У.бр.91/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и “Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 12 мај 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на точка I. Преглед на законските основи за утврдување и пресметување на додатоци на плата на судската полиција, потточка 4. Додаток на плата за работа за време на неделен одмор, од Упатството за начинот на пресметка и исплата на додатоци на плата на судската полиција, број 03-599/9 од 13.06.2016 година, донесен од Судскиот буџетски совет на 01.06.2016 година.

2. Грозданчо Сутинов, адвокат од Велес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на дел од актот, означен во точката 1 од Решението.

Според наводите во иницијативата, оспорената содржина од Упатството во делот означен како точка I. Преглед на законските основи за утврдување и пресметување на додатоци на плата на судската полиција, поточно пропишаната содржина од потточка 4. Додаток на плата за работа за време на неделен одмор, којашто со иницијативата е означена како „член I точка 4”, била неуставна, а во продолжение на иницијативата се цитираат одредби од Уставот (членовите 8, 9, 32, 50, 51, 52, 58) во однос на коишто оспорената содржина била спротивна.

Понатаму се наведува дека ако се знаело дека Уставот го гарантира правото на дневниот, неделниот и годишниот одмор и ако се знаело дека секој од нив бил определен кога и колку траел, а со оспорената содржина од Упатството, не било определено кој ден од неделата се сметал за ден на неделен одмор, со тоа се повредувало гарантираното право на неделен одмор и правото на секој човек соодветно да биде платен за извршената работа.

Тоа било доволен доказ дека оспорената содржина не била во духот на уставноста и темелните вредности на Уставот и спротивно на членот 9 од Уставот граѓаните се ставале во нееднаква правна пложба, а воедно на судската полиција како работници им´се ускратувало правото однапред да бидат запознати кој ден во неделата ќе го имаат како ден за неделен одмор, со што така конципираниот оспорен дел од Упатството, бил спротивен и на принципот на владеење на правото и правната сигурност на граѓаните, а и за истото немало плаќање туку компензација за изработеното во слободни часови, односно денови, па ако немало компензација, дури после тоа плаќање, со што не била определена заработувачка во смисла на членот 32 од Уставот.

Од наведените причини со иницијативата се бара укинување на оспорената содржина (во дел од иницијативата оспорената содржина се именува како законска одредба) од Упатството како штетна и некомпатибилна со уставниот поредок, а до донесување на конечната одлука се предлага и донесување на времено решение за запирање на извршувањето на оспорениот дел од Упатството.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот дел е содржан во Упатството за начинот на пресметка и исплата на додатоци на плата на судската полиција, број 03-599/9 од 13.06.2016 година, донесен од Судскиот буџетски совет на 01.06.2016 година и гласи:

I. Преглед на законските основи за утврдување и пресметување на додатоци на плата на судската полиција …

4. Додаток на плата за работа за време на неделен одмор

За „неделен одмор” на припадникот на судската полиција се смета одмор во траење од 24 часа непрекинато, плус 12 часа дневен одмор (член 134 став 1 в.в. член 133 од Законот за работни односи). Како „ден на неделен одмор” за припадникот на судската плиција не се смета исклучиво ден недела, туку може да биде кој било ден во седмицата (член 134 став 2 од Законот за работни односи). На припадникот на судската полиција потребно е првенствено да му се овозможи користење на онолку слободни часови, односно денови, колку што бил ангажиран за време на неделен одмор. Додаток на плата за работа за време на неделен однмор да се пресметува и исплаќа само доколку на припадникот на судската полиција не може да му се овозможи користење на слободни часови, односно денови. Во ваков случај, висината на овој додаток изнесува 5% од основицата по час поминат на работа за време на неделен одмор.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законот.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Оспорената содржина со иницијативата е означена како член I точка 4 од Упатството за начинот на пресметка и исплата на додатоци на плата на судската полиција, број 03-599/9 од 13.06.2016 година, донесен од Судскиот буџетски совет на 01.06.2016 година, поточно со иницијативата се оспорува делот од Упатството означен како точка I. Преглед на законските основи за утврдување и пресметување на додатоци на плата на судската полиција, потточка 4. Додаток на плата за работа за време на неделен одмор.

Од содржината на Упатството произлегува дека Судскиот буџетски совет го донел истото како инструктивен акт, наменет за судската полиција од судовите во државата, повикувајќи се на конкретни одредби од Законот за судската служба и Законот за работните односи со коишто се уредуваат додатоците на плата на припадниците на судската полиција.

5. Имајќи предвид дека актот во чијшто составен дел е и содржината којашто се оспорува со иницијативата, не претставува пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, за коишто е воспоставена надлежност на Уставниот суд да одлучува за нивната согласност со Уставот и законите, туку претставува интерен акт со којшто се даваат насоки за практична примена на постојни правни норми, веќе уредени во Законот за судската служба и Законот за работните односи, а во врска со додатоците на плата на припадниците на судската полиција, Судот констатира отсуство на процесни претпоставки за мериторно одлучување по иницијативата, со што се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, Никола Ивановски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.91/2019
12 мај 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати