 1 на овој член ќе се јават повеќе кандидати, предност имаат наставниците, кои имаат повисок степен на соодветно високо образование и повисок успех во текот на додипломските студии.

Со ваквата законска одредба особено се доведувало во прашање владеењето на правото и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите. Имено, доколку услов за вработување на наставник е завршено најмалку четири години соодветно високо образование согласно со нормативот за наставен кадар утврден во наставната програма и стекнати најмалку 240 ЕКТС и во самите акти за систематизација на работните места за работното место наставник, тогаш противуставно било во законот да се предвидува дека предност при вработувањето имаат наставниците кои имаат повисок степен на соодветно високо образование и повисок успех во текот на додипломските студии, со што се обезвреднуваат пропишаните услови. Според наводите во иницијативата, доколку се прифати ваквиот пристап во приоритетот за вработување на наставник, тогаш законодавецот би требало да продолжи со регулативата и во правец дека ќе го рангира и универзитетот според ранг-листата на домашните универзитети и ранг листите на странските универзитети.

Законодавецот ги довел во нерамноправна положба кандидатите за наставници кои го исполнуваат условот предвиден во нормативот, актот за систематизација и самиот Закон за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта, кои имаат завршено четири години соодветно високо образование и се имаат стекнато со 240 ЕКТС во однос на оние кои имаат повисок степен на соодветно образование, затоа што за конкретни работни места не бил потребен повисок степен на соодветно образование.

Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста на член 10 став 3 од Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 10 од Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта е предвидено:

(1) Јавниот оглас од членот 9 став (1) од овој закон, се објавува во најмалку два дневни весника од кои најмалку во по еден од весниците што се издаваат на македонски јазик и од весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.
(2) Училиштето, пред да распише јавен оглас за вработување потребата од наставник на определено време ја обезбедува со наставник со соодветно образование и со неполн фонд на наставни часови од друго јавно училиште во општината, а за градот Скопје од друго јавно училиште во општините во градот Скопје, по претходно обезбедена согласност за вработување на определено работно време од Министерството.
(3) Кога на јавниот оглас од ставот (1) на овој член, ќе се јават повеќе кандидати, предност имаат наставниците кои имаат повисок степен на соодветно високо образование и повисок успех во текот на додипломските студии.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според членот 9 од Уставот, граѓаните во Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествена положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во членот 32 од Уставот е утврдено дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работење и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност (став 1). Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2).

Секој вработен има право на соодветна заработувачка (став 3). Секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработните не можат да се откажат (став 4). Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори (став 5).

Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/2019) во членот 1 определил дека предмет на уредување на овој закон е условите за вршење на професијата наставник и стручен соработник во основните и средните училишта во Република Северна Македонија, засновувањето на работниот однос, категориите на наставници и стручни соработници, работните задачи, континуираното стручно усовршување (професионален развој), напредувањето во звања (кариерен развој) и одземање на звање.

Во делот од Законот, насловен како „Наставници“, во членот 3 се утврдени условите кои треба да ги исполнува едно лице за вршење на работа како наставник, при што во ставот 1 од овој член е утврдено:

„Наставник во основно и средно училиште може да биде лице кое:
– има завршено најмалку четири години соодветно високо образование согласно со нормативот за наставен кадар утврден во наставната програма и се има стекнато со најмалку 240 ЕКТС. Квалификациите со кои се стекнуваат наставниците во основно и средно училиште припаѓаат на VI А ниво во Македонската рамка на квалификации и соодветствуваат на ниво на VI од Европската рамка на високообразовни квалификации.
– има положено стручен испит по истекот на приправничкиот стаж.
– е државјанин на Република Северна Македонија.
– го познава македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот и писмото на кој ќе ја изведува наставата.“

Според член 6 од овој закон, наставата во основното односно средно училиште ја изведуваат наставници. Видот на стручната подготовока на наставниците кои остваруваат воспитно-образовна работа во основно односно средно училиште е определен со Нормативот за наставен кадар во наставните програми за соодветните наставни предмети, донесени од страна на министерот на предлог на Бирото за развој на образованието и Центарот за стручно образование и обука.

Од погоре наведените одредби од Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта, неспорно е дека законодавецот генерално ги дефинирал условите за потребното ниво на образование неопходно за вршење на работа како наставник во основно и средно училиште, препуштајќи го конкретниот вид на стручна подготовка за вршење на воспитно-образовната работа во училиштата да е определен со Норматив како акт донесен од министерот за образование и наука, на предлог на Бирото и Центарот како институции коишто во надлежност ја имаат предметната материја за различните видови на програми согласно наставната материја.

Со членот 9 став 1 од овој закон е пропишано дека наставник се избира по пат на јавен оглас и заснова работен однос на определено време до крајот на учебната година, а според членот 10 став 1 од овој закон, јавниот оглас од член 9 став 1 се објавува во најмалку два дневни весници од кои најмалку во по еден од весниците што се издаваат на македонски јазик и од весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.

Во членот 66 од овој закон е уредено прашањето за трансформација на работниот однос на наставник и стручен соработник, од определено во неопределено време.

Со оспорената одредба од член 10 став 3 од овој закон, е пропишано дека кога на јавниот оглас од ставот 1 на овој член ќе се јават повеќе кандидати, предност имаат наставниците, кои имаат повисок степен на соодветно високо образование и повисок успех во текот на додипломските студии.

Имено, согласно одредбите од Законот, доколку на јавниот оглас се јават повеќе кандидати со исполнет услов од завршено најмалку четири години соодветно високо образование и се има стекнато со најмалку 240 ЕКТС, а тоа е VI А ниво според Македонската рамка на квалификации, произлегува дека кандидатите ги имаат исполнето „најмалку“ основните услови на ниво на образование, но не случајно Законот го употребува зборот „најмалку“, што значи дека оставил можност да продолжи вреднувањето на кандидатите, согласно оспорената одредба од ставот 3 на членот 10 од Законот. Тоа значи, дека кога ќе се јават повеќе кандидати на јавниот оглас, предност имаат кандидати кои имаат повисок степен на соодветно високо образование, кои според Македонската рамка на квалификации се VII Б, VII А и VIII ниво на образование (специјалистички студии, магистерски академски студии и докторски студии) и како услов е пропишан повисок успех во текот на додипломските студии.

Ваквата законска определба, според која кога ќе се појават кандидати на јавниот оглас кои еднакво ги исполнуваат основните законски услови предвидени во членот 3 од овој закон, продолжува да се вреднува квалитетот на кандидатите во насока за најдобар избор на начин како е тоа пропишано во оспорениот член 10 став 3 од овој закон, сметаме дека не е во несогласност со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот во иницијативата и не може основано да се постави прашањето за несогласност со Уставот.

Ова поради погоре изнесеното и поради фактот што законодавецот има уставно овластување со закон да ги уредува прашањата од работен однос кои и во случајов со оспорената законска одредба се уредува постапувањето за вреднување на кандидати од јавен оглас за засновање на работен однос како наставници во основни и средни училишта, кое еднакво се однесува за сите кои се во иста ситуација што не имплицира нееднаков третман на кандидатите од јавниот оглас.

Врз основа на изнесената уставно-судска анализа Судот утврди дека за оспорената одредба од член 10 став 3 од Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта, не може основано да се постави прашањето за несогласност со Уставот.

5. Поради погоре изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.20/2020
7 октомври 2020 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати

Издвоено мислење по предметот У.бр.20/2020