У.бр.87/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 став 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 6 февруари 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 9-а став 3 од Законот за спортот (“Службен весник на Република Македонија” број 29/2002, 66/2004, 81/2008, 18/2011, 51/2011, 64/2012, 148/2013, 187/2013, 42/2014,138/2014, 177/2014, 72/2015, 153/2015, 6/2016, 55/2016, 61/2016,106/2016 и 190/2016)

2. Трговско друштво за спорт – Фудбалски клуб „Беласица-ДООЕЛ“ Струмица, застапувано преку Ване Андреев, адвокат од Струмица до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се цитира содржината на оспорениот член 9-а став 3 од Законот за спортот, членот 9, член 20 став 1, членот 55 и членот 110 од Уставот на Република Македонија и се наведува дека било недозволиво законодавецот да фаворизира форма на здружување на граѓаните за остварување на одредено право кога Уставот тоа изречно го забранувал, а им дозволувал какво било здружување заради остварување и заштита на нивно право и уверување, независно од тоа дали истото ќе го остварат според Законот за трговски друштва, Законот за здруженија на граѓани и фондации или пак согласно некој друг позитивен правен процес. Понатаму, во иницијативата се наведува дека оспорениот член од Законот бил противуставен од причина што Уставот предвидел дека сите пазарни субјекти биле еднакви пред Уставот и законите и затоа оспорената одредба била крајно дискриминаторска, па дури и нелогична. Во иницијативата се бара укинување на член 9-а став 3 од Законот за спортот и да се донесе времена мерка од причина што можело да настанат штетни последици во севкупниот општествен систем во Република Македонија.

3. Судот на седница утврди дека според член 9-а став 1 од Законот за спортот (“Службен весник на Република Македонија” број 29/2002, 66/2004, 81/2008, 18/2011, 51/2011, 64/2012, 148/2013, 187/2013, 42/2014,138/2014, 177/2014, 72/2015, 153/2015, 6/2016, 55/2016, 61/2016,106/2016 и 190/2016), професионален статус, во смисла на овој закон има спортски клуб кој е основан за вршење на спортски активности за учество во системот на спортски натпревари. Професионален спортски клуб може да биде клуб: кој учествува во највисокиот степен на натпревари во соодветната национална спортска федерација и кој има склучено договори за професионален настап, со најмалку 50% од вкупниот број на натпреварувачи кои настапуваат во највисокиот систем на натпревари во сениорска конкуренција во однос на бројот на пријавените за натпреварувачката година во листата која ја води соодветната спортска федерација (став 2). Професионален спортски клуб во фудбал, кошарка, ракомет и одбојка во највисокиот степен на натпреварување е акционерско друштво (став 3). Професионалниот спортски клуб од ставот 2 и 3 на овој член се запишува во Регистарот на професионални спортски клубови, кој го води органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот во електронска форма (став 4). Професионалниот спортски клуб од ставот 2 и 3 на овој член доставува барање за упис во Регистарот, непосредно по пошта, усно на записник или во електронска форма, до органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот. Во барањето ќе го наведе начинот на кој сака да комуницира со органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот, односно дали ќе комуницира усно, во писмена форма или во електронска форма (став 5). За упис во Регистарот, потребни се следниве докази: – доказ за учество во највисокиот степен на натпревари во соодветната национална спортска федерација, – доказ дека има склучено договори за професионален настап со најмалку 50% од вкупниот број на натпреварувачи кои настапуваат во највисокиот систем на натпревари во сениорска конкуренција во однос на бројот на пријавените за натпреварувачката година во листата која ја води соодветната спортска федерација, – решение за упис во Централен регистар и – доказ дека води регистар на членови на навивачка група (став 6). Овластеното службено лице од органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот кое ја води постапката е должно во рок од три дена од денот на приемот на барањето од ставот 5 на овој член по службена должност да гo побара доказoт од ставот 6 алинеја 3 на овој член од Централниот регистар (став 7). Овластено службено лице од Централниот регистар од кој е побаран доказот од ставот 6 алинеја 3 на овој член е должно да го достави во рок од три дена од денот на приемот на барањето од ставот 7 на овој член (став 8). За уписот во Регистарот, органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот издава решение во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето за упис (став 9). Против решението од ставот 9 на овој член или доколку органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот не донесе решение за упис во регистарот во рокот утврден во ставот 9 на овој член, професионалниот спортски клуб од ставовите 2 и 3 на овој член има право на жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението, односно по истекот на рокот предвиден во ставот 9 на овој член до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен (став 10). Ако професионалниот спортски клуб престане да ги исполнува условите од ставот 2 на овој член, органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот ќе донесе решение за бришење од Регистарот (став 11). Против решението од ставот 11 на овој член може да се изјави жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, во рок од 15 дена од денот на приемот на решението (став 12). Функционерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот донесува Правилник за формата и содржината на образецот за запишување и бришење во Регистарот (став 13).

4.Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд со Решение У.бр.76/2012 од 13 февруари 2013 година не поведе постапка за оценување на уставноста на членовите 6-а, 9, 9-а, 9-б, 14-а, 14-б и 73-а од Законот за спортот („Службен весник на РМ“ бр. 29/2002, 66/2004, 81/2008, 18/2011, 51/2011 и 64/2012) и ја отфрли иницијативата за поведување на постапка за оценување на Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на РМ“ бр. 18/2011 од 14 февруари 2011) во целина.

Во образложението на решението е наведено следното: „ 7. Со Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ бр.29/2002 од 07 мај 2002) се отвори простор здруженијата во областа на спортот да можат да се пререгистрираат како трговски друштва и да се реализираат обврските на Република Македонија што произлегуваат од меѓународните конвенции во спортот, да се уреди статусот на стручните лица и спортистите и да се регулираат правата и обврските за организација на спортските приредби и манифестации. Со измените на Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2008 од 7 јули 2008) се уреди статусот на професионалните спортски клубови и професионалните спортисти, евиденцијата во функција на професионалниот спорт и друго и на тој начин да се обезбеди спортските клубови да функционираат како акционерски друштва.

Со измените и дополнувањата на Законот за спортот во 2011 година се уреди и постапката за трансформација на дел од клубовите во акционерски друштва, кои можеа тоа да го сторат и со донесувањето на новиот Закон за спортот од 2002 година.

Во однос на наводите во иницијативата за оценување на уставноста на членовите 6-а, 9,9-а,9-б,14,14-а,14-б и 73-а на Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на РМ“ бр. 18/2011) Судот утврди дека право е на законодавецот да го уреди воспоставувањето на правниот режим уреден со Законот за спортот и поради тоа извршено е допрецизирање на веќе постоечките членови во основниот текст на Законот, како што се и оспорениот член 6, кој се однесува на спортските клубови кои се натпреварувале во највисокиот степен на натпревари во сениорската конкуренција, во спортови во кои се организира сениорски систем на натпревари во повеќе степени во фудбал, кошарка, ракомет и одбојка, истите да се регистрираат како акционерски друштва согласно Законот за трговските друштва; член 9 став 4 со кој се уредуваат правата и обврските при регистрацијата на друштвото во трговскиот регистар кој се води во Централниот регистар на Република Македонија, дека се приложува список на акционери со нивниот поединечен влог со кој учествуваат во основната главнина на акционерското друштво и дека професионалнит спортски клуб регистриран како акционерско друштво е должен на органот на државната управа да достави извештај за работењето, годишна сметка, програма и финансиски извештај за предходната година и со член 14-б став 1 се уредува дека во националните спортски федерации спортските клубови кои се натпреваруваат во највисокиот степен на натпревари во сениорска конкуренција во спортови во кои се организира сениорски систем на натпревари во повеќе степени, се здружуваат во организационен облик согласно со Законот за здруженија и фондации заради остварување на своите права и интереси… Врз основа на вака дефинираните прашања со предложените измени на Законот за спортот, законодавецот е во насока на обезбедување на услови за трансформирање на спортските клубови кои настапуваат во првата лига во одредени спортови, обезбедување на функционирањето на Собранијата на националните федерации, како највисок орган, во однос на неговото конституирање и учество на здружени членки, кои имаат право, интерес и одговорност да носат одлуки кои ќе бидат во функција на развојот на спортот.

Тргнувајќи од анализата на уставните и законските одредби, Судот оцени дека одредбите од овој закон се јасно и прецизно формулирани и се конзистентни и не противречат на концепцијата на законот, и поради тоа се во согласност со принципот на владеењето на правото, утврден во членот 8 од Уставот, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека наводите во иницијативата се неосновани и дека со оспорените членови 6-а, 9,9-а,9-б,14,14-а,14-б и 73-а на Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на РМ“ бр. 18/2011) не се повредува член 8 став 1 алинеја 3, член 20 став 1 и 2, член 47 став 5 и член 51 од Уставот.“

Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, а имајќи предвид дека одредбата на член 9-а став 3 од Законот за спортот била ценета од Уставниот суд и со наведеното решение на Судот не била поведена постапка за оценување на уставноста, а конкретната иницијатива не содржи нови основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се настапени условите согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот, за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.87/2018
06.02.2019 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски