У.бр.246/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019), на седницата одржана на 7 октомври 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за финансирање на политичките партии во 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.166/2020 и Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за финансирање на политичките партии во 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.169/2020).

2. Политичката партија ТМРО, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на актите, означени во точката 1 од Решението.

Подносителот во иницијативата наведува дека, со оспорените уредби со законска сила се оневозможувало остварување на политичките слободи и права на граѓанинот, на начин што со основната Уредба се предвидувало намалување на вкупните средства за финансирање на политичките партии за фискалната 2020 година на износ од 0,4% од вкупните изворни приходи на Буџетот на Република Северна Македонија. Тоа значело дека предвидените буџетските средства за тековното финансирање со регулираната обврска на Република Северна Македонија во износ од 0,15%, со Уредбата се скратувале за скоро четири пати помал износ.

Подносителот наведува дека на таков начин се доведувало во прашање опстојувањето и тековното финансирање на политичката партија за тековната 2020 година, што согласно член 20 став 1 од Уставот претставувале основни човекови слободи и права загарантирани со Уставот.

Исто така, во иницијативата се наведува дека согласно член 126 став 2 од Уставот овластувањето на Владата којашто во случајот била техничка, да носи уредби со законска сила можело да трае до завршувањето на вонредната состојба, за што одлучувало Собранието, поради што во конкретниот случај вонредната состојба не постоела во текот на целата 2020 година, а конкретните уредби со законска сила биле донесени во месец јуни.

Врз основа на погоре наведеното се бара од Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените уредби со законска сила и истите да ги укине.

3. Судот на седницата утврди дека оспорените уредби со законска сила, се со следната содржина:

а) Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 19 јуни 2020 година, донесе

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ ВО 2020 ГОДИНА

Член 1

За исплата на финансиските средства за годишно финансирање на политичките партии, предвидени со Законот за финансирање на политичките партии („Службен весник на Република Македонија“ бр. 76/04, 86/08, 161/08, 96/09, 148/11, 142/12,23/13 и 140/18) и со Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 265/19) се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.

Член 2

Вкупните средства за годишно финансирање на политичките партии за фискалната 2020 година се во висина од 0,04% од вкупните изворни приходи на Буџетот на Република Северна Македонија. Средствата од ставот 1 на овој член ќе се исплатат од финансиските средства наменети
за годишно финансирање на политичките партии, предвидени со Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 265/19), во износи и на начин согласно членот 10 ставовите 1 и 2 од Законот за финансирање на политичките партии („Службен весник на Република Македонија“ бр. 76/04, 86/08, 161/08, 96/09, 148/11, 142/12,23/13 и 140/18).

Член 3

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр.44-6068/1                                                                                                                                                                                                           Претседател на Владата
19 јуни 2020 година                                                                                                                                                                                      на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                                       Оливер Спасовски, с.р

б) Врз основа на член 126 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 од Законот за Владата на Република Македонија ( „Службен весник на Република Македонија“ бр.59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 169/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/19) Владата на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 22 јуни 2020 година донесе

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ ВО 2020 ГОДИНА

Член 1

Во Уредбата со законска сила за финансирање на политичките партии во 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 166/20), во член 1, по зборовите „Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 265/19)“ се додаваат зборовите „и Уредбата со законска сила за изменување и дополнување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 126/20)“.

Член 2

Во член 2 во ставот 2, по зборовите „Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 265/19)“ се додаваат зборовите „и Уредбата со законска сила за изменување и дополнување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.126/20)“.

Член 3

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр.44-6213/1                                                                                                                                                                                                               Претседател на Владата
22 јуни 2020 година                                                                                                                                                                                            на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                                             Оливер Спасовски, с.р

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уста­вот на Република Северна Македо­нија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласнос­та на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 20 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања.

Според членот 126 од Уставот, при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила (став 1). Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието (став 2).
Согласно член 36 став 1 од Законот за Влада на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2000, 26/2001, 13/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010, 51/2011, 15/2013, 139/2014, 196/2015, 142/2016, 140/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/2019) се предвидува дека со уредба со законска сила Владата уредува прашања од надлежност на Собранието во случај на воена или вонредна состојба ако не постои можност за свикување на Собранието.
Оттука, со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може да регулира поинаку одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки коишто се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чиешто задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

Во Република Северна Македонија, согласно член 125 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, поради неможноста на Собранието како надлежен орган за прогласување на вонредна состојба да се состане, од страна на претседателот на Република Северна Македонија, донесени се пет одлуки за утврдување на постоење на вонредна состојба заради заштита и спречување со последиците од коронавирусот COVID 19, првата на ден 18.03.2020 година, за период од 30 дена, втората на ден 16.04.2020 година, за период од 30 дена, третата на ден 16.05.2020 година, за период од 14 дена, четвртата на ден 30.05.2020 година во траење од 14 дена и петтата одлука за утврдување на прогласување на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 8 дена, заради подготовка и спроведување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, со мерки за заштита на јавното здравје во услови на пандемија на коронавирусот COVID-19, а во моментот кога Собранието ќе биде во можност да се состане ќе му бидат поднесени на потврдување согласно член 125 став 4 од Уставот.

Со оглед на тоа што на 15.06.2020 година од страна на претседателот на Републиката донесена е одлука за утврдување на прогласување на вонредна состојба, неспорна е надлежноста на Владата на Република Северна Македонија да носи уредби со законска сила, поради што повикувајќи се на членот 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Северна Македонија, Владата ги донела: Уредбата со законска сила за финансирање на политичките партии во 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.166/2020) и Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за финансирање на политичките партии во 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.169/2020).

Со предметните уредби со законска сила, Владата ги уредила вкупните средства за годишно финансирање на политичките партии за фискалната 2020 година во висина од 0,4 % од вкупните изворни приходи на Буџет на Република Северна Македонија, при што овие средства ќе се исплатат од финансиските средства наменети за годишно финансирање на политичките партии, предвидени со Буџетот на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.265/2019 и Уредбата со Законска сила за изменување и дополнување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.126/2020) во износи и на начин согласно член 10 став 1 и 2 од Законот за финансирање на политичките партии (Службен весник на Република Македонија бр.76/2004, 86/2008, 161/2008, 96/2009, 148/2011, 142/2012, 23/2013 и 140/2018).

Согласно членот 1 од Законот за финансирање на политичкиоте партии („Службен весник на Република Македонија” број 76/2004, 86/2008, 161/2008, 96/2009, 148/11, 142/12, 23/13 и 140/2018), политичките партии се финансираат од јавни и приватни извори на финансирање.

Членот 8 од Законот утврдува дека јавните извори за финансирање на политичките партии се финансиски средства предвидени со Буџетот на Република Македонија.

Членот 9 од Законот, утврдува дека вкупните средства за годишно финансирање на политичките партии се во висина од 0,15 % од вкупните извори приходи на Буџетот на Република Северна Македонија.

Согласно член 10 од Законот, средствата за финансирање на политичките партии, во износ од 30% што се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија се распоредуваат подеднакво на сите политички партии кои освоиле најмалку 1% од вкупниот број од гласовите на избирачите кои гласале на последните одржани избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, на ниво на целата Република, или на последните одржани локални избори во единицата на локалната самоуправа (став 1). Средствата за финансирање на политичките партии, во износ од 70% што се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија се распоредуваат на политичките партии чиишто кандидати се избрани за пратеници во Собранието на Република Македонија на последните одржани избори за пратеници, сразмерно на бројот на избраните пратеници и на политичките партии чиишто кандидати се избрани за советници на последните одржани локални избори, сразмерно на бројот на избраните советници (став 2).

Од наведените уставни и законски одредби сметаме дека, оспорените уредби со законска сила, како мерка не излегуваат надвор од овластувањето кое согласно Уставот го има Владата во вонредна состојба согласно член 125 и член 126 од Уставот, материјата која е уредена со предметната уредба со законска сила доколку се гледа од аспект на економските последици и буџетските тешкотии предизвикани од пандемијата на коронавирусот Covid-19, неспорно е дека има легитимна цел и општествена оправданост. Имено, предвиденото намалување на средствата за годишното финансирање на политичките партии кое Владата го уредила со оспорените Уредби имаат непосреден ефект во справувањето со последиците од епидемијата.

Делот во кој подносителот смета дека времетраењето на предметните уредби со законска сила во текот на целата 2020 година е неуставно поради тоа што важењето на нивното правно дејство се однесува само за периодот на траење на вонредната состојба, а не и потоа, исто така е неосновано, имено Судот веќе се има произнесено за времетраењето на уредбите со законска сила, односно дека истите може да регулираат дејствија коишто би се преземале и во рокови по завршување на вонредната состојба се со цел за побрзо надминување на последиците предизвикани од коронавирусот.

По однос на наводите во иницијативата за несогласност на предметните уредби со законска сила со член 20 став 1 од Уставот, сметаме дека сe неосновани. Имено, со уредувањето на вкупните средства за годишно финансирање на политичките партии кои се регулирани со Законот за финансирање на политичките партии, а кои во нивната висина се уредуваат со оспорените уредби, по ниту еден основ не станува збор за повреда на загарантираното право на граѓаните на слобода на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права. Ова од причина што, во конкретниот случај само се регулира висината на средствата за финансирање на политичките партии во 2020 година, материја којашто пред стапување на сила на оспорените уредби веќе била уредена со Законот за финансирање на политичките партии. Висината на средставата за финансирање на политичките партии во поголем или помал износ како што е уредено во предметните уредби е право на законодавецот, а во овој случај на Владата којашто согласно член 126 има уставен основ да носи уредби со законска сила, а тоа на ниеден начин не влијае на Уставно загарантираното право кое е утврдено со член 20 став 1 од Уставот.

Имајќи го предвид сето погоре изнесено, Судот утврди дека во конкретниот случај, не може да се постави прашањето за согласноста на предметните уредби со наведените уставни одредби во иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.246/2020
7 октомври 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати