Работна средба со претседателот на Националното собрание на Република Турција, проф.д-р Мустафа Шентоп

Претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Сали Мурати и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски и Насер Ајдари на 21.12.2019 година, остварија средба со делегација на Големото национално собрание на Република Турција предводена од претседателот на Собранието, проф.д-р Мустафа Шентоп, кој по покана на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, беше во официјална работна посета во Република Северна Македонија.

На средбата, која се одржа во кабинетот на претседателот на Уставниот суд, се дискутираше за положбата и надлежностите на Уставниот суд, за предизвиците со кои се соочува Судот, како и за актуелните прашања од работењето на уставните судови во Европа. Во таа насока, на средбата беше истакната потребата од продолжување и зајакнување на досегашната соработка помеѓу Уставниот суд на Република Северна Македонија и Уставниот суд на Република Турција, како и зацврстување на пријателските односи помеѓу двата суда.