У.бр.101/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 23 јануари 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 15 став 1 точка 2, став 3 и став 4 од Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 25/2000, 34/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 37/2006, 18/2007, 36/2007, 82/2008, 98/2008, 6/2009, 67/2009, 50/2010, 156/2010, 53/2011, 26/2012, 16/2013, 91/2013, 187/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 112/2014, 113/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 98/2015, 129/2015, 150/2015, 154/2015, 192/2015, 217/2015, 27/2016, 37/2016, 120/2016, 142/2016 и 171/2017).

2. Адвокатот Маја Лазаревиќ од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот член 15 став 1 точка 2 од Законот не бил во согласност со член 39 став 1 од Уставот од причини што се ограничувало правото на здравствена заштита на вработените кои требало да користат боледување и не бил во согласност со член 42 од Уставот поради тоа што не го заштитувал мајчинството.

Во образложението на иницијативата се наведува дека според оваа оспорена одредба како услов се предвидувало придонесите од работниот однос да се уплатуваат редовно или со задоцнување од најмногу 60 дена. Уплатата на придонесите не зависела од вработените туку од работодавачите, кои поради неликвидност на фирмите или поради неодговорно работење оневозможувале нивните вработени да можат да отворат боледување, односно за идните мајки – породилно боледување.

Уплатата на придонесите се вршела заедно со платата за сите вработени преку овластени сметководители со МПИН кој се издавал од Управата за јавни приходи согласно Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување и Правилникот за начинот на пресметка и уплата на придонесите од задолжително социјално осигурување. Тоа значело дека не постои можност барем самиот вработен да си уплати средства во износ на неисплатените придонеси за да може да го оствари правото на боледување.

Понатаму, се наведува дека работодавачот – фирма најчесто штом нема уплата на плати и придонеси, се блокираат сметките, се поведува стечајна постапка и поради немање имот за распределба, фирмата се затвора, правејќи неможно вработените да можат да ги наплатат своите побарувања во форма на придонеси или УЈП да си ги наплати во евентуална стечајна постапка. Со неуплатени придонеси, кои единствено може да ги уплати фирмата, се губела засекогаш можноста на вработените да отворат боледување и да добијат надоместок на плата за време на боледувањето.

Не можејќи да користат боледување, посебно вработените бремени жени, биле принудени да дадат отказ или да добијат отказ што ги повредувало основните права, односно мајчинството.

Со тоа се повредувале одредбите на Законот за работни односи каде се уредени и заштитени правата на вработените (член 112, член 165, член 170).

Понатаму, со член 15 ставовите 3 и 4 од Законот за здравственото осигурување, таксативно се набројувале групите кои се ослободени од придонесите со што се ставале во неповолна ситуација категоријата на вработени претходно опишана.

Се чинело дека со секоја измена на законите се додавала нова категорија на работници, занемарувајќи ги оние на кои не по нивна вина, работодавачот не им ги исплаќал редовно придонесите, а поради причини претходно опишани, работникот немал како да издејствува брза и ефективна правда како би си го остварил уставно загарантираното право на боледување, односно кај работничките и породилно боледување.

Од наведените причини, подносителот на иницијативата смета дека штом се поништи или укине став 1 точка 2 од член 15 од Законот, тогаш не би имало потреба од постоење и на останатите ставови во истиот член кои се повикуваат на оваа точка од ставот (став 3 и став 4), поради што се предлага и нивно поништување или укинување.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да ги поништи или укине оспорените зконски одредби како спротивни на Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 15 став 1 точка 2 од Законот за здравственото осигурување, осигурениците од членовите 13 и 14 на овој закон можат да остварат право на надоместок на плата, ако придонесот за задолжителното здравствено осигурување редовно да е уплатуван или со задоцнување од најмногу 60 дена.

Според ставот 3 на истиот член, по исклучок од став 1 точка 2 на овој член осигуреникот до 29-годишна возраст, за кој со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност е предвидено ослободување од плаќање на придонесите од задолжителното социјално осигурување, остварува надоместок на плата без уплата на придонесот за задолжително осигурување за периодот за кој е ослободен од плаќање на придонесите од задолжителното социјално осигурување.

Согласно ставот 4 на истиот член, по исклучок од став 1 точка 2 на овој член осигурениците за кои со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност е предвидено ослободување од плаќање на придонесите од задолжителното социјално осигурување, остваруваат надоместок на плата без уплата на придонесот за задолжително осигурување за периодот за кој се ослободени од плаќање на придонесите од задолжителното социјално осигурување, и тоа:
– осигуреници на возраст до 35 години,
– осигуреници на возраст од 35 години до 50 години,
– осигуреници на возраст над 50 години,
– осигуреници кои се родители на три или повеќе деца, самохран родител и член на еднородителско семејство, приматели на социјална парична помош, деца без родители и родителска грижа, жртви на семејно насилство, инвалидно лице со утврдена инвалидност согласно со Законот за вработување на инвалидни лица и лице со утврдена намалена работна способност или професионална неспособност за работа за 50% согласно со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, професионални војници на кои им престанал работниот однос согласно со Законот за служба во Армијата на Република Македонија и родители на деца со пречки во развојот корисници на посебен додаток,
– осигуреници на возраст над 58 години и
– самовработени лица од алинеите 1, 2, 3, 4 и 5 на овој став.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување или ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

За обврската придонесот за задолжително здравствено осигурување редовно да се уплатува или со задоцнување од најмногу 60 дена, како услов за остварување на правото на надоместок на плата, Уставниот суд веќе расправал, при што со Решение У. Бр. 66/2004 од 16.06.2004 година, не повел постапка за оценување на уставноста на член 15 точка 1 од Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 25/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002 и 31/2003), затоа што оценил дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената законската одредба со член 1 став 1, член 8 став 1 алинеи 3 и 8, член 9, член 34, член 35 став 1, член 39 став 1 и член 42 став 1 од Уставот на Република Македонија.

Во ова решение Уставниот суд го утврдил и оценил следното:

„Судот на седницата утврди дека според членот 15 од Законот осигурениците од членовите 13 и 14 од овој закон можат да го остварат правото на надоместок на плата ако ги исполнуваат и следните услови:

1) придонесот за задолжителното здравствено осигурување редовно да е уплатуван или со задоцнување од најмногу 60 дена (оспорена точка);
2) оцената за привремена спреченост за работа ја дал избраниот лекар, односно лекарската комисија;

4. Според член 1 став 1 од Уставот, Република Македонија, освен што е суверена, самостојна и демократска, таа е и социјална држава.

Во член 8 алинеите 3 и 8 од Уставот, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени начелото на владеењето на правото и начелата на хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.

Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Според членот 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Со членот 39 став 1 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита.

Во членот 42 став 1 од Уставот е утврдено дека Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица.

Согласно наведените уставни одредби, системот на здравственото осигурување во Република Македонија, како дел од социјалното осигурување, кое во Уставот е утврдено како едно од основните слободи и права на човекот и граѓанинот, е уреден со Законот за здравственото осигурување, чија одредба се оспорува со оваа иницијатива.

Според овој закон здравственото осигурување се востановува како задолжително и доброволно. Задолжителното осигурување се востановува за сите граѓани на Република Македонија заради обезбедување на здравствени услуги и парични надоместоци врз начелата на сеопфатност, солидарност, еднаквост и ефективно користење на средствата под услови утврдени со овој закон (член 2 став 2 од Законот).

Во согласност со начелата на задолжителност и сеопфатност, во членот 5 став 1 од Законот таксативно се утврдени лицата – осигуреници кои подлежат на задолжителното здравствено осигурување, а во ставот 2 на овој член е утврдена можност граѓаните кои не се опфатени со задолжително здравствено осигурување доброволно да пристапат кон него. Освен на овие лица, според членот 6 од Законот, задолжителното здравствено осигурување се обезбедува и на членовите на нивните семејства, ако тие лично не се осигурени по некој основ од членот 5 на овој закон.

Покрај правото на здравствени услуги, во рамките на воспоставеното задолжително здравствено осигурување според членот 12 од Законот на осигурениците им се обезбедува и право на парични надоместоци и тоа: 1) право на надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа поради болест и повреда и за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство и 2) право на надоместок на патни трошоци.

Условите за остварување на правото на надоместок на плата се утврдени во членот 15 од Законот и во таа смисла според оспорената точка 1 од овој член еден од тие услови е придонесот за задолжително здравствено осигурување да е редовно уплатуван или со задоцнување од најмалку 60 дена.

Обврската за плаќање на придонесот за задолжително здравствено осигурување е утврдена во членот 38 од Законот и на неа подлежат сите осигуреници од членот 5 од Законот кои задолжително се осигуруваат.

Според членот 52 став 1 на Законот, за осигурениците за кои Фондот ќе утврди дека придонесот не е редовно уплатуван или уплатата задоцнувала повеќе од 60 дена, правата од задолжителното здравствено осигурување на осигурените лица се ускратуваат, освен правото на итна медицинска помош.

Од овие и другите одредби на Законот произлегува дека со задолжително здравствено осигурување по разни основи е опфатен најширок круг на граѓани со тоа што за граѓаните кои не се опфатени со ова осигурување е утврдена можност тие доброволно да пристапат кон задолжителното здравствено осигурување. На овој начин, според мислењето на Судот, со Законот за здравствено осигурување скоро на секој граѓанин на Република Македонија, во случаите и под услови утврдени со овој закон, му се обезбедува остварување на уставно утврденото право на социјална сигурност и социјално, односно здравствено осигурување, како и правото на здравствена заштита, кои се израз на социјалниот карактер на Република Македонија.

Во функција на остварување на наведените уставни права е и правото на надоместок на плата, за кое станува збор во оспорената законска одредба. Имено, со утврдување на ова право законодавецот, освен здравствена заштита, со овој закон обезбедил и социјална, односно материјална сигурност на осигуреникот, а со тоа и на неговото семејство, во случај кога тој поради болест или повреда не е во состојба да заработува. Меѓутоа, од оспорената и другите наведени законски одредби произлегува дека остварувањето на ова, како и на сите права од задолжителното здравствено осигурување е условено со редовно плаќање на придонесот за задолжително здравствено осигурување, со толеранција на задоцнување од најмногу 60 дена. Овој услов произлегува од задолжителноста на здравственото осигурување за сите граѓани опфатени во членот 5 од Законот и е во согласност со начелата на солидарност и еднаквост, врз основа на кои се заснова задолжителното здравствено осигурување.

Начелото на солидарност, според Законот, во суштина претставува заемен однос помеѓу сите осигуреници во задолжителното здравствено осигурување кој се остварува преку обврската за континуирано плаќање на придонесот за задолжително здравствено осигурување во одреден процент според висината на нивната плата, односно утврдената основица и користењето на основните здравствени услуги и други права утврдени во Законот, во случаи кога на осигурениците тоа им е потребно, односно кога ги исполнуваат условите за тоа. Вака сфатено начелото на солидарноста, според Судот, може да се протега само помеѓу осигурениците кои ја измируваат законската обврска за плаќање на придонесот, а не и осигурениците кои воопшто или редовно или подолго време не го плаќаат. Ова од причини што оваа обврска според Законот се однесува на сите осигуреници и што од нејзиното исполнување зависи обезбедувањето на материјалната основа, односно средства за остварување на правата од задолжителното здравствено осигурување. Во спротивно, секое изедначување на правата на осигурениците без оглед дали тие ја исполниле или не обврската за плаќање на придонесот би било во несогласност со начелото на солидарност, а би се довело во прашање и функционирањето на системот на здравственото осигурување, односно остварувањето на правата од ова осигурување.

Имајќи го предвид наведеното, како и фактот дека редовното уплатување на придонесот за задолжителното здравствено осигурување или со задоцнување од најмногу 60 дена, што како еден од условите за остварување право на надоместок на плата утврден во оспорената одредба еднакво се однесува за сите осигуреници кои можат да го остваруваат тоа право, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со одредбите од Уставот во однос на кои се оспорува нејзината уставност.

Во однос на наводите во иницијативата дека со оспорената одредба од Законот не се заштитувало мајчинството, што е и посебна причина за оспорување на нејзината согласност со членот 42 став 1 од Уставот, Судот смета дека се неосновани, затоа што во членот 14 од Законот како посебен случај во кој осигурениците под условите утврдени во членот 15 од Законот може да го остваруваат правото на надоместок на плата е утврдено отсуството од работа поради бременост, раѓање и мајчинство. Освен ова право, врз основа на бременоста, раѓањето и мајчинството со овој и други закони се предвидени и други права (пример: право на бесплатна здравствена заштита, право на надоместок на плата во случаи на отсуство од работа поради нега на дете до определена возраст и сл.), така што погрешно би било преку една одредба од Законот да се согледува посебната заштита на мајчинството што ја обезбедува Републиката.“

По донесувањето на наведеното решение на Уставниот суд, со членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 84/2005), во член 15 став 1 се додава нова точка 1, која гласи: „1) ако здравственото осигурување траело најмалку шест месеци пред настапување на случајот, освен во случаите на повреда на работа и професионално заболување;“. Точките 1 и 2 стануваат точки 2 и 3.

Така, член 15 точка 1 од Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 25/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002 и 31/2003), добива нова нумерација: член 15 точка 2, а со подоцнежните измени и дополнувања на членот 15 од Законот, одредбата добива нумерација член 15 став 1 точка 2. Содржината на оваа одредба воопшто не е менувана од денот на донесувањето на Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 25/2000) до денес, и покрај бројните изменувања и дополнувања на Законот.

Со сега доставената иницијатива повторно се бара од Уставниот суд да ја оцени согласноста на член 15 став 1 точка 2 од Законот за здравственото осигурување со член 39 став 1 и член 42 од Уставот, во суштина од истите причини како во предметот У.бр.66/2004, за кои Судот се произнел со своето решение, претходно цитирано, во кое утврдил дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со наведените уставни одредби.

Со оглед дека за оспореното прашање Судот веќе одлучил дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената законската одредба со член 39 став 1 и член 42 став 1 од Уставот на Република Македонија, а не постојат основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во тој дел.

Во однос на наводите во иницијативата со кои се бара од Уставниот суд да ја оцени уставноста на член 15 ставови 3 и 4 од Законот за здравственото осигурување, само од причини што истите се повикуваат на член 15 став 1 точка 2 од Законот, за кој подносителот смета дека бил неуставен, без никакви други аргументи за нивната неуставност, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата во овој дел и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во тој дел.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.101/2018
23 јануари 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски