У.бр.134/2020

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и “Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 22 мај 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 94/2020, 97/2020, 103/2020 и 108/2020).

2. Светскиот македонски конгрес од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на актот, означени во точката 1 од Решението.

Според наводите од иницијативата, оспорената уредба со законска сила со наведените службени весници, не била согласна со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11, членот 51, член 68 став 1 алинеи 1 и 2 и Амандманот XXIX, член 125 ставови 2 и 3 и член 126 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија, од кои причини се предлага нејзино поништување.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената уредба со законска сила за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 94/2020, 97/2020, 103/2020 и 108/2020), не е повеќе во правниот поредок.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Оспорената уредба со законска сила за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 94/2020, 97/2020, 103/2020 и 108/2020), беше предмет на оцена пред Уставниот суд, при што, со Одлука У.бр.49/2020 од 12 мај 2020 година, Судот истата ја поништи како несогласна со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4, членот 9, членот 32 и членот 54 од Уставот.

5. Имајќи предвид дека оспорената уредба со законска сила и нејзините дополнувања со наведените службени весници, не е повеќе во правниот поредок, Судот констатира процесни пречки за постапување по предметната иницијатива со што се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот за отфрлање на истата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, Никола Ивановски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

 

У.бр.134/2020
22 мај 2020 г.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати