У.бр.105/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019), на седницата одржана на 7 октомври 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА ПОСТАПКА за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за акцизите за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 86/2020 и 105/2020).

2. „Светскиот македонски конгрес“, здружение од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената уредба со законска сила не билa во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11, членот 51, член 68 став 1 алинеи 1 и 2 и Амандманот XXIX, член 125 ставови 2 и 3 и член 126 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија.

Најнапред, подносителот укажува на тоа дека иако Владата ја донела оспорената уредба со законска сила врз основа на член 126 став 1 од Уставот, не го имала во предвид ставот 2 на истиот член со кој ова овластување на Владата траело до завршувањето на вонредната состојба, а за кое завршување одлучувало Собранието. Оттука, Владата не можела да го оствари ова овластување без постоење на закон за вонредна состојба и без одлука на Собранието согласно член 126 став 2 од Уставот.

Иницијаторот особено потенцира дека со Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за акцизите за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 105/2020), спротивно на член 126 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија, во членот 4 било предвидено дека „оваа уредба со законска сила се применува за време на траењето на вонредната состојба како и 7 месеци од престанокот на траењето на вонредната состојба“.

Според подносителот, уредба на Владата, па макар и со законска сила не претставувала закон. Оттука, овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила не значело дека Владата треба да го супституира Собранието, односно да ја преземе неговата улога на законодавната власт и преку уредби со законска сила да изменува и дополнува закони како што се правело со конкретната уредба и нејзините дополнувања. Ова било во исклучива надлежност на Собранието, а според член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, била темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Врз основа на вака изнесените наводи, со иницијативата се бара поништување на оспорената уредба со законска сила како спротивна на одредбите од Уставот наведени во иницијативата, а до донесувањето на конечната одлука се предлага донесување на решение за запирање од извршување на актите и дејствијата што се преземаат врз основа на оспорената уредба со законска сила поради штетни последици од владеењето на правото, суспензија на внатрешниот правен поредок на државата, како и флагрантно кршење на правата и слободите на граѓаните.

3. Судот на седницата утврди дека:

а) Членот 1 од Уредбата со законска сила за примена на Законот за акцизите за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 86/2020) гласи: Законот за акцизите* („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 108/19, 143/19, 225/19 и 275/19) ќе се применува за време на траење на вонредната состојба доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено (став 1); За рокот за поднесување на гаранцијата за обезбедување на плаќањето на акцизниот долг кој може да настане за акцизните добра кои се наоѓаат во постапка на акцизно одложување за приватните здравствени установи, аптеките и производителите на лекови, помошни лековити средства и средства за дезинфекција кои се иматели на одобрение за повластен корисник се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила (став 2).

Во членот 2 од Уредбата се предвидува дека приватните здравствени установи, аптеките и производителите на лекови, помошни лековити средства и средства за дезинфекција кои се иматели на одобрение за повластен корисник треба да поднесат гаранција за обезбедување на плаќање на акцизниот долг кој може да настане за акцизните добра кои се наоѓаат во постапка на акцизно одложување заклучно со 30 јуни 2020 година.

Понатаму, членот 3 утврдува дека оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

б) Членот 1 од Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за акцизите за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 105/2020) гласи: Во Уредбата со законска сила за примена на Законот за акцизите* за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.86/2020) во член 1 во ставот (2) по зборот „корисник“ се става запирка и се додаваат зборовите „за износот на акцизата за безоловен бензин со содржина на олово до 0,013 грама на литар од тарифните ознаки 2710 12 31 00, 2710 12 41 00, 2710 12 45 00, 2710 12 49 00, 2710 12 51 00 и 2710 12 59 00, за износот на акцизата за гасно масло како погонско гориво од тарифните ознаки 2710 19 43 00, 2710 19 46 00, 2710 19 47 00, 2710 19 48 00, 2710 20 11 00, 2710 20 15 00, 2710 20 17 00 и 2710 20 19 00, за износот на акцизата за гасно масло како гориво за греење од тарифните ознаки 2710 19 43 00, 2710 19 46 00, 2710 19 47 00, 2710 19 48 00, 2710 20 11 00, 2710 20 15 00, 2710 20 17 00 и 2710 20 19 00, како и за рокот за попис на затечени залихи на енергенти, подготовка на записник и поднесување на записникот до надлежниот царински орган од страна на увозникот, трговецот на големо и трговецот на мало на енергенти и за роковите поврзани со плаќањето на разликата на акцизата при зголемување на акцизата на енергентите.

Со членот 2 се предвидува дека по членот 2 се додаваат пет нови члена 2-а, 2-б, 2-в, 2-г и 2-д кои гласат:

„Член 2-a

(1) Износот на акцизата за безоловен бензин со содржина на олово до 0,013 грама на литар од тарифните ознаки 2710 12 31 00, 2710 12 41 00, 2710 12 45 00, 2710 12 49 00, 2710 12 51 00 и 2710 12 59 00 се пресметува врз основа на податокот за износот на основната акциза за безоловен бензин со содржина на олово до 0,013 грама на литар изразена во денари за литар и податокот за износот на дополнителната акциза искажана во денари за литар во зависност од средната дневна берзанска цена на Prem Unl 10ppm на котација “Mediterranean cargoes FOB (Italy)” од Platt’s European Marketscan за период од 1-ви до 15-ти во месецот и од 16-ти до крајот на месецот.
(2) Акцизата од став (1) на овој член се пресметува според следната формула:

АБ = ОАБ + ДАБ,

при што:
– АБ е Акциза за безоловен бензин изразен во денари за литар;
– ОАБ е износ на основната акциза за безоловен бензин искажана во денари за литар и
– ДАБ е износ на дополнителната акциза за безоловен бензин искажана во денари за литар, чиј износ зависи од средната дневна берзанска цена на Prem Unl 10ppm на котација “Mediterranean cargoes FOB (Italy)” од Platt’s European Marketscan.
(3) Износот на основната акциза за безоловен бензин – ОАБ изнесува 21.692 денари за литар.
(4) Износот на дополнителната акциза за безоловен бензин – ДАБ, се утврдува на следниот начин:
1) доколку средната дневна берзанска цена на Prem Unl 10ppm на котација “Mediterranean cargoes FOB (Italy)” од Platt’s European Marketscan е помала или еднаква на 390 USD/ton, износот на ДАБ е 3 денари за литар;
2) доколку средната дневна берзанска цена на Prem Unl 10ppm на котација “Mediterranean cargoes FOB (Italy)” од Platt’s European Marketscan е поголема од 390 USD/ton но помала или еднаква на 590 USD/ton, износот на ДАБ е 2 денари за литар и
3) доколку средната дневна берзанска цена на Prem Unl 10ppm на котација “Mediterranean cargoes FOB (Italy)” од Platt’s European Marketscan е поголема од 590 USD/ton, износот на ДАБ е 0 денари за литар.

Член 2-б

(1) Износот на акцизата за гасно масло како погонско гориво од тарифните ознаки 2710 19 43 00, 2710 19 46 00, 2710 19 47 00, 2710 19 48 00, 2710 20 11 00, 2710 20 15 00, 2710 20 17 00 и 2710 20 19 00 се пресметува врз основа на податокот за износот на основната акциза за гасно масло како погонско гориво изразена во денари за литар и податокот за износот на дополнителната акциза искажана во денари за литар во зависност од средната дневна берзанска цена на 10 ppm ULSD на котација “Mediterranean cargoes FOB (Italy)” од Platt’s European Marketscan за период од 1-ви до 15-ти во месецот и од 16-ти до крајот на месецот.
(2) Акцизата од став (1) на овој член се пресметува според следната формула:

АД = ОАД + ДАД, при што:
– АД е акциза за гасно масло како погонско гориво изразен во денари за литар;
– ОАД е износ на основната акциза гасно масло како погонско гориво искажана во денари за литар и
– ДАД е износ на дополнителната акциза за гасно масло како погонско гориво искажана во денари за литар, чиј износ зависи од средната дневна берзанска цена на 10 ppm ULSD на котација “Mediterranean cargoes FOB (Italy)” од Platt’s European Marketscan.
(3) Износот на основната акциза за гасно масло како погонско гориво – ОАД изнесува 15,121 денари за литар.
(4) Износот на дополнителната акциза за гасно масло како погонско гориво – ДАД, се утврдува на следниот начин:
1) доколку средната дневна берзанска цена на 10 ppm ULSD на котација “Mediterranean cargoes FOB (Italy)” од Platt’s European Marketscan е помала или еднаква на 400 USD/ton, износот на ДАД е 3 денари за литар;
2) доколку средната дневна берзанска цена на 10 ppm ULSD на котација “Mediterranean cargoes FOB (Italy)” од Platt’s European Marketscan “ е поголема од 400 USD/ton но помала или еднаква на 600 USD/ton, износот на ДАД е 2 денари за литар и
3) доколку средната дневна берзанска цена на 10 ppm ULSD на котација “Mediterranean cargoes FOB (Italy)” од Platt’s European Marketscan е поголема од 600 USD/ton, износот на ДАД е 0 денари за литар.

Член 2-в

(1) Пресметаната акциза од членовите 2-а и 2-б од оваа уредба со законска сила се применува од првиот вторник по 1-ви или по 15-ти во месецот.
(2) Во случај кога 1-ви или 15-ти во месецот е неработен ден, за датум на пресметка и за известување се смета првиот нареден работен ден.

Член 2-г

Акцизата за гасно масло како гориво за греење од тарифните ознаки 2710 19 43 00, 2710 19 46 00, 2710 19 47 00, 2710 19 48 00, 2710 20 11 00, 2710 20 15 00, 2710 20 17 00 и 2710 20 19 00 ќе изнесува 9,136 денари за литар.

Член 2-д

(1) Во случај на зголемување на акцизата на енергенти производителот, увозникот, трговецот на големо и трговецот на мало на енергенти се должни на денот на почетокот на примена на истата, да направат попис на затечените залихи на енергенти, да подготват записник за извршениот попис и да го поднесат до надлежниот царински орган не подоцна од 15 дена од денот на извршениот попис.
(2) При зголемување на акцизата на енергентите, плаќањето на разликата во акцизата од страна на акцизните обврзници од став (1) на овој член се врши со поднесување на акцизна декларација во електронска форма или во хартија во рок од 15 дена од денот на извршениот попис, а акцизата ќе ја платат најдоцна во рок од 30 дена од денот на зголемувањето на акцизата.
(3) Обврската од став (2) на овој член не се однесува за безоловниот бензин со содржина на олово до 0,013 грама на литар и на гасното масло како погонско гориво.“

Понатаму, со членот 3 од Уредбата се утврдува дека: Начинот на пресметување на износот на акцизата за безоловниот бензин и за гасното масло како погонско гориво согласно членовите 2-а и 2-б од оваа уредба со законска сила ќе отпочне да се применува од 5 мај 2020 година (став 1); До отпочнувањето на примената на членот 2-а од оваа уредба со законска сила, износот на акцизата за безоловниот бензин со важност до 4 мај 2020 година се утврдува на 24,692 денари за литар (став 2); До отпочнувањето на примената на членот 2-б од оваа уредба со законска сила, износот на акцизата за гасно масло како погонско гориво со важност до 4 мај 2020 година се утврдува на 18,121 денари за литар (став 3).

Со членот 4 се определува дека оваа уредба со законска сила се применува за време на траењето на вонредната состојба како и 7 месеци од престанокот на траењето на вонредната состојба.

На крајот, со членот 5 се пропишува дека оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Членот 51 од Уставот предвидува дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно членот 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот (став 1). Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот (став 2). Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба (став 3). Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната за мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста (став 4).

Според член 125 став 1 од Уставот, вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии.

Членот 126 став 1 од Уставот предвидува дека при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила, а според ставот 2 од истиот член, овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

Согласно членот 10 од Законот за Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 26/01, 13/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19) за време на воена или вонредна состојба, ако не постои можност за свикување на Собранието, Владата донесува уредби со законска сила по прашањата од надлежност на Собранието.

Со член 36 став 1 од истиот закон се предвидува дека со уредба со законска сила Владата уредува прашања од надлежност на Собранието во случај на воена или вонредна состојба ако не постои можност за свикување на Собранието.

Од вака утврдените уставни и законски одредби произлегува дека вонредната состојба е институт со своја специфика. За време на истата, Владата добива овластување да донесува уредби со законска сила кои претставуваат sui generis пропис, различен од законите чијашто цел е уредување на определени прашања поради справување со причините кои ја предизвикале оваа состојба, како и последиците од истата.

Со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може поинаку да регулира одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но, ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки коишто се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чиешто задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

Владата на Република Северна Македонија, во услови на прогласена вонредна состојба (прогласена со четири последователни одлуки од 18.03.2020, 16.04.2020, 16.05.2020 и 15.06.2020 година, донесени од страна на претседателот на Републиката), како и врз основа на овластувањето од член 126 став 1 од Уставот и член 36 став 1 од Законот за Владата, ја донела оспорената Уредба со законска сила за примена на Законот за акцизите за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 86/2020), како и Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за акцизите за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 105/2020).

Од анализата на содржината на предметната уредба со законска сила произлегува дека Владата предвидела дека Законот за акцизите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 108/19, 143/19, 225/19 и 275/19) ќе се применува за време на траењето на вонредната состојба, доколку со Уредбата не е поинаку уредено. Понатаму, во однос на рокот за поднесување на гаранцијата за обезбедување на плаќањето на акцизниот долг кој може да настане за акцизните добра коишто се наоѓаат во постапка на акцизно одложување за приватните здравствени установи, аптеките и производителите на лекови, помошни лековити средства и средства за дезинфекција кои се иматели на одобрение за повластен корисник, за износот на акцизата за безоловен бензин со содржина на олово до 0,013 грама на литар од тарифните ознаки 2710 12 31 00, 2710 12 41 00, 2710 12 45 00, 2710 12 49 00, 2710 12 51 00 и 2710 12 59 00, за износот на акцизата за гасно масло како погонско гориво од тарифните ознаки 2710 19 43 00, 2710 19 46 00, 2710 19 47 00, 2710 19 48 00, 2710 20 11 00, 2710 20 15 00, 2710 20 17 00 и 2710 20 19 00, за износот на акцизата за гасно масло како гориво за греење од тарифните ознаки 2710 19 43 00, 2710 19 46 00, 2710 19 47 00, 2710 19 48 00, 2710 20 11 00, 2710 20 15 00, 2710 20 17 00 и 2710 20 19 00, како и за рокот за попис на затечени залихи на енергенти, подготовка на записник и поднесување на записникот до надлежниот царински орган од страна на увозникот, трговецот на големо и трговецот на мало на енергенти и за роковите поврзани со плаќањето на разликата на акцизата при зголемување на акцизата на енергентите, предвидено е дека ќе се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.

Со предметната уредба со законска сила, исто така е предвидено дека гаранцијата за обезбедување на плаќање на акцизниот долг кој може да настане за акцизни добра кои се наоѓаат во постапка на акцизно одложување треба да биде поднесена заклучно со 30 јуни 2020 година, додека во однос на примената на предметната уредба, пропишано е дека истата ќе се применува за време на траењето на вонредната состојба, како и 7 месеци од престанокот на траењето на вонредната состојба.

Оттука, имајќи ја во предвид содржината на предметната уредба со законска сила, може да се заклучи дека со истата, Владата предвидела покачување на акцизата за нафтените деривати, а со цел справување со економските последици предизвикани од пандемијата прогласена поради коронавирусот.

Според наводите во иницијативата, конкретната уредба со законска сила била спротивна на повеќе уставни одредби. Притоа, наводите се дадени општо со заклучоци во однос на тоа што уредуваат наведените уставни одредби, како да се толкуваат и применуваат.

Судот оцени дека ваквите наводи се неосновани и од аспект на истите не може да се постави прашањето за уставноста на оспорената уредба со законска сила. Имено, според Судот, со предметната уредба со законска сила не се повредуваат уставните одредби коишто ги наведува подноси­телот од причина што истата е во насока на ублажување на економските последици од зголемените трошоци за справување со коронавирусот Ковид-19 и обезбедување средства за редовно сервисирање на буџетските потреби, а имајќи ја предвид вонредната состојба во државата и забраните и ограничувањата за движење на населението, економските состојби во државата и намалената потрошувачка на горива во периодот на вонредно функционирање на општеството како резултат на пандемијата предизвикана од Ковид-19.

Во однос на наводите дека спротивно на член 126 став 2 од Уставот се предвидувало оваа уредба со законска сила да се применува и 7 месеци по престанокот на траењето на вонредната состојба, Судот смета дека во конкретниов случај истите се неосновани. Ова од причина што во ситуација кога државата има поголеми издатоци поради справување со пандемијата предизвикана од коронавирусот и во време кога стопанството функционира со намален капацитет, мерките коишто се предвидени со предметната уредба со законска сила индиректно имаат за цел справување со економските последици коишто се рефлектираат на државниот буџет (во точно определен период), што ги прави вака предвидените мерки општествено оправдани и истите имаат легитимна цел (обезбедување средства во буџетот на државата), односно справување со економските последици и враќање во редовна, нормална состојба на животот на граѓаните.

Врз основа на наведеното, според Судот, во конкретниот случај не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената уредба со законска сила со одредбите од Уставот.

Имајќи го предвид наведеното, Судот, исто така, оцени дека не се исполнети условите од членот 27 од Деловникот на Уставниот суд во однос на барањето во иницијативата, до донесување на конечна одлука, Уставниот суд да донесе решение за запирање од извршување на актите и дејствијата што се преземаат врз основа на предметната уредба со законска сила.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.105/2020
07.10.2020 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати