У.бр.11/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 6 март 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 9 став 2 и член 53 став 2 од Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 97/2012, 109/2013, 126/2015 и 127/2015).

2. Магдалена Петковска од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Правилата означени во точката 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со оспорениот член 9 став 2 од Правилата им се одземало правото на потрошувачите да ја изразат својата слободна волја за склучување на Договор, што било спротивно на членот 18, член 20 став 2 и член 62 став 1 од Законот за облигационите односи, членот 22 од Законот за енергетика и член 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот на Република Македонија.

Во однос на оспорениот член 53 став 2 од Правилата, се укажува дека Уставниот суд на Република Македонија, со Одлука У.бр. 148/08 од 04.02.2009 година, претходно веќе го укинал членот 52 став 3 од Условите за снабдување со топлинска енергија на подрачјето на град Скопје („Службен весник на Република Македонија“ бр.15/1998 и 9/2002), донесени од Советот на Град Скопје, со образложение дека во случајов со закон не била утврдена обврска за плаќање на надоместок од страна на лицата кои не се корисници на топлинска енергија поради исклучување од енергетскиот систем, а воедно во правниот поредок на Република Македонија кога е во важност нов Закон за енергетика од 2006 година, според кој во рок од три години од неговото влегување во сила ќе треба да се донесат прописите предвидени со овој закон се уште се применувале прописи кои не се усогласени ниту со Законот за енергетика кој важел во времето на нивното донесување. Поради тоа, Судот утврдил дека наведените одредби од Условите за снабдување со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје, не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 7, членот 51 и членот 55 од Уставот на Република Македонија.

Плаќањето на надоместок требало да се утврди законски, а не со подзаконски акт, поради што ваквата регулатива укажувала на надминување на овластувањата на Регулаторната комисија дадени во членот 28 од Законот за енергетика и водела кон повреда на начелата на владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија. Затоа оправдано се сметало дека одредбата со која се утврдува обврската за поединечно исклучените корисници од системот на топлификација, во објектите на колективно домување, да плаќаат за парно греење иако јасно се изјасниле дека не сакаат да бидат корисници на таква услуга, основано можело да се постави прашањето за нејзината согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 7 и член 55 став 2 од Уставот на Република Македонија и со членот 28 од Законот за енергетика.

Сега оспорената одредба била донесена од надлежен орган – Регулаторната комисија за енергетика, врз основа на членот 28 од Законот за енергетика, и тоа не било спорно. Меѓутоа, од анализата на одредбите од Законот за енергетика, произлегувало дека во Законот не била утврдена обврска за плаќање надомест за топлинска енергија од страна на лицата кои живеат во колективни објекти за домување, а кои престанале да бидат корисници на топлинска енергија заради исклучување на грејниот простор од дистрибутивниот систем, од каде произлегувало дека ваква обврска – должност за овие исклучени потрошувачи да плаќаат дел од надоместокот за топлинска енергија (дел за ангажирана моќност кој е фиксен дел) претставувало обврска, која наместо со закон, била утврдена со подзаконски акт, за што Уставниот суд, со претходно цитираната одлука, веќе укажал дека е неуставно.

Од претходно наведеното, јасно произлегувало дека член 9 став 2 од Правилата за снабдување со топлинска енергија бил спротивен на членот 18, член 20 став 2, член 62 став 1 од Законот за облигационите односи, со членот 22 од Законот за енергетика и со член 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот на Република Македонија и дека член 53 став 2 од истите правила бил спротивен на член 8 став 1 алинеи 3 и 7 и член 55 став 2 од Уставот на Република Македонија и со членот 28 од Законот за енергетика.

Поради тоа, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби и истите да ги поништи како несогласни со Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 9 став 2 од Правилата за снабдување со топлинска енергија, потрошувачите што не склучиле Договор со снабдувачот од кои било причини, а користат топлинска енергија, се смета дека се во потрошувачки однос со снабдувачот, под исти услови како и корисниците што склучиле Договор за снабдување со топлинска енергија.

Според член 53 став 2 од истите правила, исклучените потрошувачи од став 1 на овој член се задолжуваат со плаќање на надоместокот за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува согласно тарифниот систем за топлинска енергија.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија веќе ја ценел уставноста и законитоста на член 9 став 2 и член 53 став 2 од Правилата за снабдување со топлинска енергија (”Службен весник на Република Македонија” број 97/2012), при што со Решение У.бр.125/2012 од 22.05.2013 година, помеѓу другото, оценил дека наведените одредби се во согласност со Уставот и со закон, поради што не повел постапка за оценување на нивната уставност и законитост. Во наведеното решение, Уставниот суд оценил:

„Според член 118 став 1 од Законот за енергетика, снабдувачот со топлинска енергија на потрошувачите со кои има склучено договор е должен да обезбеди сигурно, континуирано и квалитетно снабдување со топлинска енергија во согласност со Правилата за снабдување со топлинска енергија, договорите за снабдување склучени со потрошувачите и издадената лиценца.

Тоа значи дека законодавецот пропишал дека снабдувањето со топлинска енергија се остварува врз основа на склучен договор помеѓу снабдувачот со топлинска енергија и потрошувачот.

Според член 9 став 2 од Правилата, потрошувачите што не склучиле Договор со снабдувачот од кои било причини, а користат топлинска енергија, се смета дека се во потрошувачки однос со снабдувачот, под исти услови како и корисниците што склучиле договор за снабдување со топлинска енергија. Согласно став 4 на овој член, потрошувачите кои не се пријавиле уредно и благовремено од која било причина кај снабдувачот, а се затекнати дека користат топлинска енергија во грејна сезона, ќе бидат задолжени со надоместок за топлинска енергија за период од една година, а најмалку за период од почетокот на тековната година.

Наводите во една од иницијативите дека ваквите одредби во Правилата не биле во согласност со одредбите од Законот за облигационите односи коишто се однесуваат на склучување на договор како израз на слободна волја на странките (член 18, член 20 став 2 и член 62 став 1), поради што значеле повреда на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, Судот ги оцени како неосновани.

Ова затоа што е неспорно дека законодавецот утврдил снабдувањето со топлинска енергија да се остварува врз основа на склучен договор помеѓу снабдувачот со топлинска енергија и потрошувачот, што е и разработено со Правилата. Но, со оспорените одредби на членот 9 од Правилата, се уредува случајот кога станува збор за злоупотреби на ваквиот начин на снабдување со топлинска енергија од одредени потрошувачи, кои без да склучат договор, неовластено ќе се приклучат на системот за дистрибуција на топлинска енергија и ќе користат топлинска енергија, користејќи ги техничките можности за тоа ( што е најчесто случај во објектите за колективно домување во кои е изградена грејна инсталација поврзана со системот за дистрибуција на топлинска енергија и во кои објекти може да постојат потрошувачи кои формално се исклучиле од системот, но кои фактички ја користат топлинската енергија). Во таков случај, основано произлегува дека и овие потрошувачи, исто како и потрошувачите кои склучиле договор, треба да плаќаат за топлотната енергија којашто ја користат. Со оглед дека станува збор за плаќање на услуга која фактички се користи, произлегува дека корисниците на таа услуга се во потрошувачки однос со снабдувачот, исто како и корисниците што склучиле договор за снабдување со топлинска енергија, поради што Судот оцени дека не може да стане збор за повреда на начелото на владеењето на правото, како што се наведува во иницијативата.“
……………
„Со членот 53 од Правилата се уредува исклучувањето од дистрибутивниот систем по барање на потрошувачите во колективни објекти. Така, во ставот 1 на овој член, се пропишува дека во колективните објекти за домување каде распределбата на надоместокот се врши преку еден колективен мерен уред може да се врши поединечно исклучување на потрошувачите по нивно барање, по претходно добиена согласност од вкупниот број на потрошувачи на тој колективен објект. Според ставот 2 на овој член, исклучените потрошувачи од ставот 1 на овој член се задолжуваат со плаќање на надоместокот за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува согласно тарифниот систем за топлинска енергија, а согласно ставот 3 на овој член, доколку сите потрошувачи од исто мерно место писмено побараат исклучување од топлификациониот систем за цела грејна сезона или повеќе грејни сезони истите не се задолжуваат со надоместок доколку за пресметковниот период на мерниот уред не е регистрирана потрошувачка на топлинска енергија.

Во однос на прашањата за оценување на уставноста и законитоста на ставот 2 на оваа одредба, кои се покренуваат со иницијативите, Судот го имаше предвид следното:

Според член 28 став 2 точка 2 од Законот за енергетика, со Правилата за снабдување на топлинска енергија поблиску се уредуваат начинот на пресметка, фактурирање и наплата на испорачаната енергија или природен гас и услугите за користење на преносните, односно дистрибутивните мрежи.

Пазарот на топлинска енергија е уреден со главата IX од Законот (член 111 до член 121).

Според член 120 став 1 од Законот, потрошувачите на топлинска енергија приклучени на системот за дистрибуција во подрачјето на кое е воспоставен систем за топлинска енергија имаат право на слободен избор од кој снабдувач ќе бидат снабдувани. Според став 2 на истиот член, снабдувачот со топлинска енергија, врз основа на отчитувањата на мерните уреди и отчитувањата на уредите за локално распределување од член 119 став 4 на овој закон, врши фактурирање и наплата на испорачаната топлинска енергија на потрошувачите по цена која се состои од просечната цена на топлинската енергија од член 116 ставот 7 на овој закон за пресметковниот период определен во согласност со правилникот од член 113 став 5 на овој закон, тарифата за користење на дистрибутивниот систем и надоместокот за снабдување со топлинска енергија.

Од анализата на наведената и останатите законски одредби, произлегува дека законодавецот пропишал право на слободен избор на потрошувачот од кој снабдувач ќе бидат снабдувани со топлинска енергија, врз база на склучен договор, што значи и право на потрошувачот да одбие да склучи договор, односно право да се исклучи од дистрибутивниот систем за снабдување со топлинска енергија. Во таа смисла, со Правилата е предвидена можност сите потрошувачи од исто мерно место, кои се лоцирани во ист објект на колективно домување, да се исклучат од топлификациониот систем за цела грејна сезона или за повеќе грејни сезони и истите, доколку за пресметковниот период на мерниот уред не е регистрирана потрошувачка на топлинска енергија, нема да бидат задолжени за надоместок на топлинска енергија (член 53 став 3).

Со Правилата е предвидена можност и поединечен потрошувач во колективните објекти за домување каде распределбата на надоместокот се врши преку еден колективен мерен уред, по свое барање, да се исклучи од дистрибутнивниот систем, меѓутоа, во тој случај, се бара претходно добиена согласност од вкупниот број на потрошувачи во тој колективен објект (член 53 став 1). Исто така, се предвидува вака исклучените потрошувачи да плаќаат одреден надоместок за користење на топлинска енергија (член 53 став 2). Со иницијативата се поставува прашање дали овие исклучени корисници се оптоварени со обврска да плаќаат за услуга којашто не ја користат.

Во одговор на ова прашање, Судот ја имаше предвид спецификата на колективните објекти за домување, на која се укажува од страна на Регулаторната комисија за енергетика, во одговорот на наводите во иницијативите.

Имено, во објектите за колективно домување, исклучените станови од грејната инсталација заради пасивното преземање на топлинската енергија добиена како последица на поминување на топлинсктата енергија низ вертикалните цевки, како и заради непосредниот пренос на топлинската енергија низ материјата, односно од стан кој се снабдува со топлинска енергија кон стан кој не се снабдува со топлинска енергија, односно од подрачје со повисока температура кон подрачје со пониска температура (кондукција на топлината), предизвикуваат одземање на топлинската енергија од приклучените станови во колективното домување. Заради појавата на кондукција на топлина, исклучените станови од грејната инсталација во објектите за колективно домување се подгреваат на сметка на приклучените, а исклучените само се догреваат до бараната температура и затоа имаат помал трошок на греење во однос на оние кои се приклучени на грејната инсталација. Така, со исклучувањето всушност се нанесува штета на останатите приклучени корисници, бидејќи дел од топлинската енергија, според законот на физиката, се шири линеарно во сите правци, така што дел се пренесува и кај исклучениот корисник, без оглед дали тој тоа го бара или не. Снабдувањето со топлинска енергија во објекти на колективно домување нема ист третман како и снабдувањето со вода или електрична енергија, како што тоа најчесто се објаснува. Во колективните објекти исклучените корисници од снабдувањето со вода или електрична енергија немаат влијание врз останатите корисници на вода и електрична енергија, но исклучените станови од грејната инсталација имаат негативно влијание врз останатите корисници на топлинска енергија. Исклучените станови се пасивни корисници на топлинска енергија добиена од соседните и останатите станови во колективниот објект.

Во објекти за колективно домување каде снабдувањето со топлинска енергија е предвидено да биде преку системите за дистрибуција на топлинска енергија, не може да стане збор за несакана испорака на топлинска енергија. Сите станбени единици во колективниот објект се снабдуваат со топлинска енергија, а кај исклучените станови топлинската енергија се испорачува преку ѕидовите, подот и таванот со кои се граничи со соседните станови кај кои има испорака на топлинска енергија, како и преку вреловодните цевоводи за испорака и поврат на топлоносителот кои поминуваат низ просторот на исклучениот корисник

Оттука, произлегува дека корисникот на топлинска енергија во колективен објект не е во субординарен (подреден) однос со останатите корисници, туку станува збор за меѓусебно поврзана зависност во користењето на топлинската енергија, како и од аспект на трошоците.

Имајќи го предвид наведеното, според Судот, неспорно произлегува заклучок дека во колективните објекти за домување, и исклучените потрошувачи од топлинскиот систем објективно користат одредена топлинска енергија поради неможноста тоа да се отстрани, од каде произлегува и основаноста на обврската за истата да платат, пропорционално на потрошената енергија, а не да ја користат на сметка на неисклучените потрошувачи. Тоа значи дека исклучените потрошувачи, со оспорениот член 53 став 2 од Правилата, се задолжуваат да платат за услуга којашто, поради техничките карактеристики на пренос на топлинска енергија, особено изразени во колективните објекти за домување каде распределбата на надоместокот се врши преку еден колективен мерен уред, и покрај исклучувањето од системот, сепак ја плодоуживаат услугата, поради што основано се задолжени да платат за користењето на истата.

Поради наведеното, Судот ги оцени како неосновани наводите во иницијативата дека со ваквата регулатива се овозможувало и поттикнувало монополското однесување и монополската положба на снабдувачот на топлинска енергија, спротивно на член 55 ставови 1 и 2 од Уставот, овозможувајќи му да наплаќа за услуги што воопшто не ги испорачува.“

Прашањето за оцена на уставноста и законитоста на истите одредби од Правилата за снабдување со топлинска енергија, повторно биле предмет на оцена пред Уставниот суд уште во неколку наврати, но во сите случаи Судот ги отфрлил иницијативите согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд (Решенија У.бр.197/2012, У.бр.80/2013, У.бр.25/2014, У.бр.152/2016 и У.бр.34/2018), од причини што за уставноста и законитоста на тие одредби Судот се произнел со Решението У.бр.125/2012, а оценил дека нема основи за поинакво одлучување.

Со сега доставената иницијатива повторно се оспорува уставноста и законитоста на член 9 став 2 и член 53 став 2 од Правилата, во однос на одредбите од Уставот и членовите од Законот за енергетика и Законот за облигационите односи, по кои Уставниот суд со Решението У.бр.125/2012 веќе се произнел дека се во согласност со Уставот и со наведените закони, па поради тоа што од наводите во иницијативата не произлегуваат основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд..

5. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.11/2019
6 март 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски