У.бр.185/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 71 и член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019), на седницата одржана на 12 јуни 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за извршување за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.86/2020) и Уредбата со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за извршување за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.103/2020).

2. Владо Мицковски од с.Вранешница, Кичево, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од Решението.

3. Според наводите на подносителот на иницијативата оспорените уредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 3 и член 118 од Уставот на Република Северна Македонија, како и со Протоколот 1 на членот 1 од Конвенцијата за заштита на човековите права и слободи.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека со оспорените уредби се воведувало ограничување на правото на работа, а со тоа се повредува правото на уживање на сопственоста од страна на извршителите, со тоа што важноста на Уредбата се врзувала со произволно определен датум, а не е врзан со времетраење на вонредната состојба.

Заради отстранување на тешко отстранливи последици со извршување на примена на оспорените уредби, подносителот предлага Судот да донесе времена мерка.

4. Судот на седницата утврди дека Уредбата со законска сила ја има следната содржина:

Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 25 март 2020 година, донесе

УРЕДБА
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ИЗВРШУВАЊЕ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНАТА СОСТОЈБА

Член 1

Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/16, 142/16 и 233/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 14/20) нема да се применува во периодот од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила до 30 јуни 2020 година, освен доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.

Член 2

Во периодот од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила до 30 јуни 2020 година, извршителите се должни да запрат со преземање на било какви извршни дејствија, освен: – во предметите за побарувања врз основа на законска издршка; – распределбата на средствата пристигнати на нивните посебни сметки, доколку за тоа се исполнети законските услови, – дејствијата кои следат по наплатата на средства од должникот, успешно спроведени јавни надавања, или продажби со непосредна спогодба, – примање на барања за извршување и електронско евидентирање во Уписникот за примени барања за извршување, – изготвување на барања за податоци и информации за испитување на економската состојба на должниците и електронска достава до институциите, – изготвување на налог за извршување врз недвижност и електронска достава до јавната книга заради прибележување на налогот, и – изготвување на налог за забрана за располагање и оптоварување на хартии од вредност и електронска достава до Депозитарот за хартии од вредност. Работодавaчите на должниците, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија и носителите на платен промет се должни да запрат со постапување по издадените налози од страна на извршителите, во периодот определен со член 1 од оваа уредба со законска сила. По поднесените приговори за незаконитости при извршувањето согласно член 86 од Законот за извршување, основните судови во Република Северна Македонија, се должни да донесат решенија, а Апелационите судови да одлучат по поднесените жалби против решението на судот по приговор согласно член 87 од Законот за извршување, заради создавање услови за непречена распределба на средствата пристигнати на посебните сметки на извршителите.

Член 3

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 16 април 2020 година донесе

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ИЗВРШУВАЊЕ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНАТА СОСТОЈБА

Член 1

Во Уредбата со законска сила за примената на Законот за извршување за време на вонредната состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 86/20), во член 2 став 1 во алинејата 6 по зборот „налогот,“ сврзникот „и“ се брише. Во алинејата 7 точката се заменува со запирка и се додаваат три нови алинеи 8, 9 и 10, кои гласат: „- во предметите по започнатите извршувања до 31.3.2020 година врз побарување по сметки на физичко лице кај банка, – во предметите по започнатите извршувања до 31.3.2020 година врз расположливи средства на сметки на правно лице кај носителите на платен промет-изготвување и – поднесување на заклучок за запирање со извршување од сметка на физичко или правно лице, доколку должникот го платил долгот“. По ставот 1 се додаваат три нови става 2, 3 и 4, кои гласат: „Од извршување се изземаат примањата по следните основи: примање врз основа на законска издршка, надоместок на штета настаната поради нарушување на здравјето или намалување, односно губење на работната способност и надоместок на штета за загубена издршка поради смрт на давачот на издршката; примање врз основа на надоместок поради телесно оштетување според прописите за инвалидското осигурување; примање од права на парична помош од социјална заштита (гарантирана минимална помош, надоместок заради попреченост, надоместок на плата за скратено работно време, додаток за домување, траен надоместок и еднократна парична помош) согласно со прописите од социјална заштита; примање врз основа на привремена невработеност; примања од правата за заштита на децата согласно со Законот за заштита на децата; примање врз основа на стипендија, кредит и помош на ученици и студенти; примање на питомци на Воената академија; надоместок за работа на осуден во казнено-поправен дом, освен за побарување врз основа на законско издржување, како и за побарување на надоместок на штета предизвикана со кривично дело на осудениот; примање врз основа на патни трошоци; примања од право на социјална сигурност за стари лица, согласно со прописите за социјална сигурност за старите лица; средства исплатени како хуманитарна помош или надомест на штета во ситуации предизвикани од елементарни непогоди во услови на донесена одлука за постоење на кризна состојба од страна на Владата на Република Северна Македонија или Собранието на Република Северна Македонија, средствата на посебната сметка која ја поседува извршителот, плата, пензија, надоместок на трошоци за сместување на лице, надоместок за згрижување на згрижувачко семејство, надоместок за деца корисници на семејна пензија, примања на лица во резервниот состав на Армијата на Република Северна Македонија и Полицијата, примања на воени и мирновременски воени инвалиди врз основа на инвалиднина, ортопедски додаток и инвалидски додаток, примање врз основа на договор за доживотна издршка и доживотна рента, како и врз примањето врз основа на договор за осигурување на животот и средствата исплатени како финансиска поддршка или субвенција на правни и физички лица заради надминување на последиците од коронавирусот COVID-19. Во случаите од став 2 на овој член, должникот до извршителот преку електронска комуникација поднесува барање за одложување на извршувањето и доказ дека примањата се според некој од основите утврдени во став 2 на овој член. Врз основа на барањето од став 3 на овој член, извршителот до носителот на платен промет преку електронска комуникација поднесува барање за одложување на налогот за извршување до 30 јуни 2020 година, без притоа да се наруши редоследот на прием на налогот.” Во ставот 2 кој станува став 5 зборовите „и носителите на платниот промет” се заменуваат со зборовите „Народната банка на Република Северна Македонија во случај кога со налозите за извршување се задолжува сметка која се наоѓа во рамки на трезорската сметка или здравствената трезорска сметка, Трезорот при Министерство за финансии, односно Трезорот на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија каде што на должникот му се води сметката“. Ставот 3 станува став 6.

Член 2

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

5. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Во конкретниот случај, со Решение У.бр.106/2020 од 22 мај 2020 година, Судот не поведе постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за извршување за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.86/2020 и 103/2020) затоа што оцени дека, од анализата на одредбите на наведената уредба со законска сила и нејзината измена и дополнување, произлегува дека Владата, во согласност со уставните овластувања во услови на прогласена вонредна состојба, го уредила присилното извршување, односно дека извршителите се должни да запрат со преземање на какви било извршни дејствија освен оние кои таксативно се наведени во Уредбата и нејзината измена и дополнување за период од денот на влегување во сила на истата па се до 30 јуни 2020 година, при што на таков начин Владата пропишала дека одредена видови на извршувања ќе се запрат поради влошената положба на должниците како последица на вонредната состојба, нема да се применуваат одредбите на Законот за извршување за точно определен период, туку одредбите на наведената уредба со законска сила.

Имено, оваа мерка е тесно поврзана, односно предизвикана од причините за прогласување на вонредната состојба – епидемија од COVID -19, дека е во согласност со причините и последиците од истата и го опфаќа периодот на вонредната состојба. Поради тоа, ваквата мерка има легитимна цел, општествена оправданост, разумна е и пропорционална на целта што се сака да се постигне, поради што сметаме дека не излегува надвор од овластувањето коешто согласно Уставот го има Владата во вонредна состојба.

6. Имајќи во предвид дека Судот веќе одлучувал за истата работа, а нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за извршување за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.86/2020) и Уредбата со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за извршување за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.103/2020).

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Владимир Стојаноски и Вангелина Маркудова.

У.бр.185/2020
12 јуни 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати