Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 20 март 2019 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови, број 08-5438/12 од 13.12.2018 година, донесена на 21-та седница на Советот на Општина Центар, одржана на 13.12.2018 година, објавена во „Службен гласник на Општина Центар” број 20 од 14.12.2018 година.
2. СЕ ЗАПИРААТ од извршување поединечните акти или дејствија донесени односно преземени врз основа на актот означен во точката 1 од ова решение.
3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на: Одлуката за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови, број 08-5371/2 од 27.12.2017 година, донесена на 6-та седница на Советот на Општина Центар, одржана на 27.12.2017 година, објавена во „Службен гласник на Општина Центар” број 24 од 28.12.2017 година; Одлуката за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови, број 08-1150/4 од 06.03.2018 година, донесена на 9-та седница на Советот на Општина Центар, одржана на 06.03.2018 година, објавена во „Службен гласник на Општина Центар” број 4 од 07.03.2018 година; Одлуката за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови, број 08-2034/4 од 26.04.2018 година, донесена на 12-та седница на Советот на Општина Центар, одржана на 26.04.2018 година, објавена во „Службен гласник на Општина Центар” број 7 од 27.04.2018 година; Одлуката за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови, број 08-2774/4 од 14.06.2018 година, донесена на 14-та седница на Советот на Општина Центар, одржана на 14.06.2018 година, објавена во „Службен гласник на Општина Центар” број 9 од 18.06.2018 година и Одлуката за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови, број 08-3799/2 од 30.08.2018 година, донесена на 17-та седница на Советот на Општина Центар, одржана на 30.08.2018 година, објавена во „Службен гласник на Општина Центар” број 15 од 31.08.2018 година.
4. Градежната комора на Македонија од Скопје и Стопанска комора на Северо-Западна Македонија од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите, означени во точките 1 и 3 од Решението.
Според наводите од иницијативата оспорените одлуки биле спротивни на член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7, член 9 ставови 1 и 2, член 30 ставови 1 и 3, член 51 ставови 1, 2 и 3, член 68 став 1 алинеја 2 и Амандманот XVII од Уставот на Република Македонија, Законот за градење, Законот за просторното и урбанистичко планирање и Законот за локалната самоуправа.
Во продолжение на иницијативата се цитираат содржините на наведените уставни одредби, како и содржини на одредби од законите, а се цитираат и одредби од Законот за сопственост и други стварни права.
Понатаму се наведува дека правото на сопственост како уставно загарантирано право на сопственикот му давало право стварта да ја држи, целосно да ја користи и да располага со неа по своја волја. Едно од основните права на сопственикот било правото на градење како право кое извирало од правото на сопственост врз определена ствар, а ограничувањето на правото на градење било ограничување на правото на сопственост. Сопственоста можела да се ограничи само ако се утврдел јавен интерес утврден со закон, а во конкретниот случај со оспорените одлуки без законски и уставен основ Општината запрела постапки за издавање на градежни одобренија на важечки детални урбанистички планови, со што се ограничувало правото на градење изведено од правото на сопственост.
Одлуката за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови број 08-5438 од 13.12.2018 година, имала низа пропусти од материјално-правен аспект, како и низа формални недостатоци што сами по себе ја правеле спротивна на законите и Уставот.
Основот за донесување на оспорената одлука бил сосема спорен и не можел да биде оправдување за донесување на истата, бидејќи членот 28 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање на кој се повикувал доносителот на оспорениот акт, немал никаква врска со диспозитивот на оспорената одлука од причини што во истиот се наведувала и опишувала постапката која што следела при донесување на детални урбанистички планови во смисла на стратегиска оцена за влијание на животната средина и врз здравјето на луѓето, односно наведениот основ се однесувал за постапката на донесување на деталните урбанистички планови, а не и за нивно спроведување.
Понатаму, доносителот на оспорената одлука за свој основ го зел и член 41 став 4 алинеја 1 од наведениот закон според кој советите на општините во Градот Скопје донесуваат детални урбанистички планови, и во тоа немало ништо спорно, но спорно било дека тој член немал никаква врска со ниту една од одредбите од оспорената одлука.
Советот на Општина Центар, меѓу другото како основ за донесување на оспорената одлука ја цитирал одредбата од член 43 став 1 алинеја 3 од Законот за просторното и урбанистичко планирање која што се однесувала на важноста на деталните урбанистички планови, односно дека планирањето на просторот се врши за период најмалку пет години за детални урбанистички планови.
Не било јасно што го поттикнало Советот на Општината да ја донесе оспорената одлука со која се запирало спроведување на повеќе урбанистички планови, во која основот воопшто не кореспондирал со одредбите на оспорениот акт. Ова дотолку повеќе што во оспорената одлука се употребувал поимот „запирање” кој во управно-правната теорија и пракса подразбирал завршување на сите правни дејствија во која било управно-правна работа, што значело дека доколку запрела некоја постапка, по истата понатаму, повеќе не можело да се преземаат какви било правни дејствија, односно нивното преземање, во иднина немало да има никаква правна сила. Токму поради тоа поимот „запирање” се разликувал од поимот „прекин” бидејќи прекинот во самата теорија и во материјалниот закон од областа на управното право, имал значење дека некоја постапка се прекинувала се додека не се отстранеле недостатоците или не престанеле определени дејствија кои го оневозможувале текот на постапката.
Во поткрепа на наведеното говорел фактот што доносителот на оспорената одлука истовремено во членот 1 од Одлуката, го запрел спроведувањето на урбанистичките планови, а во членот 3 од Одлуката, навел рок до кога ќе траело запирањето на спроведувањето на деталните урбанистички планови, кое што во целост било во спротивност со управно-правната теорија и пракса, а со тоа и спротивно на уставно-правното начело на владеење на правото.
Оттука, во отсуство на јасни одредби во оспорената одлука за тоа што воопшто сакал да постигне доносителот на оспорениот акт, кои биле неговите побуди, целта и оправданоста за донесување на истата, односно во отсуство на какво било образложение за донесување на Одлуката, само по себе водело кон правна несигурност и повреда на начелото на владеење на правото како уставен принцип кој го обврзувал доносителот на оспорениот акт да донесува јасни, прецизни и недвосмислени одлуки као основ за почитување и постапување од страна на сите граѓани во државата.
Со оспорените одлуки Општина Центар ги доведувала во нееднаква правна положба граѓаните што имале сопственост на недвижности на територијата на Општина Центар во однос на граѓаните што имале сопственост во други општини на територијата на Република Македонија, во смисла на ограничување на правото непречено да ги уживаат правата кои што произлегуваат од сопственоста, вклучително и правото на градење.
Ваквите одлуки ја ограничувале и слободата на пазарот и претприемништвото, бидејќи градењето како едно од столбовите на економијата во Републиката, поради донесените одлуки имал негативно влијание врз целиот градежен сектор, односно истиот бележел континуиран пад во периодот 2017 година и 2018 година. Градежните компании подолго време се жалеле на наведените проблеми, се спореле поради укинувањето на плановите каде што купиле плацеви и требало да отпочнат со изградба и биле доведени во неповолна ситуација и правна несигурност, дали и кога ќе можеле да го реализираат нивното право на градење.
Постапката за донесување на урбанистички планови, како и постапката за издавање на одобренија за подготвителни работи и одобренија за градење, биле јасно уредени со закон, со строг редослед на дејствија и точно утврдени рокови и сите органи требало да ги почитуваат, вклучително и Општината бидејќи тоа биле законски предвидени постапки, со што Општината, донесувајќи ги оспорените одлуки се ставила над Собранието на Република Македонија.
При ова, требало да се знае дека законитоста на веќе донесен детален урбанистички план, единствено можела да ја преиспитува Уставниот суд на Република Македонија, а до одлуката на Уставниот суд, општините биле должни да постапуваат по барањата на граѓаните за издавање на соодветна градежно-техничка документација.
Со одлуки на совет на општина не можело да се дерогираат законски прописи. Во Законот за локалната самоуправа, Законот за просторно и урбанистичко планирање и Законот за градење, не постоела законска можност ниту надлежност, совет на општина да запре спроведување на важечки детални урбанистички планови, како и да запре постапки за издавање на одобрение за подготвителни работи и одобрение за градење. Во самите закони не постоело „запирање” како законски термин, па следствено Општината немала овластување да донесува вакви одлуки.
Надзор над спроведување на Законот за просторно и урбанистичко планирање спроведувал и вршел Државниот инспекторат за градежништво и единствено тој како надлежен орган имал право да проверува дали одобрената урбанистичко-планска документација и урбанистичко-проектна документација била изработена согласно со законските и подзаконските прописи, па доколку констатирал определени неправилности, должен бил да донесе решение со кое ќе го задолжел органот кој ја одобрил, да ја поништи истата, но тоа се однесувало само и единствено на постапката што следела на веќе важечки донесен детален урбанистички план.
На крајот со иницијативата се истакнува дека со стопираните градежни активности во Општината, граѓаните, жители на Општината трпеле штета, се намалувала конкуренцијата во станбената изградба, растела просечната цена по метар квадратен во Општината, Општината не остварувала приходи од комуналии кој бил главен извор на финансирање, со што на Општината и се намалувале можностите да решава проблеми од локално значење, а државата не остварувала приходи од данок на додадена вредност и други давачки со што трпел буџетот.
Поради наведеното со иницијативата се бара укинување или поништување на оспорените одлуки, закажување на јавна расправа на која ќе бидат повикани подносителите на иницијативата и други лица, како и предлог за донесување на решение за запирање на извршувањето на оспорените одлуки.
5. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови, број 08-5371/2 од 27.12.2017 година, во членот 3 уредува дека запирањето на спроведувањето на деталните урбанистички планови ќе трае два (2) месеци сметајќи од денот на донесувањето на оваа одлука. Одлуката е донесена на 27.12.2017 година и објавена на 28.12.2017 година во „Службен гласник на Општина Центар” број 24/2017, а сметано од 27.02.2018 година, оспорената одлука не е во правна сила.
Оспорената одлука за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови, број 08-1150/4 од 06.03.2018 година, во членот 3 уредува дека запирањето на спроведувањето на деталните урбанистички планови ќе трае два (2) месеци сметајќи од денот на донесувањето на оваа одлука. Одлуката е донесена на 06.03.2018 година и објавена на 07.03.2018 година во „Службен гласник на Општина Центар” број 4/2018, а сметано од 06.05.2018 година, оспорената одлука не е во правна сила.
Оспорената одлука за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови, број 08-2034/4 од 26.04.2018 година, во членот 3 уредува дека запирањето на спроведувањето на деталните урбанистички планови ќе трае два (2) месеци сметајќи од денот на донесувањето на оваа одлука. Одлуката е донесена на 26.04.2018 година и објавена на 27.04.2018 година во „Службен гласник на Општина Центар” број 7/2018, а сметано од 26.06.2018 година, оспорената одлука не е во правна сила.
Оспорената одлука за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови, број 08-2774/4 од 14.06.2018 година, во членот 3 уредува дека запирањето на спроведувањето на деталните урбанистички планови ќе трае од 26.06.2018 година до 05.09.2018 година. Одлуката е донесена на 14.06.2018 година и објавена на 18.06.2018 година во „Службен гласник на Општина Центар” број 9/2018, а сметано од 05.09.2018 година, оспорената одлука не е во правна сила.
Оспорената одлука за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови, број 08-3799/2 од 30.08.2018 година, во членот 3 уредува дека запирањето на спроведувањето на деталните урбанистички планови ќе трае од 05.09.2018 година до 14.12.2018 година. Одлуката е донесена на 30.08.2018 година и објавена на 31.08.2018 година во „Службен гласник на Општина Центар” број 15/2018, а сметано од 14.12.2018 година, оспорената одлука не е во правна сила.
Оспорената одлука за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови, број 08-5438/12 од 13.12.2018 година, во членот 3 уредува дека запирањето на спроведувањето на деталните урбанистички планови ќе трае од 14.12.2018 година до 30.04.2019 година.
Одлуката е донесена на 13.12.2018 година и објавена на 14.12.2018 година во „Службен гласник на Општина Центар” број 20/2018, а во моментот се уште во правна сила, односно има правна сила до 30.04.2019 година.
Судот утврди дека оспорената одлука за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови, број 08-5438/12 од 13.12.2018 година, донесена на 21-та седница на Советот на Општина Центар, одржана на 13.12.2018 година, објавена во „Службен гласник на Општина Центар” број 20 од 14.12.2018 година, е со следната содржина:
Врз основа на член 22 став 1 точка 1, член 36 став 1 точка 15 и член 62 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 05/02), а во врска со член 28 став 2, член 41 став 4 алинеја 1 и член 43 став 1 алинеја 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/14; 44/15; 193/15; 31/16 и 163/16), Советот на Општина Центар-Скопје на 21. седница, одржана на 13.12.2018 година, донесе
ОДЛУКА
за запирање на спроведувањето на
деталните урбанистички планови
Член 1
СЕ ЗАПИРА СПРОВЕДУВАЊЕТО на следниве детални урбанистички планови:
1. Централно градско подрачје на Град Скопје-Мал Ринг, Општина Центар-Скопје – измена и дополнување, за плански период 2012-2017 година, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-9816/8 на 21.12.2012 година,
2. Измена и дополнување на Деталниот урбанистички план Голем Ринг јужен дел – исток (опфат меѓу улиците: ул. „Васил Аџиларски“, река Вардар, бул. „Кочо Рацин“ и ул. „Мирче Ацев“), за плански период 2012-2017 година, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-9816/10 на 21.12.2012 година,
3. Измена и дополнување на Деталниот урбанистички план Градска четврт Голем Ринг јужен дел – исток, за плански период 2011-2016 година, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-2780/18 на 5.4.2012 година,
4. Детален урбанистички план Голем Ринг-Запад, за плански период 2010-2015 година, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-5569/18 на 18.7.2012 година,
5. Урбан блок Пресвета Богородица, за плански период 2004-2010 година, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-2575/16 на 20.12.2007 година,
6. Измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за дел од урбан блок Пресвета Богородица, за плански период 2012-2017 година, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-9331/8 на 10.12.2012 година,
7. Дел од локалитетот Крњево 1 Урбан блок 1, за плански период 2009-2014 година, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-422/12 на 16.2.2010 година,
8. Крњево 2, за плански период 2011-2016 година, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-9816/2 на 21.12.2012 година,
9. Судска палата, за плански период 2011-2016 година, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-2138/6 на 31.5.2011 година,
10. Судска палата 2, за плански период 2010-2015 година, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-1599/2 на 15.4.2011 година,
11. Градска четврт Маџир Маало, за плански период 2011-2016 година, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-5569/16 на 18.7.2012 година,
12. Измена и дополнување на Деталниот урбанистички план Маџир Маало и Градска порта Ново Маало, за плански период 2011-2016 година, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-9331/4 на 10.12.2012 година,
13. Локалитет Пролет, урбан модул 1, 2, 3 и 4, за плански период 2004-2009 година, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр.07-1352/5 на 10.7.2007 година,
14. Централно градско подрачје Мирче Мацан, за плански период 2011-2016 година, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр.07-9331/6 на 10.12.2012 година,
15. Јужен дел на централното градско подрачје, за плански период 2011-2016 година, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-4459/2 на 8.6.2012 година,
16. Измена и дополнување на Деталниот урбанистички план Стара железничка станица, за плански период 2011-2016 година, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-4616/4 на 18.11.2011 година,
17. Градска четврт Капиштец, локалитет Клинички блок, за плански период 2012-2017 година, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-6530/10 на 13.9.2012 година,
18. Измена и дополнување на Деталниот урбанистички план Тасино чешмиче 1, за плански период 2011-2016 година, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-4414/6 на 18.7.2014 година,
19. Измена и дополнување на Деталниот урбанистички план Тасино чешмиче 2, за плански период 2002-2007 година, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-205/1 на 5.2.2003 година,
20. Измена и дополнување на Деталниот урбанистички план Градска четврт Капиштец, локалитет Геолошки завод, за плански период 2001-2016 година,
донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-9331/2 на 10.12.2012 година,
21. Измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за дел од локалитетот Буњаковец 1, УМ1, УМ2, УМ3, М4, УМ5, УМ6, УМ8, УМ9, УМ10, УМ11, УМ12, УМ13, УМ14, УМ15, УМ18, УМ19, УМ20, УМ21, УМ22, УМ23, за плански период 2011-2016 година, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-3625/14 на 10.5.2012 година,
22. Измена и дополнување на Деталниот урбанистички план Буњаковец 1 – дел од урбан модул 16, за плански период 2011-2016 година, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-4616/2 на 18.11.2011 година,
23. Измена и дополнување на Деталниот урбанистички план Буњаковец 1 – УМ 7, за плански период 2011-2016 година, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-2780/20 на 5.4.2012 година,
24. Детален урбанистички план Буњаковец 1, УМ1, УМ6, УМ7, УМ12, УМ13, УМ14, УМ16, УМ17, УМ20, УМ22, УМ23 (важи за блок 17 и за дел од блок 16), за плански период 2004-2009 година, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-466/1 на 18.2.2005 година,
25. Измена и дополнување на Деталниот урбанистички план Буњаковец 2, за плански период 2011-2016 година, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-9331/10 на 10.12.2012 година,
26. Измена и дополнување на Деталниот урбанистички план Буњаковец 2 – УМ 1.5, за плански период 2011-2016 година, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-2780/16 на 5.4.2012 година,
27. Измена и дополнување на Деталниот урбанистички план Градска четврт Дебар Маало 1, за плански период 2012-2017 година, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-9816/4 на 21.12.2012 година,
28. Дебар Маало 2, за плански период 2008-2013 година, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-3727/2 на 28.12.2009 година,
29. Измена и дополнување на Деталниот урбанистички план Дебар Маало 2 дел од блок 14, за плански период 2010-2015 година, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-2138/4 на 31.5.2011 година,
30. Централно зеленило покрај реката Вардар – јужен дел (Парк 1), за плански период 2011-2016 година, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-6530/12 на 13.9.2012 година,
31. Централно зеленило покрај реката Вардар – Парк 2, за плански период 2008-2013 година, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-387/24 на 27.2.2009 година.
Член 2
Се запираат постапките за издавање одобренија за подготвителни работи и постапките за издавање одобренија за градење, а кои се во границите на урбанистичко-планските документации што се опфатени во деталните урбанистички планови што се наведени во член 1 на оваа Одлука.
Сите започнати постапки и постапките за кои се издаваат одобренија за градење, во врска со деталните урбанистички планови од член 1 на оваа Одлука, може да продолжат.
Оваа Одлука не се однесува на изградбата и на реконструкцијата на подземните инфраструктурни системи и инсталации.
Член 3
Запирањето на спроведувањето на деталните урбанистички планови ќе трае од 14.12.2018 година до 30.4.2019 година.
Член 4
Оваа Одлука стапува во сила на денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Центар-Скопје“.
Бр. 08-5438/12 Совет на Општина Центар-Скопје
13.12.2018 година Претседател
С к о п ј е Јана Белчева Андреевска с.р.
6. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според членот 9 од Уставот на Република Северна Македонија граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Со член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.
Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Надлежностите на Градот Скопје и надлежностите на општините во Градот Скопје се уредени со Законот за Градот Скопје („Службен весник на Република Македонија” број 55/2004 и 158/2011).
Според член 15 став 1 точка 1 алинеи од 1 до 6 од Законот за Градот Скопје, општините во Градот Скопје помеѓу другото се надлежни за:
1. Планирање и уредување на просторот, односно
-покренување иницијативи за донесување, измена и дополнување на просторниот план на Градот Скопје и генералниот урбанистички план на Градот Скопје;
-давање мислења по нацртите на просторниот план на градот Скопје и генералниот урбанистички план на Градот Скопје;
-донесување детални урбанистички планови, урбанистички проекти и урбанистички планови за населените места во општината;
-спроведување урбанистички планови и проекти и издавање документација за изградба на објекти од локално значење (услови за градба, урбанистичка согласност, одобренија за градење);
-издавање одобренија за поставување времени објекти, мебел и урбана опрема и
-уредување на градежно земјиште во делот на опремување на градежното земјиште со објекти и инсталации од секундарната инфраструктура.
Надлежностите на општините, како и организацијата и делокругот на работа на органите на општината (советот и градоначалникот), се уредени со Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” број 5/2002).
Со членот 22 од Законот за локалната самоуправа, е уредена листата на надлежности на општините, а помеѓу другото според став 1 точка 1 на членот 22 од Законот, општините се надлежни за вршење на урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, издавањето на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредување на просторот и уредувањето на градежното земјиште.
Со членот 36 од Законот за локалната самоуправа се уредени надлежностите на Советот, во кои според став 1 точка 1 на членот 36 од наведениот закон, Советот го донесува статутот на општината и други прописи.
Во конкретниот случај, Советот на Општина Центар во периодот од 27.12.2017 до 13.12.2018 година, донел шест темпорални одлуки за запирање на спроведувањето на детални урбанистички планови. Пет оспорени одлуки, наведени во точка 3 од диспозитивот на ова решение, не се во правна сила, што е причина за отфрлање на иницијативата во тој дел согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, поради процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Последно донесената Одлука за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови, број 08-5438/12 од 13.12.2018 година, донесена на 21-та седница на Советот на Општина Центар, одржана на 13.12.2018 година, објавена во „Службен гласник на Општина Центар” број 20 од 14.12.2018 година, има правна сила до 30.04.2019 година.
Во членот 1 од погоре наведената оспорена одлука се наведува дека се запира спроведувањето на 31 детален урбанистички план, конкретно наведени.
Во членот 2 од оспорената одлука се наведува дека: се запираат постапките за издавање одобренија за подготвителни работи и постапките за издавање одобренија за градење, а кои се во границите на урбанистичко-планските документации што се опфатени во деталните урбанистички планови што се наведени во членот 1 на оваа одлука; дека сите започнати постапки и постапките за кои се издаваат одобренија за градење, во врска со деталните урбанистички планови од членот 1 на оваа одлука, може да продолжат, како и дека оваа одлука не се однесува на изградбата и на реконструкцијата на подземните инфраструктурни системи и инсталации.
Во членот 3 од оспорената одлука се наведува дека запирањето на спроведувањето на деталните урбанистички планови ќе трае од 14.12.2018 година до 30.4.2019 година.
Во членот 4 од оспорената одлука се наведува дека оваа одлука стапува во сила на денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Центар-Скопје“.
Уставот го гарантира правото на граѓаните на локална самоуправа, издигајќи го на ниво на темелна вредност на уставниот поредок. Меѓутоа, Судот смета дека правото на граѓаните на локална самоуправа, не е неограничено по својот предмет. Поаѓајќи од одредбите од Законот за локална самоуправа (член 21 Надлежности на општините (1) Општините самостојно, во рамките на законот, ги уредуваат и вршат работите од јавен интерес од локално значење, утврдени со овој или друг закон и се одговорни за нивното вршење), јасно произлегува дека општините самостојно ги извршуваат своите надлежности, но ефективната самостојност на општините е ограничена, односно истата мора да се одвива во рамките на законот.
Во конкретниот случај Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со законите од причина што во законите на кои се повикува доносителот на одлуката односно Советот на Општина Центар, во нејзиниот правен основ за донесување, никаде не е законски уредена надлежноста советите на општинате да можат со своја одлука да го запрат спроведувањето на деталните урбанистички планови кои што ги донеле во законска постапка и кои до донесувањето на оспорената одлука се спроведувале.
Со ваквата одлука Советот на Општина Центар, излегол надвор од своите законски надлежности на начин што со своја одлука ги дерогирал Законот за локална самоуправа, Законот за просторно и урбанистичко планирање и Законот за градење.
Според Судот, со начинот на кој во конкретниот случај, доносителот на оспорениот акт Советот на Општина Центар, ги пречекорил своите законски овластувања, тој сериозно ја нарушил правната сигурност на граѓаните, што не е во согласност со темелната вредност на уставниот поредок, член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот – владеење на правото. Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Понатаму, со оспорената одлука, Советот на Општина Центар, сериозно ја нарушил еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, бидејќи со оспорената одлука ги ставил граѓаните во нееднаква правна положба, на начин што со својата одлука не дозволил едни граѓани да ги остварат своите права и правни интереси, за разлика од останатите на кои тоа им било овозможено според член 2 од оспорената одлука, повредувајќи го на тој начин член 9 став 2, од Уставот на Република Северна Македонија.
Според Судот со оспорената одлука, Советот на Општина Центар, неосновано ја довел во прашање уставната гаранција на правото на сопственост, со што го повредил и член 30 став 1 и став 3 од Уставот на Република Северна Македонија.
7. Имајќи го предвид погоре наведеното, пред Судот, со основ се постави прашањето за согласноста на оспорената Одлука за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови, број 08-5438/12 од 13.12.2018 година со одредбите на Уставот и законите, а Судот оцени и дека во случајот се исполнети и условите од членот 27 од Деловникот на Уставниот суд за донесување на Решение за запирање од извршување на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорениот акт, поради можно настанување на тешко отстранливи и ненадоместливи последици за граѓаните. Во однос на оспорените одлуки и тоа: број 08-5371/2 од 27.12.2017 година, број 08-1150/4 од 06.03.2018 година, број 08-2034/4 од 26.04.2018 година, број 08-2774/4 од 14.06.2018 година и број 08-3799/2 од 30.08.2018 година, Судот утврди дека истите не се во правна сила, што е причина за отфрлање на иницијативата во однос на наведените оспорени одлуки согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот, поради постоење на процесни пречки за одлучување по иницијативата во тој дел.
8. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.
9. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.28/2019
20-ти март 2019 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски