У.бр.209/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 27 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019), на седницата одржана на 8 јули 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценка на уставноста на Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба, бр.44-5217/1 од 9 јуни 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2020),

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на Уредбата со законска сила означена во точката 1 од ова решение.

3. НЕ СЕ ПОВЕДУВА ПОСТАПКА за оценка на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба, број 44-2813/1 од 3 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“број 90/2020).

4. „Куба Либре“ ДООЕЛ Охрид, од Охрид, „Потпеш Компани“ ДОО Охрид од Охрид, „Кадмо плажа и Клуб“ ДООЕЛ Охрид, од Охрид, застапувани од Адвокатско друштво Гоџо, Кичеец и Новаковски, од Охрид поднесоа иницијатива до Уставниот суд на Република Северна Македонија за поведување постапка за оценка на уставноста на уредбите означени во точките 1 и 3 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, подносителите на иниција­тивата се правни лица кои веќе подолг временски период вршат дејност како угостителски објекти на плажи на охридското крајбрежје. Иницијално објектите биле изградени во согласност со проект наложен од страна на закуподавачот, по склучување на договори за закуп во траење од по 5 години (секој за предметната плажа) по завршување на постапка за јавно наддавање. По истекот на овие први договори било спроведено ново јавно наддавање, каде подносителите повторно биле најповолните понудувачи и повторно биле склучени договори за закуп од 5 години. По истекот на периодот определен во овој втор по ред закуп, со значително задоцнување од страна на надлежните органи во јули 2018 година била започната нова постапка за јавно наддавање за трет период од 5 години. Овие постапки за јавно наддавање до денес се уште не биле финално завршени поради голем број на пропусти во спроведувањето.

Во однос на оспорените уредби со законска сила истите немале никаква врска со вонредната состојба која била прогласена во државата поради епидемијата со Ковид-19. Имено, градежното земјиште и урбанизмот немаат допирна точка ни тематски, ни контекстуално со справување со епидемија на заразна болест. Меѓу другото, службите надлежни за урбанизам и градежно земјиште на локално ниво практично не функционираат (не се издаваат ни одобренија за градење, постапките за легализација се ефективно запрени и слично). Прво поради т.н. мораториум на градење неформално беше речиси целосно запрена активноста на овие сектори, за потоа поради епидемијата уште повеќе да е блокирано работењето на надлежните органи од секторот за урбанизам. Понатаму, фактот дека уредбите се однесуваат на материја којашто нема допирна точка со спречување на ширење на епидемијата Ковид-19 значи дека уредбите се косат со член 15 став 1 од Европската конвенција за човекови права, каде е предвидено дека мерките коишто се преземаат во вонредна состојба мора да се во согласност со барањата кои ги наложува конкретната вонредна состојба. Имајќи го предвид член 15 став 1 од ЕКЧП јасно било дека мерките на Владата т.е. уредбите со законска сила мора да се однесуваат директно на справување со ширење на епидемијата со Ковид-19. Од овој аспект подносителите на иницијативата сметаат дека Владата на Република Северна Македонија ги пречекорила своите овластувања со донесувањето на оспорените уредби.

Во Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба донесена на седница на Владата од 03.04.2020 година директно било предвидено нејзино важење по истек на вонредната состојба, кое меѓу другото само ги привилегира државните органи со пролонгирање на роковите за постапки за јавни наддавања за 60 дена од денот на престанок на вонредната состојба. Додека во Уредбата за дополнување на Уредбата со законска сила донесена на седница на Владата од 10.06.2020 било експлицитно определено дека оваа уредба ќе се применува до 31.12.2020 година. Спротивно на секоја правна логика е уредба со законска сила донесена во рамки на вонредна состојба да произведува правни последици по истекот на вонредната состојба врз основа на која е добиено овластувањето за носење на такви уредби. Постоењето на уредби со законска сила донесени во вонредна состојба кои произведуваат правни последици по истекот на таа вонредна состојба се правен апсурд кој доколку би постоел би значел флангрантно мешање на извршната власт во законодавната што е незамисливо во демократско општество, и е спротивно на член 8 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија.

Воедно, во иницијативата се наведува дека донесувањето на уредби со законска сила кои не соодветствуваат со карактерот на вонредната состојба, нејзиното надминување или ублажување на последиците од неа претставува јасна репресија и нарушување на основните човекови и граѓански права на сите засегнати правни субјекти. Во контекст на опишаниот начин на постапување на Владата надвор од нејзините овластувања се наведува дека согласно член 46 од Законот за градежно земјиште, надлежностите за склучување на договори за закуп, постапки за јавно наддавање во врска со закуп и продажба на државно земјиште се на единиците на локална самоуправа. Во смисол на истото одредбата во член 2-а од Уредбата за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште каде е определено дека се забранува понатамошно вршење на дејност од страна на закупецот е крајно нелогична. Нема никаков основ во Законот за градежно земјиште да се интервенира со уредба за материја којашто е уредена со системскиот Закон за трговски друштва. Понатаму, единствен орган којшто има надлежност да одлучува за забранување на вршење на дејност на еден правен субјект е судот и истото не може да се определи со генерален акт како уредба. Во член 2-б од оваа уредба е наведено дека надзорот над вршењето на дејноста ќе го прави Управата за јавни приходи и Државниот пазарен инспекторат чии надлежности не се компатибилни со надлежностите на овие органи. Поточно, Управата за јавни приходи и Државниот пазарен инспекторат немаат надлежност да одлучуваат за забрана на вршење на дејност, освен ако тоа не е определено со посебен релевантен lex specialis. На кратко, ни Управата за јавни приходи ни Државниот пазарен инспекторат немаат овластување да донесат одлука со која генерално ќе се забрани вршење на дејност на закупецот како правно лице и покрај можноста еден деловен објект да биде затворен привремено поради конкретни пропусти во работењето. Финално, се укажува дека ни Државениот пазарен инспекторат, ни Управата за јавни приходи нема причина да бидат инволвирани во тематика која е класичен пример за граѓански спор.

Уредбите со законска сила се директно врзани со постоечката позитивна регулатива и истите мора да се однесуваат на области и прашања кои се веќе опфатени со важечки прописи. Ова буквално значи дека со уредба со законска сила не може да се креира нова регулатива и уредбата да претставува оригинерен извор на правото. Уредбите со законска сила се деривативен извор на правото, во смисол на дообјаснување на примена на определени одредби vis a vis конкретната вонредна ситуација и не смее да се користат како алтернатива на измени и дополнувања во постоечки закони.

Како заклучок во иницијативата се наведува дека Владата на Република Северна Македонија ги донела двете уредби со законска сила за време на вонредна ситуација настаната поради глобалната Ковид-19 епидемија и здравствена криза, кои се однесуваат на примената на Законот за градежно земјиште и немаат контактна точка со справување со епидемијата. Конкретните уредби не само што не се во функција со справување на причината за настанување на вонредната состојба или ублажување на реперкусиите од вонредната состојба, туку во нив е предвидено и долго важење по престанувањето на вонредната состојба.

Од овие причини се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста на оспорените уредби и истите да ги поништи и со решение, согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, да го запре извршувањето на оспорените уредби.

5. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Маке­донија, на седницата, одржана на 3 април 2020 година, донесе

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ГРАДЕЖНО ЗЕМЈИШТЕ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Законот за градежно земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр. 15/15, 98/15, 193/15, 226/15, 31/16, 142/16, 190/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 275/19) ќе се применува за време на траење на вонредната состојба доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.
За роковите за преземање на предметите по започнатите постапки со непосредна спогодба и со јавно наддавање на градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија, за преземање на следењето, вршењето и сите активности кои произлегуваат од работите за располагање со градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија, за преземање на надлежностите за располагање со градежно земјиште во сопственостна Република Северна Македонија, за донесување на Годишната програма, како и за формирање на Комисијата за спроведување на постапки за јавно наддавање и за воспоставување на Електронскиот систем за јавно наддавање на градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија, ќе се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.

Член 2

Роковите за преземање на предметите по започнатите постапки со непосредна спогодба и со јавно наддавање на градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија, за преземање на следењето, вршењето и сите активности кои произлегуваат од работите за располагање со градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија, за преземање на надлежностите за располагање со градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија, за донесување на Годишната програма, како и за формирање на Комисијата за спроведување на постапки за јавно наддавање и за воспоставување на Електронскиот систем за јавно наддавање на градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија, се продолжуваат за 60 дена од денот на престанок на вонредната состојба.

Член 3

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр.44-2813/1                                                                                                                                                                                               Претседател на Владата
3 април 2020 година                                                                                                                                                                        на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                           Оливер Спасовски,с.р.

Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 9 јуни 2020 година, донесе

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ГРАДЕЖНО ЗЕМЈИШТЕ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Во Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 90/20), по членот 2 се додават два нови Македонија“ број 90/20) по членот 2 се додаваат два нови члена члена 2-а и 2-б кои гласат:

„Член 2-а

Градежното земјиште предвидено со урбанистички план или урбанистичко-планска документација за плажа, кое било предмет на краткотраен закуп, а временскиот рок за краткотраен закуп е истечен или Договорот за краткотраен закуп е предвремено раскинат, потребно е да биде вратено во правобитна состојба од страна на закупецот, и се забранува понатамошно вршење на дејност од страна на закупецот“.

Член 2-б

„Надзорот над вршењето на дејноста во рамки на градежното земјиште предвидено со урбанистички план или урбанистичко-планска документација за плажа, се врши од страна на Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи, a не постапувањето од страна на закупецот во согласност со член 2-а од оваа уредба, претставува основ Државниот пазарен инспекторат да изврши затворање на објектите.“

Член 2

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе се применува до 31.12.2020 година.

Бр. 44-5217/1                                                                                                                                                                                                           Претседател на Владата
9 јуни 2020 година                                                                                                                                                                                          на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                                        Оливер Спасовски, с.р.

6. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок во Република Северна Македонија.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 63 став 6 од Уставот, Собранието се распушта ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници.

Во делот на Уставот којшто се однесува на „Одбрана на Републиката, воена и вонредна состојба“, со членот 125 е определено: „Вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии (став 1); Постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници (став 2); Одлуката со која се утврдува постоење на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена (став 3); Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане (став 4).

Според членот 126 од Уставот, при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон, донесува уредби со законска сила (став 1); Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредна состојба, за што одлучува Собранието (став 2).

Собранието на Република Северна Македонија на седницата одржана на 16 февруари 2020 година, донело Одлука за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.43/2020).

Во услови кога Собранието не е распуштено, тоа може да донесе одлука со која се утврдува постоење на вонредна состојба, со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена согласно членот 125 од Уставот.

Но, ако Собранието не може да се состане, одлуката за постоење на вонредна состојба ја донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.

Во случајов, претседателот на Републиката, врз основа на членовите 125 и 126 од Уставот на Република Северна Македонија, а на предлог на Владата на Република Северна Македонија до Собранието на Република Северна Македонија утврдил постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија заради спречување на внесување, ширење и справување со коронавирус КОВИД-19, а согласно пандемиската епидемија прогласена од Светската здравствена организа­ција за нов вид на вирус кој е проширен на сите континенти и ја зафатил и територијата на Република Северна Македонија, бр.44-2329/1 од 18.03.2020 година и врз основа на известувањето од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија бр.09-1690/2 од 18.03.2020 година, Претседателот на Република Северна Македонија донел Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба, бр.08-526/2 од 18.03.2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.68/2020). Оваа одлука е донесена во услови кога во Република Северна Македонија Собранието е распуштено со Одлуката од 16.02.2020 година. Претседа­телот на Републиката, исто така по истекот на рокот на траење на прогласе­ната вонредна состојба од 30 дена, донел и уште четири следователни одлуки за утврдување на постоење на вонредна состојба, број 08-607/2 од 16 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 104/2020), број 08-682/2 од 16 мај 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 127/2020), број 08-729/2 од 30 мај 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 142/2020), и број 08-777/3 од 15 јуни 2020 година, („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.159/2020), со важност до 23 јуни 2020 година.

Поаѓајќи од одредбите на членот 126 од Уставот, дека при постоење на воена или вонредна состојба Владата донесува уредби со законска сила и ова овластување на Владата трае до завршувањето на воената или вонредната состојба за што одлучува Собранието, неспорно е правото за донесување на уредби со законска сила. Ова поради тоа што со Уставот јасно е определено дека кога Собранието не е во можност да се состане, претседателот на Републиката може да прогласи постоење на вонредна состојба, дека одлуката за прогласување се доставува на потврдување на Собранието штом тоа ќе може да се состане. Прашањето за донесување на уредби со законска сила во услови на вонредна состојба, е поврзано со вонредната состојба и неспорно со Уставот е дадено такво овластување на Владата. Не е спорно прашањето од уставно-правен карактер дали Владата има овластување да донесува уредби со законска сила бидејќи со Уставот е дадено такво овластување и постои уставен основ за тоа, ова особено што во концептот на Уставот, Владата останува на должност до изборот на нова Влада и кога мандатот и престанал поради распуштање на Собранието (член 93 став 5 од Уставот), а Собранието се распушта ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници (член 63 став 6 од Уставот).

Оттука, со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може да регулира поинаку одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластува­њето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки коишто се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чие задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискри­минаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечкото и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

Со член 15 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права, е утврдено дека во случај на војна или некоја друга општа опасност, која го загрозува животот на нацијата, секоја Висока страна договорничка може да презема мерки кои отстапуваат од обврските предвидени со оваа Конвенција и тоа строго во согласност со барањата што ги наложува ситуацијата и под услов таквите мерки да не бидат во спротивност со другите обврски што произлегуваат од меѓународното право.

Поаѓајќи од изнесените норми од Уставот на Република Северна Македонија и одредбата од Европската конвенција за заштита на човековите права, а имајќи ја предвид и настанатата состојба со прогласената вонредна состојба заради епидемијата од заразна болест, се оцени дека со донесената Уредба со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба, донесена на 3 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.90/ 2020) соодветно се делува и координира областа на предметната материја од Законот за градежно земјиште, во услови на траење на вонредната состојба, посебно во делот на продолжување на роковите за 60 дена од денот на престанок на вонредната состојба. Притоа не се задира во ново регулирање на права и обврски кои произлегуваат од Законот и се задржува на избалансирано координирање во материјата од овој дел на општест­вениот живот, во период кој не е редовна состојба и се настанати вонредни околности на институционалното работење и субјектите во однос на користењето на градежното земјиште. Оттука, за оспорената Уредба со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба бр.44-2813/1 од 3 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.90/2020), не може основано да се постави прашањето за несогласност со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот во иницијативата.

Од анализата на Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба, бр.44-5217/1 од 9 јуни 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2020), произлегува дека таа е донесена 14 дена пред завршување на вонредната состојба на 23 јуни 2020 година, и со неа се додаваат два нови члена, 2-а и 2-б со кои се регулираат права и обврски во дирекна врска со субјекти поврзани со закуп на градежно земјиште. Со новите одредби од Уредбата со законска сила се наложува градежното земјиште предвидено со урбанистички план или урбанистичко-планска документација за плажа, а кое било предмет на краткотраен закуп кој истекол или договорот за краткотраен закуп е предвремено раскинат, веднаш да биде вратено во првобитна состојба од страна на закупецот и се забранува понатамошно вршење на дејноста од страна на закупецот. Понатаму, се уредува дека надзорот над вршењето на дејноста во рамки на градежното земјиште предвидено со урбанистички план или урбанистичко-планска документација за плажа, ќе се врши од страна на Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи, а не постапувањето од страна на закупецот претставува основ Државниот пазарен инспекторат да изврши затворање на објектите.

За Судот не е спорно ограничувањето на правата со цел здравствена заштита во услови на пандемија и прогласена вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија поради коронавирусот, кое важи за сите граѓани.

Меѓутоа, имајќи ја во предвид оспорената уредба со законска сила со која се дополнува Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба, се постави прашањето дали регулирањето на правата и обврските од предметната материја на начин како е тоа уредено, при што определува и дека оваа Уредба со законска сила ќе се применувала до 31.12.2020 година, односно и во редовна состојба во општеството, има врска со спречување, ширење, заштита и справување со Ковид-19. Дали е ваквата регулатива пропорционална и го оправдува јавниот интерес во едно демократско општество, односно дали е неопходно потребно да се регулираат права и обврски од законска материја во надлежност на законодавната власт, со уредба со законска сила од страна на Владата, во областа од општествениот живот во сферата на имотно-правни односи со градежното земјиште, чие регулирање и решавање на правата и обврските било и е константно прашање на односи во рамки на правниот систем во редовна состојба.

Пред Судот се постави прашањето дали причината која е основа за донесување на уредби со законска сила во вонредна состојба, а тоа е постоењето на заразна болест, може да биде и причина која го оправдува режимот уреден со оспорената Уредба со законска сила со која се дополнува Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба. Дали со постоењето на заразната болест може да се оправда како неопходно потребно и легитимно регулирањето на односите на закупците на градежното земјиште во делот на плажите. Задирањето со правна регулатива преку уредби со законска сила во правата и обврските на закупците на градежно земјиште, како и во овластувањата, а во услови на општа пандемија во која се наоѓаат граѓаните и на територијата на Република Северна Македонија, би можело да има основ доколку постои сразмерност и поврзаност на мерките за ограничување со настанатата состојба заради постигнување на поставените здравствени цели за запирање на ширење на епидемијата. Меѓутоа, во случајов со одредбите на второоспорената Уредба со законска сила, нема мерки туку има режим на регулирање на односи, и оспорената уредба со законска сила не ги исполнува критериумите односно оправданите причини кои би биле насочени кон заштита на јавниот интерес во услови на постоење на епидемија од заразна болест, поради која била прогласена и вонредната состојба во земјата.

Оттука, во услови на постоење на заразна болест и постоење на општата опасност за зараза на населението, генерално мерките со уредбите со законска сила треба да се однесуваат на ограничувања на права и обврски коишто се неопходни за заштита на јавниот интерес, меѓутоа во случајов се постави основано сомнение за уставноста на донесената Уредба со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба. Судот оцени дека за оспорената уредба може да се постави прашањето за согласноста со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како и со член 15 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права.

Од овие причини, Судот утврди и дека има основ за изрекување на времена мерка согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, за запирање од извршување на одредбите од Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба.

7. Поради изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.209/2020
8 јули 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати