У.бр.127/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и “Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 12 јуни 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за финансиска подршка на самостојните уметници за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-2836/1 од 3 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 90/2020).

2. Светскиот македонски конгрес од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на актот, означен во точката 1 од Решението.

Според наводите од иницијативата, оспорената уредба со законска сила, не била согласна со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11, членот 51, член 68 став 1 алинеи 1 и 2 и Амандманот XXIX, член 125 ставови 2 и 3 и член 126 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија, чиишто содржини се цитираат во продолжение на иницијативата.

Со иницијативата се изложуваат наводи и заклучоци во однос на тоа што уредувале уставните одредби и како требало да се толкуваат и применуваат, како и дека во отсуство на донесен закон за вонредна состојба, Владата не можела да донесува уредби со законска сила, при што се бара поништување на оспорената уредба со законска сила како и предлог за донесување на решение за запирање од извршување на актите и дејствијата што се преземаат врз основа на оспорената уредба со законска сила, меѓутоа со иницијативата не се изнесени конкретни и образложени причини за неуставноста на конкретно оспорената уредба со законска сила.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената уредба со законска сила, е со следната содржина:

Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 3 април 2020 година донесе

У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА НА САМОСТОЈНИТЕ УМЕТНИЦИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Со оваа уредба со законска сила се уредува финансиската поддршка на самостојните уметници за месеците април и мај 2020 година во месечен износ од 14.500,00 денари.

Член 2

На самостојните уметници кои согласно член 16 став (3) од Законот за културата („Службен весник на Република Македонија“ бр.31/98, 49/03, 82/05, 24/07, 116/10, 47/11, 51/11, 136/12, 23/13, 187/13, 44/14, 61/15, 154/15, 39/16 и 11/18), се стекнале со право на доделување на месечни надоместоци од Буџетот на Министерството за култура за 2020 година во висина на средствата за придонеси за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување и за персонален данок на доход, им се доделува финансиска поддршка во износ од 14.500,00 денари за месеците април и мај 2020 година.

Член 3

Оваa уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-2836/1                                                                                                                                                                                                                      Претседател на Владата
3 април 2020 година                                                                                                                                                                                                 на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                                                  Оливер Спасовски, с.р.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со член 35 став 1 од Уставот се уредува дека Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Според член 47 став 3 од Уставот, Републиката го поттикнува, помага и штити развојот на науката, уметноста и културата.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со член 126 став 1 од Уставот, е утврдено дека при постоење на воена или вонредна состојба, Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила, а според ставот 2 на членот од Уставот, овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

Претседателот на Републиката со четири последователни одлуки од 18.03.2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 68/2020), од 16.04.2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 104/2020), од 16.05.2020 („Службен весник на Република Северна Македонија” број 127/2020) и од 30.05.2020 („Службен весник на Република Северна Македонија” број 142/2020), утврди постоење на вонредна состојба на територијата на Републиката, заради заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирусот COVID-19.

Со Законот за културата („Службен весник на Република Македонија“ број 31/1998, 49/2003, 82/2005, 24/2007, 116/2010, 47/2011, 51/2011, 136/2012, 23/2013, 187/2013, 44/2014, 61/2015, 154/2015, 39/2016 и 11/2018) се утврдуваат основите на културата како темелна вредност на Република Македонија, облиците на остварување на културата, начинот и условите на нејзиното финансирање, како и други прашања од интерес за културата (член 1 став 1 од Законот).

Според член 2 ставови 2 и 3 од Законот е определено дека Републиката го гарантира остварувањето на културата преку утврдување на националниот интерес на Републиката во културата и обезбедување услови за негово остварување, согласно со овој закон (став 2) и дека Републиката, исто така, го гарантира остварувањето на културата на сите заедници преку обезбедување еднакви услови за нивно остварување, согласно со овој закон (став 3).

Уметник, во смисла на овој закон е секое физичко лице што создава авторско дело од областа на уметничкото творештво или изведува авторско дело, односно дело од народното творештво, независно од образованието, правниот статус, регистрацијата, државјанството, друг вид припадност итн. (член 13).
Ако уметникот творештвото го остварува професионално, како единствено занимање и доколку согласно со овој закон и со прописите за трговските друштва се регистрира за вршење на уметничка дејност, стекнува статус на самостоен уметник и права од работен однос, согласно со овој закон и со прописите за трговските друштва (во натамошниот текст: самостоен уметник) (член 14).

Во конкретниот случај, Владата на Република Северна Македонија, повикувајќи се на прогласената вонредна состојба и овластувањето од член 126 став 1 од Уставот, донела Уредба со законска сила за финансиска поддршка на самостојните уметници за време на вонредна состојба, број 44-2836/1 од 3 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 90/2020).

Со членот 1 од оспорената уредба со законска сила е определено дека за месеците април и мај 2020 година, самостојните уметници ќе добијат финансиска поддршка во износ од 14.500,00 денари.

Со членот 2 од оспорената уредба со законска сила се наведува дека самостојните уметници кои согласно член 16 став (3) од Законот за културата, се стекнале со право на доделување на месечни надоместоци од Буџетот на Министерството за култура за 2020 година во висина на средствата за придонеси за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување и за персонален данок на доход, им се доделува финансиска поддршка во износ од 14.500,00 денари за месеците април и мај 2020 година.

Поточно, на самостојните уметници на кои од средства од Буџетот на Република Македонија, односно Буџетот на Министерството за култура за 2020 година, на месечна основа им´ се исплатуваат надоместоци за придонесите за здравствено, за пензиско и инвалидско осигурување и за персоналниот данок на доход, за месеците април и мај 2020 година, покрај тие надоместоци, а согласно оспорената уредба со законска сила, ќе им бидат исплатени и 14.500,00 денари како финансиска поддршка за наведените месеци во кои поради состојбата со коронавирусот не биле во можност да ја вршат уметничката дејност и да остваруваат приходи.

Имајќи ги предвид погоре цитираните уставни одредби според кои хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, како и уставните одредби според кои Републиката го поттикнува, помага и штити развојот на науката, уметноста и културата, во конкретниот случај поради актуелната состојба со коронавирусот, односно за надминување на последиците со кои се соочуваат самостојните уметници поради неможноста од вршење на нивната уметничка дејност, што резултира со објективна неможност и за остварување на приходи, како општествено оправдано и целисходно решение, согласно своето уставно овластување во време на прогласена вонредна состојба, Владата ја донела оспорената Уредба со законска сила за финансиска поддршка на самостојните уметници за време на вонредна состојба.

Со иницијативата се оспорува уставноста на предметната уредба со законска сила, меѓутоа во иницијативата нема конкретно образложение за причините поради кои се смета дека оспорената уредба со законска сила била спротивна на повеќе уставни одредби наведени во иницијативата. Во иницијативата се изнесуваат само наводи и заклучоци во однос на тоа што уредувале уставните одредби и како требало да се толкуваат и применуваат, како и дека во отсуство на донесен закон за вонредна состојба, Владата не можела да донесува уредби со законска сила.

Во однос на наводите од подносителот на иницијативата дека во отсуство на донесен закон за вонредна состојба, Владата не можела да донесува уредби со законска сила, истите не се основани, бидејќи овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила при постоење на воена или вонредна состојба, директно произлегува од одредбите на Уставот, поточно од членот 126 од Уставот.

Уредбите со законска сила се специфични правни прописи коишто се донесуваат во вонредна состојба кога има потреба од преземање брзи и ефикасни мерки, од брзо нормирање на определени прашања кои воопшто не се нормирани во закон или се нормирани на начин којшто не дозволува ефикасно преземање мерки кои ги наложува вонредната состојба, со цел соочување и надминување на причините коишто довеле до вонредната состојба но и последиците од истата и враќање во редовниот уставно правен поредок.

Оттука, со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може поинаку да регулира одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки коишто се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чиешто задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

Во конкретниот случај, имајќи ја предвид уставната определба според која Републиката го поттикнува, помага и штити развојот на науката, уметноста и културата, при состојба на објективна спреченост самостојните уметници да ја вршат својата дејност, а со тоа и да остваруваат приходи, Владата ја донела оспорената уредба со законска сила со интенција да се излезе во пресрет на самостојните уметници поради состојбата предизвикана со коронавирусот.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената уредба со законска сила со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.127/2020
12 јуни 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати