У.бр.94/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 6-ти февруари 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 8 став 1 во делот: „исплата на плати од дневен пазар” и ставот 2 во делот: „преку трансакциска сметка” од Законот за исплата на платите во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1994, 62/1995, 33/1997, 50/2001, 26/2002, 46/2002, 37/2005, 121/2007, 161/2008, 92/2009, 97/2010, 11/2012, 145/2012, 170/2013, 139/2014 и 147/2015).

2. Александра Илиева Милчова, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на делови од одредбите на членот од Законот, означен во точката 1 од Решението.

Според наводите од иницијативата оспорените делови „исплата на плати од дневен пазар” и „преку трансакциска сметка” содржани во одредбите на членот 8 од Законот за исплата на платите во Република Македонија не биле во согласност со членовите 17, 18, 25, 32 и 55 од Уставот на Република Македонија, со следното образложение:

Правото на заработувачка било изворно право и доверлив договорен однос помеѓу работникот и работодавачот кое не смеело да се условува со посредник од друго правно лице, односно банка. Правото за начинот на исплата на плата требало да биде избор на работникот, а не задолжителна обврска.

Оспорениот дел „исплата на плата од дневен пазар” од ставот 1 на членот 8 од Законот, бил спротивен на член 32 став 3 од Уставот, бидејќи работникот за остварениот труд имал право на заработувачка без разлика дали се работело за дневен, неделен, месечен или годишен пазар, од кои права вработените не можеле да се откажат.

Секаде во европските земји, а и во Австралија, исплатата на плата била можна од заработен час, минута или ден, во готово или преку сметка во банка.

Со забраната за исплата на плати од дневен пазар од член 8 став 1 од Законот се попречувала и слободата на пазарот и претприемништвото, утврдена со членот 55 од Уставот, која можела да биде ограничена со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето, што тука не било случај. Неправилно било граѓаните да се ограничуваат во правото на исплата на плата на дневна основа и од дневен пазар бидејќи тоа било право на работникот од кое тој не можел да се откаже и да го чека последниот ден во месецот за да добие надомест за својот труд, а се поставувало и прашањето за каматата на трудот кој работникот го вложувал. Со ваквата законска поставеност, работникот бил ставен во позиција да работи цел месец за да добие средства, а негово право и обврска било да може да добие награда од дневен пазар за секој одработен ден. Семејствата цел месец без средства чекале на клучниот ден за исплата на плата, а со доследно спроведување на ограничувањата пропишани со Уставот во смисла на слободата на пазарот и претприемништвото, не смеело на работникот и работодавачот да им биде ускратено правото на исплата на плата од дневен остварен пазар или пак дури и исплата од час.

Во однос на член 8 став 2 од Законот кој се оспорува во делот: „преку трансакциска сметка”, подносителката наведува дека со наложувањето платата да се исплатува преку трансакциска сметка се воведувал монопол во корист на банките при исплатата на трудот што било спротивно на членот 55 од Уставот, бидејќи граѓаните своето право на заработувачка го остварувале исклучително преку банките (монопол при исплатата на платите), а тоа значело дека ако банките колабирале, граѓаните ќе немале право на заработувачка.

Правото на заработувачка било изворно право и не смеело начинот на исплата на заработувачката да се врзува со трансакциска сметка. Тоа било спротивно со членот 32 од Уставот бидејќи исплатата на трудот се врзувала за друго правно лице – банка, па граѓаните се исплатувале од банка како посредници, а не директно од работодавците, што значело дека надоместокот за трудот бил условен, а не изворен. Правото и начинот на исплата требало да биде директно од работодавачот, а не преку посредник, бидејќи доколку пропаднел посредникот, исплатата ќе се довела во прашање.

Исплатата на плати преку трансакциска сметка било забрането со Уставот, бидејќи сите приходи и облици на општење помеѓу работникот и работодавачот и′ биле познати на банката, а членот 17 од Уставот ја гарантирал слободата и неповредливоста на сите облици на комуникација.

Подносителката ги дообјаснува причините за спротивноста на член 8 став 2 во делот „преку трансакциска сметка” со членот 17 од Уставот, наведувајќи дека исплатата на трудот на работникот во паричен износ била доверлива комуникација помеѓу работникот и работодавачот и како облик на доверлива комуникација не смеела да биде изложена со закон на друго правно лице, во случајот банка, без изречна согласност за тоа од работникот и работодавачот, односно без одлука на суд, банката не смеела да има увид во платата како личен податок на работникот и другите примања на работникот, која комуникација и неповредливост била загарантирана со членот 17 на Уставот.

Во продолжение подносителката го цитира членот 18 од Уставот со кој се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци, а на граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците, по што наведува дека личните податоци, како име, презиме, матичен број, трансакциска сметка, биле доверливи податоци коишто требало да бидат заштитени. Меѓутоа, со задолжителната исплата на плата на трансакциска сметка, работникот се обврзувал трансакциската сметка да ја даде на работодавачот за тој да можел да исплати плата, а тоа значело дека трансакциската сметка не била повеќе таен податок, туку податок кој морал да го знае работодавачот и банката кои понатаму го обработувале за свои цели, притоа трудот на работникот го условувале со имање или немање на трансакциска сметка, а правото на заработувачка било безусловно право.

Начинот на исплата на трудот требало да биде право на избор, а не задолжителна исплата преку друго правно лице-посредник, а во Република Македонија платежно средство бил денарот, а не банкарските картички и трансакциската сметка.

По цитирање на членот 25 од Уставот според кој на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот, подносителката наведува дека со задолжителноста на исплата на платите преку трансакциска сметка, се задирало во приватноста на граѓаните за начинот на трошење на средствата од страна на банките кои имале увид за уплатите на граѓаните, како живееле и што купувале. Граѓаните со ваквата обврска се сведувале на робови на банките кои им биле единствени работодавци и кои се′ знаеле за нивните средства, што било спротивно со слободата на пазарот и претприемништвото и забраната на монополот, сите граѓани биле вработени во банките или поточно зависеле од банките како правни лица, заради тоа што им′ вршеле исплата на средствата остварени со личен труд, а тоа ја подривало целосната уставна поставеност на Република Македонија и правото на заработувачка.

Од наведените причини, подносителката предлага укинување на оспорените делови на членот од Законот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 8 став 1 од Законот за исплата на платите во Република Македонија, се забранува исплата на плати од дневен пазар, како и исплата на плати и други надоместоци на плати во бонови и натура, а според ставот 2 на членот од Законот, платата на работниците правното лице ја исплатува исклучително во паричен износ преку трансакциска сметка.

Предмет на оспорување со иницијативата е делот „исплата на плати од дневен пазар” од ставот 1 и делот „преку трансакциска сметка” од ставот 2 на членот 8 од Законот.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Со членот 32 од Уставот е определено дека:

Секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност (став 1).

Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2).

Секој вработен има право на соодветна заработувачка (став 3).

Секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат. (став 4)

Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори (став 5).

Од погоре цитираните уставни одредби произлегува дека Уставот утврдува права за граѓаните од областа на вработувањето и трудот, но препуштил начинот на остварувањето на тие права да бидат предмет на законско уредување и колективно договорање.

Во погоре наведената смисла, законодавецот низ повеќе закони регулирал норми за начинот на остварување на правата на вработените од сферата на работните односи како што е Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ број 62/2005, … и 27/2016) којшто е основен и општ закон од областа на трудот (lex generalis), но и со низа други посебни закони од сферата на работните односи меѓу кои и Законот за исплата на платите во Република Македонија.

Со Законот за исплата на платите во Република Македонија се уредува исплатата на платите и одделни надоместоци кај работодавачите со седиште во Република Македонија (став 1 на членот 1 од Законот). Одредбите на овој закон не се однесуваат на работодавачите кај кои повеќе од 51% од средствата се во приватна сопственост (став 2 на членот 1 од Законот).

Со член 8 став 1 од овој закон се забранува исплата на плати од дневен пазар, како и исплата на плати и други надоместоци на плати во бонови и натура, а со ставот 2 на членот од Законот се уредува дека платата на работниците правното лице ја исплатува исклучително во паричен износ преку трансакциска сметка.

Според подносителката на иницијативата делот „исплата на плати од дневен пазар” од ставот 1 и делот „преку трансакциска сметка” од ставот 2 на членот 8 од Законот, биле уредени спротивно на членовите 17, 18, 25, 32 и 55 од Уставот на Република Македонија.

Со иницијативата се изнесени причините (погоре наведени) за неуставноста на оспорените делови на членот од Законот, а поконкретно дека неправилно било граѓаните да се ограничуваат во правото на исплата на плата на дневна основа бидејќи тоа било право на работникот од кое тој не можел да се откаже и да го чека последниот ден во месецот за да добиел надомест за својот труд, односно дека работникот за остварениот труд имал право на заработувачка без разлика дали се работело за дневен, неделен, месечен или годишен пазар.

Воедно, неуставно било исплатата на плата да се врши преку трансакциска сметка, односно посредник-банка, бидејќи правото на заработувачка било изворно право и начинот на исплата на трудот требало да биде право на избор на работникот, а не задолжителна исплата преку посредник-банка, со што се воведувал монопол во корист на банките при исплатата на трудот.

Правото на заработувачка бил доверлив договорен однос помеѓу работникот и работодавачот, а со условувањето на исплатата на плата со посредник од друго правно лице, се доведувало во прашање тајноста на личните податоци, како име, презиме, матичен број, трансакциска сметка, кое Уставот го забранувал, а се задирало во приватноста на граѓаните за начинот на трошење на средставата од страна на банките кои имале увид за уплатите на граѓаните, како живееле, што купувале итн.

Според Судот, оспорените делови содржани во член 8 ставови 1 и 2 од Законот за исплата на платите во Република Македонија, не можат да се доведат под уставно сомнение од аспект на изнесените наводи во иницијативата и истите не имплицираат повреда на одредбите од Уставот на кои се повикува подносителката со иницијативата, поради следното:

Правото на секој работник на заработувачка-плата од член 32 став 3 од Уставот, како право кое изворно произлегува од Уставот, законодавецот го операционализирал низ законите од сферата на работните односи.

Меѓутоа тргнувајќи од уставното овластување од член 32 став 5 од Уставот, законодавецот има право со закон да го уреди начинот на остварување на правата на вработените како што тоа го сторил со Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ број 62/2005, … и 27/2016) кој е основен и општ закон од областа на трудот (lex generalis) и со Законот за исплата на платите во Република Македонија, кои се меѓусебно комплементарно поврзани закони по прашањето за начинот на исплата на платите на вработените.

Во однос на формата во која се врши плаќањето на работата по договорот за вработување, со член 105 став 2 од Законот за работните односи се уредува дека плаќањето мора да биде секогаш во парична форма, а според членот 110 став 1 од наведениот закон, работодавачот е должен на работникот да му ја исплати платата на начин утврден со закон.

Во конкретниот случај начинот на исплата на платата е утврден со Законот за исплата на платите во Република Македонија.

Според член 8 став 1 од наведениот закон, се забранува исплата на плати од дневен пазар, како и исплата на плати и други надоместоци на плати во бонови и натура, а според ставот 2 на членот од Законот, платата на работниците правното лице ја исплатува исклучително во паричен износ преку трансакциска сметка.

Со Законот за платниот промет („Службен весник на Република Македонија” бр.113/2007, 22/2008, 159/2008, 133/2009, 145/2010, 35/2011, 11/2012, 59/2012, 166/2012, 170/2013, 153/2015, 199/2015 и 193/2017), е уреден платниот промет во земјата.

Според член 2 точка 4 од наведениот закон, “трансакциска сметка” е сметка која претставува единствен и неповторлив нумерички податок кој служи за идентификација на учесникот во платниот промет, а преку која истиот врши плаќања.

Според овој закон носители на платниот промет во Република Македонија се: Народната банка на Република Македонија, банките кои добиле согласност за вршење на платен промет согласно со закон и филијали на странски банки и Трезорот при Министерството за финансии, како посебен носител на платен промет за буџетските корисници и единките корисници и Трезорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, како посебен носител на платниот промет на здравствените установи (член 3).

Носителите на платниот промет според член 4 точки од 1 до 11 од Законот за платниот промет, се должни, помеѓу другото да обезбедат и:

– рамноправност и еднаков третман на сите учесници во платниот промет (точка 5);
– сигурност и оперативна достапност (точка 6);
– тајност на податоците за состојбата на трансакциската сметка согласно со закон (точка 8);
– заштита на податоците за сопственикот на трансакциската сметка (точка 9);
– сигурен и ефикасен пренос на средства меѓу учесниците во платниот промет (точка 10).

Според член 10 став 1 од Законот за платниот промет, платниот промет се извршува единствено преку трансакциски сметки кои се пријавени во единствениот регистар на трансакциски сметки, а според ставот 2 на членот 10 од Законот, не е дозволено плаќање помеѓу учесниците во платниот промет кое не се извршува преку трансакциски сметки.

Согласно членот 11 од Законот, носителот на платен промет ќе дозволи исплата на платата на учесникот во платниот систем само ако претходно за истата се платени данокот и придонесите.

Според член 20 став 3 од Законот за платниот промет, учесникот во платниот промет – правно лице е должен сите парични средства од дневниот пазар примени во готово по која и да било основа да ги уплати најдоцна наредниот работен ден на својата трансакциска сметка.

Од погоре наведеното произлегува дека оспорените содржини од член 8 ставови 1 и 2 од Законот за исплата на платите во Република Македонија, во целост кореспондираат со пропишаните одредби за формата и начинот на исплата на платите за вработените од Законот за работните односи, како и со Законот за платниот промет со кој е уреден платниот промет во земјата.

Имено, ако се има во предвид уредената обврска за правните лица сите парични средства од дневниот пазар примени во готово по која и да било основа да ги уплатат најдоцна наредниот работен ден на својата трансакциска сметка од член 20 став 3 од Законот за платниот промет, произлегува дека целокупниот остварен износ на парични средства од дневен пазар, правното лице мора на дневна основа да ги уплатува на својата трансакциска сметка и тоа во нивниот целокупен износ, што е основа за прикажување на реалната состојба на дневно остварените приходи кои подлежат на даноци, а не во износ намален за плати за вработените.

Во корелација со ова уредување од Законот за платниот промет е уредувањето на забраната за исплата на платите од дневен пазар (оспорен дел) од член 8 став 1 од Законот за исплата на платите во Република Македонија.

Целта на уредување на вакви и слични норми во законите, наоѓа своја основа во заложбата на државата за спречување на сивата економија, која како појава овозможува државата да нема увид во тоа колку субјектите оствариле, а со тоа ја губи и добивката што инаку би ја добила од даноците и придонесите.

Уредениот начин на исплата на платите на вработените од член 8 ставови 1 и 2 од Законот за исплата на платите во Република Македонија, во кои се содржани оспорените делови, овозможува на работниците да им се исплати плата заедно со законски утврдените придонеси од задолжително социјално осигурување што е во функција на обезбедување на социјална сигурност на вработените, односно обезбедување на здравствена заштита, пензиско и инвалидско осигурување и осигурување во случај на невработеност. Во спротивно, доколку се исплати плата од дневен пазар, во бонови или во натура, постои веројатност на работникот да не му се обезбеди соодветна законска социјална сигурност и заштита, како и да се доведе во прашање исплатата на платата соодветно на реално остварената заработувачка.

Во однос на наводите во иницијативата дека уредувањето со оспорениот дел „исплата на плати од дневен пазар” од член 8 став 1 од предметниот закон, значело забрана работникот да оствари право на плата за секој одработен час или ден, треба да се има предвид дека оспореното уредување во членот од Законот воопшто не се однесува на временскиот период за кој може да се исплатува платата, туку дека исплатата не може да се реализира на забранетиот начин односно од дневен пазар, туку исклучиво преку трансакциска сметка.

Што се однесува пак до временските периоди за исплата на плата на вработените, членот 109 (ден на исплаќањето) од Законот за работните односи уредува дека платата се исплатува за периоди кои не смеат да бидат подолги од еден месец (став 1), односно дека платата се исплаќа најдоцна 15 дена по изминувањето на исплатниот период (став 2).

Со член 109 став 1 од наведениот закон е уредена горната граница на изминат период до кога работодавачот е должен да изврши исплата на плата на работникот, односно дека тој период не смее да биде подолг од еден месец, а од истиот не произлегува неможност платите да се исплатуваат и за пократки одработени временски периоди.

Понатаму, обврската за правните лица, платите да ги исплатуваат преку трансакциска сметка, неспорно подразбира инволвирање на банкарските субјекти во исплатата на платите, но оспорениот дел од член 8 став 2 од предметниот закон, нема содржина од која би произлегла повреда на членот 55 од Уставот, бидејќи не содржи уредување преку кои банки-посредници ќе се врши исплатата на платите, за да може истото да се проблематизира од аспект на создавање на монополска позиција на одредена банка или банки на пазарот.

Воедно, неосновани се наводите од иницијативата дека противуставно било со закон да се уреди начинот на исплата на платата, со наводи дека правото на работникот на плата загарантирано со Уставот, подразбирало и уставно право на работникот сам да го избира начинот на исплатата на платата, а не како што уредувал оспорениот дел „преку трансакциска сметка” од член 8 став 1 од предметниот закон. Ова од причини што задолжителната исплата на плати преку трансакциска сметка не го ограничува правото на плата-заработувачка, ниту може обврската за исплата на плати преку трансакциска сметка да се смета за противуставно ограничување на начинот на исплатата на платата, бидејќи Уставот утврдува и гарантира права на работникот од сферата на работните односи и трудот, конкретно правото на заработувачка од член 32 став 3 од Уставот, но за начинот на остварување на правата од работниот однос, Уставот со член 32 став 5, на законодавецот му дал овластување и право истото да го уреди со закон, како што тоа го сторил во конкретниот случај. Притоа, право е на работникот слободно да избира преку која банка ќе се вршат трансакциите поврзани со исплатата на платата.

Понатаму, според изнесените наводи во иницијативата, задолжителната исплата на платите преку трансакциска сметка не било во согласност со членовите 17, 18 и 25 од Уставот, односно Уставот тоа го забранувал, бидејќи преку овие членови Уставот ја гарантирал слободата и неповредливоста на писмата и на сите други облици на комуникација, сигурноста и тајноста на личните податоци како и уставната гаранција за заштита на приватноста, честа и угледот на граѓаните.

Подносителката смета дека со исплатата на платите преку трансакциска сметка, личните податоци име, презиме, матичен број, трансакциска сметка, веќе не биле заштитени, односно дека трансакциската сметка, не била повеќе таен податок, туку податок кој морал да го знае работодавачот и банката кои понатаму го обработувале за свои цели, со што се задирало во приватноста на граѓаните за начинот на трошење на средставата од страна на банките кои имале увид за уплатите на граѓаните.

Според Судот, од аспект на изнесените наводи не може да се доведе под уставно сомнение оспореното уредување во законската одредба, поради следното:

Со членот 18 од Уставот се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци, односно на граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците.

Уставот не го забранува собирањето и обработката на личните податоци на граѓаните, туку ја гарантира нивната сигурност и тајност. Токму од фактот што личните податоци се собираат систематизираат и обработуваат, за цели и на начин утврден со закон, е уредена уставната гаранција за заштита на личните податоци.

Во конкретниот случај оспореното уредување од член 8 став 2 од Законот за исплата на платите во Република Македонија кое налага задолжително исплаќање на платите преку трансакциска сметка и кое логично подразбира регистрирање и обработка на личните податоци за таа цел од страна на работодавачот и банката, е уредено во функција на остварување на право од работен однос, на начин на кој законодавецот има право да го уреди со закон.

Имено, невозможно е остварување на право или правен интерес од која и да било правна област пред надлежни органи и институции (јавни или приватни), без презентирање на лични податоци, нивно регистрирање или обработка од субјектите иматели на лични податоци, во зависност од целта и оправданоста за која истите се потребни или се бараат, во обем и на начин утврден со закон, а конкретно какво што е прашањето од работен однос, не може ниту да се оствари вработување без граѓанинот да ги презентира личните податоци, вклучително и трансакциската сметка, кое се оспорува со иницијативата како спротивно со Уставот.

Притоа, субјектите кои се овластени да ги обработуваат податоците со предзнак „заштитени”, се должни истите да ги чуваат и обработуваат на начин утврден со закон и за цели согласно со закон.

Во функција на операционализација на уставната гаранција за заштита на личните податоци, законодавецот го пропишал Законот за заштита на лични податоци („Службен весник на Република Македонија” број 7/2005, 103/2008, 124/2008, 124/2010, 135/2011, 43/2014, 153/2015, 99/2016 и 64/2018) со кој се уредува заштитата на личните податоци како основни слободи и права на физичките лица, а особено правата на приватност во врска со обработка на лични податоци.

Според член 9 став 1 алинеи од 1 до 3 од Законот, матичниот број на граѓанинот може да се обработува само: по претходна изречна согласност на субјектот на лични податоци; за остварување на со закон утврдени права или обврски на субјектот на лични податоци или контролорот и во други случаи утврдени со закон.

Според ставот 2 на членот од Законот, контролорот е должен да води сметка матичниот број на граѓанинот да не биде непотребно видлив, печатен или преземен од збирка на лични податоци.

Со Законот за заштита на лични податоци се уредени и правата на субјектите на лични податоци, меѓу кои и правото на заштита од незаконско и неовластено обработување на нивните лични податоци.

Понатаму, трансакциската сметка, која претставува единствен и неповторлив нумерички податок кој служи за идентификација на учесникот во платниот промет, е податок кој исто така подлежи на заштита, како што е определено со член 4 точки 8, 9 и 10 од Законот за платниот промет, според кој носителите на платниот промет во Република Македонија, се должни да обезбедат 8) тајност на податоците за состојбата на трансакциската сметка согласно со закон; 9) заштита на податоците за сопственикот на трансакциската сметка; 10) сигурен и ефикасен пренос на средства меѓу учесниците во платниот промет.

Исто така, според член 43 став 1 од Законот за работните односи работодавачот е должен да ја штити и почитува личноста и достоинството на работникот, како и да води сметка и да ја штити приватноста на работникот.

Според член 44 од наведениот закон, (1) Личните податоци на работниците можат да се собираат, обработуваат, употребуваат и доставуваат на трети лица само ако е тоа определено со овој или друг закон или ако е тоа потребно заради остварување на правата и обврските од работниот однос или во врска со работниот однос. (2) Личните податоци на работниците може да ги собира, обработува, употребува и доставува на трети лица само работодавачот или работникот, кого работодавачот за тоа посебно го овластил. (3) Личните податоци на работниците, за чие собирање не постои повеќе законска основа, мораат веднаш да се избришат и да престанат да се употребуваат. (4) Одредбите од ставовите (1) и (2) на овој член се однесуваат и за личните податоци на кандидатите за вработување.

Оттука, Судот, како неосновани ги оцени наводите од иницијативата дека не било уставно-правно дозволено, личните податоци име, презиме, единствен матичен број, трансакциска сметка, да можат бидат предмет на нивна обработка од страна на работодавачот и банката-посредник, односно дека не можело со закон да им се наложи на граѓаните истите да ги презентираат пред наведените субјекти, туку исклучиво, ако тие на тоа се согласиле, односно по нивно овластување.

Со закон се предвидени и случаи во кои личните податоци од граѓаните, можат да се бараат или обработуваат, само врз основа на нивна лична согласност, но во конкретниот случај станува збор за законско уредување на начин на исплата на плата преку трансакциска сметка, што е право на законодавецот кое произлегува од член 32 став 5 од Уставот, а второ, со законската обврска платите да се исплаќаат преку трансакциска сметка, не значи дека личните податоци ја губат својата заштита гарантирана со Уставот. Напротив тие и понатаму остануваат заштитени податоци и секое нивно регистрирање и обработување без законски основ и цел, и спротивно на законски определениот начин за нивна обработка, подлежи на санкција.

Крајно, оспореното уредување само по себе не имплицира повреда на тајноста на податоците, бидејќи за повреда на тајноста на личните податоци може да се зборува само во случај на нивна фактичка повреда, односно само во случај на нивно незаконско и неовластено обработување, односно на начин којшто овозможува повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците, што е фактичко прашање и за кое сопственикот на личните податоци има право на заштита пред надлежните органи.

5. Имајќи го предвид погоре наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај, не може да се постави прашањето за согласноста на член 8 став 1 во делот „исплата на плати од дневен пазар” и став 2 во делот „преку трансакциска сметка” од Законот за исплата на плати во Република Македонија со одредбите на Уставот на кои се повикува подносителката со иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.94/2018
6-ти февруари 2019 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски