Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 3 јуни 2020 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за извршување на санкциите за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.95/2020 од 08.04.2020 година).
2. Тодор Петров, претседателот на Светскиот македонски конгрес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на Уредбата означена во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, оспорената уредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11, членот 51, член 68 став 1 алинеи 1 и 2 и Амандманот XXIX, член 124 ставовите 2 и 3 и член 126 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија, при што истите и ги цитира.
Во наводите на иницијативата, се наведува дека во преамбулата на сите уредби со законска сила донесени од Владата за време на вонредна состојба поради пандемијата со коронавирусот од 18 март 2020 година, било наведено дека овие уредби Владата ги донела врз основа на член 126 став 1 од Уставот, според кој „При постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила“. Но, Владата го немала во предвид ставот 2 од овој член според којшто „Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.“
Во иницијативата се наведува дека, за жал немало закон за вонредна состојба и не постоела одлука на Собранието за остварување на овластувањето: Владата да донесува уредби со законска сила додека трае вонредната состојба. Според подносителот, наместо претседателот на Собранието да го свикал, а Собранието да заседавало заради донесување на закон за вонредна состојба и да го утврди со одлука постоењето на вонредната состојба по предлог на Владата, претседателот на Собранието, надлежноста за донесување на Одлука за утврдување постоење на вонредна состојба со известување од 18 март 2020 година ја пренел на претседателот на Републиката со образложение дека Собранието е распуштено, а мандатот на пратениците престанал и не можело повторно да заседава.
Според наводите во иницијативата, уредбите на Владата со законска сила донесени за време на вонредна состојба не подлежеле на потврдување од Собранието на Република Северна Македонија бидејќи биле со важност додека траела вонредната состојба, а на потврдување од Собранието подлежела само Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба што ја донесувало Собранието во согласност со член 125 став 4 од Уставот.
Според подносителот на иницијативата сите уредби со законска сила донесени од Владата за време на вонредната состојба претставувале изменувања и дополнувања на законите што била надлежност на Собранието и биле донесени без постоење на закон за вонредна состојба и без одлука на Собранието во согласност со член 126 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија, со што Владата немала овластување да донесува уредби со законска сила со важност за времетраењето на вонредната состојба. Според него, голем дел од мерките за време на вонредната состојба, Владата можела да ги донесе со примена на Законот за управување со кризи и Законот за заштита од заразни болести.
Врз основа на горенаведеното, подносителот бара од Уставниот суд да ги поништи сите уредби со законска сила, меѓу кои и предметната уредба како несогласни со горенаведените уставни одредби, а до донесувањето на конечна одлука му предлага на Уставниот суд да донесе решение за запирање од извршување на актите и дејствијата што се преземаат врз основа на уредбите со законска сила донесени од Владата за време на вонредната состојба, поради штетни последици по владеењето на правото, суспензија на внатрешниот правен поредок на државата и флагрантно кршење на правата и слободите на граѓаните.
3. Судот на седницата утврди дека оспорената Уредба бр. 44-2953/1 е донесена од Владата на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 8 април 2020 година врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010, 51/2011, 15/2013, 139/2014, 196/2015, 142/2016, 140/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/2019).
Согласно членот 1 од Уредбата со законска сила за примена на Законот за извршување на санкциите за време на вонредна состојба, Законот за извршување на санкциите („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.99/2019 и 220/2019), ќе се применува за време на траење на вонредната состојба, доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено (став 1). За издавањето на упатните акти, извршувањето на упатните акти и упатувањето на притворени лица на издржување на казната затвор, за време на траење на вонредната состојба се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила (став 2).
Според членот 2, издавањето на упатните акти од страна на судијата за извршување на санкциите за изречена казна затвор до три години, се одложува до 1 септември 2020 година, освен за предметите каде постои опасност за застарување на казната (став 1). Извршувањето на упатните акти што се веќе доставени до казнено-поправните установи, се одложува до 1 септември 2020 година, освен за упатните акти за кои се веќе издадени меѓународни потерници (став 2). Лицата кои се наоѓаат на издржување на мерка притвор, по правосилноста на пресудата, веднаш се упатуваат на издржување на казната затвор (став 3).
Во членот 3 е уредено дека оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
4. Согласно член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11 од Уставот, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (членот 51 од Уставот).
Со член 125 став 1 од Уставот е уредено кога може да се утврди постоење на вонредна состојба, односно се уредува дека постоењето на вонредна состојба може да се утврди и во случај кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии, при што според ставот 2 од овој член е уредено дека утврдувањето на постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници. Според ставот 3, одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена. Согласно ставот 4, ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.
Понатаму, според член 126 став 1 од Уставот, при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието (став 2).
Во Република Северна Македонија со одлука на претседателот на Републиката е утврдено постоење на вонредна состојба, како резултат на пандемијата предизвикана од коронавирусот. Во услови на распуштено Собрание коешто во моментот нема можност да се состане и да ги потврди уредбите со законска сила што ги носи Владата и при непостоење на посебен законски акт што ја регулира вонредната состојба, согласно членот 125 од Уставот, претседателот на Републиката утврди постоење на вонредна состојба во траење од 30 дена, а потоа донесе нова одлука за дополнителни 30 дена траење на вонредната состојба. Со утврдувањето на постоење на вонредна состојба автоматски се активира членот 126 од Уставот во којшто е предвидено дека во услови на вонредна состојба Владата носи уредби со законска сила при што овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба.
Овластувањето на Владата за време на вонредна состојба да донесува уредби со законска сила произлегуваат и од одредбите на членовите 10, 35 и 36 од Законот за Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010, 51/2011, 15/ 2013, 139/2014, 196/2015, 142/2016, 140/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/2019). Имено, за извршување на законите, покрај другите акти, Владата донесува и уредби со законска сила (член 35), а со уредба со законска сила Владата уредува прашања од надлежност на Собранието во случај на воена или вонредна состојба ако не постои можност за свикување на Собранието (член 36 став 1).
Оттука, со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може поинаку да регулира одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но, ваквите овластувања не се неограничени.
Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки коишто се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот).
Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чие задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.
Со Законот за извршување на санкциите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.99/2019 и 220/2019) се уредува извршувањето на санкциите изречени за кривични делa и прекршоци (казниви дела).
Согласно членот 139 од Законот, судијата за извршување на санкциите е должен да ги преземе потребните дејствија заради извршување на казната затвор веднаш по приемот на извршната пресуда, а најдоцна во рок од осум дена по нејзиниот прием (став 1). Судијата издава упатен акт со точно утврден датум кога осуденото лице треба да се јави на издржување казна затвор во одредена установа (став 2). Денот на јавувањето во установата утврден во упатниот акт, не смее да биде подолг од 30 дена од денот на изготвување на упатниот акт (став 3).
Согласно членот 141 од Законот: (1) Судијата за извршување на санкциите со доставувањето на упатниот акт на осуденото лице истовремено ја известува и установата за денот во кој осуденото лице треба да се јави и доставува препис од правосилната и извршна пресуда со која е изречена казната, извод од казнената евиденција, како и други податоци за личноста на осуденото лице со кои располага. (2) Ако осуденото лице не се јави во определениот ден на извршување на казната затвор, установата веднаш, а најдоцна во рок од три дена ќе го извести судијата за извршување на санкциите. (3) Судијата за извршување на санкциите во рокот од ставот (2) на овој член најдоцна во рок од 24 часа од приемот на известувањето ќе издаде наредба до Министерството за внатрешни работи за приведување на осуденото лице. (4) За осудено лице кое се крие или се наоѓа во бегство, по добиена согласност од судијата за извршување на санкции, Министерството за внатрешни работи издава потерница за пронаоѓање и спроведување на осуденото лице во установата за извршување на казната затвор.
Согласно членот 143: (1) На осуденото лице кое се наоѓа на слобода може на негово барање судијата за извршување на санкции, да го одложи почетокот на извршувањето на казната затвор, ако:
1) се наоѓа на болничко лекување од потешка акутна болест или од зависности;
2) се случила смрт или тешка болест во потесното семејство на осуденото лице;
3) одлагањето е потребно заради извршување или довршување на неодложни полски или сезонски работи, или работи предизвикани од елементарна непогода или со друга несреќа, а во семејството на осуденото лице нема доволно друга работна сила;
4) осуденото лице е обврзано да изврши одредена работа што веќе ја започнало, а поради неизвршувањето на таа работа би настапила позначителна штета;
5) одлагањето на осуденото лице му е потребно заради завршување на училишната година или за полагање на испит за кој се подготвувало;
6) заедно со осуденото лице се осудени неговиот брачен другар или други членови на заедничкото домаќинство или ако некои од нив се наоѓаат на издржување на казната, а со упатувањето на сите овие лица на издржување на казна би била загрозена издршката на старите, болните или малолетните членови на семејството или би се довело во прашање нормалното стопанисување на домаќинството;
7) е осудена жена чие дете е помало од една година или која е бремена, а до породувањето не преостануваат повеќе од три месеци и
8) е потребно осуденото лице одредено време да се грижи за воспитување и чување на децата или згрижување на немоќни лица за кои е должно да се грижи, според мислењето на органите за социјална заштита на општината на чие подрачје децата или тие лица имаат живеалиште или престојувалиште.
(2) Извршувањето на казната во случаите од ставот (1) точка 1) на овој член може да се одложи додека трае болеста, односно лекувањето, во случаите од точките 2) до 4) и точката 8) најдолго за три месеци, во случаите од точката 5) до завршување на училишната година и шест месеци за испит, во случаите од точката 6) најдолго за шест месеци, а во случаите од точката 7) до наполнувањето на две години од животот на детето.
(3) Осуденото лице на кое му е одложено издржувањето на казната по основ од ставот (1) точка 1 на овој член, е должно на секои 30 дена да достави веродостоен доказ за неговата здравствена состојба.
(4) Во случаите од ставот (1) точка 1) на овој член барање за одлагање на почетокот на извршувањето на казната може да поднесе и неговиот брачен другар, роднина по крв во прва линија, посвоител, посвоеник, брат, сестра и хранител.
Согласно член 144 став 1 од Законот, барањето за одлагање на почетокот на извршувањето на казната затвор се поднесува во рок од три дена од денот на приемот на упатниот акт. Ако причината за одлагање од член 143 став 1 точки 1 и 2 од овој закон настанала по тој рок, барањето може да се поднесе до денот кога осуденото лице треба да се јави заради извршување на казната. Според ставот 2, кон барањето се приложуваат веродостојни докази за причините коишто го оправдуваат одлагањето. Во ставот 3 е утврдено дека по барањето за одлагање на почетокот на извршувањето на казната затвор решава судијата за извршување на санкциите, кој е должен да донесе решение во најкус можен рок по приемот на барањето. Пред донесувањето на решението судијата може да ги провери околностите наведени во барањето. До донесувањето на решението по барањето се одлага почетокот на извршувањето на казната.
За времетраењето на вонредната состојба Владата ја донесе и предметната уредба со законска сила за примената на Законот за извршување на санкциите за време на вонредна состојба. Имено, Владата врз основа на овластувања од членот 126 од Уставот, за времетраењето на вонредната состојба, добива уставно овластување да носи уредби со законска сила со кои може поинаку да регулира одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, да одредува нови и да пролонгира рокови, како што во конкретниот случај тоа е сторено со предметната уредба со законска сила, како неопходна мерка во периодот додека трае вонредната состојба предизвикана од епидемијата.
Од содржината на оспорената уредба произлегува дека за издавањето на упатни акти, извршувањето на упатни акти и упатувањето на притворените лица на издржување на казна затвор, за времетраењето на вонредната состојба се применуваат одредбите на оваа уредба со законска сила.
Со оспорената уредба со законска сила, Владата уредила дека за време на траењето на вонредната состојба, Законот за извршување на санкциите ќе се применува за време на траење на вонредната состојба, но за издавањето на упатните акти од страна на судијата за извршување на санкциите за изречена казна затвор до три години, се одложува до 1 септември 2020 година, освен за предметите каде постои опасност од застарување на казната. Исто така, извршувањето на упатните акти што се веќе доставени до казнено-поправните установи, се одложува до 1 септември 2020 година, освен за упатните акти за кои веќе се издадени меѓународни потерници. Додека пак, лицата кои се наоѓаат на издржување на мерка притвор, по правосилноста на пресудата, веднаш се упатуваат на издржување на казната затвор.
Во таа смисла, со Уредбата одредени рокови коишто се однесуваат на издавањето на упатните акти за санкциите за изречена казна затвор до три години и на извршувањето на упатните акти коишто се веќе доставени до казнено-поправните установи, се одложуваат до 1 септември 2020 година.
Неспорно е дека ова уредување во оспорената уредба претставува мерка којашто има легитимна цел, општествена оправданост, разумна е и пропорционална на целта што се сака да се постигне односно минимализирањето на последиците од ширењето на коронавирусот во казнено-поправните домови.
Имајќи го предвид горенаведеното, оспорената уредба содржи мерки коишто се во директна функционална врска со соочувањето и надминувањето на причините поради коишто е утврдено постоењето на вонредната состојба, сѐ со цел справување со последиците од епидемијата и со истата Владата не излегува надвор од рамките на уставните овластувања за време на вонредна состојба, поради што Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за нејзината согласност со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.
5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.
У.бр.143/2020
03.06.2020 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати