У.бр.28/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија‟ број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија‟ број 202/2019) на седницата одржана на 7 октомври 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на членовите 68, 69, 70, 71, 72, 73, 74, 75, 76, 77, 78, 79, 80 и 81 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 72/2016, 142/2016 и 233/2018).

2. Според подносителот на иницијативата со оспорените одредби од членовите 68, 69, 70, 71, 72, 73, 74, 75, 76, 77, 78, 79, 80 и 81 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија број 72/2016) се повредувале одредбите од Уставот на Република Северна Македонија и тоа член 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 51 и Амандман XXV со кој се менувал членот 98 од Уставот.

Имајќи ги предвид оспорените одредби од Законот за нотаријатот, според подносителот на иницијативата, очигледно било дека нотарски платен налог е службен документ којшто се издавал од страна на нотар, со кој документ нотарот по барање на еден субјект, врз основа на соодветна книговодствена документација, задолжувал друг субјект да изврши определена престација, односно да изврши плаќање во определен рок, под закана за присилно извршување. Таквиот карактер на службен документ бил документ кој навлегувал во работи коишто требало да ги извршува суд.

Согласно членот 1 од Законот за парничната постапка, се уредувале правилата на постапката врз основа на кои судот расправа и одлучува во споровите за основните права и обврски на човекот и граѓанинот, за личните и семејните односи на граѓаните, како што се работните, трговските, имотните и другите граѓанско-правни спорови, ако со закон за некои од тие спорови не било определено за нив судот да решава според правилата на некоја друга постапка, според кој за спорни трговски, имотни и други граѓанско-правни спорови решавал судот, но не и нотар.

Притоа, во иницијативата се цитираат член 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 51 од Уставот на Република Северна Македонија како и Амандманот ΧΧV со кој се менува членот 98 од Уставот. Се цитираат и членовите 1, 4, 22 и член 31 став 2 од Законот за судовите како и одредбите од членовите 417, 417-а, 418, 418-а и 420 од Законот за парничната постапка.

Имено, доколку се направела споредба помеѓу оспорените одредби од Законот за нотаријат со одредбите од Законот за парнична постапка, тогаш можело да се заклучи дека тие регулираат суштествено една иста материја, една иста правна состојба во која за постоењето на правото на наплата на пристигнато парично побарување на еден субјект – доверител, другиот субјект кој требало да ја исполни обврската за плаќање на пристигнатото парично побарување – должник западнал во задоцнување на исполнувањето на својата обврска, односно не го платил паричното побарување на доверителот, доверителот со правото на поднесување на тужба барал од надлежен орган да му наложи престација на должникот со закана за присилно извршување, исполнување на обврската во определен рок, со единствена разлика што судскиот платен налог се однесувал на обврска којашто требало да биде исполнета во странство.

Оттука, било јасно дека станувало збор за една иста правна состојба којашто можела да се подведе под членот 1 од Законот за парничната постапка и за која неспорно било дека требало да решава и да одлучува судот.

Од наведените уставни и законски одредби можело неспорно да се утврди дека законодавецот ги пречекорил уставните овластувања и надлежности. Физичките лица – нотари немале уставни и законски овластувања да постапуваат по предмети од судска надлежност.

Притоа, постапувањето на законодавецот на ваков начин претставувало реална опасност да се повтори и во други системски закони доколку Уставниот суд на Република Северна Македонија не го оневозможи законодавецот во неговата намера и цел да ги наруши темелните вредности на уставниот поредок.

Врз основа на наведените причини, се бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на оспорените одредби од Законот за нотаријатот и истите да ги поништи или укине како и да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземале од страна на нотарите во Република Северна Македонија за донесување на нотарски платни налози.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорените членови од глава V – НОТАРСКИ ПЛАТЕН НАЛОГ е предвидено дека:

Член 68

(1) Предлог за издавање на решение за нотарски платен налог врз основа на веродостојна исправа се поднесува до нотарот на чие подрачје е живеалиштето, односно престојувалиштето на должникот-физичко лице, односно седиштето на должникот-правно лице.
(2) Предлог за издавање на решение за нотарски платен налог врз основа на веродостојна исправа, приговорот против решението со кое е издаден нотарски платен налог или по однос на одлуката за трошоците, приговорот против решението на нотарот со кое се отфрла предлогот како неуреден, предлогот за укинување на потврдата на правосилност и извршност, приговорот против решението на нотарот за укинување на потврдата за правосилност и извршност, приговорот против одлуката на нотарот со која се одбива предлогот за укинување на потврдата на правосилност и извршност, жалбата против решението на судот, задолжително ги составува адвокат и содржат адвокатски печат и потпис, освен доколку доверител е Република Македонија.
(3) По исклучок од ставот (2) на овој член, предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог од страна на доверител за побарување кое произлегува од комунални услуги и тоа:
– за вода, смет и одржување на заеднички простории за парично побарување од веродостојни исправи во вкупен износ до 6.000,00 денари,
– за електрична или топлинска енергија за парично побарување од веродостојни исправи во вкупен износ до 15.000,00 денари,
– за телефонија, мобилни оператори или кабелски оператори за парично побарување од веродостојни исправи во вкупен износ до 6.000,00 денари, се поднесува непосредно до нотарот, без плаќање на обврската за судска такса.
(4) По исклучок од ставот (2) на овој член, предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог од страна на доверител банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или осигурително друштво, не мора да биде составена од адвокат и да содржи адвокатски печат и потпис, доколку вредноста на побарувањето во веродостојната исправа е под 10.000 евра.

Член 69

(1) Предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог врз основа на веродостојна исправа содржи барање за издавање на платен налог со кој се задолжува должникот, под страв на присилно извршување, да го плати паричното побарување кое произлегува од исправата во определен рок, како и податоци за доверителот, должникот, видот и обемот на побарувањето, времето на исполнување на обврската и нејзината доспеаност и попис на трошоците кои доверителот бара да му бидат надоместени од должникот.
(2) Ако од веродостојната исправа не се гледа кога доспева побарувањето, заедно со предлогот доверителот треба да приложи и писмена изјава дека доспеало побарувањето и да го означи денот на доспеаноста на побарувањето.

Член 70

(1) Предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог, во доволен број примероци и прилози, се поднесува за доспеано парично побарување кое се докажува со веродостојна исправа. Веродостојната исправа се доставува кон предлогот во оригинал или во заверен препис кај нотар само за примерокот на нотарот.
(2) Како веродостојни исправи во смисла на овој закон, се сметаат:
1) фактура;
2) меница и чек со протест и со повратна сметка, кога е тоа потребно за засновање на побарување;
3) јавна исправа;
4) извод од заверена деловна книга;
5) приватна исправа на која потписот од должникот го заверил нотар;
6) исправа која според посебни прописи има значење на јавна исправа;
7) градежна ситуација и
8) пресметка на камата.

Член 71

(1) Ако доверителот, освен во ситуација на поднесен предлог за издавање на решение за нотарски платен налог од членот 68 став (3) од овој закон, не ја плати судската такса во рок од осум дена од денот на поднесување на предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог, нотарот ќе донесе решение со кое предлогот за издавање на нотарски платен налог ќе се смета за повлечен поради неплатена судска такса.
(2) Ако нотарот оцени дека не е месно надлежен за постапување и за издавање на решение за нотарски платен налог ќе го повика доверителот или неговиот полномошник во рок од осум дена од денот на приемот на известувањето да определи месно надлежен нотар кому да му се достават списите на предметот. Ако во определениот рок не добие известување, нотарот со решение ќе се огласи за месно ненадлежен и ќе определи по свој избор на кој месно надлежен нотар ќе му ги достави списите по правосилноста на решението со кое се огласил за месно ненадлежен.
(3) Ако нотарот оцени дека предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог врз основа на веродостојна исправа не е уреден, ќе го врати на доверителот кој нема полномошник да го уреди според дадените насоки во рок од осум дена од денот на приемот на известувањето. Ако предлогот биде уреден и предаден на нотарот во определениот рок, ќе се смета дека е поднесен оној ден, кога прв пат бил поднесен до нотарот. Ќе се смета дека предлогот е повлечен ако не му биде вратен на нотарот, во определениот рок, а ако биде вратен без уредување, ќе се отфрли.
(4) Предлогот поднесен од полномошник, кој е неразбирлив или не ги содржи податоците од члeнот 98 ставови (3), (4) и (5) од ЗПП или не е поднесен во доволен број примероци заедно со прилозите и веродостојната исправа во оригинал или заверен препис за примерокот на нотарот, кога тие се поднесени во писмена форма, нотарот ќе го отфрли.
(5) Против решенијата на нотарот од ставовите (1), (2), (3) и (4) на овој член е дозволен приговор во рок од осум дена од приемот на решението преку нотарот до надлежниот основен суд на чие подрачје се наоѓа седиштето на нотарот кој постапувал по предлогот. Против решението на судот дозволена е жалба во рок од осум дена од приемот на решението до надлежниот Апелационен суд.
(6) Ако нотарот оцени дека е месно надлежен, а предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог врз основа на веродостојна исправа е уреден, допуштен и основан, нотарот веднаш, а најдоцна во рок од три дена од приемот на предлогот, ќе донесе решение со кое го издава предложениот нотарски платен налог.
(7) Решението за издавање на нотарски платен налог веднаш се доставува до доверителот или до неговиот полномошник и до должникот. За должникот кој е државен орган основан со закон решението за издавање на нотарски платен налог се доставува до Државниот правобранител на Република Македонија. На должникот со решението му се доставува и примерок од предлогот за издавање на нотарски платен налог заедно со прилозите.
(8) Ако нотарот оцени дека предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог не е допуштен или не е основан, ќе го препрати предметот до надлежниот суд за натамошно постапување и одлучување како да е поднесена тужба.

Член 72

(1) Должникот или доверителот можат да изјават приговор против решението со кое е издаден нотарски платен налог, како и за одлуката за трошоците.
(2) Приговорот се поднесува до надлежниот основен суд на чие подрачје се наоѓа седиштето на нотарот кој постапувал по предлогот, преку нотарот кој го донел решението со кое е издаден нотарскиот платен налог, во рок од осум дена сметано од денот на приемот на решението.
(3) Нотарот кај кој е поднесен приговор против нотарскиот платен налог, односно против решението во делот на трошоците, во рок од три дена од денот на поднесениот приговор ќе ги достави списите до надлежниот основен суд на чие подрачје е седиштето на нотарот кој постапувал по предлогот.
(4) Против одлуката на судот е дозволена жалба во рок од осум дена од денот на приемот на одлуката до надлежниот апелационен суд.

Член 73

(1) Нотарот по службена должност ќе стави потврда за правосилност на решението со кое е издаден нотарски платен налог, ако во рокот од членот 72 став (2) од овој закон не прими приговор, односно доколку со правосилно решение на судот приговорот е отфрлен како ненавремен, нецелосен или недозволен.
(2) Нотарот ќе стави потврда за извршност на решението со кое е издаден нотарски платен налог, доколку истекол рокот за доброволно исполнување на обврската определен со решението.
(3) Нотарот ќе стави потврда на правосилност и извршност на оригиналниот примерок од решението со кое е издаден нотарски платен налог.

Член 74

(1) По писмен предлог на странката или по службена должност нотарот со решение ќе ја укине потврдата на правосилност и извршност откако ќе утврди дека потврдите неосновано се ставени, во рок од осум дена по приемот на писмениот предлог на странката или откако констатирал по службена должност дека потврдите се неосновано ставени.
(2) Против решението со кое нотарот одлучувал за укинување на потврдата на правосилност и извршност, дозволен е приговор во рок од осум дена од денот на приемот на решението, преку нотарот до основниот суд на чие подрачје е седиштето на нотарот кој одлучувал по предлогот. Нотарот го доставува приговорот заедно со сите списи до надлежниот суд во рок од седум дена од денот на приемот на приговорот.
(3) Против решението на нотарот со која се одбива предлогот за укинување на потврдата на правосилност и извршност, незадоволната странка има право на приговор во рок од осум дена од денот на приемот на решението.
(4) По приговор од ставовите (2) и (3) на овој член одлучува основниот суд на чие подрачје е седиштето на нотарот, кој е надлежен да одлучува по приговор против решението.
(5) Против решенијата на судот од ставовите (2) и (4) на овој член, дозволена е жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението до надлежниот апелационен суд.

Член 75

(1) За вршењето на работите од постапката за издавање на решение за нотарски платен налог, нотарот има право на награда и надоместок на трошоците во согласност со Нотарската тарифа, а адвокатите согласно со Адвокатската тарифа на Република Македонија.
(2) Нотарот не наплаќа судска такса за издавање на нотарски платен налог за услуги кои произлегуваат од комунални дејности, телефонија, мобилни и кабелски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште.
(3) Наградата и надоместокот на трошоците кои доверителот му ги платил на нотарот и адвокатот се трошоци на постапката кои треба должникот да му ги плати на доверителот.
(4) Нотарот и адвокатот се должни на доверителот да му дадат пресметка за наплатената награда и трошоци.
(5) За нотарските трошоци и адвокатските трошоци настанати по донесување на нотарскиот платен налог кои не се опфатени во него, нотарот и адвокатот му издаваат на доверителот пресметковен лист кој претставува составен дел на нотарскиот платен налог.

Член 76

Доверителот или адвокатот како полномошник на доверителот може да побара повлекување на предлогот за издавање на нотарски платен налог без согласност на должникот, само до поднесување на приговорот. Ако предлогот за издавање на платен налог биде повлечен, нотарот со решение ќе констатира повлекување на предлогот и ќе го укине донесеното решение, а доколку доверителот или адвокатот како полномошник на доверителот не бара изготвување на формално решение, нотарот ќе ги архивира списите на предметот.

Член 77

Во постапката пред нотар за издавање на решение за нотарски платен налог со исклучок на случаите предвидени со член 68 став (3) (за предлог, решение и приговор) се плаќа судска такса согласно Законот за судските такси, намалена според Законот за нотаријатот.

Член 78

Решението со кое нотарот издава нотарски платен налог ја има следната содржина:
– податоци за нотарот кој го издава платниот налог,
– назначување дека е решение со кое се издава нотарски платен налог,
– назначување дека се усвојува предложениот нотарски платен налог и се задолжува должникот да му го плати на доверителот пристигнатото парично побарување според веродостојната исправа, видот и обемот на побарувањето како и трошоците на постапката во рок од осум дена од приемот на решението,
– правна поука за право на приговор во рок од осум дена од денот на приемот на решението со кое е издаден нотарскиот платен налог и
– датум на донесување на решението, потпис и печат на нотарот.

Член 79

Доставата на писмената кои произлегуваат од работата на нотарот во постапката за нотарски платен налог се врши според одредбите од Законот за парничната постапка.

Член 80

Одредбите за судски доставувачи соодветно се применуваат за овластени лица за достава, вработени во нотарската канцеларија.

Член 81

Во постапката за издавање на нотарски платен налог, во недостаток на одредби од овој закон и за изземање, соодветно се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка, согласно Закон за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/2018).

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Судот, со Решение У.бр.136/2019 од 4 март 2020 година, по повод иницијативата поднесена од истиот подносител како и во конкретниот предмет – адвокат Зоран Стојановски од Тетово, одлучил да не поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените членови 68, 69, 70, 71, 72, 73, 74, 75, 76, 77, 78, 79, 80 и 81 од Законот.

Како и во предметната иницијатива и во тогаш поднесената иницијатива подносителот правел споредба на оспорените одредби од Законот за нотаријат за нотарски платен налог со одредбите на Законот за парничната постапка за судски платен налог, каде станувало збор за иста правна состојба за која требало да решава и да одлучува суд, а не нотар. Според подносителот, нотарот немал уставни и законски овластувања да постапува по предмети од судска надлежност, а со Законот за нотаријат, законодавецот го нарушил уставниот принцип на поделба на власта и судските надлежности определени со Устав и со закон биле пропишани во надлежност на нотарите. Во однос на овие наводи, Судот во наведеното решение го изразил следниов став:

„Имајќи ги предвид изнесените уставни и законски одредби, Судот сметал дека согласно уставните овластувања законодавецот ја утврдил надлежноста на судовите во поглед на издавањето на судски платен налог, а со Законот за нотаријат, којшто е посебна јавна служба, исто така законодавецот утврдил во кои случаи и во каква постапка нотарот може да донесе решение за издавање на платен налог, а сè со цел за побрза и поевтина постапка за остварување на правата и обврските на граѓаните, како и со цел да се делува превентивно и да се поштедат граѓаните и во неспорни ситуации да водат судски постапки.

Поради тоа, Судот сметал дека со оспорените одредби од Законот за нотаријатот, нотарите не постапуваат по предмети од судска надлежност, затоа што со Законот за судовите и другите закони со кои се уредува прашањето за издавање на платниот налог се утврдува кога постапува судот и во каква постапка, а кога нотарот. Имено, како што погоре е наведено, постои разграничување во кои случаи и во каква постапка одлучува судот за донесување на платен налог, а во кои случаи и во каква постапка за ова прашање одлучува нотарот, што значи нема преклопување на надлежностите.

Воедно, согласно горенаведените уставни одредби надлежностите на судот се уредуваат со закон, како што е и постапено со Законот за судовите и други закони со кои се уредувааат одредени постапки и прашања за кои се надлежни да одлучуваат судовите, а за евентуална неусогласеност меѓу Законот за нотаријатот и другите закони со кои се уредува надлежноста и постапката пред судовите и нотарите, Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

Понатаму, од изнесените законски одредби произлегувало дека постапувањето на нотарот е со цел да се избегнат споровите и парниците пред судовите, од причина што нотарската исправа е резултат на волјата на заинтересираните лица, а доколку има нешто спорно, согласно членот 72 од Законот за нотаријатот, странките имаат право на приговор против решението со кое е издаден нотарски платен налог, којшто приговор се поднесува до надлежниот суд. Тоа значело дека и за издадениот платен налог од страна на нотар е обезбедена првостепена, па и второстепена судска заштита, при што судовите и нотарите одлучуват секој во рамките на своите законски овластувања“.

Имајќи предвид дека во предметната иницијатива не се изнесуваат поинакви аргументи од оние што Судот веќе ги оценувал и изразил свој став, Судот оцени дека наводите во сега поднесената иницијатива не може да претставуваат основ за поинакво одлучување во однос на предметот У.бр.136/2019, односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот за отфрлање на иницијативата поради res judicata.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.28/2020
7 октомври 2020 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати