Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 202/2019), на седницата одржана на 22 мај 2020 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за работните односи за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-2736/1 од 2 април 2020 година, („Службен весник на Република Северна Македонија” број 90/2020).
2. Светскиот македонски конгрес до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на оспорениот акт од точката 1 од ова решение.
Во иницијативата е наведено дека не постоел закон за вонредна состојба, не постоела одлука на Собранието за остварување на овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила додека траела вонредната состојба. Според подносителот на иницијативата претседателот на Собранието требало да свика седница и да се заседава за донесување на Закон за вонредна состојба и тоа да биде утврдено со одлука за постоење на вонредна состојба по предлог на Владата на Република Северна Македонија, а тоа се случувало поради политички анимозитет кон коалицијата на СДСМ и БЕСА, а претседателот на Собранието бил уплашен дека би можел да биде разрешен од функцијата.
Според наводите во иницијативата уредбите со законска сила донесени од Владата за време на вонредна состојба а во врска со пандемијата со корона вирусот од 18 март 2020 година таксативно набројани во поднесената иницијатива не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11; член 51; член 68 став 1 алинеи 1 и 2; Амандманот XXIX; член 125 ставови 2 и 3 и член 126 став 2 од Уставот.
Понатаму во иницијативата се предлага до донесување на конечна одлука Уставниот суд да донесе решение за запирање од извршување на актите и дејствијата што се преземаат врз основа на уредбите со законска сила донесени од страна на Владата за време на вонредната состојба во врска пандемијата со корона вирусот од 18 март 2020 година, а поради штетни последици по владеењето на правото, суспензија на внатрешниот правен поредок на државата и флагрантно кршење на правата и слободите на граѓаните.
Според наводите во иницијативата сите уредби коишто ги донела Владата биле типизирани номотехнички и Република Македонија била речиси единствена земја во Европа и во светот без законодавен дом за време на вонредната состојба поради пандемијата со коронавирсуот, без надзор и контрола врз работата на Владата што било системска деформација. Исто така во иницијативата се наведува дека сите донесени уредби со законска сила претставувале изменување и дополнување на законите коешто било надлежност на Собранието и истите биле донесени без постоење на закон за вонредна состојба и без одлука на Собранието утврдена во член 126 став 2 од Уставот. Во иницијативата се бара да бидат поништени сите донесени уредби со законска сила поради штетните последици по владеењето на правото суспензија на внатрешниот правен поредок на државата и флагрантно кршење на правата и слободите на граѓаните.
3. Судот на седница утврди дека врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 2 април 2020 година донесе
У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА РАБОТНИТЕ ОДНОСИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА
Член 1
Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/1203, 25/2013, 170/2013, 18720/13, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015, 27/2016, 120/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.110/2019) ќе се применува за време на траење на вонредната состојба доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.
За продолжување на рокот за враќање на работникот на работа во случај кога работникот заради издржување на казна или изречена воспитна, или заштитна мерка, не може да ја врши работата за период пократок од шест месеца или заради отслужување воен рок или вршење на цивилна служба со надомест, притвор и во други случаи определени со закон, времено престанал да ја врши работата, утврден во член 45 став 3 од Законот за работните односи и на работник кој е упатен на работа во странство во рамките на меѓународнотехничка соработка, просветно-културна и научна соработка, во дипломатски и конзуларни претставништва, на стручно усовршување или образование со согласност и за потребите на работодавачот, како и на брачниот другар; на здравствените работници и здравствените соработници вработени во здравствени установи, упатени во хуманитарни или мировни операции во медицински тимови надвор од територијата на Република Северна Македонија и на воените обврзници од резервниот состав на Армијата на Република Северна Македонија – активен резервен персонал, aнгажирани во единиците на Армијата на Република Северна Македонија заради учество во мировни операции надвор од територијата на Република Северна Македонија согласно со закон, а чие упатување, односно ангажирање бара привремено да престанат да работат кај работодавачот во траење до осум месеци, утврден во членот 152 ставови 1, 2 и 3 од Законот за работните односи на кои им мирува работниот однос, за време на траење на вонредната состојба се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила, за користење на годишниот одмор за 2020 и неискористениот дел од годишниот одмор за 2019 година на работникот, годишниот одмор кој што не бил искористен во тековната календарска година заради отсутност поради боледување или повреда, породилен одмор или одмор за нега и чување на дете и годишниот одмор на работник кој работи во странство, согласно член 141 ставови 2, 3, 4 и 5 од Законот за работните односи и за правото на платено отсуство од работа на работничка која користи отсуство за време на бременост, раѓање и родителство и посвојување на дете, согласно член 165 ставови (1) и (6) и надоместокот на плата на работникот кој користи отсуство поради бременост, раѓање и родителство согласно член 170 од Законот за работните односи, за време на траење на вонредната состојба, се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.
Член 2
Роковите во кои согласно Законот за работните односи, во случај на мирување на правата и обврските од договорот за вработување и мирување на работен однос на работник упатен на работа во странство и на брачниот другар, работникот има право да се врати на работа, престануваат да течат за време на траење на вонредната состојба и се продолжуваат за 15 дена од денот на истекот на траењето на вонредната состојба
Член 3
За работниците вработени во приватниот сектор опфатени од времените мерки за заштита од ширење и превенција од Коронавирус COVID-19, неискористениот дел од годишниот одмор, односно неискористениот годишен одмор од календарската 2019 година, да се искористи до 31 мај 2020 година, согласно потребите на работниот процес и одобрение на работодавачот. За работниците вработени во приватниот сектор опфатени од времените мерки за заштита од ширење и превенција од коронавирус COVID-19, делот од годишниот одмор за 2020 година кој мора да се искористи во траење од две непрекинати работни недели, да го искористат до 30 јуни 2020 година, согласно потребите на работниот процес и одобрение на работодавачот.
Член 4
Отсуството од работа на работничка поради бременост, раѓање и родителство и посвојување, продолжува да тече и надоместокот на плата продолжува да се исплаќа до истекот на траењето на времените мерки за заштита од ширење и превенција од коронавирус COVID-19.
Член 5
Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр. 44-2736/1 Претседател на Владата
2 април 2020 година на Република Северна Македонија,
Скопје Оливер Спасовски, с.р.
Во конкретниот случај, претседателот на Република Северна Македонија со две последователни одлуки заведени под број 08-526/2 од 18 март 2020 година и број 08-607/2 од 16 април 2020 година, утврди постоење на вонредна состојба на територијата на Републиката. Врз основа на членовите 125 и 126 од Уставот на Република Северна Македонија, а во врска со предлогот на Владата на Република Северна Македонија до Собранието на Република Северна Македонија да утврди постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија заради спречување на внесување, ширење и справување со коронавирус COVID-19, а согласно пандемска епидемија прогласена од Светската здравствена организација за нов вид на вирус кој е проширен на сите континенти и ја зафати територијата на Република Северна Македонија бр. 44-2329/1 од 18 март 2020 година и известувањето од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија бр. 09-1690/2 од 18 март 2020 година.
4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Уставниот суд на Република Северна Македонија со Решение У.бр.47/2020 донесено на 28 април 2020 година не поведе постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за работните односи за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-2736/1 од 2 април 2020 година, која била објавена во („Службен весник на Република Северна Македонија” број 90/2020).
Оттука, од причини што Уставниот суд веќе одлучувал за истата работа, а нема основи за поинакво одлучување произлегува дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство на гласови во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.118/2020
22 мај 2020 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати