У.бр.62/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 202/2019), на седницатa одржана на 14 мај 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за правосудниот испит за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-2360/1 од 19 март 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 70/2020).

2. Светски македонски конгрес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената уредба со законска сила не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11, членот 51, член 68 став 1 алинеи 1 и 2 и Амандманот XXIX, член 125 ставови 2 и 3 и член 126 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија.

Најнапред, подносителот укажува на тоа дека иако Владата ја донела оспорената уредба со законска сила врз основа на член 126 став 1 од Уставот, не го имала во предвид ставот 2 на истиот член со кој ова овластување на Владата траело до завршувањето на вонредната состојба, а за кое завршување одлучувало Собранието. Оттука, Владата не можела да го оствари ова овластување без постоење на закон за вонредна состојба и без одлука на Собранието согласно член 126 став 2 од Уставот.

Во продолжение на иницијативата се укажува на тоа дека согласно член 68 став 1 алинеја 17 од Уставот, Собранието било надлежно да врши политичка контрола и надзор над Владата и над другите носители на јавни функции што се одговорни пред Собранието. Оттука била и потребата истото да заседава, заради парламентарна контрола врз одлуките на Владата, од причина што иако Уставниот суд по службена должност можел да оценува уставност и законитост на акти на Владата, истиот не можел да биде супститут на Собранието.

Според подносителот, уредба на Владата, па макар и со законска сила не претставувала закон. Оттука, овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила не значело дека Владата треба да го супституира Собранието, односно да ја преземе неговата улога на законодавната власт и преку уредби со законска сила да изменува и дополнува закони како што се правело со конкретната уредба. Ова било во исклучива надлежност на Собранието, а според член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, била темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Врз основа на вака изнесените наводи, со иницијативата се бара поништување на оспорената уредба со законска сила како спротивна на одредбите од Уставот наведени во иницијативата, а до донесувањето на конечната одлука се предлага донесување на решение за запирање од извршување на актите и дејствијата што се преземаат врз основа на оспорената уредба со законска сила, поради штетни последици од владеењето на правото, суспензија на внатрешниот правен поредок на државата, како и флагрантно кршење на правата и слободите на граѓаните.

3. Судот на седницата утврди дека според член 1 став 1 од Уредбата со законска сила за примена на Законот за правосудниот испит за време на вонредна состојба, Законот за правосудниот испит („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 190/19), ќе се применува за време на траење на вонредната состојба, доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено. Според став 2 од истиот член, за полагањето на правосудниот испит за време на траење на вонредната состојба се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.

Според член 2 став 1, полагањето на правосудниот испит кое треба да се спроведе согласно Законот за правосудниот испит („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 190/19), се одложува за време на траењето на вонредната состојба. Според став 2 од истиот член, полагањето на правосудниот испит кое е започнато до 1 јануари 2020 година, а кое треба да се спроведе согласно Законот за правосудниот испит („Службен весник на Република Македонија“ бр. 137/13 и 153/15), се одложува за време на траењето на вонредната состојба.

Според членот 3, оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Членот 51 од Уставот предвидува дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно членот 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот (став 1). Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот (став 2). Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба (став 3). Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната за мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста (став 4)

Според член 125 став 1 од Уставот, вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии.

Член 126 став 1 од Уставот предвидува дека при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила, а според ставот 2 од истиот член, овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

Согласно членот 10 од Законот за Влада на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 26/01, 13/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19) за време на воена или вонредна состојба, ако не постои можност за свикување на Собранието, Владата донесува уредби со законска сила по прашањата од надлежност на Собранието.

Од вака утврдените уставни и законски одредби произлегува дека вонредната состојба е институт со своја специфика. За време на истата, Владата добива овластување да донесува уредби со законска сила кои претставуваат sui generis пропис, различен од законите. Притоа, во услови на ваква состојба мора да се обезбеди почитување на темелните вредности на уставниот поредок. Понатаму, во услови на вонредна состојба се ограничуваат човековите права, од каде се наметнува и потребата овој институт да има точно утврдени и општо прифатени начела согласно меѓународните документи (Пактот за граѓански и политички права и Европската конвенција за човекови права), кои се ратификувани од Република Северна Македонија.

Со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може да регулира поинаку одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки кои се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чие задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

Претседателот на Републиката врз основа на член 125 став 4 од Уставот, а притоа во ситуација кога Собранието не може да се состане, донесе две последователни одлуки од 18.03.2020 и 16.04.2020 година (за период од 30 дена со првата, а потоа уште 30 дена со втората) за утврдување на постоење на вонредна состојба на територијата на Републиката, заради заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирусот Covid-19.

Владата на Република Северна Македонија, повикувајќи се на прогласената вонредна состојба и овластувањето од член 126 став 1 од Уставот, како и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија ја донела оспорената Уредба со законска сила за примена на Законот за правосудниот испит за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 70/2020).

Законот за правосудниот испит („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 190/2019) ги уредува условите и постапката за полагање на правосудниот испит.

Членот 8 од овој закон предвидува дека испитот се полага во февруарска, априлска, јунска, октомвриска и декемвриска испитна сесија.

Според член 26 став 1 од овој закон, од 1 јануари 2020 година престанува да важи Законот за правосудниот испит („Службен весник на Република Македонија“ број 137/13 и 153/15). Според ставот 2 од овој член, испитите кои до денот на започнување на примена на овој закон се започнати, ќе завршат согласно со Законот за правосудниот испит („Службен весник на Република Македонија“ број 137/13 и 153/15), а според ставот 3 од овој член, испитите коишто биле пријавени до денот на започнување на примена на овој закон, а чие полагање не започнало, ќе се спроведат согласно со одредбите од овој закон.

Со предметната уредба со законска сила, Владата предвидела дека за време на траењето на вонредната состојба, Законот за правосудниот испит („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 190/19) ќе се применува, но дека за овој период се одложува полагањето на правосудниот испит кое треба да се спроведе согласно овој закон. Исто така, се одложува и полагањето на правосудниот испит кое е започнато до 1 јануари 2020 година, а кое треба да се спроведе согласно Законот за правосудниот испит („Службен весник на Република Македонија“ број 137/13 и 153/15).

Според наводите во иницијативата, конкретната уредба со законска сила била спротивна на повеќе уставни одредби. Притоа, наводите се дадени општо со заклучоци во однос на тоа што уредуваат наведените уставни одредби, како да се толкуваат и применуваат, без да се наведат конкретни причини и образложени наводи поради коишто оспорената уредба била неуставна од аспект на предметот на уредување со истата (одложување на полагање на правосудниот испит).

Судот смета дека наводите се неосновани и од аспект на истите не може да се постави прашањето за уставноста на оспорената уредба со законска сила. Според Судот, оспорената уредба претставува sui generis пропис од времен карактер, донесен во услови на вонредна состојба. Истиот има своја специфика затоа што е донесен во рамки на овластувањето коешто го има Владата согласно член 126 став 1 од Уставот, како и член 36 став 1 од Законот за Владата, а притоа има за цел одложување на полагање на правосудниот испит за времетраење на вонредната состојба.

Оттука, Судот оцени дека со оспорената уредба со законска сила не се повредуваат уставните одредби затоа што истата е во насока на времено одложување на примена на одредбите од Законот за правосудниот испит. Притоа, ваквото времено одложување на постапката за полагање на правосудниот испит има легитимна цел и општествена оправданост, претставува разумна и пропорционална мерка на целта која што треба да се постигне со истата, а тоа е спречување на ширење на коронавирусот меѓу населението на Републиката, односно станува збор за мерка од оперативен карактер.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Владимир Стојаноски.

У.бр.62/2020
14.05.2020 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати