Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019), на седницата одржана на 23 септември 2020 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконско следење на комуникациите („Службен весник на Република Македонија“ бр.159/2015) во целина и посебно членовите 1, 2, 3, 6, 9, 11, 17, 18 и 23.
2.Тодор Петров од Гевгелија и Живко Делиџаков од с.Богородица, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијативи за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите истакнати во иницијативата на Тодор Петров, со оспорениот закон се повредувал Уставот на Република Северна Македонија бидејќи истиот предвидува јавниот обвинител да го избере Советот на јавни обвинители, што било спротивно на членот 106 од Уставот, односно Амандман XXX според кој јавниот обвинител го именува и разрешува Собранието на Република Македонија.
Понатаму, во иницијативата се наведува дека согласно Уставот на Република Македонија Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган којшто ги гони сторителите на кривични дела и своите функции ги врши врз основа и во рамките на Уставот и во Законот за јавното обвинителство. Оттука, според подносителот на иницијативата во ниту еден од наведените правни акти не се предвидувало дека може да се избере специјален јавен обвинител единствeно за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. При постоечки Јавен обвинител на Република Македонија именуван во редовна постапка, спротивно на Уставот и постоечкиот Закон за Јавното обвинителство во иницијативата се наведува дека со оспорениот закон се воведувала и формирала нова паралелна институција.
Подносителот на иницијативата наведува дека со донесувањето на новиот закон, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија повеќе не бил единствен и самостоен државен орган којшто ги гони сторителите на кривични дела, односно во конкретниот случај се донесувал закон со кој се формирал паралелен (специјален) јавен обвинител кој работел самостојно и независно со закон дадени овластувања што ги нема во Уставот.
Според наводите во иницијативата, со оспорениот закон се блокирала надлежноста и работата и функционирањето на Јавното обвинителство, а никаде во Уставот и Законот за јавното обвинителство не се допушта формирање на вакво тело (Специјален јавен обвинител). Оттука, во иницијативата се наведува дека, со тоа се повредувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, владеењето на правото со што се доведувала во прашање правната сигурност на граѓаните во Република Северна Македонија, како и основните слободи и права на човекот и граѓанинот бидејќи со овој закон граѓаните на Република Северна Македонија не биле еднакви.
Имено, Законот за специјален јавен обвинител важел само за определен круг на граѓани и за определен временски период, поради што било сосема јасно дека сите граѓани не биле еднакви пред Уставот и законите. Оспорениот закон, според наводите во иницијативата не можел да претставува акт за операционализација – примена на Уставот и законот бидејќи истиот бил во спротивност со Уставот.
Во иницијативата, исто така, посебно се оспоруваат и членовите 1, 2, 3, 6, 9, 11, 17, 18 и 23 од Законот, наведувајќи дека истите се во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 14, член 23, член 32 став 2, член 51, член 69 и член 106 од Уставот. Имено, според наводите во оваа иницијатива посебно се потенцира неуставноса на целината на Законот, како и на одделно наведените членови, од аспект на потребното мнозинство за избор и разрешување на именуваните јавни обвинители кои според иницијативата, биле и во спротивност со Законот за јавното обвинителство, како и со ограничување на правото на достапност на работно место во смисла на член 32 став 2 од Уставот.
Поради наведените аргументи, подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд на Република Северна Македонија да го поништи оспорениот закон во целост и истовремено се предлага Уставниот суд да донесе решение за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на Законот, бидејќи со неговото извршување би можело да настанат тешко отстранливи последици, а во смисла на член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македнија.
Со втората иницијатива поднесена од Живко Делиџаков, исто така, се оспорува целината на Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите vis a vis членот 106 од уставот на Република Северна Македонија. Имено, во иницијативата се наведува дека Уставот на Република Северна Македонија јасно предвидува дека Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, регулирано согласно Законот за Јавно обвинителство, е единствен и самостоен државен орган и не предвидува друг самостоен државен орган кој би можел да има овластување да врши јавно обвинителска функција, односно кој ќе ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела. Поточно, ниту Законот за Јавно обвинителство, ниту Уставот не предвидувале формирање на посебно јавно обвинителство, ниту вонредни јавни обвинителства како посебна форма за постапување во вонредни случаи или пак откривање и гонење на посебни случаи на сторување на кривични дела.
Според подносителите на иницијативите Уставот на Република Северна Македонија веќе имал предвидено два правни механизми за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и нивно откривање на сторителите, а тоа биле Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и Анкетната комисија формирана во Собранието на Република Северна Македонија. Поради овие аргументи и во оваа иницијатива се предлага укинување на оспорениот закон во целост.
3.Судот на седницата утврди дека оспорениот закон содржи вкупно XVI глави, со наслов:
I. Глава –Основни одредби,
II. Глава – Значење на изразите употребени во овој закон,
III. Глава – Избор на јавен обвинител кој раководи со Јавното обвинителство.
IV. Глава – Услови за избор на јавен обвинител кој раководи со Јавното обвинителство.
V. Глава – Надлежности и должности на јавниот обвинител,
VI. Глава – Начело на автономија на јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство.
VII. Глава – Одговорност на јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство.
VIII. Глава – Односи со јавност,
IX. Глава – Организација на јавното обвинителство,
X. Глава – Начела на хиерархија и субординација,
XI. Глава – Воспоставување надлежност врз тековни предмети.
XII. Глава – Меѓународна правна помош и соработка.
XIII. Глава – Финансирање и административни средства.
XIV. Глава – Разрешување на јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство и престанок на Јавното обвинителство.
XV. Глава – Краен рок за покренување на обвинение, и
XVI. Глава – Преодни и завршни одредби.
4. Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконско следење на комуникациите, Собранието на Република Северна Македонија го донесе на седницата одржана на 15 септември 2015 година и истиот е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.159/2015 од 15 септември 2015 година.
Собранието на Република Северна Македонија на седницата одржана на 16 февруари 2020 година го донесе Законот за јавното обвинителство којшто е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020 од 16 февруари 2020 година.
Според членот 112 од овој закон, со денот на започнување на примена на овој закон престануваат да важат Законот за јавното обвинителство (“Службен весник на Република Македонија” бр.150/2007, 111/2008 и 198/2018) и Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконско следење на комуникациите („Службен весник на Република Македонија“ бр.159/2015).
Согласно членот 113 од истиот закон овој закон се објавува во “Службен весник на Република Северна Македонија”, а влегува во сила и ќе започне да се применува од 30 јуни 2020 година.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Имајќи ја во вид наведената фактичка состојба од која произлегува дека со донесувањето на новиот Закон за јавното обвинителство и неговото влегување во сила и примена на 30 јуни 2020 година престанува да важи оспорениот Закон за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконско следење на комуникациите („Службен весник на Република Македонија“ бр.159/2015), Судот оцени дека истиот е надвор од правниот поредок на Република Северна Македонија и не е повеќе во правна сила.
Имајќи во предвид дека Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконско следење на комуникациите сметано од 30 јуни 2020 година престанал да важи и не е дел од правниот поредок, Судот утврди дека согласно наведената деловничка одредба се настапени условите за отфрлање на иницијативите поради постоење на процесни пречки за одлучување.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, Никола Ивановски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.97/2015
У.бр.60/2016
23 септември 2020 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати