Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 2 и 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 30 јануари 2019 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 43 ставови 1 и 2 и член 86 став 1 во делот: „Странката, учесникот или трето лице коeшто смета дека извршителот при извршувањето постапувал незаконито, или пак пропуштил да преземе определено законско дејствие, може да поднесе приговор до основниот суд на чие подрачје извршувањето, или пак дел од него, се спроведува” и ставот 3 од Законот за извршување („Службен весник на Република Mакедонија” број 72/2016 и 142/2016).
2. Техно-интерекспорт Душко ДООЕЛ од Скопје и Душко Чангов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означен во точката 1 од Решението.
Во иницијативата се наведува дека подносители на иницијативата се правното лице Техно-интерекспорт Душко ДООЕЛ и Душко Чангов во својство на доверител во завршена извршна постапка, со нереализирано извршување на извршна исправа и со причинета штета од 14.600.000,00 денари, но според одредбите од актуелниот Закон за извршување кои се оспоруваат со иницијативата, доверителот не би имал право на надомест на штетата, затоа што судот во постапки по приговори против неправилности при извршување, не верувал дека ќе настане штета, па ги имал одбиено или отфрлено сите вложувани приговори против неправилности.
Во продолжение на иницијативата се наведуваат содржините на оспорените законски одредби и причините за нивната неуставност.
Имено, оспорените ставови 1 и 2 на членот 43 од Законот за извршување, биле неуставни бидејќи со истите се исклучувала објективната одговорност за настаната штета, а доверителот останувал без право на надомест од настаната штета, иако штетата во извршната постапка била последица исклучиво од оперативни пропусти на извршителот за чие настанување го прифатиле ризикот кога конкурирале и кога се осигурале од него а со тоа ја прифатиле и објективната одговорност за настаната штета.
Според наводите од иницијативата, оспорената содржина од ставот 1 на членот 86 од Законот, не била уставна, бидејќи уредувала, доверителот да нема право на надомест на причинета штета ако го искористил своето диспозиционо право да не поднесува приговор против постапувањата на извршителот, при што ќе немало утврдена незаконитост во постапка по приговор, односно ќе немало утврдена ни субјективна одговорност на извршителот за настанатата штета.
Оспорениот став 3 на членот 86 од Законот, не бил уставен бидејќи со оспорената законска одредба се обврзувал извршителот да му се приклучел на должникот и заедно со него да се спротивставеле на приговорот од доверителот против постапките на извршителот, со што се повредувала независноста и непристрасноста на судот и еднаквиот третман на странките, иако во извршната постапка спротивни страни биле доверителот и должникот и само тие можеле писмено да расправаат за своите права и обврски преку приговорите и одговорите на спротивната страна по приговорите.
Во продолжение на иницијативата се наведува дека извршната постапка имала исклучиво егзекуторен карактер насочен против должникот, а со оспорените одредби од актуелниот закон, добивала и процесен карактер за спор меѓу доверителот и извршителот кој не бил странка во постапката, кој ќе се водел во врска со правото на доверителот за надомест на штета, односно утврдување на постоење на субјективна одговорност на извршителот за евентуално настаната штета во иднина.
Извршителот вршел јавни овластувања и директно одлучувал за своите дејствија кои требало да ги презема по принципот на судско движење на постапката, односно по принципот на слободно располагање со оперативните извршни дејствија, извршувањето, извршителите го спроведувале по барање на доверител, но во име на државата, а не во име на приватно лице, поради што секој пропуст и се припишувал на државата, односно на извршителот, па бидејќи се′ зависело од него, не смеел да биде ослободен од одговорност за причинета штета по кој било основ, освен ако причинетата штета била последица од виша сила.
Според изнесените наводи во иницијативата, со ниту една одредба од Законот за извршување не бил уреден рок во кој извршителот требало да преземе некое потребно извршно дејствие, туку со Законот било оставено тој да проценел кога да го преземе. Наспроти тоа, неспорен бил фактот дека во случај извршителот да го одложел пописот на предметите и нивното оставање на чување кај трето лице само за еден ден, должникот ќе можел да го отуѓи или сокрие имотот со што извршувањето ќе станело беспредметно, а со тоа настанатата штета неизбежна. Во ваков случај извршителите согласно оспорените одредби од сега актуелниот закон, не би одговарале за штета бидејќи ниту еден суд по поднесен приговор, доцнењето на извршителот од еден ден за дејствието кое требало да го преземе, не би го оценил како незаконито дејствие, а извршителите со закон би биле ослободени од одговорност за причинета штета, а доверителот врз основа на закон, би немал право на обесштетување.
Од наведените причини подносителите сметаат дека со примена на оспорените одредби од Законот за извршување и со повреда на принципите по кои се спроведувало извршувањето на судски одлуки, директно се повредувале темелните вредности на Уставот, односно владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и еднаквоста пред Уставот и законите.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 43 ставови 1 и 2 од Законот за извршување, извршителот е одговорен за целата штета што ја причинил на странката или спрема трети лица, со незаконско спроведување на извршните дејствија и со неисполнување на должностите што ги има како извршител според овој закон (став 1), како и дека извршителот не одговара за причинетата штета доколку незаконитоста или неисполнувањето на должностите, не е утврдено во постапка по изјавен приговор по членот 86 од овој закон (став 2).
Судот исто така утврди дека според оспорената содржина од член 86 став 1 од Законот, „Странката, учесникот или трето лице коeшто смета дека извршителот при извршувањето постапувал незаконито, или пак пропуштил да преземе определено законско дејствие, може да поднесе приговор до основниот суд на чие подрачје извршувањето, или пак дел од него, се спроведува”.
Според оспорениот став 3 на членот 86 од Законот, приговорот веднаш, а најдоцна во рок од 48 часа по приемот на приговорот до судот се доставува на одговор, до извршителот, кој е должен во рок од 24 часа да се произнесе по приговорот. По потреба приговорот во истиот рок се доставува и до странките и учесниците. Доколку судот смета дека е потребно да ги сослуша странките, учесниците и извршителот пред судот, поканата во која се утврдени датумот и времето на сослушување ги доставува заедно со приговорот.
4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 28 алинеите 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Оспорените одредби од член 43 ставови 1 и 2 од Законот за извршување, уредуваат одговорност на извршителот кога незаконски ги спроведува извршните дејствија и кога не ги исполнува должностите што ги има како извршител според овој закон, како и случаите во кои извршителот не одговара за причинетата штета, а тоа е доколку незаконитоста или неисполнувањето на должностите, не е утврдено во постапка по изјавен приговор по членот 86 од овој закон.
Оспорената содржина од ставот 1 на членот 86 од Законот уредува право на приговор на странката, учесникот или трето лице поради незаконито постапување на извршител при извршувањето, односно поради пропуштање на извршителот да преземе определено законско дејствие, и до кого приговорот се поднесува, а оспорениот став 3 на членот 86 од Законот уредува рок во кој судот го доставува приговорот до извршителот на одговор, рок во кој извршителот е должен да се произнесе по приговорот, дека по потреба приговорот во истиот рок се доставува и до странките и учесниците, како и дека доколку судот смета за потребно да ги сослуша странките, учесниците и извршителот пред судот, поканата во која се утврдени датумот и времето на сослушување треба да бидат доставени заедно со приговорот.
Во конкретниот случај, иако од оспорените одредби од Законот за извршување произлегуваат содржини со кои се утврдува одговорност на извршителот за целата штета што ќе ја причини на странката или спрема трети лица со незаконско спроведување на извршните дејствија и со неисполнување на должностите што ги има како извршител според овој закон, како и содржини со кои се уредува постапката по вложен приговор за незаконитости при извршувањето, подносителите на иницијативата сметаат дека со истите се исклучувала објективната одговорност на извршителите за настаната штета, што било спротивно на Уставот.
Неуставноста на оспорените законски одредби подносителите ја образложуваат од аспект на тоа како тие се применувале пред судовите, посочувајќи конкретни примери за тоа, од што се заклучувало дека оспорените законски одредби всушност ја исклучувала објективната одговорност на извршителот за настаната штета, односно дека со примената на оспорените законски одредби и со повреда на принципите по кои се спроведувало извршувањето на судски одлуки, директно се повредувале темелните вредности на Уставот, односно владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и еднаквоста пред Уставот и законите.
Меѓутоа, наводите во однос на тоа, како оспорените законски одредби фактички се применувале од страна на надлежни субјекти на конкретни случаи по вложени приговори за незаконитости при извршувањето, не се аргументи за оспорување на уставност на закон или негови одредби.
Наведеното од причини што Уставниот суд ја оценува согласноста на законите или нивни одредби со Уставот, но, од аспект на содржината која тие ја имаат наспрема Уставот, а не од аспект на тоа, дали и како законските содржини се применуваат од надлежни субјекти на конкретни случаи.
Со оглед дека во иницијативата отсуствуваат уставно-правни аргументи за оспорување на уставноста на законските одредби, Судот оцени дека во конкретниот случај се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот за отфрлање на иницијативата, поради постоење на процесни пречки за одлучување по истата.
Воедно, во однос на оспорениот член 43 став 2 од Законот за извршување, исполнет е уште еден услов за отфрлање на иницијативата врз основа на член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот, односно поради одлучена работа.
Имено, Уставниот суд, по повод претходно поднесена иницијатива, со Решение У.бр.152/2017 од 11.06.2018 година, не повел постапка за оценување на уставноста на член 43 став 2 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ број 72/2016 и 142/2016), бидејќи утврдил дека истиот не е во спротивност со Уставот.
Уставниот суд, во рамките на уставно-судската анализа на оспоренот член 43 став 2 од Законот за извршување, ги опсервирал и сега оспорените законски одредби кои се во контекст на оваа законска одредба, оценувајќи дека законското решение од член 43 став 2 од Законот, е во согласност со Уставот, наведувајќи дека неосновани биле наводите дека пропуштањето да се вложи приговор е ограничувачки услов, туку напротив ваквото законско решение води кон правна сигурност на сите учесници во извршната постапка, вклучително и на извршителот кој како лице со јавни овластувања утврдени со закон, директно одлучува за дејствијата што треба да се преземат во рамките на неговите овластувања, се со цел да се спроведе извршната исправа.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот утврди дека во конкретниот случај отсуствуваат процесни претпоставки за мериторно впуштање по иницијативата, што е причина за отфрлање на истата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот, а имајќи предвид дека Судот веќе се произнел за уставноста на оспорениот член 43 став 2 од Законот, исполнет е уште еден услов за отфрлање на иницијативата во однос на наведената законска одредба, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот, поради одлучена работа.
6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Дарко Костадиновски, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.47/2018
30 јануари 2019 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски