Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 февруари 2019 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 33 став 1 и став 4 во делот: “…овите (1) и” од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води („Службен весник на Република Македонија“ бр.68/2004, 28/2006, 103/2008, 17/2011, 54/2011, 163/2011,10/2015, 147/2015 и 31/2016).
2. Здружението за здравствена, образовна и социјална помош “САСЕД”- Скопје, застапувано од претседателот м-р Нуредин Исејнoвски, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорениот став 1 на членот 33 од Законот не бил во согласност со членот 10, членот 11, членот 35, членот 39 и член 54 став 1 од Уставот.
Во иницијативата се наведува дека оспорениот член 33 став 1 од Законот не бил во согласност со членовите 10, 11, 35, 39 и 54 од Уставот, како и дека бил во спротивност со резолуцијата број 64/292 која на 28 јули 2010 година била усвоена од Генералното собрание на Обединетите нации со која правото на вода и санитарии се признава како основно човеково право.
Во иницијативата се наведува дека оспорената одредба е во спротивност со членот 39 од Уставот од причина што прекинувањето со снабдување со вода за пиење го оневозможувала одржувањето на хигиената и истовремено претставувала опасност од појава на болести и го оневозможувала човекот да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.
Оспорениот член 33 став 1 од Законот, исто така бил и во спротивност со член 54 став 1 од Уставот од причина што со истиот се загрозувал опстанокот на човекот бидејќи правото на вода е интегрална компонента во реализацијата на сите човекови права.
Поради погоре наведеното, со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста на оспорената одредба од Законот и истовремено се предлага Уставниот суд да ја “провери”, односно оцени согласноста со Уставот и на другите одредби од Законот (без да се наведе прецизно кои) и истите да ги укине.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 33 од Законот се предвидува:
„(1) Давателот на услугата има право да го прекине снабдувањето со вода за пиење и одведување на урбаните отпадни води, во случај кога корисникот на услугата и по претходна писмена опомена не ја исполнува обврската за плаќање на надоместокот (оспорен став).
(2) Давателот на услугата е должен да го прекине снабдувањето со вода за пиење и одведувањето на урбаните отпадни води без претходна писмена опомена, во случај, ако: – продолжувањето со снабдувањето со вода за пиење и одведувањето на урбаните отпадни води би претставувало опасност за трети лица или за животната средина и природата и – физичко или правно лице бесправно се поврзе на водоводен или канализационен приклучок.
(3) Давателот на услугата ќе го прекине снабдувањето со вода за пиење и одведувањето на урбаните отпадни води со претходно известување, ако: – настане поголемо оштетување на водоснабдителниот систем, со цел да се отстранат оштетувањата со што ќе се спречи непотребно трошење на вода и правење штета на друг корисник; – е донесено решение од страна на надлежен инспекциски орган; – корисникот на услугата на својот приклучок, дозволи приклучување на друг корисник без одобрение и согласност на давателот на услугата; – корисникот на услугата не се придржува на мерките за штедење на вода во време на рестрикција спрема планот донесен од советот на општината и Советот на Градот Скопје; – водоводната мрежа на корисникот на услугата која е приклучена на уличната мрежа, ја поврзе со водоводна инсталација и уреди кои добиваат вода од индивидуални извори и техничка вода и – корисникот на услугата бесправно користи вода пред водомер.
(4) Трошоците за прекинувањето и повторното приклучување од ставовите (1) и (3) алинеи 3, 4, 5 и 6 на овој член паѓаат на товар на корисникот на услугата.”
4. Според член 1 став 1 од Уставот, Република Северна Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.
Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 10 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.
Според член 10 став 1 од Уставот животот на човекот е неприкосновен.
Согласно член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.
Според член 39 став 2 од Уставот граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.
Во член 54 став 1 од Уставот се предвидува дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Согласно член 56 став 1 од Уставот сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон за добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.
Со Законот за водите, како lex specialis, водата е определена како добро од општ интерес за Републиката и ужива посебна заштита на начин и под услови утврдени со овој закон
Со членот 3 од Законот за комуналните дејности, снабдувањето со вода за пиење, обработка и испорака на технолошка вода, како и одведување и испуштање на атмосферски води се дефинирани како комунални дејности од јавен интерес.
Во членот 6 од овој закон е утврдено дека посебните услови и начинот на вршење на комуналните дејности се уредуваат со закон.
Оттука, со Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води се уредуваат условите и начинот за снабдување со вода за пиење, прекинување на снабдувањето со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води во реципиентот преку водоснабдителниот и канализациониот ситем изградбата, одржувањето, заштитата и приклучувањето на водоснабдителни и канализациони системи, односите меѓу давателот и корисникот на услугата (член 1).
Во член 3 точка 17 од Законот е пропишано дека корисник на услуга е правно или физичко лице сопственик на станбен, деловен, производствен, административен и на нив сличен објект вклучувајќи го и куќниот совет приклучен на водоводна и/или канализациона мрежа, како и јавните конумални претпријатија приклучени на регионалните водоснабдителни системи.
Во членот 4 од Законот е утврдено дека:
(1) Снабдувањето со вода за пиење, како и одведувањето на урбани отпадни води во реципиентот се дејности од јавен интерес.
(2) Снабдувањето со вода за пиење се врши преку водоснабдителен систем, а одведувањето на урбани отпадни води во реципиентот се врши преку канализационен систем со кои управува давателот на услугата.
Во членот 5 од Законот е предвидено дека:
(1) Давателот на услугата врши:
– снабдување со вода за пиење со зафаќање, обработка и дистрибуција на водата преку водоснабдителниот систем до главниот водомер на корисникот на услугата;
– одведување на урбани отпадни води во реципиентот, со нивно собирање од корисниците на услугата преку канализационата мрежа, пречистување и испуштање во реципиентот,
– одведување на атмосферските води во реципиентот со нивно прифаќање од урбаните површини, со одведување преку атмосферската канализациона мрежа и испуштање во реципиентот и
– управување и одржување на водоснабдителниот и канализациониот систем.
“(2) За вршење на дејностите од ставот (1) на овој член давателот на услугата и корисникот на услугата склучуваат договор со кој се уредуваат меѓусебните права и обврски.”
Во членот 6 од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување урбани отпадни води е предвидено дека:
(1) Средствата за вршење на дејностите од членот 5 на овој закон се остваруваат од цената за користење на тие услуги и надоместокот за приклучување на водоснабдителниот и канализациониот систем.
(2) Цената на водата за пиење и одведувањето на урбаните отпадни води и атмосферски води се изразуваат во ден/м З.
(3) Цената од ставот (2) на овој член зависи од трошоците за снабдување со вода за пиење до корисниците на услугата и одведувањето на урбаните отпадни води, трошоци за заштита на животната средина околу извориштето и на самото извориште, експлоатационите трошоци, трошоците за одржување, замена на амортизираните делови и други оштетувања, капитални инвестиции, каматите за отплата на капиталните инвестиции и други трошоци.
(4) Определувањето на висината на цената се врши со методологија, а врз основа на следниве критериуми: – потрошена количина на вода за пиење од страна на корисниците на услугата, како просечна и прекумерна потрошувачка и – категории на корисници на услугата.
(5) Потрошувачката на водата за пиење, како просечна потрошувачка по член на семејно домаќинство ја определува советот на општината и Градот Скопје.
(6) Цената за секој кубен метар потрошена вода за пиење над просечната потрошувачка (прекумерна потрошувачка на водата за пиење) се зголемува за два пати.
(7) Цената ја определува давателот на услугата, по претходна согласност на основачот.
(8) Цената се определува како:
– надоместок за м/3 вода за пиење со одведување на отпадни води и атмосферски води од домаќинствата и индустриски отпадни води;
– надоместок за м/3 само вода за пиење и
– надоместок за м/3 само за одведување на отпадни води и атмосферски води од домаќинствата и индустриски отпадни води.
(9) Методологијата за утврдување на цената од ставот (4) на овој член, ја пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на комуналните работи.
Тргнувајќи од анализата на цитираните уставни одредби, Законот за комунални дејности, како и Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води, произлегува дека водата како добро од општ интерес за Републиката ужива посебна заштита на начин и под услови утврдени со закон и истата е комунална дејност од јавен интерес. Оттука, Судот утврди дека со оспорениот став 1 од член 33 од Законот за снабдување на вода за пиење и одведување на урбани отпадни води се повредуваат, односно ограничуваат основните права на човекот и граѓанинот, а тоа е правото на користење на основното средство за живеење, водата, којашто според наведените законски одредби е добро од општ и јавен интерес, како и достоинствен начин на реализацијата на граѓанинот на неговото право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.
Имено, според Судот, со предвидената законска можност давателот на услугата да може да го прекине снабдувањето со вода за пиење и одведување на урбаните води во случај кога корисникот на услугата и по претходна писмена опомена не ја исполнува обврската за плаќање на надоместокот, се доведува под сомнение уставноста на член 33 став 1 од Законот vis a vis одредбите од Уставот коишто се однесуваат на основните слободи и права на граѓанинот предвидени во членовите 10 и 11 од Уставот, како и социјалните права предвидени во членот 34 и член 39 став 2 од Уставот.
Исто така, Судот оцени дека конкретната оспорена одредба основано може да се доведе под сомнение и по однос на член 56 став 1 од Уставот, од причина што давајќи и третман на добро од општ и јавен интерес, водата ужива посебна заштита, па следствено на кое и не може законодавецот да го ограничува правото на човекот и граѓанинот на начинот којшто е предвиден во оспорениот став 1 на членот 33 од Законот.
Од друга страна пак, Судот оцени дека ставот 1 на членот 33 од оспорениот закон основано може да се доведе под сомнение и по однос на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Ова, од причина што по наоѓање на Судот оспорениот став е нејасен и непрецизен и како таков го нарушува принципот на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните. Имено, од содржината на оспорената одредба воопшто не може да се утврди за каков вид на постапка станува збор, односно не е јасно како, кога и во каква постапка и форма се дава претходната опомена на корисникот на услугата за да може истиот да ја исполнува својата обврска.
Според Судот, со законското уредување во оспорената одредба дека на корисникот на услугата ќе му биде прекинато снабдувањето со вода од страна на давателот на услугата и по претходна писмена опомена доколку истиот на ја исполнил обврската за плаќање на надоместокот, воопшто не е јасно дали во фазата пред поднесување на писмената опомена, како што предвидува оспорената законска одредба, се водела, односно била во тек одредена постапка и дали биле преземени одредени дејствија пред други надлежни органи пред настапувањето на прекинувањето со снабдување со вода кои се предвидуваат во смисла на позитивната правна регулатива. Имено, според Судот, наплатата на доспеаните, а ненаплатени побарувања треба да се остваруваат во одредена постапка на основа и во согласност со меродавните закони коишто го сочинуваат објективниот правен поредок во Република Северна Македонија, што не е случај и со оспорената одредба.
Понатаму, според Судот, при уставно – судската оцена на оспорената одредба од Законот треба да се има во вид и член 5 став 2 од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води во корелација со одредбите од Законот за облигационите односи.
Имено, според член 5 став 2 од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води, за снабдување со вода за пиење со зафаќање, обработка и дистрибуција на водата преку водоснабдителниот систем до главниот водомер на корисникот на услугата, давателот на услугата и корисникот на услугата склучуваат договор со кој се уредуваат меѓусебните права и обврски.
Согласно член 17-б од Законот за облигационите односи, како еден од основите за настанување на обврските претставува склучувањето на договорот помеѓу давателот на услугата и корисникот на услугата со кој се уредуваат меѓусебните права и обврски.
Од анализата на цитираните законски одредби, според Судот, јасно и недвосмислено произлегува дека во случајов станува збор за чист облигационо-правен однос каде се уредени правата и обврските на странките на тој договор, па во случај на неисполнување на истите, односно на одредени утврдени обврски на кои странките со склучувањето на договорот се согласиле, надлежност за решавање на неисполнување на договорот има редовен парничен суд, што значи дека е предвидена судска заштита. Оттука, егзистирањето на оспорениот став 1 на членот 33 од Законот за снабдување со вода и одведување на урбани отпадни води, според Судот, само доведува до правна несигурност на граѓаните и истовремено повреда на темелната вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија – владеењето на правото, предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Од причина што со ова решение Судот поведе постапка и го стави под сомнение ставот 1 на членот 33 од оспорениот закон, заради почитување на принципот на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните на Република Северна Македонија, Судот оцени, по сопствена иницијатива, да поведе постапка и за ставот 4 на членот 33 од Законот во делот:” …овите (1) и” од оспорениот закон.
Поради наведеното Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од член 33 став 1 и став 4 во делот:”…овите (1) и” од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води („Службен весник на Република Македонија“ бр.68/2004, 28/2006, 103/2008, 17/2011, 54/2011, 163/2011,10/2015, 147/2015 и 31/2016) со уставните норми на кои се укажува во иницијативата.
6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение,Судот, со мнозинство гласови, го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.130/2018
27.02.2019 гoд.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски