Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 2 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и “Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 08 јули 2020 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за нотаријатот за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-2922/1 од 8 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 95/2020).
2. Ениса Рами од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на актот, означени во точката 1 од Решението.
Според наводите од иницијативата оспорената уредба со законска сила не била согласна со член 8 став 1 алинеја 3, членот 51, членот 58 и членот 126 од Уставот на Република Северна Македонија, членот 2 од Законот за нотаријатот, член 15 став 1 и членот 17 од Европската конвенција за заштита на човековите права и член 4 став 1 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права.
Со иницијативата се цитираат содржините на член 8 став 1 алинеја 3 и членот 118 од Уставот и се наведува дека во таа насока оспорената уредба со законска сила била директно спротивна и со член 15 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права, како и член 4 став 1 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права. Воедно со иницијативата се наведува дека согласно членот 126 од Уставот, којшто го овластува Владата да носи уредби со законска сила при постоење на вонредна состојба, нагласувал дека тие уредби мора да бидат во согласност со Уставот и со закон.
Според наводите од иницијативата, со оглед на фактот дека организацијата на Нотарската комора во никој случај не била поврзана и не влијаела врз справувањето со актуелниот коронавирус, ниту во услови на вонредна состојба Владата немала овластување да се меша во истата и да носи уредби со законска сила со која го продолжува мандатот на претседателот на Нотарската комора и на членовите на органите на Нотарската комора избрани во 2017 година.
Поради наведеното, со иницијативата првенствено се предлага донесување на времена мерка согласно членот 27 од Деловникот на Судот, поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот акт, а потоа истата да се поништи.
3. Судот на седницата утврди дека:
Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 8 април 2020 година, донесе
У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА НОТАРИЈАТОТ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА
Член 1
Во Уредбата со законска сила за примена на Законот за нотаријатот за време на вонредната состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.70/20), во член 1, во ставот 2 по зборот „испит“ се додаваат зборовите „и продолжување на мандатот на претседателот на Нотарската комора и на членовите на органите на Нотарската комора“.
Член 2
Во член 2, по ставот 1 се додаваат два нови става 2 и 3, кои гласат: „Мандатот на претседателот на Нотарската комора и на членовите на органите на Нотарската комора избрани во 2017 година, се продолжува за време на траењето на вонредната состојба.
Собранието на Нотарската комора е должно во рок од 30 дена од денот на престанување на траењето на вонредната состојба да започне, односно да ја продолжи постапката за избор на претседател на Нотарската комора и на членовите на органите на Нотарската комора.“
Член 3
Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр. 44-2922/1 Претседател на Владата
8 април 2020 година на Република Северна Македонија,
Скопје Оливер Спасовски, с.р.
4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Во конкретниот случај, Судот утврди дека со Решение У.бр.64/2020 од 15 мај 2020 година, Уставниот суд не повел постапка за оценување на уставноста на:
-Уредбата со законска сила за примена на Законот за нотаријатот за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-2147/5 од 19 март 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 70/2020) и
-Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за нотаријатот за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-2922/1 од 8 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 95/2020).
Од образложението на Решението:
„…Со временото одлагање на постапката за полагањето на нотарскиот испит и постапките за избор за вршители на функциите претседател на Нотарската комора и на членовите на органите на Нотарската комора избрани во 2017 година, според Судот, не се доведува во прашање остварувањето на уставните права на граѓаните на образование и на правото да учествуваат во вршењето на јавни функции, а воедно со оспорената уредба со законска сила и нејзиното дополнување, не се повредува Законот за нотаријатот, бидејќи не е во насока на воспоставување на нови норми, различни од веќе уредените со Законот во однос на условите и критериумите за полагање на нотарскиот испит и за избор и именување на вршители на функции во Нотарската комора, туку само за времено одлагање на периодот за фактичка реализација на постојните норми со Законот за нотаријатот, а кое одлагање наоѓа свое оправдување во затекнатата состојба со појавата на covid-19 на територијата на Републиката и со цел да се минимизираат последиците од ширењето на коронавирусот меѓу населението.
Што се однесува до наводите од подносителот на иницијативата дека во отсуство на донесен закон за вонредна состојба, Владата не можела да донесува уредби со законска сила, според Судот, истите не се основани, бидејќи овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила при постоење на воена или вонредна состојба, директно произлегува од одредбите на Уставот, поточно од членот 126 од Уставот.
Уредбите со законска сила се специфични правни прописи коишто се донесуваат во вонредна состојба кога има потреба од преземање брзи и ефикасни мерки, од брзо нормирање на определени прашања коишто не се нормирани во закон или се нормирани на начин којшто не дозволува ефикасно преземање на мерки коишто ги наложува вонредната состојба, со цел соочување и надминување на причините коишто довеле до вонредната состојба и последиците од истата.
Оттука, со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може да регулира поинаку одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но, ваквите овластувања не се неограничени. Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки коишто се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чиешто задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.
5. Имајќи предвид дека Уставниот суд постапувајќи по предметот У.бр.64/2020, веќе одлучувал и се произнел во однос на уставноста и на сега оспорената уредба со законска сила, а во конкретниот случај нема основ за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.
6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, Никола Ивановски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.172/2020
8 јули 2020 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати