У.бр.44/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членовите 28 алинеи 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 17 април 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката за утврдување потреба од донесување урбанистичка планска документација за усогласување на намената за К.П.бр.2740/1, К.О. Мислешево вон г.р. по барање на лицето Ајдин Влаши со место на живеење с.Велешта – Струга бр.09-5211 од 04.12.2018 година, донесена од Советот на Општина Струга („Службен гласник на Општина Струга“ бр.13/2018).

2. Д-р Рамис Мерко, градоначалник на Општина Струга до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, Советот на Општина Струга на 15-татa редовна седница, одржана на 14.11.2018 година, по предлог на член на Советот на Општина Струга, со мнозинство гласови ја донел Одлуката за утврдување потреба од донесување урбанистичка планска документација за усогласување на намената за КП Бр. 2740/1 за КО Мислешево по барање на лицето Ајдин Влаши од с. Велешта, бр. 08-4785/15 од 14.11. 2018 година.

Подносителот во иницијативата наведува дека согласно член 50 став 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002), градоначалникот ги објавува прописите на советот во службеното гласило на општината, а доколку градоначалникот смета дека прописот на Советот не е во согласност со Уставот и законите, должен е во рок од 7 дена од денот на доставувањето, со решение да го запре неговото објавување и да ги образложи причините за запирањето (член 51 став 1).

Во иницијативата се укажува дека согласно член 10 став 4 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти („Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/11, 54/11, 155/12, 53/13, 72/13, 44/14, 115/14, 199/14, 124/15, 129/15, 217/15 и 31/16 и 190/2017) во случај кога е поднесено барање за утврдување на правен статус на бесправен објект чија намена не е во согласност со намената на земјиштето на кое е изграден објектот утврдена во важечката урбанистичко-планска документација, или бесправниот објект е изграден надвор од плански опфат, надлежниот орган донесува заклучок за прекин на постапката и по службена должност доставува барање до советот на општината да одлучи дали во идната урбанистичко-планска документација ќе се изврши усогласување на намените, односно дали ќе се изврши проширување на планскиот опфат.

Подносителот на иницијативата, во својство на градоначалник на Општина Струга, сметал дека Одлуката не е во согласност со член 10 став 4 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти поради тоа што до Советот на Општината не било доставено барање по службена должност од надлежниот општински орган, заради донесување одлука дали во идната урбанистичко-планска документација ќе се изврши усогласување на намените, односно дали ќе се изврши проширување на планскиот опфат, ниту бил доставен Заклучокот за прекинување на постапката.

Од тие причини, градоначалникот на Општина Струга донел Решение за запирање на објавување на пропис донесен од Советот на Општина Струга бр.09-5211 од 04.12.2018 година, во кое ги образложил причините за запирање на оспорената одлука и со Заклучок за објавување Решение за запирање на објавување на пропис донесен од Советот на Општина Струга бр.09-5257/1 од 06.12.2018, истото го објавил во „Службен гласник на Општина Струга“ бр.12/18.

Донесеното Решение за запирање, подносителот на иницијативата, го доставил до Советот на Општина Струга кој на седницата одржана на 12 декември 2018 година донел Заклучок со кое го отфрлил Решението за запирање на објавување на пропис донесен од Советот на Општина Струга бр.09-5211/1 донесен од градоначалникот на Општина Струга на 4 декември 2018 година, како неосновано и воедно ја потврдил предметната одлука. Исто така, Советот на Општина Струга го задолжил градоначалникот на Општина Струга да го објави прописот, а овој заклучок влегол во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Струга“.

Подносителот на иницијативата му предлага на Уставниот суд да ја укине Одлуката за утврдување потреба од донесување урбанистичка планска документација за усогласување на намената за КП бр. 2740/1 за КО Мислешево по барање на лицето Ајдин Влаши од с. Велешта, бр.08-4785/15 донесена од Советот на Општина Струга на седницата одржана на 14.11. 2018 година.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената Одлука бр.09-5211 од 4 декември 2018 година, Советот на Општина Струга ја донел на 15 – тата седница, одржана на 14 ноември 2018 година.

Во членот 1 од Одлуката е уредено дека се утврдува потреба од донесување на урбанистичка планска документација за усогласување на намената за бесправниот објект изграден на К.П. бр.2740/1, К.О. Мислешево вон-г.р. по барање на лицето Ајдин Влаши со место на живеење с.Велешта – Струга за предмет за утврдување на правен статус на бесправен објект заведен со број 10-390 од 27.01.2016 година.

Во членот 2 од Одлуката е уредено дека бесправниот објект е изграден според важечкиот ДУП за населено место Мислешево вон-г.р., согласно со урбанистички план за с.Мислешево, донесен со Одлука на Совет на Општина Струга со бр.07-3526/7 од 30.09.2014 година.

Со членот 3 од Одлуката се задолжува општинската администрација на Општина Струга, во идната урбанистичка-планска документација да изврши вклопување на бесправно изградениот објект, а во членот 4 е определено влегувањето во сила на Одлуката.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од содржината на актот кој се оспорува со иницијативата, произлегува дека во конкретниот случај оспорениот акт нема карактер на пропис со кој се уредуваат односи помеѓу неопределен број на субјекти.

Тргнувајќи од правните елементи коишто го определуваат прописот во смисла на членот 110 од Уставот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, Судот утврди дека во конкретниов случај оспорената одлука претставува поединечен акт донесен во врска со конкретно поднесено барање за донесување на урбанистичко-планска документација за усогласување на намената за бесправен објект изграден на точно наведена катастарска парцела.

Имајќи го во предвид наведеното, оспорената одлука не може да биде предмет на уставно-судска оцена, поради што, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата поради ненадлежност согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.44/2019
17.04.2019 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски