У.бр.126/2018

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 17 април 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката бр.5005/3 од 08.11.2018 година за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт СИ 03 Блок 03 донесена од Советот на Општина Гази Баба („Службен гласник на Општина Гази Баба“ бр.19/2018).

2. Александар Трајковски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата најнапред се бара донесување на решение за забрана на извршување на поединечни акти и дејствија врз основа на оспорената одлука поради ризик од штетни последици.

Според подносителот на иницијативата оспорената одлука (погрешно означена во иницијативата со службено гласило бр.18/2018 наместо со бр.19/2018) не била во согласност со цитираните: член 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот, член 39 ставови 5 и 9 од Законот за просторното и урбанистичко планирање, како и со членот 41 од Законот за локалната самоуправа.

По цитирање на овие и други одредби (член 42 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, членови 22 и 62 од Законот за локалната самоуправа) подносителот на иницијативата наведува дека според Записникот од Шеснаесетата седница на Советот на Општина Гази Баба одржана на 08.11.2018 година децидно произлегувало дека Советот не ја донел Предлог-одлуката за донесување на оспорениот план со 13 гласови „за“ и 14 гласови „воздржан“. Оттука, спорната одлука не била донесена. Второ гласање, за истата одлука не било извршено на наредна седница, како што барал член 39 став 9 од Законот за просторното и урбанистичко планирање со што оваа одредба била повредена. Имено, 13 гласови со колку што била донесена оспорената одлука не биле повеќе од една третина од вкупниот број членови на Советот на Општината Гази Баба (27 членови), бидејќи нивниот број не бил помал од бројот на членови кои гласале воздржано, односно 13 „за“ наспрема 14 „воздржани“.

Во иницијативата се појаснува дека Законот за локалната самоуправа бил донесен во согласност со Амандманот XVI на Уставот, а Законот за просторното и урбанистичко планирање во согласност со Амандманот X на Уставот. Оттаму, неуставно било со Законот за просторното и урбанистичко планирање кој се донесува со не помалку од 40 пратеници да се менувало мнозинството за одлучување во Советот со одредба од Законот за локалната самоуправа кој се носел со двотретинско и бадинтерово мнозинство.

Заради наведеното Одлуката била во спротивност со член 39 ставови 5 и 9 од Законот за просторното и урбанистичко планирање и член 41 од Законот за локалната самоуправа.

3.Судот на седницата, утврди дека Советот на Општина Гази Баба, врз основа на член 39 став 5 и член 42 ставови 3, 4 и 7 од Законот за просторното и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016, 163/2016, 64/2018 и 168/2018), член 22 точка 1 и член 62 став 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) и член 151 став 2 од Деловникот на Советот на Општина Гази Баба („Службен гласник на Општина Гази Баба“ бр.4/2006 и 12/2013) на Шесенаесетата седница одржана на ден 08.11.2018 година ја донел оспорената одлука за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт СИ 03 блок 03.

Одлуката има седум одредби, заведена е под бр.09-5005/3 од 08.11.2018 година и е објавена во „Службен гласник на Општина Гази Баба“ бр.19 од 14 ноември 2018 година.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Листата на надлежности на единиците на локалната самоуправа е уредена во членот 22 од Законот за локалната самоуправа.

Во член 41 став 1 од Законот за локалната самоуправа е предвидено дека, советот може да работи ако на седницата присуствуваат мнозинство од вкупниот број членови на советот.

Советот одлучува со мнозинство гласови од присутните членови, ако со закон и со статутот поинаку не е определено (став 2).

Прописите кои се однесуваат на културата, употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните во општината, утврдувањето и употребата на грбот и знамето на општината, се усвојуваат со мнозинство гласови од присутните членови на советот, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во општината (став 3).

На седницата на советот по правило, се гласа јавно (став 4), а согласно ставот 5 за секоја седница на советот се води записник.

Видовите на прописи што ги носат органите на општините се уредени во членот 62 од истиот закон. Според ставот 2 од членот 62 од Законот, прописите се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број членови на советот, доколку поинаку не е определено со овој или друг закон.

Во член 39 став 5 од Законот за просторното и урбанистичко планирање е предвидено дека, советот на општината, општината во Градот Скопје и Градот Скопје може да го донесе односно да не го донесе предлог планот доколку смета дека истиот не е изработен согласно законските прописи во кој случај е должен да донесе одлука со образложение за констатираната неправилност поради која предлог планот не е донесен.

Во член 39 став 9 од Законот за просторното и урбанистичко планирање е предвидено дека, урбанистичкиот план се смета дека е донесен доколку за одлуката за донесување на урбанистичкиот план гласале најмалку 1/3 од вкупниот број членови на Советот на општината, општината во градот Скопје односно градот Скопје, а при тоа нивниот број не е помал од бројот на членовите на Советот на општината, општината во градот Скопје односно градот Скопје кои гласале против одлуката за донесување на урбанистичкиот план.

Од увидот во доставената документација Судот утврди дека Советот на Општина Гази Баба на шеснаесетата седница одржана на 08.11.2018 година, со 27 гласа „за“ го усвоил предложениот дневен ред. Помеѓу другото, Советот гласал за усвојување на Предлог-одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт СИ 03 Блок 03 и констатирал дека не е донесена Предлог-одлуката за оваа точка од дневниот ред бидејќи имало 13 гласа „за“ и 14 гласа „воздржан“. Видно од одговорот на Општината бр.09-5777/1 од 24.12.2018 година е дека по завршувањето на седницата од страна на градоначалникот на Општина Гази Баба на Советот на Општината му било предочено дека погрешно е констатирано недонесување на Одлука за изменување на предметниот план, бидејќи член 39 став 9 од Законот за просторното и урбанистичко планирање и членот 85 (сторена грешка во означување, во прашање е член 86) од Деловникот на Општината предвидуваат поинакво мнозинство за донесување на Одлука за усвојување на Детален урбанистички план.

Градоначалникот на Општина Гази Баба врз основа на член 50 став 1 точка 3 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002), а во врска со член 85 став 1 од Статутот на Општината („Службен гласник на Општина Гази Баба“ бр.2/2006, 14/ 2012, 10/2013, 14/2013 и 12/2014) донел решение бр.08-5165/1 од 13.11.2018 година за објавување на оспорената одлука, кое решение е објавено во „Службен гласник на Општина Гази Баба“ бр.19 од 14 ноември 2018 година. Во истиот број на службеното гласило е објавена и оспорената одлука.

Видно од приложениот извадок од седумнаесетата седница на Советот е дека нацрт-записник од претходно одржаната шеснаесета седница не е усвоен.

Од наведеното произлегува дека Советот на Општина Гази Баба на седницата погрешно заклучил дека Одлуката за изменување на Деталниот урбанистички план не била изгласана бидејќи имало 13 гласа „за“, а 14 гласа „воздржан“. На сторениот превид било укажано од страна на градоначалникот на Општината, а како членот 39 став 9 од Законот за просторното и урбанистичко планирање предвидел одлуката да не се смета за донесена доколку бројот на оние кои гласале против (но не и на оние кои биле воздржани) е поголем од 1/3 од оние кои биле за. Во овој случај бројот на оние кои гласале за е 13 наспрема никој против, од каде одлуката требало да се смета за донесена, согласно член 39 став 9 од наведениот закон и членот 86 од Деловникот на Општината кој предвидел дека: Членовите на Советот гласаат на тој начин што се изјаснуваат „за“ или „против“ предлогот или се воздржуваат од гласање.

Имајќи предвид дека член 62 став 2 од Законот за локалната самоуправа дозволува прописите да не се се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број членови на советот, доколку тоа поинаку е определено во друг закон или во случајот во Законот за просторното и урбанистичко планирање (член 39 став 9) произлегува дека Советот на Општината Гази Баба правилно постапил кога, по укажувањето на градоначалникот, ја објавил оспорената одлука како донесена. Имено 1/3 од вкупниот број на членови од Советот на Општината е девет членови, а во овој случај „за“ гласале 13 што е повеќе од потребната една третина. Никој не гласал против, а „воздржани“ биле 14. Притоа воздржаните гласови не можат да се сметаат како еквивалент на гласовите против, бидејќи кај воздржаните нема јасно формиран став дали поддржуваат или не одреден предлог, за разлика од гласовите против кои имаат јасно изразен став дека не прифаќаат, се противат на одреден предлог. Оттаму воздржаните 14 гласови не можат да се сметаат како исти по вредносен став со 14 гласа против.

Оттаму, правилно Советот на Општината, по укажувањето на градоначалникот, смета дека одлуката е донесена со потребното законско мнозинство на гласови. Тоа што Нацрт-записникот се уште не е усвоен, според оцена на Судот е технички недостаток, кој не може да ја промени околноста дека Одлуката била изгласана.

Од наведеното произлегува дека оспорената одлука е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, со член 41 од Законот за локалната самоуправа и член 39 ставови 5 и 9 од Законот за просторното и урбанистичко планирање.

По однос на наводите од иницијативата со кои се тврди дека било неуставно со Законот за просторното и урбанистичко планирање кој се донесува со не помалку од 40 пратеници да се менувало мнозинството за одлучување во Советот на општината со одредба од Законот за локалната самоуправа кој се носел со двотретинско и бадинтерово мнозинство Судот оцени дека се наводи со кои се бара оценување на уставноста на меѓусебната усогласеност на два закони што не спаѓа во надлежност на Уставниот суд, која е определена во членот 110 од Уставот.

Од сето наведено произлегува дека не се исполнети условите за донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одлука согласно член 27 од Деловникот на Судот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.126/2018
17 април 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски