У.бр.114/2018

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 6-ти март 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 4 став 1 точка 3 од Правилникот за начинот и постапката за решавање на приговори за референдум на државно ниво 30 септември 2018 година, број 08-1813/1 од 4 септември 2018 година, донесен од Државната изборна комисија.

2. Светскиот македонски конгрес од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од актот, означен во точката 1 од Решението.

Во иницијативата се наведува дека оспорената одредба од член 4 став 1 точка 3 од Правилникот за начинот и постапката за решавање на приговори за референдум на државно ниво 30 септември 2018 година, не бил во согласност со член 51 став 1 од Уставот на Република Македонија и членот 64 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, чија содржина се цитира во продолжение на иницијативата.

Во членот 64 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, немало ограничување на правото на „секој граѓанин да поднесе приговор поради неправилности во постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултатите од гласањето во рок од 24 часа од денот на одржувањето на референдумот на државно ниво”, како што тоа ДИК го правел со оспорениот член 4 став 1 точка 3 од Правилникот, односно приговор да можело да се поднесе само на гласачкото место во коешто граѓанинот го остварувал своето гласачко право.

Очигледно било дека оспорениот член 4 став 1 точка 3 од Правилникот бил во спротивност со членот 64 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, а истиот бил во спротивност и со членот 51 од Уставот, бидејќи законите морале да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Поради наведеното со иницијативата се бара поништување на оспорената одредба на членот од Правилникот, а се предлага и донесување на решение за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија, поради ризик од штетни последици по правата и слободите на граѓаните.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената одредба од член 4 став 1 точка 3 содржана во Правилникот за начинот и постапката за решавање на приговори за референдум на државно ниво 30 септември 2018 година, уредува дека приговор до Државната изборна комисија може да поднесе секој граѓанин поради неправилности во постапка за гласање, сумирање и утврдување на резултатите на гласачкото место во коешто го остварува своето гласачко право согласно член 64 од Законот за референдум.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеja 3 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата, ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај Судот утврди дека Уставниот суд со Решение У.бр.115/2018 од 23 јануари 2019 година, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот, ја отфрлил иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на повеќе акти од Државната изборна комисија, меѓу кои и на Правилникот за начинот и постапката за решавање на приговори за референдум на државно ниво 30 септември 2018 година, во кој е содржан сега оспорениот член 4 став 1 точка 3.

Во погоре наведениот предмет, Уставниот суд имајќи ја предвид околноста дека сите оспорени акти на Државната изборна комисија се однесуваат на организирање и спроведување на референдумот на државно ниво кој се одржа на 30 септември 2018 година, како и околноста дека Државната изборна комисија објавила Извештај за конечните резултати од гласањето на референдумот на државно ниво 30 септември 2018 година, број 12-2139/2 од 3 октомври 2018 година („Службен весник на Република Македонија” број 186/2018), утврдил процесни пречки за постапување по иницијативата по предметот У.бр.115/2018, со оглед дека станувало збор за акти кои се од времен карактер и кои се исцрпени во својата примена, од кои причини ја отфрлил иницијативата.

5. Имајќи предвид дека одредбата која се оспорува со предметната иницијатива е содржана во Правилникот за начинот и постапката за решавање на приговори за референдум на државно ниво 30 септември 2018 година, за кој Судот, како и за останатите акти од Државната изборна комисија, оспорени со иницијативата по предметот У.бр.115/2018, не се впушти во мериторно постапување по иницијативата од причини наведени погоре, Судот и во однос на предметната иницијатива утврди отсуство на процесни претпоставки за мериторно постапување по иницијативата, што е причина за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, поради постоење на истите процесни пречки за одлучување по истата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.114/2018
6-ти март 2019 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски