У.бр.175/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 202/2019), на седницата одржана на 8 јули 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за ограничување на правото на исплата на паричните паушали и паричните надоместоци на претседателите и членовите на одборите на директори, претседателите и членовите на управни и надзорни одбори, претседатели и членови на комисии, работни групи и советодавни и експертски тела формирани од државната и локалната власт и претседателите и членовите на советите на единиците на локалната самоуправа за време на вонредната состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 94/2020).

2. Ванчо Шехтански, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата ја оспорува уредбата со законска сила од аспект на нејзиното времетраење.

Според него, сосема контрадикторно било тоа што иако во членот 1 од предметната уредба стоело дека ограничувањето на правото на исплата на парични паушали и парични надоместоци се предвидувало за времетраење на вонредната состојба, во текстот на членот 2 на предметната уредба се наведувало дека истата имала законска сила заклучно со месец декември 2020 година.

Според подносителот, нелогично било за периодот додека им се ограничува ова право, лицата опфатени со уредбата, бесплатно да извршуваат советодавна и одлучувачка функција во наведените институции.

Ова доведувало до повреда на основните слободи и права на човекот и граѓанинот спротивно на членот 9 од Уставот, поради што се бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на конкретната уредба, со што ќе се запре примената на истата.

3. Судот на седницата утврди дека Уредбата со законска сила за ограничување на правото на исплата на паричните паушали и паричните надоместоци на претседателите и членовите на одборите на директори, претседателите и членовите на управни и надзорни одбори, претседатели и членови на комисии, работни групи и советодавни и експертски тела формирани од државната и локалната власт и претседателите и членовите на советите на единиците на локалната самоуправа за време на вонредната состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 94/2020) не е повеќе во правниот поредок.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија предвидува дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај, оспорената Уредба со законска сила за ограничување на правото на исплата на паричните паушали и паричните надоместоци на претседателите и членовите на одборите на директори, претседателите и членовите на управни и надзорни одбори, претседатели и членови на комисии, работни групи и советодавни и експертски тела формирани од државната и локалната власт и претседателите и членовите на советите на единиците на локалната самоуправа за време на вонредната состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 94/2020), беше предмет на оцена пред Уставниот суд, при што, со Одлука У.бр.141/2020 од 24 јуни 2020 година, Судот истата ја поништи како несогласна со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4, членот 9, членот 54 и член 126 став 2 од Уставот.

Имајќи предвид дека оспорената уредба не е повеќе во правниот поредок, постојат процесни пречки за постапување по предметната иницијатива при што исполнети се условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот за отфрлање на истата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.175/2020
08.07.2020 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати