У.бр.120/2019-1

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 23.09.2020 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА членот 52 од Колективниот договор за работниците во Јавното претпријатие за стопанисување со шуми „Македонски шуми“ (по ново ЈП „Национални шуми“) ПО-Скопје, склучен помеѓу Синдикатот на работниците од шумарството и дрвната индустрија на Република Македонија и Управниот одбор на ЈП „Македонски шуми“, (бр.02-468/1 од 06.02.2006, 02-202/4 од 25.01.2007, бр.02-243/3 од 09.02.2009, бр.02-1126/4 од 13.07.2009, бр.02-864/2 од 30.06.2011, бр.02-907/1 од 03.09.2014 и бр.02-675/1 од 26.08.2019).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод иницијативата на Горан Нациќ, адвокат од Скопје, со Решение У.бр.120/2019 од 03.06.2020 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 52 од Колективниот договор за работниците во Јавното претпријатие за стопанисување со шуми ЈП „Национални шуми“, ПО-Скопје, означен во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, со член 37-ц од Законот за јавните претпријатија и со член 88 став 3 од Законот за административните службеници.

4.Судот на седницата, утврди дека според член 52 став 1 од Колективниот договор вредноста на бодот ја утврдува директорот на претпријатието секој месец во зависност од остварувањето на производно-финансов план, согласно утврдените критериуми.

Според ставот 2 од истиот член од Договорот, вредноста на бодот од ставот 1 може да се движи од 0,70 до 1,30.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Вработените во Јавното претпријатие за стопанисување со државни шуми „Македонски шуми“- Скопје, по ново „Национални шуми“ имаат статус на административни службеници, даватели на услуги и помошно-технички лица, според одредбите од Законот за административните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014, 199/2014, 48/2015, 154/2015, 5/2016, 142/2016, 11/2018, 275/2019 и 14/20200) и одредбите од Законот за вработените во јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014, 199/2014, 27/2016, 35/2018, 198/2018, 143/2019, 14/2020).

Во член 4 став 1 од Законот за административните службеници е предвидено дека со Законот за административните службеници се уредува статусот и други прашања во врска со работниот однос на административните службеници. Според ставот 5 од истиот член од Законот, за прашањата коишто се однесуваат на работниот однос на административните службеници, а кои не се уредени со овој закон, со Законот за вработени во јавниот сектор или со посебните закони и со колективните договори, се применуваат општите прописи за работните односи.

Од анализата на содржината на член 4 став 5 од Законот за административните службеници, како и од анализата на содржината на останатите одредби од наведениот закон, произлегува дека по однос на административните службеници во целост се уредени прашањата поврзани со класификацијата, категориите и нивоата на работните места (членови 21-29), како и прашањата поврзани со платата и надоместоците на плата (членови 85-97). Оттаму, произлегува заклучокот дека во правниот поредок на Република Македонија, по однос на административните службеници од ЈП „Национални шуми“ постои целосна законска уреденост по однос на компонентите на платата, вредноста на бодот, додатоците и други надоместоци на плата.

Притоа во членот 86 од наведениот закон е определено дека платата на административниот службеник се состои од следниве компоненти:
– основна компонента и
– исклучителна компонента.

Членот 87 од Законот има детална разработка на елементите коишто ја чинат основната компонента (дел на плата за степен на образование, дел на плата за ниво и дел на плата за стаж) со разработка според предвиден број на бодови.

Во член 88 став 3 од Законот за административните службеници е определено дека вредноста на бодот за пресметување на платите на јавните службеници се утврдува секоја година со одлука на основачот која, на предлог на надлежниот функционер, се донесува во рок од десет дена од денот на влегувањето во сила на буџетот на институцијата, а во рамките на предвидениот буџет и врз основа на вкупниот број на административни службеници распо-редени по соодветните нивоа за тековната година.

Членот 89 од Законот за административните службеници определува дека исклучителната компонента на платата ја сочинуваат следниве додатоци: за посебни услови на работа; заради прилагодување кон пазарот на трудот, како и за ноќна работа, работа во смени и прекувремена работа.

Во членот 7 од Законот за вработените во јавниот сектор е разработено начело на управување со ефектот на вработените и тоа на следниот начин:

Институциите се должни да воспостават процедури за управување со ефектот на вработените преку негово континуирано следење и оценување и предлагање на мерки за негово подобрување (став 1).

Оценката за учинокот е мерка за придонесот на вработениот за ефикасно и ефективно функционирање на институ-цијата која се мери преку квалитетот, динамиката, почитувањето на роковите, нивото на исполнување на работните цели и задачи, сервисната ориентација, професионалноста и однесувањето на вработениот, како и преку други критериуми од интерес за институцијата (став 2).

Оценката од ставот 2 на овој член е основ за зголемување или намалување на платата на вработениот, утврдување на парична или друг вид материјална или нематеријална награда, унапредување или распоредување на работно место на пониско ниво, или прекинување на работниот однос, на начин и во постапка утврдена со закон и со колективен договор (став 3).

Член 37 став 1 од Законот за јавните претпријатија определува дека местата на вработените во јавните претпријатија се групираат во групи и подгрупи согласно со Законот за вработените во јавниот сектор, и тоа:
– група I подгрупа 2 јавни службеници,
– група III подгрупа 5 даватели на јавни услуги во јавните претпријатија и
– група IV подгрупи 1, 2, 3, 4 и 5 помошно-технички лица.

Според членот 37-ц од истиот закон, начинот на утврдување на основната плата и на додатоците на плата на вработените во јавните претпријатија ги утврдува управниот одбор на јавното претпријатие, а вредноста на бодот на основната плата ја утврдува директорот на јавното претпријатие.

Исто така, и со членот 50 од Колективниот договор на работниците во Јавното претпријатие за стопанисување со шуми ЈП „Национални шуми“ ПО-Скопје се определува дека нето-платата на работникот се состои од основна плата, дел од плата за работна успешност и додатоци на плата.

Тргнувајќи од анализата на оспорениот член 52 од Колективниот договор произлегува дека во него е содржано овластување на директорот на претпријатието да ја утврдува вредноста на бодот за секој месец во зависност од остварувањето на производно-финансовиот план, согласно утврдените критериуми, при што вредноста на бодот може да се движи од 0,70 до 1,30.

Членот 37-ц од Законот за јавните претпријатија определува, исто така, дека вредноста на бодот ја утврдува директорот на јавното претпријатије, но не на сите компоненти на платата (основна плата и додатоците), туку само на основната плата. Притоа во оваа законска норма нема овластување за определување на коефициентот, според кој се пресметува платата секој месец како што тоа го предвидува оспорената одредба.

Оттаму, уредувањето во оспорениот член 52 од Колективниот договор директорот еднаш месечно да ја утврдува вредноста на бодот на целокупната плата не е во согласност со членот 37-ц од Законот за јавните претпријатија којшто предвидува вредноста на бодот да ја определува директорот и тоа само по однос на основната плата. Исто така, оспорената одредба не е во согласност со член 88 став 3 од Законот за административните службеници којшто предвидува вредноста на бодот за пресметување на платите на јавните службеници да се утврдува секоја година со одлука на основачот која, на предлог на надлежниот функционер, да се донесува во рок од десет дена од денот на влегувањето во сила на буџетот на институцијата, а во рамките на предвидениот буџет и врз основа на вкупниот број на административни службеници распо-редени по соодветните нивоа за тековната година, а не да се утврдува еднаш во месецот, како што предвидува оспорената одредба.

Судот, имајќи предвид дека подзаконските акти, односно колективните договори мораат да бидат во согласност со повисоките акти, односно законите и Уставот, што овде не е случај, оцени дека оспорената одредба не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Оваа уставна норма инсистира на усогласеност на правниот поредок заради постоење правна сигурност, јасна и недвосмислена уреденост.

Врз основа на направената анализа, Судот, исто така, оцени дека оспорената одредба не е во согласност и со член 37-ц од Законот за јавните претпријатија како и со член 88 став 3 од Законот за административните службеници.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.120/2019
23.09.2020 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати