У.бр.21/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 2 и 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 6-ти март 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 12 став 2 во делот: „како и жалбата за која не е платена судска такса” од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија” број 34/2006, 126/2006, 84/2007, 47/2011, 79/2013, 164/2013, 29/2014, 98/2015 и 192/2015) и член 6 став 3 од Законот за судските такси („Службен весник на Република Македонија” број 114/2009, 148/2011, 106/2013 и 166/2014).

2. Ѓорги Ципушев од Радовиш, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите, означени во точката 1 од Решението.

Во иницијативата се наведува дека оспорениот дел содржан во ставот 2 на членот 12 од Законот за стечај и оспорениот член 6 став 3 од Законот за судските такси, биле спротивни на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, бидејќи со истите се повредувало уставното право на жалба гарантирано со Амандманот XXI од Уставот.

Според подносителот, оспорените уредувања во законите биле беспредметни бидејќи со одредбите од Законот за судските такси наплатата на таксата за жалба била загарантирана. Имено, согласно член 7 став 1 од Законот за судските такси, правото на наплата на такси застарувало за три години по истекот на годината во која требало да се плати таксата, додека правото на присилна наплата на таксата, казнена такса и трошоци на извршување, застарувале за три години по истекот на годината во која е донесено решението од член 30 став 4 на истиот закон, кој гласел: „по приемот на барањето, Управата за јавни приходи донесува решение за присилна наплата на таксата зголемена за 50% на име казнена такса. Двете такси се наплаќаат и се книжат во корист на сметката на приходите од судски такси во Буџетот на Република Македонија и задолжително се известува судот за извршената наплата”.

Од наведените причини со иницијативата се смета дека со оспорените уредувања во законите се повредувал и член 9 став 2 од Уставот, според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви, со оглед дека и во други постапки правото на жалба не било условено со моментот на плаќање на такса пред поднесување на истата како на пример парничната постапка.

Со иницијативата се предлага поништување на оспорените уредувања со одредбите од законите.

3. Судот на седницата утврди дека предмет на оспорување со иницијативата е дел од уредување содржано во член 12 став 2 од Законот за стечај, според кое жалбата за која не е платена судска такса со решение, ќе се отфли, како и уредувањето со член 6 став 3 од Законот за судските такси според кое во стечајната постапка странката која поднесува жалба против решение донесено од стечајниот управник е должна таксата да ја плати пред поднесување на жалбата и доказот за платената такса да го приложи со поднесување на жалбата.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Предмет на оспорување со иницијативата е дел од уредување содржано во член 12 став 2 од Законот за стечај, според кое жалбата за која не е платена судска такса со решение, ќе се отфли, како и уредувањето со член 6 став 3 од Законот за судските такси според кое во стечајната постапка странката која поднесува жалба против решение донесено од стечајниот управник е должна таксата да ја плати пред поднесување на жалбата и доказот за платената такса да го приложи со поднесување на жалбата.

Со иницијативата се смета дека со оспорените уредувања во одредбите од законите се повредувал Амандманот XXI и член 9 став 2 од Уставот, со образложение дека наплатата на такса за жалба била загарантирана со Законот за судските такси, од што произлегувало дека уредувањето на оспорените одредби во законите, било беспредметно, а во други постапки правото на жалба не било условено со моментот на плаќање на такса пред поднесување на истата како на пример парничната постапка.

Според Судот овие наводи не се аргументи и образложени причини за спротивноста на оспорените законски содржини со конкретно наведените одредби од Уставот, бидејќи прашањето за целисходноста во уредувањето, односно дали тие требало законодавецот да ги уреди или пак се беспредметни, не е прашање за кое Судот одлучува, туку дали нивната содржина е во согласност со одредбите на Уставот. Во отсуство на други аргументи за причините поради кои подносителот смета дека оспорените законски содржини не се во согласност со одредбите на Уставот, настапени се условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата поради постоење на процесни пречки за одлучување по истата.

Дополнително Судот утврди уште една процесна пречка за одлучување по иницијативата, а тоа е околноста што Уставниот суд веќе одлучувал за уставноста на член 12 став 2 во делот: „како и жалбата за која не е платена судска такса” од Законот за стечај и член 6 став 3 од Законот за судските такси, односно со Решение У.бр.83/2014 од 4 март 2014 година, Уставниот суд не повел постапка за оценување на уставноста на член 12 став 2 во делот: “како и жалбата за која не е платена судска такса” од Законот за стечај (“Службен весник на Република Македонија”, број 34/2006, 126/2006, 84/2007, 47/2011, 79/2013, 164/2013 и 29/2014) и член 6 став 3 од Законот за судските такси (“Службен весник на Република Македонија”, број 114/2009, 148/2011 и 106/2013).

Во наведениот предмет Судот не нашол повреда на Амандманот XXI со кој се заменува членот 15 од Уставот, со кој се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд, односно дека правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон, од причини што правото на жалба на граѓаните во стечајните постапки е уредено со ставот 1 од членот 12 од Законот за стечај, што значи отфрлањето на жалбата, не е последица од отсуство на правно уредување на правото на жалба, туку како последица од непостапување на таксениот обврзник по оспорената законска одредба од член 6 став 3 од Законот за судските такси.

Во контекст на оспореното уредување, Судот навел и дека законодавецот ги имал предвид можните состојби поради кои граѓаните не можеле да постапат по обврската за плаќање на судска такса за жалба, за какви можни ситуации со Законот за судските такси законодавецот истовремено предвидел и исклучоци од истото во зависност од имотната состојба на странката, за која уредил право да бара ослободување од наплата на судски такси, одлагање на наплата на судски такси или плаќање на истите на рати, со цел да се избегне можноста, фактичката економска состојба на граѓаните да доведе до неможност за остварување на уставно загарантираните права на граѓаните пред судовите.

Исто така во образложението на Решението, Судот навел дека целта на уредувањето на оспорениот член 6 став 3 од Законот за судските такси е да се обезбеди навремено плаќање на таксата имајќи ја во вид итноста на стечајната постапка која се води пред надлежните судови. Судот во тој предмет ги имал во предвид и наводите од подносителот на таа иницијатива кои и сега како наводи се содржани во иницијативата по конкретниот предмет дека беспредметно било уредувањето на оспорените законски содржини бидејќи согласно член 30 од Законот за судските такси, државата во секој случај можела да ја наплати таксата од посочениот граѓанин преку Управата за јавни приходи и тоа двојно повеќе, меѓутоа тоа се наводи за прашања во врска со постапување на други надлежни органи, а не наводи со кои се аргументира несогласност на конкретно уредена содржина во закон со одредби на Уставот.

5. Имајќи го предвид погоре наведеното, Судот утврди исполнетост на условите од член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот, за отфрлање на иницијативата поради одлучена работа и поради постоење на други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.21/2019
6-ти март 2019 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски