Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019), на седницата одржана на 3 јуни 2020 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Елена Димовска од Скопје за заштита од дискриминација по основ на национална припадност, сторена со Одлуката за избор на 3 (три) извршители по јавен оглас бр.143/2019, донесена од Агенцијата за супервизија на осигурување, бр.02-671/1 од 01.10.2019 година, како и поврзаните предлог на Комисијата за селекција врз основа на кој е донесена оспорената одлука за избор, како и Решението за вработување со кое е пополнето работното место 01.АСО0101Б01012 огласено со јавниот оглас бр. 143/2019, а кое решение е донесено по направениот избор со оспорената одлука.
2. Подносителот на барањето наведува дека преку електронскиот систем на Агенцијата за администрација поднела електронска пријава за работно место број 01.АСО0101В01012 огласено со Јавниот оглас број 103/2019 за вработување на 3 државни службеници од група I во Агенција за супервизија на осигурување. Под огласот стоела напомена: „Предвидени вработувања согласно годишниот план на институцијата за 2019 година се: Албанец(ка)“.
На огласот се пријавила свесна за нејзиното уставно загарантирано право дека и е достапно секое работно место под еднакви услови. За работното место за кое се пријавила, наведува дека ги исполнувала сите општи и посебни услови (како што било предвидено со Законот за административни службеници, а кои биле наведени во јавниот оглас. Покрај тоа, наведува дека согласно член 44 ставови 2 и 3 од Законот за административни службеници, во случај кога на конечните ранг-листи нема доволно кандидати со припадност на заедница за која согласно годишниот план на институцијата се предвидени новите вработувања, истиот се повторува само за оние работни места и за оној број на извршители, колку што недостасуваат. Доколку и при второто повторување на јавниот оглас, на ранг-листите нема доволно кандидати со припадност на заедницата за која согласно годишниот план на институцијата се предвидени новите вработувања, колку што извршители се бараат, Комисијата изготвува единствена ранг-листа на која се рангираат кандидатите од сите претходно објавени огласи за тоа работно место и ги избира најдобро рангираните од таа листа, без оглед на припадноста на заедница, и во рок од три дена и ги предлага на институцијата.
Постапката по овој оглас била запрена, за што подносителката на барањето добила известување кое не содржело образложение за запирањето (доказ 1: печатен принтскрин известување за запирање на постапката за јавниот оглас 103/2019).
Истото работно место било повторно огласено.
На 27.08.2019 година подносителката на барањето поднела електронска пријава за (истото) работно место 01.АСО0101В01012, овој пат огласено на јавниот оглас број 143/2019.
Електронската пријава била прегледана и означена за уредна, за што на 16.09.2019 година и било испратено известување преку електронскиот профил на системот (доказ 2: печатен принтскрин известување за уредност на пријави). На истиот ден, исто така, добила известување дека апликацијата (електронската пријава) за тоа работно место продолжува во следната (втора) фаза.
Електронската пријава била бодирана и од првата и од втората фаза на селекција (доказ 3: бодирање на пријавата), а согласно рангирањето, на 27.09.2019 година била известена дека било потребно на 30.09.2019 година да ги достави доказите на увид и да дојде на интервју (Доказ 4: печатена е-порака известување за фаза 3).
На наведениот ден, уредно ги поднела доказите на увид, по што тричлена Комисија за селекција, составена од еден претставник на Агенцијата за администрација и двајца претставници на Агенцијата за супервизија на осигурување, го спровеле интервјуто за кое подносителката нема поплаки и забелешки. Бодирањето од третата фаза било внесено под електронската пријава (видно доказ 3: бодирање на пријавата).
По спроведување на интервјуто, истиот ден, на веб-страната на Агенцијата за администрација била објавена конечна ранг листа од сите фази на селекција на кандидати, на која за работното место број 01.АСО0101В01012 советник за работи непосредно поврзани со Советот на експерти, под идентификациски код D453B3D, со вкупно освоени 81.01 бодови, подносителката на барањето била прворангирана (доказ 5: Конечна ранг-листа на кандидати од сите фази на селекција за оглас бр. 143/2019 – Агенција за супервизија на осигурување).
И покрај тоа што била прворангирана за наведеното работно место, донесена била одлука со која за извршител на работното место било избрано друго лице (доказ 6: Одлука за избор на 3 (три) извршители по јавен оглас бр. 143/2019, донесена на 01.10.2019 година од претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување.
Подносителката на барањето наведува дека конечната ранг- листа од сите фази на селекција на кандидати за административен службеник за оглас број 143/2019 била тргната од веб-страната на Агенцијата за администрација на денот на објавување на одлуката за избор, истата не стоела објавена и се криела за време на периодот во кој течел рокот за жалба.
На 02.10.2019 година истата побарала да и се испрати конечната ранг-листа електронски на нејзината адреса за е-пошта. На барањето не и било одговорено. Од преписката видно било избегнувањето да и се испрати конечната ранг-листа, а со последната порака од Агенцијата за администрација признавале дека конечната ранг-листа била објавена, а уште и била поучена дека Комисијата за селекција немала обврска да ја достави конечната ранг-листа до кандидатите. За среќа, подносителката наведува дека веднаш кога ја прегледала, конечната ранг-листа ја сочувала на компјутерот.
На ден 04.10.2019 година, против горенаведената одлука, согласно Законот за административни службеници, изјавила жалба до Агенцијата за администрација. Конечната ранг-листа ја добила во одговор на нејзиното барање за пристап на информации од јавен карактер (доказ 7: печатен извод од веб-страната на Агенцијата за администрација со објавени конечни ранг-листи на 03.10.2019 година, електронска преписка, одговор на барање за пристап на информации од јавен карактер).
Во врска со ускратувањето на можноста кандидатите при изјавувањето на жалба да се повикаат на конечната ранг-листа, односно бодирањето, подносителката укажува дека требало да се има предвид и тоа дека во предметната одлука за избор не биле наведени идентификациските кодови и освоените бодови на секој од избраните кандидати, истата не содржела соодветно (доволно) образложение и се повикувала на уредба која била објавена во непостоечко службено гласило (како основ за нејзино донесување). Очигледно било ограничувањето на транспарентноста на спроведената постапка за селекција.
Одлуката со која нејзината жалба се одбива како неоснована, и била доставена на 24.10.2019 година. Во образложението на Одлуката било наведено дека жалбата била неоснована во целост и дека избраниот кандидат бил најдобро рангиран кандидат со припадност на заедницата која се барала во конкретниот јавен оглас, а согласно годишниот план на институцијата. Понатаму во Одлуката, Комисијата не се осврнувала на делот од нејзината жалба кој се однесувал на кршењето на уставно загарантираното право на достапност на секое работно место под еднакви услови, туку и укажувале дека надлежен орган за заштита од дискриминација била Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (доказ 8: Одлука бр.09-526/6 донесена на 16.10.2019 година од Комисијата на Агенцијата за администрација за одлучување по жалби и приговори на административните службеници во втор степен).
По спроведувањето на постапката по јавниот оглас бр.143/2019, подносителката на барањето се чувствувала крајно дискриминирано, поради што и го поднела барањето до Уставниот суд поради тоа што:
Агенцијата за администрација не презела мерки и дејствија за превенција од дискриминација, и покрај тоа што имала законска обврска утврдена со членот 3 од Законот за спречување и заштита од дискриминација. Согласно член 38 став 2 од Законот за административни службеници, сите фази од постапката ги спроведувала Комисијата за селекција, која била должна да се грижи за законитоста на постапката. Согласно членот 37 од истиот закон, Агенцијата за администрација формирала Комисија за селекција, а претседател на Комисијата бил административен службеник од Секторот за селекција на кандидати во Агенцијата.
Иако според член 30 став 2 од Законот за административни службеници, постапката за вработување започнува со објавување на јавен оглас, по што во транспарентна, фер и конкурентна постапка на селекција се избирал најдобриот кандидат за работното место и истиот заснова работен однос со работодавачот, постапката по горенаведениот оглас за пополнување на горенаведеното работно место не била спроведена со доволно транспарентност за барем да се сочувало човечкото достоинство на кандидатите кои не исполнувале квазиуслови за вработување. Ниту еден кандидат или лице кое се пријавува (аплицира) на јавен оглас за кој постапката за селекција ја организира Агенцијата за администрација не добивал информација за останатите кандидати, бидејќи податоци коишто се објавуваат во врска со кандидатите се податоци од објавените ранг-листи по секоја фаза за селекција, и тоа само шифри на кандидати и освоени бодови.
Во текот на фазите на селекција, во ниту еден момент на подносителката на барањето не и било укажано дека постои каков било основ кој го исклучува нејзиното право под еднакви услови да биде избрана за извршител на работното место за кое конкурирала.
Како и сите кандидати во постапката за селекција фаза 3, се подготвувала за интервјуто, одвоила време и средства, очекувајќи фер и компетитивна постапка за селекција, каква и што се спровела, а по која ќе се донесе одлука за избор на најдобриот кандидат, каква што, на големо разочарување на подносителката, не била донесена.
Се поставувало прашањето: Од кои причини кандидатите се ставале во заблуда и се доведувале до последната фаза на селекција и покрај тоа што постоел некаков „основ“ кој ги исфрлал од конкуренција? Со Напомена не можело да се утврди ниту општ ниту посебен услов за вработување, а предвидување етничка припадност како услов за вработување не само што било спротивно на Уставот, туку било спротивно и на меѓународното право односно меѓународните договори ратификувани согласно Уставот (особено Конвенцијата бр.111 од 1958 година за забрана на дискриминација (во однос на вработување и професија)):
Ниту една правна празнина, непрецизно уредени постапки со закон или уредба, не биле покритие за ставање на кандидатите во заблуда на кој било начин во врска со можноста да конкурираат под еднакви услови согласно Уставот и законот и со тоа да се изложуваат на трошоци и психолошки стрес, што значело директна дискриминација и повреда на човечкото достоинство.
Потоа во барањето се цитираат членот 9, член 32 став 2 и членот 54 од Уставот.
Конечно, имајќи го предвид горенаведеното, подносителката бара Уставниот суд, согласно своите надлежности, да постапи по ова барање, да утврди дека постои повреда на забраната за дискриминација на граѓаните по основ на национална припадност, а со тоа и повреда на нејзиното право загарантирано со членот 9 од Уставот (право на еднаквост во слободите и правата независно од националното потекло) и да ги поништи Одлуката за избор на 3 (три) извршители по јавен оглас бр.143/2019, донесена на 01.10.2019 година од претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, како и поврзаните предлог на Комисијата за селекција врз основа на кој е донесена оспорената одлука за избор, како и Решението за вработување со кое е пополнето работното место 01.АСО0101Б01012 огласено со јавниот оглас бр. 143/2019, а кое решение е донесено по направениот избор со оспорената одлука. Исто така, бара начинот за отстранување на последиците од посочените акти кој ќе го определи Уставниот суд, да биде враќање во поранешна состојба и вршење избор на најдобро рангираниот кандидат без оглед на припадноста.
Како причини за барањето се наведуваат:
1.Со спроведување на постапката за вработување без да се преземат дејствија за спречување на дискриминација во фазите на селекција на кандидати:
– кандидатите со припадност која не е планирана (преферирана) за работното место биле ставени во нееднаква положба со тоа што биле повикувани (поканети) да ги поминат сите фази на селекција според нивното рангирање (за што биле изложени на трошоци, со надеж дека ќе бидат еднакво конкурентни – се избира најдобро рангираниот кандидат!), иако спроведувачот на постапката знаел дека тие не се конкурентни на кандидатите од преферираната припадност кои се пријавиле (само заради нивната припадност!), а за што спроведувачот на постапката не ги известил кандидатите од непреферираната припадност (напротив, сите ги поканил според рангирањето до последната фаза на селекција, ги оценувал и рангирал, оставјќи ги во заблуда дека се сите конкурентни под еднакви услови!).
2. Со тоа што се користела напомена наведена на крајот на јавниот оглас (со која се известува за планирано пополнување на работното место со припадник на одредена заедница), за противуставно и противзаконито да се воведе дополнителен „услов“ за вработување (и тоа вон веќе утврдените општи и посебни услови за вработување на предметното огласено работно место, а меѓу кои не била наведена преферираната припадност на заедница).
Непреземањето на дејствија за спречување на дискриминација во постапките за вработување во јавниот сектор одвраќало од пријавување на огласите за вработување, уште повеќе во услови на недоверба во механизмите за владеење на правото и заштита од дискриминација. Кандидатите за вработување во јавниот сектор кои имаат исто искуство како горе изложеното, не се одлучувале да пријават дискриминаторско постапување или да укажат на недостатоците и неправилностите, туку на следните огласи се пријавувале со тоа што во нивната апликација го пополнуваат делот за нивната етничка припадност со впишување на етничката припадност која се преферира за конкретното работно место (наведена во напомена).
Во прилог на утврдувањето на дискриминаторската пракса, на крајот од барањето се посочува на пресудата на Европскиот суд на правдата за случајот Centrum voor gelijkheid en voor racismebestrijding v Firma Feryn NV.
3. Судот на седницата утврди дека Агенцијата за супервизија на осигурување до Агенцијата за администрација доставила барање за објавување на јавен оглас за вработување на 3 (три) административни службеници, меѓу кои и за работното место број 01.АСО0101В01012 – советник за работи непосредно поврзани со Советот на експерти. Врз основа на ова барање, Агенцијата за администрација објавила јавен оглас број 103/2019, на кој подносителката на барањето се пријавила, но постапката по овој оглас била запрена по барање на органот за чии потреби била започната, за што подносителката добила известување на 21.08.2019 година.
Агенцијата за супервизија на осигурување поднела ново барање за објавување на јавен оглас за вработување на 3 (три) административни службеници, меѓу кои и за работното место број 01.АСО0101В01012 – советник за работи непосредно поврзани со Советот на експерти. Во барањето за објавување оглас, помеѓу податоците за наведеното работно место, наведено е дека предвидени вработувања согласно годишниот план на институцијата за 2019 година се: Албанец(ка).
Врз основа на ова барање, Агенцијата за администрација на 27.08.2019 година, објавила јавен оглас бр.143/2019. Во бараните услови за наведеното работно место по реден број 1. АСО0101В01012 – советник за работи непосредно поврзани со Советот на експерти, Дирекција за работи непосредно поврзани со Советот на експерти, на крајот стои НАПОМЕНА: Предвидени вработувања согласно годишниот план на институцијата за 2019 год. се: Албанец(ка) 1.
На јавниот оглас бр.143/2019 се пријавила и подносителката на барањето.
По спроведувањето на сите фази од постапката по јавниот оглас, којашто ја спроведува Агенцијата за администрација, изготвена е конечна ранг-листа на кандидатите од сите фази на селекција, каде за конкретното работно место – број 01.АСО0101В01012 – советник за работи непосредно поврзани со Советот на експерти, се прикажани првите тројца кандидати што освоиле најмногу бодови. Според идентификацискиот код на учесниците на јавниот оглас, подносителката на барањето била на прво место на конечната ранг листа со вкупно освоени 81,01 бодови.
Комисијата за селекција за вработување, врз основа на конечната ранг листа, доставила предлог до Агенцијата за супервизија, за конкретното работно место да се вработи кандидатката под реден број два, Албанка, со вкупно освоени 75,89 бодови во сите фази на селекција.
Агенцијата за супервизија на осигурување донела Одлука бр.02-671/1 од 01.10 2019 година, со која за извршител на конкретното работно место се избира кандидатката предложена од Комисијата за селекција за вработување.
Според дадената правна поука во наведената одлука, подносителката на барањето изјавила жалба против Одлуката до Агенцијата за администрација, во рок од 8 дена од објавувањето на Одлуката на интернет страната и огласната табла на Агенцијата.
Комисијата на Агенцијата за администрација за одлучување по жалби и приговори на административните службеници во втор степен, донела Одлука бр. 09-526/6 од 16.10.2019 година, со која жалбата на подносителката Елена Димовска изјавена против Одлуката за избор на 3 (три) извршители по јавен оглас бр.143/2019 број 02-671/1 од 01.10 2019 година, донесена од претседателот на Совет на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, се одбива како неоснована и се потврдува Одлуката за избор на 3 (три) извршители по јавен оглас бр.143/2019.
Според дадената правна поука, против Одлуката незадоволниот кандидат може да поднесе тужба пред надлежен суд во рок од 15 дена од денот на нејзиниот прием.
Подносителката на барањето, по барање на Уставниот суд, на 02.03.2020 година, го извести Судот дека нема поднесено тужба до надлежен суд против Одлуката на Агенцијата за администрација бр. 09-526/6 од 16.10.2019 година. Во истото известување, таа извести дека согласно укажувањето од образложението на Одлуката кое се однесувало на нејзините укажувања за постоење на дискриминација во постапката, на 12.11.2019 година, истата има поднесено претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која Комисија како и тогаш и сега била нефункционална.
Барањето за заштита на слободи и права пред Уставниот суд е поднесено на 19.11.2019 година, кое било оценето како недоволно прецизно, па по укажувањето од Судот, доставено е Дополнето барање за заштита на правото на недискриминација, примено во Судот на 28.01.2020 година.
4. Со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, определени се слободите и правата на човекот и граѓанинот чија заштита се остварува пред Уставниот суд и тие се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
Во барањето, според член 52 од Деловникот на Судот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.
5. Елена Димовска од Скопје, до Уставниот суд поднесе барање за заштита на правото на недискриминација поради тоа што со дискриминаторски дејства и донесен поединечен акт во постапката по јавниот оглас број 143/2019 – Агенција за супервизија на осигурување, и било повредено правото загарантирано со членот 9 од Уставот – правото на заштита од дискриминација по основ на национално потекло.
Подносителката бара Уставниот суд, согласно своите надлежности, да постапи по ова барање, да утврди дека постои повреда на забраната за дискриминација на граѓаните по основ на национална припадност, а со тоа и повреда на нејзиното право загарантирано со членот 9 од Уставот (право на еднаквост во слободите и правата независно од националното потекло) и да ги поништи Одлуката за избор на 3 (три) извршители по јавен оглас бр.143/2019, донесена на 01.10.2019 година од претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, како и поврзаните предлог на Комисијата за селекција врз основа на кој е донесена оспорената одлука за избор, како и Решението за вработување со кое е пополнето работното место 01.АСО0101Б01012 огласено со јавниот оглас бр. 143/2019, а кое решение е донесено по направениот избор со оспорената одлука. Исто така, бара начинот за отстранување на последиците од посочените акти кој ќе го определи Уставниот суд, да биде враќање во поранешна состојба и вршење избор на најдобро рангираниот кандидат без оглед на припадноста.
Тоа всушност значи дека подносителката на барањето ја оспорува Одлуката за избор на 3 (три) извршители по јавен оглас бр.143/2019, донесена на 01.10.2019 година од претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, како и Одлуката бр. 09-526/6 од 16.10.2019 година, на Комисијата на Агенцијата за администрација за одлучување по жалби и приговори на административните службеници во втор степен, со која жалбата на подносителката Елена Димовска изјавена против Одлуката за избор на 3 (три) извршители по јавен оглас бр.143/2019 број 02-671/1 од 01.10 2019 година, донесена од претседателот на Совет на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, се одбива како неоснована и се потврдува Одлуката за избор на 3 (три) извршители по јавен оглас бр.143/2019. Предлогот на Комисијата за селекција врз основа на кој е донесена оспорената одлука е процесен акт од законски пропишаната постапка за донесување на Одлуката и се цени заедно со Одлуката, а решението за вработување следува по донесувањето на Одлуката, како нејзина конкретна реализација, поради што овие два акти кои се посочуваат во даденото барање ја делат истата правна судбина како оспорената одлука.
Во претходната постапка пред Уставниот суд се утврди дека подносителката на барањето, иако била правно поучена за можноста од понатамошна судска заштита, доколку е незадоволна од Одлуката бр. 09-526/6 од 16.10.2019 година на Комисијата на Агенцијата за администрација за одлучување по жалби и приговори на административните службеници во втор степен, не поднела тужба против Одлуката пред надлежен суд во рок од 15 дена од денот на нејзиниот прием.
Исто така, се утврди дека истата, на 12.11.2019 година против Агенцијата за администрација, има поднесено претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминавција, а во врска со Одлуката бр. 09-526/6 од 16.10.2019 година на Комисијата на Агенцијата за администрација за одлучување по жалби и приговори на административните службеници во втор степен. Постапката по оваа претставка не е завршена.
Барањето за заштита на слободи и права пред Уставниот суд првично е поднесено на 19.11.2019 година, а потоа допрецизирано на 28.01.2010 година.
6. Инструментот заштита на слободи и права пред Уставниот суд е од супсидијарен карактер, којашто супсидијарна заштита подразбира претходно исцрпување на сите редовни правни средства коишто му стојат на располагање на барателот за заштита на слободите и правата, што значи да постои конечен или правосилен акт по прашањето за повреда на слободите и правата, вклучително и запазување на роковите во кои потоа се бара постапување пред Уставниот суд согласно член 51 од Деловникот на Судот.
Истакнувањето на барање за заштита на слободи и права директно пред Уставниот суд, без претходно постапување на надлежен суд, се однесува за случаите на повреда на слобода или право на човекот и граѓанинот, сторени со поединечен акт или дејство, во случај кога за сторените повреди со поединечен акт или дејство на државните органи и институции, органи на единиците на локалната самоуправа, како и организации со јавни овластувања, не се предвидени или кога не постојат други ефикасни правни средства за нивна заштита.
Согласно одредбите на Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2019), лицата кои сметаат дека претрпеле дискриминација можат да поднесат претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, писмено или усно на записник, без обврска за плаќање такса и друг надоместок (член 23 став 1). Лицето кое смета дека е дискриминирано може да поднесе тужба пред надлежен граѓански суд (член 32 став 1). Постапката е итна (член 32 став 3).
Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека доставеното барање пред Уставниот суд е со квалификација на прерано поднесено барање за заштита на слободи и права.
Ова од причини што во конкретниот случај, за прашањето поставено со барањето – заштита од дискриминација по национална припадност, домашното законодавство обезбедува ефикасни правни средства како што се претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (кое право подносителката на барањето го искористила, но постапката не е завршена) и тужба за заштита од дискриминација пред надлежен суд, пред кој во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност секој може да побара заштита од повредена слобода или право, како и заштита од дискриминација (право кое подносителката не го искористила).
Според тоа, второстепениот акт (Одлуката на Комисијата на Агенцијата за администрација за одлучување по жалби и приговори на административните службеници во втор степен), кој барателот го врзува со рокот определен во Деловникот, во смисла на запазување на рокот во кој може пред Уставниот суд да се поднесе барање за заштита на слободи и права од член 110 алинеја 3 од Уставот, а против кој акт не е искористено правото на судска заштита, не може да се прифати како конечен или правосилен акт од аспект на членот 51 од Деловникот.
Во согласност со член 28 алинеја 3 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај не се исполнети процесните претпоставки од членот 52 од Деловникот на Уставниот суд за впуштање во мериторно постапување и одлучување по барањето за заштита на слободите и правата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот, за отфрлање на барањето.
7. Поради наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.
У.бр.4/2020
3 јуни 2020 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати