У.бр.84/2018

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 6 март 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови, бр.08-2774/4 од 14.06.2018 година, донесена од Советот на Општина Центар („Службен гласник на Општина Центар, бр.9/2018).

2. Адвокатот Ана Ристевска од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одлука не била во согласност со членот 9 и членот 30 од Уставот на Република Македонија, со членот 5 и членот 8 од Законот за сопственост и други стварни права, со член 58 став 2 од Законот за градење и со членот 6 од Законот за градежно земјиште.

Во иницијативата најпрво се истакнува дека правото на градење било изведено од правото на сопственост, што произлегувало од член 11 став 1 од Законот за градежно земјиште, во врска со член 13 став 1 од Законот за градење и во врска со член 59-а од Законот за градење (сите наведени законски одредби се цитирани во иницијативата). Од наведеното произлегувало дека секое дејство или одлука што подразбира повреда и ограничување на правото на градење, значела и повреда и ограничување на правото на сопственост.

– Образложение за повреда на членот 9 и членот 30 од Уставот (цитирани во иницијативата).

Со донесувањето на оспорената одлука граѓаните кои живеат во Општина Центар биле ставени во нееднаква положба во однос на останатите граѓани кои живеат во другите општини на територијата на Република Македонија.

Исто така, со член 2 ставови 1 и 2 од Одлуката, граѓаните во Општина Центар меѓусебно се ставале во нееднаква положба пред Уставот и законите, бидејќи правото на градење коешто се изведувало од правото на сопственост можеле да го уживаат само граѓаните кои имале започнато постапка за издавање на одобренија за градење, во врска со деталните урбанистички планови од членот 1 на Одлуката. Во услови кога правото на градење директно било изведено од правото на сопственост, а критериум за уживање на истото, којшто го наметнувал оваа одлука, бил единствено времето во коешто била поведена постапка за искористување на истото, произлегувало дека постои дискриминација на граѓаните, односно нееднаквост којашто ја предизвикувала оваа одлука и тоа помеѓу граѓаните кои имале поднесено барање наспроти граѓаните кои не поднеле барање пред донесувањето на оваа одлука.

Со оглед на фактот дека правото на градење било изведено од правото на сопственост, со донесувањето на оспорената одредба се ограничувале правата коишто произлегуваат од правото на сопственост. Имено, сопствениците на градежно земјиште, со донесувањето на оваа одлука биле спречени да си го остварат правото на градење на земјиштето кое е нивна сопственост. Општина Центар со донесувањето на Одлуката го ограничувала правото на сопственост коешто е гарантирано со Уставот.

– Образложение за повреда на членот 5 и членот 8 од Законот за сопственост и други стварни права (цитирани во иницијативата)

Со донесувањето на Одлуката, Општина Центар ја ограничила слободната диспозиција на носителите на правото на сопственост да го остваруваат своето право на сопственост од коешто произлегувало правото на градење. Општина Центар, со донесувањето на оваа одлука на сопствениците на градежно земјиште им го ускратила правото врз основа на сопствена волја и одлука да си го искористат правото на градба.

Со донесувањето на оспорената одлука, Општина Центар извршила повреда на правото на сопственост од коешто произлегувало правото на градење, на начин што на сопствениците на градежно земјиште им оневозможила својата ствар целосно да ја користат и да располагаат со неа по своја волја, односно да градат на сопствено земјиште.

– Образложение за повреда на член 58 став 2 од Законот за градење (цитиран во иницијативата)

Со донесување на Одлуката, Општина Центар ја повредувала сопствената законска обврска да издава одобренија за градење за коишто биле исполнети сите претпоставки и услови за издавање на истите. Стварната надлежност на Општина Центар, којашто произлегувала од цитираниот член 58 став 2 од Законот за градење, подразбирала право и должност да издава одобренија за градење, па со донесување на ваквата одлука, Општина Центар противуставно и противзаконски ја повредувала својата должност да врши работи од нејзина надлежност, во конкретниот случај, да издава одобренија за градење.

– Образложение за повреда на членот 6 од Законот за градежно земјиште (цитиран во иницијативата)

Со запирањето на спроведувањето на урбанистичките планови и запирањето на постапките за издавање одобренија за подготвителни работи и постапките за издавање одобренија за градење, а кои се во границите на урбанистичко-планските документации опфатени со деталните урбанистички планови наведени во членот 1 на Одлуката, се запирале и повредувале остварувањата на правата коишто ги имал сопственикот на градежното земјиште и коишто произлегувале од правото на сопственост на градежното земјиште, а коишто покрај Уставот, ги гарантирал и Законот за градежно земјиште.

Со оглед на фактот дека Општина Центар повеќе пати донесувала ваква одлука, како и со оглед на фактот дека истата согласно членот 3 од Одлуката е со времетраење од два месеци, односно период којшто бил прекраток за донесување на одлука од страна на Уставниот суд, а како укинувањето на истата би немало ефект бидејќи во моментот на објавувањето на одлуката за укинување на истата во Службен весник на Република Македонија, важењето на истата би престанало и со цел да се спречи натамошно носење на вакви одлуки од страна на Општина Центар и истата да се соочела со последиците од носењето на ваквата одлука, подносителот на иницијативата бара од Уставниот суд да донесе пресуда со која се поништува оспорената одлука и се ставаат вон сила сите поединечни акти донесени врз основа на истата со коишто се запрени поединечните управни постапки.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на Општина Центар-Скопје на четиринаесеттата седница одржана на 14.06.2018 година, донел Одлука за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови, заведена под бр. 08-2774/4 од 14.06.018 година.

Според член 1 од Одлуката, се запира спроведувањето на 31 детален урбанистички план, конкретно наведени.

Според член 2 од Одлуката, се запираат постапките за издавање одобренија за подготвителни работи и постапките за издавање одобренија за градење, а кои се во границите на урбанистичко-планските документации опфатени во деталните урбанистички планови наведени во член 1 на оваа Одлука.

Сите започнати постапки и постапките за кои се издаваат одобренија за градење, во врска со деталните урбанистички планови од член 1 на оваа Одлука, може да продолжат.

Оваа Одлука не се однесува на изградба и на реконструкција на подземни инфраструктурни системи и инсталации.

Согласно членот 3, запирањето на спроведувањето на деталните урбанистички планови ќе трае од 26.06.2018 година до 5.09.2018 година.

Според членот 4, оваа одлука стапува во сила на денот на донесувањето и ќе се објави во „Службен гласник на Општина Центар-Скопје“.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Предмет на оспорување со иницијативата е Одлуката за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје, на седница одржана на 14.06.2018 година („Службен гласник на Општина Центар-Скопје” број 9/2018 од 18 јуни 2018 година), со која се запира спроведувањето на 31 детелен урбанистички план на оваа општина, при што запирањето на спроведувањето на деталните урбанистички планови ќе трае од 26.06.2018 година до 05.09.2018 година.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одлука не била во согласност со членот 9 и членот 30 од Уставот на Република Македонија, со членот 5 и членот 8 од Законот за сопственост и други стварни права, со член 58 став 2 од Законот за градење и со членот 6 од Законот за градежно земјиште, затоа што ограничувањето на правото на градење значело повреда и ограничување на правото на сопственост, а со донесувањето на оспорената одлука граѓаните кои живеат во Општина Центар биле ставени во нееднаква положба во однос на останатите граѓани кои живеат во другите општини на територијата на Република Македонија, како и постоела дискриминација на граѓаните, односно нееднаквост којашто ја предизвикувала оваа одлука и тоа помеѓу граѓаните кои имале поднесено барање наспроти граѓаните кои не поднеле барање пред донесувањето на оваа одлука.

Во доставениот одговор по наводите од иницијативата, Советот на Општина Центар-Скопје ги појаснува причините за донесување на оспорената одлука, со мислење дека Одлуката е во согласност со Уставот и со закон.

Имајќи предвид дека запирањето на спроведувањето на деталните урбанистички планови со оспорената одлука се однесува за периодот од 26.06.2018 година до 05.09.2018 година, произлегува дека оспорената одлука има карактер на времена одлука, која во меѓувреме се исцрпела во својата примена и дејство, поради што Судот оцени дека постојат процесни пречки за постапување по иницијативата и дека истата треба да биде отфрлена согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.84/2018
6 март 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски