Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 26 јуни 2019 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 46 став 2 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.103/2008, 33/2010, 116/2010, 156/2010, 18/2011, 51/2011, 6/2012, 100/2012, 41/2014, 116/2014, 135/2014, 10/2015, 98/2015, 145/2015, 30/2016, 127/2016, 67/2017 и бр.64/2018).
2. Стевче Стојанов од с.Ново Коњарево, Ново Село до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение и донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одредба.
Според подносителот на иницијативата оспорената одредба била во спротивност со член 9 став 2 и членот 44 од Уставот, од причина што основното образование било задолжителни и бесплатно, без никакви ограничувања и без дополнителни услови, вклучувајќи го и вакцинирањето на населението.
Врз основа на наведеното се предлага Судот по спроведената постапка да ја укине оспорената одредба.
3. Судот на седницата, утврди дека во член 46 став 2 од Законот за основното образование е предвидено дека, при запишувањето на детето во прво одделение родителот е должен да достави потврда за примените задолжителни вакцини за детето, издадена од надлежна здравствена установа.
4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата, ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Во конкретниот случај Судот во постапката по предметот У.бр.30/2014 одлучувал за уставноста на член 46 став 2 од Законот за основното образование и со Решение од 08.10.2014 година, не повел постапка за оценување на уставноста, бидејќи оценил дека одредбата е во согласност со член 9 став 2 и член 44 од Уставот.
Според Судот, со оспорената одредба од член 46 став 2 од Законот за основното образование, не се повредуваат правото на образование и правото на избор за невакцинација на децата како што било наведено со иницијативата, бидејќи одредбата е во насока на заштита на здравјето на учениците кои се запишуваат во прво одделение и на здравјето на другите ученици во училиштето.
Имено, условувањето на упис во основно училиште, преку приложување на доказ за извршена вакцинација, не претставува дискриминација бидејќи ова е еден вид на механизам за заштита и осигурување на правото на здравје на детето. Родителите кои би запишале дете во училиште кое не ги примило потребните вакцини, би ги повредиле правото на здравје на своето дете и на другите деца кои одат во истото училиште.
Според Судот, не може да се смета дека на невакцинираните деца од предучилишна и основно-училишна возраст неоправдано им е ограничено правото на образование поради невакцинација. Станува збор за посебни права поради што целосното остварување на овој степен на развој на здравството и образованието, па и развојот на целото општество, не може да биде успешно доведено во корелација од аспект на забрана на дискриминација.
По однос на тоа, дека со оспорената одредба се повредува член 44 од Уставот и се ограничува правото на образование, наведеното условување, односно ограничување е исклучиво и единствено поради постоење на интересот на јавниот ред и мир, заштитата на здравјето, моралот и правата и слободите на другите, што значи заштитата на правата на групата над правата на поединецот. Оттука, границата помеѓу позитивните и негативните задолжувања на државата во согласност со оваа одредба од Законот не може прецизно да се дефинира, но сепак, во двата контексти државата ужива одредена слобода на проценка.
Предвидувањето на задолжителна вакцинација за одредени заразни болести е со цел за елиминација на болести на целокупната популација, а што е позитивна обврска на државата во смисла на заштита на здравјето на своите граѓани. Ова, дотолку повеќе што, со конкретното прашање се навлегува во стручната медицинска област и истото не е прашање за остварување на загарантираното право на слобода на совеста и уверувањето.
Со оглед дека во основните училишта во месец мај задолжително се запишуваат сите деца кои ги исполнуваат условите за запишување во прво одделение, евидентно е дека големиот број на ученици кои се запишуваат од различни средини (географски, социјални, етнички и други), можат да бидат потенцијална опасност за другите ученици за ширење на одредени болести, доколку истите не се вакцинирани против туберкулоза, дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа, мали сипаници, црвенка, заушки, хемофилус инфлуенца тип Б (Хиб) и вирусен хепатитис Б, како што е уредено во член 33 став 2 од Законот за заштита на населението од заразни болести.
Родителите кои одбиваат да ги вакцинираат децата треба да имаат предвид дека другите родители имаат право да ги заштитат своите деца од потенцијалните ризици од тешка болест. Кај невакцинираните деца поголем е ризикот од ширење на болеста особено во детската заштита, училиштата и факултетите.
Согласно член 39 став 2 од Уставот на Република Македонија, граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите. Согласно оваа уставна одредба, секој во Република Македонија, освен своето здравје, е должен да го чува и здравјето на останатите. Во таа насока, законодавецот, имајќи го во предвид јавниот интерес за здрава млада популација, утврдил дека при запишувањето на детето во прво одделение родителот е должен да достави потврда за примените задолжителни вакцини за детето, издадена од надлежна здравствена установа. Согласно наведеното, одредбата од член 46 став 2 од Законот за основното образование не е противуставна, бидејќи со истата се штити здравјето и на учениците кои се запишуваат во прво одделение во основните училишта, како и здравјето на останатите ученици во училиштето.
Според член 24 од Конвенцијата за правата на детето, којашто е ратификувана од страна на Република Македонија, државите членки му го признаваат на детето правото на највисоко ниво на здравствена и медицинска заштита и рехабилитација. Државите членки настојуваат ниедно дете да не биде лишено од правото на таква здравствена заштита. Државите членки истовремено се залагаат за целосно остварување на ова право. Република Македонија, како држава која ја ратификувала оваа конвенција, исто така, има обврска да ги применува одредбите од Конвенцијата.
Измените и дополнувањата на Законот за основното образование настанати по донесување на судското решение не се однесуваат на содржината на сега оспорената законска одредба.
Имајќи предвид дека Судот веќе одлучувал за истата работа, а во предметната иницијатива не се содржани основи за поинакво одлучување (станува збор за идентични наводи), Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот.
Оттаму не се исполнети условите од член 27 став 1 од Деловникот за донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одредба.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.84/2019
26.06.2019 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски