У.бр.19/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија,член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 22 мај 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 44 став 3 од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговски регистар и регистар на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2005, 13/2007, 1502007, 140/2008, 17/2011, 53/2011, 70/2013, 115/2014, 97/2015, 192/2015 и 53/2016).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на меѓусебната согласност на оспорениот член од Законот означен во точката 1 од ова решение со членот 45 од Законот за здруженија и фондации.

3.Јасмина Георгиевска од Куманово, до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста на наведениот член од законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, подносителот наведува дека оспорениот член 44 став 3 од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговски регистар и регистар на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2005, 13/2007, 1502007, 140/2008, 17/2011, 53/2011, 70/2013, 115/2014, 97/2015, 192/2015 и 53/2016), е во спротивност со членот 45 од Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/2010, 135/2011 и 55/2016) и член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Имено, подносителот наведува дека со членот 45 од Законот за здруженија и фондации, против решението за Регистарот со кое е одбиено барањето за запишување во соодветниот регистар од членот 40 став 1 на овој закон организацијата има право на жалба до Комисијата за жалби утврдена со Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, во рок од 15 дена од приемот на решението.

Подносителот, во иницијативата укажува дека за разлика од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица во Законот за едношалтерски систем и за водење на трговски регистар и регистар на други правни лица, оспорената одредба не само што не предвидува рок од 15 дена, туку предвидува пократок рок од 8 дена.

Следствено на погоре наведеното се предлага Уставниот суд да ја прифати иницијативата и да донесе решение за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба и истата да ја укине.

4. Судот на седницата утврди дека, според член 44 од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговски регистар и регистар на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2005, 13/2007, 1502007, 140/2008, 17/2011, 53/2011, 70/2013, 115/2014, 97/2015, 192/2015 и 53/2016):
(1)Против решението за упис подносителот на барањето за упис има право на жалба.
(2)По жалбата против првостепеното решение, односно кога е предвидена можност за право на посебна жалба по заклучок, како второстепен орган решава Комисијата за жалби.
(3) Жалбата се поднесува во рок од осум дена од денот на приемот на решението (оспорен став).
(4) Подносителот на жалбата не може да се повикува на податоци коишто не ги внел во пријавата за упис и на прилози коишто не ги доставил.
(5) Кога со овој закон е определено право на жалба по заклучок, а не е определен рокот за посебна жалба, рокот изнесува три дена од денот на приемот на заклучокот.

5. Во член 8 став 1 од Уставот, утврдени се темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија и тоа:

– основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот;
– слободното изразување на националната припадност;
– владеењето на правото;
– поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска;
– политичкиот плурализам и слободните непосредни и демо­кратски избори;
– правната заштита на сопственоста;
– слободата на пазарот и претприемништвото;
– хуманизмот, социјалната правда и солидарноста;
– локалната самоуправа;
– уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата и
– почитувањето на општо прифатените норми на меѓународ­ното право.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Амандманот XXI од Уставот на Република Северна Македонија, со кој е заменет членот 15 од Уставот, утврдено е дека се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во прв степен во постапка пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Со членот 1 од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр. 84/2005, 13/2007, 150/2007, 140/2008, 17/2011, 53/2011, 70/2013, 115/2014, 97/2015, 192/2015 и 53/2016).се уредува/уредуваат едношалтерскиот систем, водењето на трговскиот регистар и на регистарот на други правни лица, регистарот на физички и правни лица на кои им е изречена санкција забрана за вршење професија, дејност или должност и привремена забрана за вршење одделна дејност, регистар на казни за сторените кривични дела на правни лица од страна на Централниот регистар на Република Македонија (во натамошниот текст: Централниот регистар), во писмена и електронска форма како и преземањето на водењето на трговскиот регистар, судскиот регистар, регистарот на водните заедници, регистарот на водостопанства, регистарот на здруженија и фондации и регистарот на комори од надлежните судови од страна на Централниот регистар (став 1). Ако со закон со кој е определено водењето на регистар не е определена постапката за водењето на тој регистар, уписот ќе се врши според правилата за постапката утврдена во овој закон (став 2).

Во членот 16 од Законот се утврдени начелата врз кои се водат регистрите и се вршат уписите, трговскиот регистар и регистарот на други правни лица се водат како основни регистри врз онова на кои се конституираат права засновани на закон, а Централниот регистар се придржува и кон начелото на економичност и ефикасност според кои постапкатата на регистрација, увидот во регистар и издавање извод од регистар се врши без одолговлекување и со што помали трошоци.

Постапката за упис во регистарот се поведува со поднесување на пријава за упис во писмена форма до канцеларијата на Централен регистар или со поднесување на пријава за упис во електронската форма преку едношалтерскиот систем, доколку со друг закон поинаку не е определено ( член 32 од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр. 84/2005, 13/2007, 150/2007, 140/2008, 17/2011, 53/2011, 70/2013, 115/2014, 97/2015, 192/2015 и 53/2016).

Во член 41 став 1 од истиот закон е уредено дека ако се исполнети условите за упис согласно законот, во рок од 4 (четири) часа од моментот на доставување на комплетна документација се донесува решение за упис.

Согласно член 44 став 1 од Законот, против решението за упис е дозволена жалба. По жалбата против првостепеното решение, односно кога е предвидена можност за право на посебна жалба по заклучок, како второстепен орган решава Комисијата за жалби(став 2), а согласно оспорениот став 3 од истиот член, жалбата се поднесува во рок од осум дена од денот на приемот на решението во писмена форма, односноод денот на неговото објавување на веб- страната на Централен регистар на Република Северна Македонија кога истото е доставено во електронска форма. Подносителот на жалбата не може да се повикува на податоци коишто не ги внел во пријавата за упис и на прилози коишто не ги доставил (став 4). Кога со овој закон е определено право на жалба по заклучок, а не е определен рокот за посебна жалба, рокот изнесува три дена од денот на приемот на заклучокот.

Врз основа на изнесените уставни и законски одредби, произлегува дека Законот за едношалтерски систем и за водење на трговскиот регистар и регистарот на другите правни лица предвидените рокови во овој закон за преземање на дејствија, како што е изјавувањето на жалба во постапките кои се водат пред Централниот регистар на Република Северна Македонија се пократки од роковите утврдени во Законот за општата упрвна постапка, што не е во спротивност со основните начела и целта на законот и не ја намалуваат заштитата на правата и правните интереси на странките, загарантирани со Законот за општата управна постапка.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека оспорената одредба од Законот за едношалтерски систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица не е во спротивност со наведените уставни одредби.

6. Во членот 1 од Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/2010, 135/2011 и 11/2016) се уредуваат начинот, условите и постапката за основање, регистрација и престанок на здруженијата, фондациите, сојузите, организационите облици на странските организации во Република Македонија, имотот со кој располагаат, надзорот, статусните промени и статусот на организациите од јавен интерес.

Според член 43 од Законот, Регистарот е должен во рок од пет дена од денот на поднесувањето на пријавата за запишувањето на пријавата да донесе решение за запишување во соодветен регистар.

Согласно член 45 од истиот закон, против решението на Регистарот со кое е одбиено барањето за запишување во соодветниот регистар од членот 40 став (1) на овој закон организацијата има право на жалба до Комисијата за жалби утврдена со Законот за едношалтерски систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, во рок од 15 дена од приемот на решението.

Имајќи го во предвид наведеното, наспрема наводите во иницијативата за тоа дали, пропишаните рокови за поднесување на жалба на решението на Регистарот со кое е одбиено барањето за запишување во соодветен регистар се во согласност со роковите за поднесување на жалба на решение донесено согласно Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, всушност претставува барање за оцена на меѓусебна согласност на одредби од два закони, што е прашање за кое согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

7 .Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.19/2019
22 мај 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски