У.бр.46/2018

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 18 септември 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови, бр.08-2034/4, донесена од Советот на Општина Центар – Скопје на 26 април 2018 година („Службен гласник на Општина Центар“ бр.7/2018).

2. Ана Ристевска, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека со донесувањето на оспорената одлука, Општина Центар ги повредила членовите 9 и 30 од Уставот, членовите 5 и 8 од Законот за сопственост и други стварни права, член 58 став 2 од Законот за градење и членот 6 од Законот за градежното земјиште.

Во врска со повредата на членот 9 од Уставот, подносителката на иницијативата наведува дека (1) оспорената одлука ги ставала граѓаните на Општина Центар во нееднаква, понеповолна положба во однос на граѓаните кои живеат во другите општини на државата и дека (2) граѓаните на Општина Центар меѓусебно се ставале во нееднаква положба пред Уставот и законите бидејќи оние кои ја започнале постапката за издавање на одобренија за градење можеле да го остварат своето право наспроти граѓаните кои не поднеле барање пред донесувањето на Одлуката. Во однос, пак, на членот 30 од Уставот, во иницијативата се наведува дека со Одлуката се спречувале сопствениците на градежното земјиште да го остварат правото на градење на земјиштето кое е нивна сопственост и со тоа им се ограничувало правото на сопственост гарантирано со наведената уставна одредба.

Повредата, пак, на членот 5 од Законот за сопственост и други стварни права се состоела во тоа што Одлуката ја ограничувала слободната диспозиција на носителите на правото на сопственост и им го ускратувала правото на градење врз основа на нивна волја и одлука, а повредата на членот 8 од истиот закон била во тоа што на сопствениците на градежното земјиште им се оневозможувало да ја користат својата ствар и да располагаат со неа по своја волја, односно да градат на сопственото земјиште.

Во однос на членот 58 од Законот за градење, во иницијативата се наведува дека Одлуката го повредувала наведениот член од Законот со тоа што определувала неиздавање на одобренија за градење за кои се исполнети условите, па Општина Центар противуставно и незаконски ја повредувала својата обврска да издава одобренија за градење.

Оспорената одлука не била во согласност ниту со членот 6 од Законот за градежно земјиште затоа што го запрела спроведувањето на деталните урбанистички планови и издавањето на одобренија за градење со што ги запрела и повредила остварувањата на правата на сопственикот на градежното земјиште гарантирани со Уставот и Законот за градежно земјиште.

Со иницијативата се предлага поништување на оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека Одлуката е донесена врз основа на член 22 став 1 точка 1, член 36 став 1 точка 15 и член 62 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002), а во врска со член 28 став 2, член 41 став 4 алинеја 1 и член 43 став 1 алинеја 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016 и 163/2016).

Во членот 1 од Одлуката се определува дека се запира спроведувањето на деталните урбанистички планови набројани во таа одредба (тоа се 31 одлука, донесени од Советот на Општина Центар – Скопје во 2003, 2007, 2009, 2010, 2011 и 2012 година, кои се однесуваат на следните локации: Мал Ринг, Голем Ринг-исток и запад, Црквата Пресвета Богородица, Крњево 1 и 2, Судска палата 1 и 2, Маџир маало, Ново маало, Стара железничка станица, Клинички блок, Тасино чешмиче 1 и 2, Геолошки завод, Буњаковец 1 и 2, Дебар маало 1 и 2, Парк 1 и 2).

Според член 2, „се запираат постапките за издавање одобренија за подготвителни работи и постапките за издавање одобренија за градење, а кои се во границите на урбанистичко-планските документации опфатени во деталните урбанистички планови наведени во член 1 на оваа одлука“ (став 1). „Сите започнати постапки и постапките за кои се издаваат одобренија за градење, во врска со деталните урбанистички планови од член 1 на оваа одлука, може да продолжат“ (став 2). „Оваа одлука не се однесува на изградба и на реконструкција на подземни инфраструктурни системи и инсталации“ (став 3).

Членот 3 од оспорената одлука предвидува дека „запирањето на спроведувањето на деталните урбанистички планови ќе трае два (2) месеца, сметајќи од денот на донесувањето на оваа одлука.“

Во член 4 од Одлуката се определува дека „оваа одлука стапува во сила на денот на донесувањето и ќе се објави во „Службен гласник на Општина Центар – Скопје“. “

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Во членот 28 од Деловникот на Уставниот суд се определува дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата „ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување“ (алинеја 2) и „ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата“ (алинеја 3).

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд ја оценува согласноста, покрај другото, на подзаконските прописи со Уставот и со законите, а од изнесените деловнички одредби произлегува дека во ситуација кога Судот за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, како и при постоење на процесни пречки за одлучување по иницијативата, Судот ќе ја отфрли иницијативата.

Во конкретниот случај, оспорената одлука била во правниот поредок два месеци сметано од денот на донесувањето, односно од 26.04.2018 година до 26.06.2018 година, што произлегува од членот 3 на Одлуката, а потоа престанало нејзиното правно дејство и примена. Освен тоа, Судот со Решение У.бр.28/2019 од 20 март 2019 година, оценувајќи ја покрај другото и оспорената одлука по друга иницијатива, ја отфрлил иницијативата бидејќи утврдил дека постојат наведените процесни пречки за одлучување.

Имајќи го предвид изнесеното, произлегува дека, поради постоење на наведените процесни пречки за постапување по иницијативата, како и поради тоа што за истата работа е веќе одлучувано а нема основи за поинакво одлучување, исполнети се условите за отфрлање и на оваа иницијатива согласно член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.46/2018
18 септември 2019 г.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски