Соопштение по повод средбата на претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати со Амбасадорот на САД во Република Северна Македонија, Н.Е. г-ѓа Кејт Мари Брнз

На средбата одржана денес помеѓу претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Сали Мурати и Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Н.Е. г-ѓа Кејт Мари Брнз, предмет на разговор беа теми кои се однесуваат на остварувањето на уставната функција на Судот, со посебен осврт на заштитата на слободите и правата пред Уставниот суд, како и за унапредувањето на меѓусебната соработка и начините за остварување на истата.

Претседателот, Сали Мурати, ја запозна амбасадорката Брнз со предизвиците со кои се соочува Судот и активностите кои се преземени во периодот по неговото стапување на функцијата претседател на Судот, кои се со цел обезбедување на целосна независност и самостојност како основен предуслов за функционирањето на еден орган кој има задача да ги штити уставноста, законитоста и слободите и правата на граѓаните.

Амбасадорката, г-ѓа Кејт Мари Брнз забележа дека само независни институции можат да бидат силни демократски институции во едно општество и во тој контекст ја искажа својата поддршка за идни заеднички активности.