У.бр.24/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 март 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 61 став 1 од Законот за архивски материјал („Службен весник на Република Македонија“ бр.95/2012, 41/2014, 72/2015, 148/2015, 169/2015, 53/2016 и 11/2018).

2. Илија Ставрески од Охрид, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одредба од ставот 1 на членот 61 од Законот за архивски материјал не била во согласност со член 106 став 1 и член 2 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015 и 65/2018), па поради тоа не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, според кој владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на државата.

Имено, оспорената законска одредба предвидувала рок од осум дена за поднесување на жалба против управниот акт, а не предвидувала рок од 15 дена како што пропишувал Законот за општата управна постапка, со тоа биле намалени правата во врска со рокот за жалба согласно општите правила на управната постапка, па поради тоа оспорената одредба од Законот за архивски материјал била спротивна на Уставот.

Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста на ставот 1 од членот 61 од Законот за архивски материјал и истиот да го укине.

3. Судот на седницата утврди дека во член 61 став 1 од Законот за архивски материјал е предвидено дека против решението на инспекторот може да се изјави жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија е владеењето на правото.

Со Амандманoт 21 со кој се заменува членот 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд.

Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Во членот 50 став 2 од Уставот се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во членот 54 од Уставот е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Тргнувајќи од анализата на оспорената одредба од ставот 1 на членoт 61 од Законот за архивски материјал, неспорно е дека законодавецот утврдил право на жалба против решение на инспекторот што врши надзор над архивското работење, која, според ставот 2 од истиот член, се доставува на одлучување до Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.

Имено, во случајов, согласно изнесените норми од Уставот, со закон е пропишано правото на жалба во оспорената одредба од Законот за архивски материјал, како право кое со Амандманот 21 од Уставот му е препуштено на законодавецот да го уредува со закон.

Со оглед на ваквото уставно овластување, не може да се доведе во прашање уставноста на оспорената одредба од Законот за архивски материјал, од аспект на наводите во иницијативата според кои неуставен бил рокот од осум дена од приемот на решението за изјавување на жалба против решението на инспекторот за вршење надзор над архивското работење, бидејќи тој рок требалo да биде 15 дена во согласност со член 106 став 1 и членот 2 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015 и 65/2018) за да не се намалеле правата загарантирани со овој закон. Ова поради тоа што поаѓајќи од наводите во иницијативата, се утврди дека со нив се оспорува меѓусебната неусогласеност на одредби од два закони, па поради тоа оспорената одредба требала да се укине со цел законодавецот да ја уреди со нова содржина соодветна на содржината на Законот за општата управна постапка. Наводите во иницијативата за тоа дали пропишаниот рок за поднесување на жалба во оспорената одредба од Законот за архивски материјал, кој е посебен закон, е во согласност со рокот за поднесување на жалба согласно Законот за општата управна постапка, кој е општ закон со супсидијарна примена кој допушта со посебните закони материјата на нивното уредување да се уредува посебно, всушност претставува барање за оцена на меѓусебната согласност и синхронизираност на одредби од два закони, што е прашање за кое, согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува, ниту овој суд ја оценува целисходноста на законските норми, кое е прашање во надлежност на законодавната власт.

Уставниот суд, согласно член 110 алинеја 1 од Уставот е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот, а не за меѓусебната усогласеност на законите во правниот поредок.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од погоре изнесеното Судот оцени дека иницијативата треба да се отфрли согласно наведената деловничка одредба.

5. Имајќи го предвид изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.24/2019
13 март 2019 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски