У.бр.12/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 28 ноември 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 1 алинеи 1 и 2 во деловите: „со правосилна пресуда” и член 2 став 2 во делот: „изречена со правосилна пресуда” од Законот за амнестија („Службен весник на Република Македонија” број 11/2018).

2. Кристијан Трајковски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означен во точката 1 од Решението.

Според подносителот на иницијативата, зборовите „со правосилна пресуда” содржани во член 1 алинеи 1 и 2 и зборовите „изречена со правосилна пресуда” содржани во член 2 став 2 од Законот за амнестија, не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, членот 9 и членот 51 од Уставот, бидејќи лицата осудени на казна затвор кои се наоѓале во притвор во казнено-поправна установа или во домашен притвор до правосилноста на пресудата, се доведувале во нееднаква правна положба во однос на лицата за кои се однесувала амнестијата. Законот за амнестија уредувал дека амнестијата не ги опфаќала лицата кои делата предмет на амнестија ги сториле по 20 септември 2017 година, но, имало лица кои делата ги сториле пред наведениот период, но до денот кога Законот стапувал на сила за нив не можела да се примени мерката ослободување од извршување на казна затвор бидејќи пресудите се уште не им биле правосилни поради подолго траење на судските постапки што не зависело од обвинетите лица.

Со иницијативата се предлага оспорените делови содржани во законските одредби да бидат поништени заради изедначување на лицата осудени на казна затвор без правосилна пресуда кои се наоѓале во притвор во казнено-поправна установа или во домашен притвор, а кои делата не ги сториле по 20 септември 2017 година, со лицата осудени со правосилна пресуда на казна затвор за истите дела за кои се уредувала амнестијата, со што би се овозможило амнестијата, односно ослободувањето од извршување на казната затвор, да се однесува и за овие лица. Воедно се предлага и донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорените делови од законските одредби, поради ризик, лицата со правосилна пресуда и лицата со неправосилна пресуда, да се доведат во нееднаква положба пред Уставот и законите во остварувањето на правата и слободите.

3. Судот на седницата утврди дека со член 1 алинеи 1 и 2 од Законот за амнестија, се уредува ослободување од извршување на казна затвор, и тоа:

– на лицата осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со Кривичниот законик или други закони, кои на денот на влегувањето во сила на овој закон започнале или не започнале со издржување на казната затвор во казнено-поправните установи во Република Македонија,

– на лицата осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со кривични закони на друга држава доколку сторителот е државјанин на Република Македонија и казната ја издржува во Република Македонија врз основа на извршување на кривична пресуда на странски или меѓународен суд и истата е признаена со пресуда на надлежен суд во Република Македонија.

Со член 2 став 2 од овој закон, законодавецот пропишал дека осудени лица од членот 1 од овој закон на кои им е изречена казна затвор над шест месеци, се ослободуваат од издржување на 30% од целокупната казна изречена со правосилна пресуда (став 2).

Предмет на оспорување со иницијативата се зборовите: „со правосилна пресуда” содржани во алинеите 1 и 2 на членот 1 од Законот и зборовите: „изречена со правосилна пресуда” од ставот 2 на членот 2 од Законот.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото, е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Со членот 9 од Уставот е уредено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со член 68 став 1 алинеја 18 од Уставот, се утврдува дека Собранието на Република Македонија дава амнестија.

Амнестијата е право на простување (милост) на државата кон сторителите на казнени дела која во правните системи е позната како овластување на државата под услови пропишани со закон, против сторители на кривични дела да не се покренува казнено гонење или на веќе осудените лица казната да им биде простена или ублажена. Институтот амнестија наоѓа смисла во неприкосновеното право на казнување на државата, од каде произлегува и правото на простување на сторителот на казненото дело.

Според Уставот на Република Македонија, орган за давање на амнестија во нашата држава е Собранието на Република Македонија.

Во однос на амнестијата, Уставот само утврдува овластување за законодавецот да дава амнестија, но не го определува видот на амнестијата, ниту за кои кривични дела и сторители таа ќе се однесува, со што овие прашања се препуштени поблиску да ги уреди законодавецот како овластен давател на амнестијата со актот на амнестија.

Со членот 113 (амнестија) од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија” број 37/1996,…и 97/2017), законодавецот ги определил видовите на амнестија, односно дека на лицата кои се опфатени со акт за амнестија им се дава ослободување од гонење или потполно или делумно ослободување од извршување на казната, им се заменува изречената казна со поблага казна, им се определува бришење на осудата или им се укинува определена правна последица од осудата.

Од донесувањето на Уставот на Република Македонија до денес, правото за давање на амнестија законодавецот го има искористено неколку пати, при што самиот го утврдил видот на амнестијата, за кои кривични дела и за кои лица истата ќе се однесува, имајќи во вид дека не постои уставно ограничување за тоа.

Имајќи предвид дека во Уставот нема ограничување за законодавецот за начинот на кој ќе ја одреди амнестијата, ниту во поглед на категоријата на лица на казнени дела, ниту во поглед на категоријата на сторители или осудени лица кои ќе бидат опфатени со амнестијата, ниту во поглед на определени казни, ниту ограничување во однос на степенот и обемот од ослободување од извршување на изречена казна затвор, неспорно произлегува дека законодавецот има право со конкретен Закон за амнестија да ги определи лицата на кои ќе се однесува ослободувањето од извршување на казна затвор, односно амнестијата, а на кои тоа нема да се однесува.

Потребата од донесување на конкретен акт за амнестија може да биде различна, па во зависност од таа потреба и целта која сакал законодавецот да ја постигне со амнестијата, амнестијата може да се однесува за определени казнени дела, определена категорија на сторители или осудени лица, или пак определени казни, што законодавецот го утврдува во секој конкретен акт за амнестија.

Во конкретниот случај, Собранието на Република Македонија користејќи го уставното право и овластување за давање на амнестија, повторно го употреби своето право на простување на сторителите на казнени дела, донесувајќи го предметниот Закон за амнестија во јануари 2018 година.

Тргнувајќи од причините наведени во Предлог-законот за амнестија како што се условите во казнено-поправните установи кои треба да овозможат и обезбедат успешна ресоцијализација на осуденичката популација, нивната пренатрупаност и ниските услови за престој, оценети од меѓународните организации како нехумани, како и реалната опасност од криминална инфекција во казнено поправните установи, законодавецот неопходно оценил за потребно донесување на еден ваков закон.

Следствено, Собранието на Република Македонија како овластен давател на амнестија, го донел предметниот закон за давање на амнестија како еднократна милост на државата кон определена категорија на сторители на кривични дела и за одреден вид кривични дела, а согласно причините од кои се раководел при оцената за конкретната амнестија со Законот, како и целта која треба да се постигне со истата, законодавецот го определил видот на амнестијата, односно ослободување од извршување на казна затвор, ги прецизирал условите за ослободување од извршување на казната затвор и го определил опфатот на осудените лица врз кои таа ќе биде применета.

Имено со член 1 алинеи 1 и 2 од Законот за амнестија, законодавецот пропишува дека со овој закон се уредува ослободување од извршување на казна затвор, и тоа:

-на лицата осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со Кривичниот законик или други закони, кои на денот на влегувањето во сила на овој закон започнале или не започнале со издржување на казната затвор во казнено-поправните установи во Република Македонија,

-на лицата осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со кривични закони на друга држава доколку сторителот е државјанин на Република Македонија и казната ја издржува во Република Македонија врз основа на извршување на кривична пресуда на странски или меѓународен суд и истата е признаена со пресуда на надлежен суд во Република Македонија.

Со член 2 став 2 од овој закон, законодавецот пропишал дека осудени лица од членот 1 од овој закон на кои им е изречена казна затвор над шест месеци, се ослободуваат од издржување на 30% од целокупната казна изречена со правосилна пресуда.

Според член 3 став 2 од Законот, амнестијата не се однесува и на лицата кои делата предмет на амнестија ги сториле по 20 септември 2017 година.

Предмет на оспорување со иницијативата се зборовите: „со правосилна пресуда” содржани во алинеите 1 и 2 на членот 1 од Законот и зборовите: „изречена со правосилна пресуда” од ставот 2 на членот 2 од Законот.

Во конкретниот случај, подносителот на иницијативата смета дека законодавецот нееднакво постапил спрема граѓаните уредувајќи ги оспорените делови во законските одредби, бидејќи со тоа уредил неможност неправосилно осудените лица во периодот за кој се однесува амнестијата и тие како и правосилно осудените лица, да бидат амнестирани, со што ги ставил во нееднаква правна положба пред Уставот и законите во остварувањето на нивните слободи и права.

Ваквите наводи според Судот, не можат да ги доведат под уставно сомнение оспорените содржини од член 1 алинеи 1 и 2 и член 2 став 2 од Законот за амнестија во однос на принципот на еднаквост од член 9 на Уставот, поради следното:

Како прво, законодавецот определувајќи го видот и обемот на амнестијата (целосно или делумно ослободување од извршување на казна затвор), ја определил и категоријата на лица на кои истата ќе се однесува, во случајов тоа се правосилно осудени лица на казна затвор.

Имајќи го предвид видот на амнестија за кој се определил законодавецот со предметниот Закон за амнестија, а тоа е ослободување од извршување на казна затвор, во случајов разбирливо е дека амнестијата не се однесува за неправосилно осудени лица на казна затвор. За осудено се смета лице за кое со правосилна пресуда е утврдено дека е кривично одговорно за определено кривично дело, така што неправосилно осудено лице на казна затвор се уште не може да се смета за виновно се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда, а до правосилноста на пресудата, неизвесен е исходот од кривичната постапка која може да заврши со донесување на пресуда со која се одбива обвинението или пресуда со која обвинетиот се ослободува од обвинение. Амнестијата не може да се однесува на идни дела, а имајќи предвид дека амнестијата е неотповиклива, Собранието не може да донесе закон со кој ќе ја повлече веќе дадената амнестија во случај кривичната постапка да заврши со пресуда со која се одбива обвинението или пресуда со која обвинетиот се ослободува од обвинение.

Како второ, со Уставот на Република Македонија, дел втори, се утврдени основните слободи и права на човекот и граѓанинот, а според принципот на еднаквост од членот 9 од Уставот, граѓаните се еднакви во слободите и правата, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верско уверување, имотната и општествената положба. Според принципот на еднаквост граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.

Принципот на еднаквост е во функција на обезбедување на еднаков третман на граѓаните во можностите од практикување на нивните уставно загарантирани слободи и права. Принципот на еднаквост обезбедува лицата кои се во иста категорија и иста правна ситуација, под еднакви услови и критериуми да ги ползуваат тие права.

Меѓутоа, со Уставот на Република Македонија, амнестијата не е утврдена како право на граѓаните, туку како право на законодавецот со закон да пропишува давање на амнестија.

Во конкретниот случај, законодавецот преку уставното овластување да дава амнестија, го определил степенот на ослободување од извршување на изречената казна затвор, како и ја одредил категоријата на лица кои ќе бидат опфатени со амнестијата, односно лицата на кои амнестијата нема да се однесува.

Принципот на еднакво постапување, во случајов, не може да се разгледува со компарирање односно ставање во сооднос на опфатените лица со Законот, од една страна и лицата кои не се опфатени со Законот, од друга страна.

Принципот на еднаквост може да се разгледува само помеѓу опфатената категорија на осудени лица со Законот за амнестија, бидејќи само опфатените лица со актот на амнестија, кои подеднакво ги исполнуваат условите пропишани во Законот за амнестија, се еднакви во можностите од ослободување од извршување на казна затвор.

Притоа, случаите на евентуално нееднаков третман на некое или некои од лицата кои припаѓаат на категоријата осудени лица, кои се опфатени со Законот за амнестија, е фактичко прашање, односно прашање од сферата на примената на Законот, а со членот 5 од Законот за амнестија се определени субјектите надлежни за спроведување на постапката за примената на овој закон, во кој истовремено се уредени правни средства за осуденото лице доколку смета дека при спроведувањето на овој закон, истото е нееднакво третирано во можностите од искористувањето на амнестијата која ја дава Собранието на Република Македонија.

Наводите од иницијативата дека имало лица кои делата ги сториле пред наведениот период (20 септември 2017 година), но до денот кога Законот стапувал на сила за нив не можела да се примени мерката ослободување од извршување на казна затвор бидејќи пресудите се уште не им биле правосилни поради подолго траење на судски постапки што не зависело од обвинетите лица, се всушност наводи со кои се оспоруваат законски одредби од аспект на можни правни фактички ситуации, и кои се сведуваат на барање Уставниот суд да навлезе во прашања како треба да се формулира правната политика во однос на амнестијата во вакви можни ситуации, што не е во надлежност на Уставниот суд, туку на Собранието, кое е уставно овластено да одлучува по прашањето дали треба, кои осудени лица и за кои дела ќе се однесува амнестијата.

Во однос на амнестијата, прашањето од гледиштето на Уставот не е дали Уставниот суд, или некој друг, смета дека треба или не треба, токму лицата опфатени со Законот за амнестија да бидат амнестирани, да не бидат амнестирани или и други да бидат амнестирани (Уставниот суд не може да се стави на местото на Собранието и да ја врши неговата улога), туку дали имало уставно овластување Собранието за тоа што го направило или немало.

Оттука, прашањето, зошто некои сторители на кривични дела, немаат право на амнестија, а други да имаат, според Судот е неосновано, затоа што не постои право на амнестија на граѓаните за да се стават во контекст на еднаквост, туку постои прерогатив за давање амнестија.

5. Имајќи го предвид погоре наведеното, уставното овластување Собранието да дава амнестија, кое истовремено подразбира и негово право да го определи степенот на ослободување од извршување на изречената казна затвор, како и да ја одреди категоријата на лица кои ќе бидат опфатени со амнестијата, односно лицата на кои амнестијата нема да се однесува, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорените делови од член 1 алинеи 1 и 2 во деловите: „со правосилна пресуда” и член 2 став 2 во делот: „изречена со правосилна пресуда” од Законот за амнестија со одредбите на Уставот на кои се повикува подносителот со иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.12/2018
28 ноември 2018 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски