У.бр.141/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, членот 27 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 202/2019), на седницатa одржана на 27 мај 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за ограничување на правото на исплата на паричните паушали и паричните надоместоци на претседателите и членовите на одборите на директори, претседателите и членовите на управни и надзорни одбори, претседатели и членови на комисии, работни групи и советодавни и експертски тела формирани од државната и локалната власт и претседателите и членовите на советите на единиците на локалната самоуправа за време на вонредната состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 94/2020).

2. СЕ ЗАПИРА ИЗВРШУВАЊЕТО на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на актот, означен во точката 1 од ова решение.

3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

4. Светскиот македонски конгрес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената уредба со законска сила не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11, членот 51, член 68 став 1 алинеи 1 и 2 и Амандманот XXIX, член 125 ставови 2 и 3 и член 126 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија.

Подносителот наведува дека без постоење на закон за вонредна состојба и без одлука на Собранието за постоење на вонредна состојба, Владата не можела да го оствари своето овластување да донесува уредби со законска сила додека трае вонредната состојба.

Според подносителот, уредба на Владата, па макар и со законска сила не претставувала закон. Оттука, овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила не значело дека Владата треба да го супституира Собранието, односно да ја преземе неговата улога на законодавната власт и преку уредби со законска сила да изменува и дополнува закони како што се правело со конкретната уредба. Ова било во исклучива надлежност на Собранието. Во контекст на ова се повикува на темелните вредности на уставниот поредок, односно начелото на владеење на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Понатаму, подносителот смета дека голем дел од мерките за време на вонредната состојба, Владата можела да ги донесе со примена на Законот за управување со кризи и Законот за заштита од заразни болести.

Врз основа на вака изнесените наводи, со иницијативата се бара поништување на оспорената уредба со законска сила како спротивна на одредбите од Уставот наведени во иницијативата, а до донесувањето на конечната одлука се предлага донесување на решение за запирање од извршување на актите и дејствијата што се преземаат врз основа на оспорената уредба со законска сила, поради штетни последици од владеењето на правото, суспензија на внатрешниот правен поредок на државата, како и флагрантно кршење на правата и слободите на граѓаните.

5. Судот на седницата утврди дека членот 1 од Уредбата предвидува дека одредбите од оваа уредба со законска сила се однесуваат на ограничување на правото на исплата на паричните паушали и паричните надоместоци во органите на државната власт, единиците на локалната самоуправа, установите и институции кои вршат дејности од областа на културата, образованието, детската, социјалната, здравствената заштита, како и други дејности од јавен интерес утврден со закон основани од Република Северна Македонија или единиците на локална самоуправа, независните регулаторни тела со јавни овластувања утврдени со закон, како и јавните претпријатија, трговските друштва, заводите, агенции, фондовите и други правни лица чиј основач е Република Северна Македонија или единиците на локалната самоуправа, на претседателите и членовите на одборите на директори, управни и надзорни одбори, комисии, работни групи и советодавни и експертски тела и совети на единиците на локалната самоуправа, кои се истовремено вработени или приматели на пензија, за време на траење на вонредната состојба.

Понатаму, Судот утврди дека според член 2 став 1, на лицата од членот 1 на оваа уредба со законска сила заклучно со месец декември 2020 година не им се исплатуваат парични надоместоци, како и надоместоци за патни и други материјални трошоци. Според ставот 2 на истиот член, оваа уредба со законска сила не се однесува на лица кои на денот на влегување во сила на оваа уредба со законска сила се евидентирани како невработени лица во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија или не се приматели на пензија согласно евиденцијата на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија на кои може да им се исплаќаат паричните паушали и паричните надоместоци и други материјални трошоци во вкупен износ не поголем од минималната плата утврдена за месец декември 2019 година во Република Северна Македонија, во износ од 14.500 денари.

Судот, исто така, утврди дека оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

6. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со членот 9 од Уставот е определено дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно членот 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот (став 1). Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот (став 2). Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба (став 3). Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната за мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста (став 4)

Според член 125 став 1 од Уставот, вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии. Според ставот 4 на истиот член, ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.

Член 126 став 1 од Уставот предвидува дека при постоење на воена или вонредна состојба, Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила, а според ставот 2 од истиот член, овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

Со член 36 став 1 од Законот за Влада на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 26/01, 13/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19) се предвидува дека со уредба со законска сила, Владата уредува прашања од надлежност на Собранието во случај на воена или вонредна состојба ако не постои можност за свикување на Собранието.

Од вака утврдените уставни и законски одредби произлегува дека вонредната состојба е институт со своја специфика. За време на истата, Владата добива овластување да донесува уредби со законска сила коишто претставуваат sui generis пропис, различен од законите. Притоа, во услови на ваква состојба мора да се обезбеди почитување на темелните вредности на уставниот поредок. Понатаму, во услови на вонредна состојба се ограничуваат човековите права, од каде се наметнува и потребата овој институт да има точно утврдени и општо прифатени начела согласно меѓународните документи (Пактот за граѓански и политички права и Европската конвенција за човекови права), коишто се ратификувани од Република Северна Македонија.

Имено, со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може поинаку да регулира одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но, ваквите овластувања не се неограничени. Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки коишто се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чие задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

Владата на Република Северна Македонија, во услови на прогласена вонредна состојба (прогласена со три последователни одлуки од 18.03.2020, 16.04.2020 и 16.05.2020 година, донесени од страна на претседателот на Републиката), како и врз основа на овластувањето од член 126 став 1 од Уставот и член 36 став 1 од Законот за Владата, ја донела оспорената Уредба со законска сила за ограничување на правото на исплата на паричните паушали и паричните надоместоци на претседателите и членовите на одборите на директори, претседателите и членовите на управни и надзорни одбори, претседатели и членови на комисии, работни групи и советодавни и експертски тела формирани од државната и локалната власт и претседателите и членовите на советите на единиците на локалната самоуправа за време на вонредната состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 94/2020).

Со предметната уредба со законска сила, Владата предвидела ограничување на правото на исплата на парични паушали и парични надоместоци заклучно со месец декември 2020 година, на лицата коишто се опфатени со уредбата, коишто се истовремено вработени или приматели на пензија, а кои вршат одредена јавна функција во органите на државната власт, единиците на локалната самоуправа, установите и институции коишто вршат дејности од областа на културата, образованието, детската, социјалната, здравствената заштита, како и други дејности од јавен интерес утврден со закон основани од Република Северна Македонија или единиците на локална самоуправа, независните регулаторни тела со јавни овластувања утврдени со закон, како и јавните претпријатија, трговските друштва, заводите, агенции, фондовите и други правни лица чиј основач е Република Северна Македонија или единиците на локалната самоуправа.

Притоа, Владата предвидела дека ова ограничување нема да се однесува на лицата кои на денот на влегување во сила на оваа уредба со законска сила се евидентирани како невработени лица во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија или не се приматели на пензија согласно евиденцијата на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија, на кои може да им се исплаќаат паричните паушали и паричните надоместоци и други материјални трошоци во вкупен износ не поголем од минималната плата утврдена за месец декември 2019 година во Република Северна Македонија, во износ од 14.500 денари.

7. Правото на исплата на парични паушали и парични надоместоци е регулирано со повеќе посебни закони.

Во тој контекст најпрво треба да се има во предвид Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.36/1990, 44/1990-исправка, 11/1991-исправка, 38/1991, 23/1997, 37/2005, 84/2005, 121/2007, 161/2008, 92/2009, 42/2010, 97/2010, 162/2010, 11/2012, 145/2012, 170/2013, 139/2014, 233/2018) чијшто член 1 предвидува дека право на плата во месечен износ за вршење на функцијата имаат претседателот на Република Македонија, функционерите избрани од редот на пратениците, функционерите и лицата кои ги избира или кои ги именува Собранието, носителите на правосудни функции, функционерите кои ги именува претседателот на Република Македонија и кои ги именува Владата на Република Македонија (став 1). Според ставот 2 на истиот член, право на плата во месечен износ за вршење на работите и задачите имаат раководните работници кои ги назначува претседателот на Република Македонија или телото што тој ќе го овласти, надлежното тело на Собранието и Владата.

Според член 2 став 3 од истиот закон, Владата ги утврдува личните доходи на функционерите и на раководните работници кои ги именува или назначува.

Членот 3 од истиот закон предвидува дека правата утврдени со овој закон им припаѓаат на функционерите и на раководните работници од денот на изборот, именувањето, односно назначувањето до крајот на месецот во кој им престанала функцијата, а на пратениците во Собранието од денот на верификацијата на мандатот до крајот на месецот во кој им престанал пратеничкиот мандат, ако со овој закон не е поинаку определено.

Понатаму, овој закон содржи одредби коишто се однесуваат на паричните надоместоци. Во однос на тоа, членот 27 од овој закон предвидува дека надоместоците за определени трошоци на избраните и именуваните лица во Републиката, се утврдуваат според висината на трошоците, а можат да изнесуваат:
1) дневница за службено патување во земјата без трошоците за ноќевање–до 8% од просечната нето плата по работник исплатен во Република Македонија во претходните три месеци,
–трошоците за ноќевање се признаваат во полн износ, според приложената сметка, освен во хотелите од де лукс категорија,
–дневницата за службено патување во странство согласно со Уредбата за издатоците за службен пат и селидби во странство што на органите на управата им се признаваат во тековни трошоци;
2) надоместок за користење на автомобил во лична сопственост за службени цели, во висина до 20% од продажната цена на еден литар гориво, според изминатиот километар за возилото кое се користи,3) надоместок поради одвоен живот од семејството до 30% од просечната нето месечена плата по работник исплатен во Република Македонија во претходните три месеци;
4) надоместок за селидбени трошоци од местото на живеалиштето до местото во кое се врши функцијата, односно до местото на преселување во рок од една година од денот на престанување на функцијата. Во селидбени трошоци на функционерот се признаваат и трошоците за превоз на функционерот и на членовите на неговото домаќинство. Селидбените трошоци и трошоци за превоз се исплатуваат врз основа на приложени сметки и документација, под услови утврдени со општиот акт на органот од член 3 на овој закон;
5) надоместок за користење на годишен одмор најмалку во висина на просечната месечна плата по работник исплатен во Република Македонија, во претходните три месеци;
6) испратнина при заминување во пензија во висина на двократен износ од просечната месечна нето плата по работник во Републиката, објавена до денот на исплатата; и
7) надоместокот на трошокот за погреб во износ на две просечни месечни нето плати на функционерот, а ако трошоците за погреб не ги поднесува неговото семејство – во износ на последната нето плата на починатиот функционер.

Според членот 28 од истиот закон, на избраните и именуваните лица во Републиката им припаѓа и:
1) надоместок на плата во случаите на неспособност за работа поради негова болест или повреди до 21 ден под услови и износ утврдени за работниците во органот во кој ја врши функцијата и
2) надоместок на трошоците за превоз заради посета на потесното семејство од кое функционерот живее одвоено до четири патувања месечно, со правдање на трошоците за превоз, ако не прима надомест за одвоен живот од семејството, а нема право на бесплатен превоз.

Членот 29 од овој закон предвидува дека условите и начинот на остварување на правата од членовите 26 до 28 на овој закон, како и висината на надоместокот, односно на износот што на претседателот на Република Македонија, пратеник, функционер и раководен работник им припаѓа во остварувањето на тие права, со општ акт ги утврдува надлежното тело на Собранието; на функционерите и раководните работници кои ги именува, односно кои ги назначува претседателот на Република Македонија – претседателот или телото што тој ќе го овласти; а Владата за функционерите и раководните работници кои таа ги назначува.

Овој закон, исто така, содржи и одредби кои го уредуваат правото на надоместоци на членовите на советите на општините и членовите на советот на Градот Скопје.

Во насока на тоа, според членот 29-а од овој закон, на членовите на советите на општините и на членовите на Советот на Градот Скопје им припаѓа месечен надоместок за присуство на седниците на советот и надоместок на патните и дневните трошоци (став 1). Средствата за исплата на надоместоците од ставот 1 на овој член се обезбедуваат во буџетот на општината и во Буџетот на Градот Скопје (став 2).

Понатаму, со член 29-б став 1 се предвидува дека месечниот надоместок за присуство на седници на советот се утврдува во процентуален износ од просечната месечна нето плата во Републиката исплатена за претходната година, но не повеќе од:
-40% во општини до 10.000 жители,
-50% во општини од 10.001 до 25.000 жители,
-60% во општини од 25.001 до 50.000 жители,
-70% во општини над 50.001 жител и
-100% во Градот Скопје.

Според ставот 2 од истиот член, висината на месечниот надоместок за присуство на седниците се утврдува со одлуката за извршување на буџетот на општината и Буџетот на Градот Скопје.

Членот 29-в предвидува дека на претседателите на советите на општините и на претседателот на Советот на Градот Скопје, за раководењето и организирањето на работата на советот, надоместокот од членот 29-б се зголемува за 30%.

Според членот 29-д, на членовите на советите на општините и на членовите на Советот на Градот Скопје им се исплатуваат надоместоци за патни и дневни трошоци за службени патувања во земјата и странство според прописите кои се однесуваат на државните службеници вработени во општинската администрација и во администрацијата на Градот Скопје.

Понатаму, ова право е предмет на уредување и на други посебни закони, како што се:

– Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги („Службен весник на Република Македонија“ бр. 184/2013; 13/2014; 44/2014; 101/2014; 132/2014; 13/2016; 142/2016; 132/2017; 168/2018; 248/2018, 27/2019, и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 154/2019 42/2020).

Според членот 11 од овој закон, органи на Агенцијата се Совет и директор.

Според член 12 ставови 4 и 5 од истиот закон, членовите на Советот се професионално ангажирани во Агенцијата со полно работно време со право на: месечен надоместок во висина до четири просечни месечни плати во Република Македонија според податоците објавени од Државниот завод за статистика, согласно со Деловникот за работа на Агенцијата; надоместок за патни трошоци, сместување и дневници за службено патување согласно со Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија (став 4). Средствата за месечниот надоместок и на другите трошоци на членовите на Советот се обезбедуваат од средствата на Агенцијата утврдени со финансискиот план (став 5).

Понатаму, според членот 123 од истиот закон, за својата работа членовите на Програмскиот совет на МРТ (македонска радио-телевизија) добиваат надоместок во висина од една третина од просечно исплатена плата во Република Македонија по завршена седница, односно по исцрпување на дневниот ред утврден за таа седница (став 1). Членовите на Програмскиот совет на МРТ кои живеат надвор од Скопје имаат право на надоместок на патните трошоци кога присуствуваат на седниците на Програмскиот совет на МРТ во согласност со Правилникот за плати и други надоместоци (став 2). Надоместоците од ставовите (1) и (2) на овој член се обезбедуваат од средствата на МРТ утврдени со годишниот финансиски план (став 3).

– Законот за електронските комуникации („Службен весник на Република Македонија“ бр. 39/2014; 188/2014; 44/2015; 193/2015; 11/2018; 21/2018, и „Службен весник на Република Северна Македонија„ бр.98/2019 и 153/2019).

Според членот 21 од овој закон, членовите на Комисијата имаат право на: – месечен надоместок во висина до четири просечни месечни плати во Република Македонија според податоците објавени од Државниот завод за статистика, согласно со Статутот на Агенцијата за електронски комуникации и – надоместок за патни трошоци за оние членови на Комисијата кои живеат надвор од Скопје кога присуствуваат на состаноците на Комисијата и надоместок за патни трошоци, сместување и дневници за службено патување, согласно со Законот за платата и другите надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија (став 1). Средствата за месечниот надоместок и на другите трошоци на членовите на Комисијата се обезбедуваат од средствата на Агенцијата утврдени со финансискиот план (став 2).

– Законот за високото образование („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.82/2018 и 154/2019).

Според членот 47 од овој закон, Одборот за акредитација на високото образование е колективно тело кое ја врши акредитацијата (став 1). Одборот за акредитација е составен од петнаесет члена и тоа: – шест членови од редот на професорите во работен однос на универзитетите во Република Македонија избрани со тајно гласање од Интер-универзитетската конференција, – шест члена именувани од Владата на Република Македонија, од редот на професорите во работен однос на јавните универзитети во Република Македонија, – еден член именуван од најрепрезентативната организација на работодавачите, – еден член именуван од Македонската академија на науките и уметностите, – еден член од редот на студентите избран со тајно гласање од Интер-универзитетската конференција (став 2).

Според членот 49 став 8 од овој закон, Владата на Република Македонија ги утврдува видот и висината на надоместоците за трошоците во постапката на акредитација врз основа на реално направени трошоци, како и надоместоците на членовите на Одборот за акредитација врз основа на присуство на седница и обем на извршена работа.

Понатаму, според членот 52 од истиот закон, Одборот за евалуација на високото образование е колективно стручно тело (став 1). Одборот за евалуација е составен од петнаесет члена и тоа: – шест членови од редот на професорите во работен однос на универзитетите во Република Македонија избрани со тајно гласање од Интер-универзитетската конференција, – шест члена именувани од Владата на Република Македонија, од редот на професорите во работен однос на јавните универзитети во Република Македонија, – еден член именуван од најрепрезентативната организација на работодавачите, – еден член именуван од Македонската академија на науките и уметностите, – еден член избран од редот на студентите избран од Интеруниверзитетската конференција (став 2).

Член 54 став 6 од истиот закон предвидува дека Владата на Република Македонија ги утврдува видот и висината на надоместоците за трошоците во постапката на евалуација врз основа на реално направени трошоци, како и надоместоците на членовите на Одборот за евалуација врз основа на присуство на седница и обем на извршена работа.

Покрај законското уредување на ова право, истото може да биде предмет на уредување и со договор склучен помеѓу орган на државната управа, јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице со јавни овластувања и лицето ангажирано од друга страна како експерт, советодавец (воспоставен договорен однос), како и со донесување на поединечен акт со кој се формираат работни групи, комисии и тела (одлука, решение итн.), со кои се утврдува целта на формирање, како и правата и должностите на членовите на истите.

8. Врз основа на наведеното, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за уставноста на оспорената уредба со законска сила од аспект на член 8 став 1 алинеја 3 и член 126 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија.

Имено, од наведеното произлегува дека правото на исплата на парични паушали и парични надоместоци на дел од лицата опфатени со предметната уредба претставува законска категорија, регулирана со одделни закони. Притоа, ова право е поврзано со вршење на јавна функција или должност, а законодавецот ја утврдува неговата висина. Покрај ова, на дел од лицата опфатени со уредбата со законска сила кои вршат советодавни или експертски работи, ова право им се утврдува со склучен договор со ангажираните лица или со донесување на поединечен акт (одлука, решение итн.)

Од друга страна, неспорно е дека Владата ја донела оспорената уредба врз основа на уставното овластување кое го има за време на вонредна состојба, за донесување на уредби со законска сила (член 126 став 1). Со предметната уредба Владата го ограничила правото на исплата на паричните паушали и паричните надоместоци на претседателите и членовите на одборите на директори, управни и надзорни одбори, комисии, работни групи и советодавни и експертски тела и совети на единиците на локалната самоуправа, кои се истовремено вработени или приматели на пензија, со целосна забрана на исплата на паричните паушали и паричните надоместоци за периодот од прогласување на вонредната состојба, заклучно со декември 2020 година.

Притоа, од анализата на содржината на оспорената уредба со законска сила, според Судот основано се поставуваат две спорни прашања, и тоа:
– пропорционалноста на мерката предвидена со уредбата; и
-продолженото правно дејство на уредбата по завршување на вонредната состојба, заклучно со декември 2020 година.

Ваквата мерка предвидена со уредбата со законска сила, доколку се гледа од аспект на економските последици и буџетските тешкотии предизвикани од пандемијата на коронавирусот Covid-19, неспорно дека има легитимна цел, меѓутоа се доведува во прашање нејзината пропорционалност. Имено, со вака предвидената мерка не само што се дерогира утврдено (пропишано) право, туку истото целосно се суспендира.

Ова од причина што принципот на владеењето на правото при носење на уредби со законска сила подразбира задолжително почитување на начелото на пропорционалност. Ова основно начело во суштина претпоставува пропишување и преземање на мерки за заштита на јавниот интерес само во мерка којашто е сразмерна на заштитата на човековите права и слободи или со други зборови, ограничувањето на одредени права и слободи може да се изврши само доколку е неопходно за заштита на јавниот интерес и тоа ограничување не смее да биде прекумерно односно несразмерно на интересот којшто се заштитува.

Понатаму, во однос на правното дејство на уредбата, Судот утврди дека од аспект на номотехниката којашто е користена во оспорената уредба, иако во насловот на уредбата стои дека со истата се ограничува ова право на лицата опфатени со уредбата за време на вонредната состојба, со ставот 1 на членот 2 од уредбата се предвидува ова ограничување на правото на исплата на парични паушали и парични надоместоци да трае заклучно со декември 2020 година.

Судот смета дека со ова всушност, Владата не само што го ограничила, туку целосно го суспендирала правото на овие лица, притоа не само додека трае вонредната состојба, туку заклучно со декември 2020 година што е прекумерно и непропорционално на целта којашто треба да се постигне. Имено, ваквото нормирање на одредбите од уредбата со законска сила, истата ја прави спротивна на член 126 став 2 од Уставот според кој овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

Дополнително на ова, треба да се има во предвид и фактот дека лицата кои се опфатени со оспорената уредба ја вршат својата функција или должност во рамките на своите надлежности и во предвидениот период во којшто целосно им се суспендира правото на исплата на парични паушали и парични надоместоци.

Врз основа на изнесеното, Судот утврди дека во конкретниот случај со ваквото нормирање на одредбите од предметната уредба, со вака предвидената мерка, Владата ги пречекорила своите уставни овластувања за донесување на уредби со законска сила при постоење на вонредна состојба.

9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.141/2020
27.05.2020 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати