Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 октомври 2018 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето за заштита на слободи и права од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, поради повреда на член 16 став 3 од Уставот со кој се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации, настаната со дејствие на ден 15.05.2018 година од страна на претседателот на Советот во судска постапка по конкретен предмет КОК.бр.47/2017 на Основниот суд Скопје 1 Скопје.
2. Васко Маглешов од Струмица, застапуван од адвокат Павлина Зефиќ од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободи и права означено во точката 1 од ова решение.
Според наводите во барањето подносителот Васко Маглешов од Струмица бил вработен во Друштвото за новинарско издавачка дејност Новинска агенција „Макфакс“ ДООЕЛ Скопје.
Претседателот на Врховниот суд на Република Македонија постапувајќи по барање на Новинската агенција „Макфакс“, за следење и фотографирање на судскиот процес по предметот КОК.бр.47/17 во Основниот суд Скопје 1 Скопје, донел Решение бр.03-823/17-2 од 18.12.2017 година со кое се одобрувало следење на наведениот судски процес од страна на „Макфакс“ и тоа од страна на еден новинар и фотограф и ова решение било со важност за термините на сите закажани главни расправи по наведениот предмет.
Меѓутоа, и покрај добиеното одобрение, на закажаната јавна расправа на 15.05.2018 година во Судот за предметот КОК.бр.47/17, на новинарот Васко Маглешов не му се дозволило да врши снимање во судницата. Имено, претседателот на Советот на расправата тој ден не дозволил во судницата да се снима без образложение за причините на таа забрана, поради што Васко Маглешов како новинар на новинската агенција „Макфакс“ бил неосновано попречен во правото да пренесе информации и снимки од главната расправа до пошироката јавност и покрај исполнетост на сите предуслови за такво делување.
Уставот на Република Македонија во членот 16 ја гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Оваа слобода подразбирала и право на пренесување на информации, кое било особено значајно за новинарите кои се јавуваат како чувари на демократијата и мост меѓу институциите и граѓаните.
Европската конвенција за заштита на човековите права со членот 10 ја гарантира слободата на изразување кое право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт, кое право може да биде ограничено само со закон, ако постои легитимна цел и е соодветно и неопходно во едно демократско општество.
Во конкрениот случај, ограничувањето на пренесување на информации, преку снимање на одредени кадри на главна расправа која е јавна, не е предвидено со Законот за кривичната постапка, односно не содржи експлицитни одредби за ваков вид на ограничување од страна на претседателот на Советот, па тоа значи дека тој нема дискреционо право да забрани снимање на делови на судење при веќе обезбедена дозвола онака како што налага самиот закон. Бидејќи ова ограничување не е предвидено со закон, не постои ниту легитимна цел за ограничувањето, ниту тоа е израз на едно демократско општество.
Од погоре изнесеното, според подносителот на барањето произлегува дека со повредата на член 16 став 3 од Уставот и повредата на членот 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права, настапени се услови согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, за уважување на барањето од страна на Уставниот суд на Република Македонија и за донесување на одлука со која ќе се утврди повреда на правото на слободата на изразување која ги опфаќа слободниот пристап на информации, слободата на примање и пренесување на информации.
3. Судот на седницата утврди дека Решението на претседателот на Врховниот суд на Република Македонија за одобрување на следење на судскиот процес по конкретниот кривичен предмет со важност за сите закажани главни расправи, се однесува за еден новинар и фотограф вработени во Независната новинска агенција „Макфакс“.
Решението, се засновува на член 360 став 3 од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010, 100/2012 и 142/2016), кој гласи:
„Во судницата не можат да се вршат филмски и телевизиски снимања. По исклучок, претседателот на Врховниот суд на Република Македонија може да одобри такво снимање на одделна главна расправа. Ако снимањето е одобрено, советот на главната расправа може од оправдани причини да одлучи одделни делови на главната расправа да не се снимаат“.
Во образложението на конкретното Решение на претседателот на Врховниот суд се наведува, меѓу другото, дека ова одобрение е врз основа на членот 360 став 3 од Законот за кривичната постапка, и дека: „Одлучувајќи по барањето, претседателот на Врховниот суд на Република Макдонија во смисла на означената одредба, одобри снимање и фотографирање на главниот претрес по споменатиот кривичен предмет, со тоа што Советот има законско овластување да определи кои делови од главниот претрес ќе се снимаат односно нема да се снимаат, како и да определи дали ќе се врши тонско снимање“.
Од изнесеното, неспорно произлегува дека следењето со снимање на главната расправа на 15.05.2018 година по конкретниот предмет е фактичко прашање на постапување на судечкиот Совет во однос на тоа дали ќе го ограничи или забрани снимањето во текот на судењето. Имено, Советот го диктира водењето на судската постапка во која може следењето да го дозволува и само снимањето да го забранува како прашање на проценка на Советот заради непречено течење на главната расправа и утврдување на фактите битни за судењето во конкретниот кривичен предмет. Генералното одобрение за следење на судскиот процес по конкретниот предмет не го елиминира правото на судечкиот Совет да го димензионира следењето со овозможување на следење но со забрана на снимање, од страна на новинар и фотограф од новинската агенција „Макфакс“. Со оглед на тоа што во барањето не се истакнува дека на други новинари им било дозволено снимање, а само на новинарот и фотографот на „Макфакс“ не им било дозволено снимање, се доаѓа до заклучок дека воопшто снимањето на главната расправа одржана на 15.05.2018 година не било дозволено и немало посебен исклучок за лицата од „Макфакс“.
Факт е, исто така, дека со барањето се оспорува дејствие на претседателот на Советот за забрана на снимање по конкретниот предмет сторено во тек на главна расправа одржана на 15.05.2018 година. Со тоа, барањето до Уставниот суд се сведува на обид преку издејствување на одлука за повреда на слободи и права да се спречи во иднина можност на Советот да го ограничи или да го забрани снимањето на конкретиот судски процес, издигајќи го генералното одобрение за „следење“ на главните расправи по тој предмет како апсолутно право дадено од претседателот на Врховниот суд повисоко од правото на Советот да го раководи судењето од аспект на јавноста и следењето од медиуми, и со тоа Советот да се ограничи во работата. Имено, барањето за заштита на слободи и права, во конкретниов случај се сведува на издејствување на одлука со која Уставниот суд ќе интервенира во постапките на Советот на главните расправи по предметот КОК.бр.47/17, по однос на прашањето за следење без снимање од страна на „Макфакс“ и да утврди дека треба да има следење со снимање, а случката од 15.05.2018 година да се смета како повреда на права на барателот, поради попречување на следењето со снимање.
4. Согласно членот 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, претставуваат една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Во вториот дел од Уставот, кој се однесува на „Основните слободи и права на човекот и граѓанинот“, со одредбите од членовите 9 – 60 се утврдени граѓанските и политичките слободи и права, економските, социјалните и културните права, потоа гаранциите на основните слободи и права и основите на економските односи.
Со Уставот начелно се дефинирани основните слободи и права на човекот и граѓанинот, нивната конкретизација е во законите и другите прописи и општи акти, а за имплементацијата на прописите врз конкретни ситуации постои судска заштита и надлежност на други органи во организацијата на власта.
Согласно членот 108 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста.
Со членот 110 од Уставот, децидно се утврдени надлежностите на Уставниот суд. Според алинеите 1 и 2 од овој член од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според алинеја 3 од овој член од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Посебно уставно – судската заштита не се однесува на сите слободи и правата утврдени со Уставот, туку на дел од нив. Тие се како надлежност на Уставниот суд на Република Македонија определени во член 110 алинеја 3 од Уставот. Имено, и во членот 50 од Уставот јасно е утврдено дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапката заснована врз начелата на приоритет и итност.
Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
Со член 16 став 1 од Уставот се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, а според ставот 2, се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање. Според ставот 3 на овој член, се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации, а според ставот 4, се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање. Во ставот 5 на овој член е гарантирано правото на исправка во средствата за јавно информирање, а во ставот 6 се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање. И според ставот 7 од истиот член од Уставот, цензурата е забранета.
За целосно остварување на вака утврдената уставна слобода и право, нужно е да се почитуваат и европските стандарди и меѓународните договори за слободата на информирањето, гарантирани во Универзалната декларација за човековите права (донесена на 10 декември 1948 година) и Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права (донесен на 16 декември 1966 година), кон кои Република Македонија пристапи врз основа на Одлуката за пристапување кон меѓународно-правните документи за основните човекови права и слободи донесени од ООН, објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр. 57/1993 од 23 септември 1993 година и во Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи на Советот на Европа, која е ратификувана со Закон објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.11/1997.
Според член 19 од Универзалната декларација за човековите права, секој има право на слобода на мислење и изразување. Ова право ја вклучува и слободата да се застапува одредено мислење без никакво вмешување и да се бараат, да се примаат и да се даваат информации и идеи преку медиумите и без оглед на границите.
Според член 19 од Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права се предвидува дека никој не може да биде вознемируван поради своите мислења, а според ставот 2 на овој член, секој има право на слобода на изразувањето. Ова право без оглед на границите, ја подразбира слободата на изнаоѓање, примање и ширење на информации и идеи од сите видови во усна, писмена, печатена или уметничка форма или на кој да е начин по слободен избор.
Во членот 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи на Советот на Европа е предвидено дека секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и пренесување на информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Остварувањето на овие слободи, коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под определени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштита на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судењето.
Во тој контекст слободата на примање и пренесување на информации не само што е основна човекова слобода и право, туку е и услов за остварување на сите други слободи и права на човекот како свесно човеково битие и како носител на општествено-политичките активности, право на човекот да биде известен за настаните во земјата и светот како и право да основа институции за јавно ифнормирање кои ќе бидат во функција на развојот на слободата на печатот и другите средства за општење. Ваквото уставно уредување несомнено укажува на значењето на оваа дејност во државата заради нејзините широки можности за влијание врз јавното мислење и тековите на општествениот развиток и политичките активности во земјата, како и на политичката определба за полна слобода на дејствување и организирање. Исто така, со уставната гаранција за слободно основање на институции за јавно информирање Уставот овозможува конкурентност и во јавното информирање што е од особено значење за формирање на јавното мислење и неговото влијание како на власта, така и на политичките субјекти, како и за определување на граѓаните при одлучувањето.
5. Во конкретниов случај, поаѓајќи од барањето до Уставниот суд, подносителот се повикува на заштита на слободи и права без да конкретизира по кој основ од член 110 алинеја 3 од Уставот се однесува барањето за заштита.
Притоа, барателот се повикува на повреда на членот 16 став 3 од Уставот, кој се однесува на гаранцијата на слободниот пристап кон информации, слободата на примање и пренесување на информации.
Повредата на членот 16 став 3 од Уставот, според наводите во барањето, била сторена со дејствие на претседателот на Советот на главната расправа во судската постапка по конкретен кривичен предмет КОК.бр.47/17 во Основниот суд Скопје 1 Скопје, одржана на 15.05.2018 година, кога тој забранил да се врши снимање на судењето и со тоа на новинарот и фотографот на новинската агенција „Макфакс“ им биле повредени правата од член 16 став 3 од Уставот, а со тоа биле повредени правата од член 110 алинеја 3 од Уставот.
Имајќи ја предвид изнесената фактичка и правна ситуација, се оцени дека во случајов само декларативно се бара Уставниот суд на Република Македонија да одлучи по предметното барање со прикажување на одредено дејствие од страна на претседателот на Советот на главната расправа по предметот КОК.БР.47/17 во Основниот суд Скопје 1 Скопје, како повреда на уставно утврдени слободи и права, а со цел Уставниот Суд да интервенира во начинот на работењето на Советот на главните расправи по наведениот предмет, што не е во надлежност на Уставниот суд.
Имено, во случајов се бара Уставниот суд преку инструменот на заштита на слободи и права, да оцени дека незаконито постапил претседателот на Советот со забраната за снимање на судењето на 15.05.2018 година и со тоа Уставниот суд преку инструментот на заштита на слободи и права да се вмеша во работата на Советот кој раководи со судењето, со тоа што ќе утврди дека на ден 15.05.2018 година како и на сите идни главни расправи следењето на судењето можело да опфати и снимање и истото не смеело да се забрани од страна на претседателот на Советот, меѓутоа овие цели кои произлегуваат од барањето не се аргументи за мериторно одлучување по барањето, а со тоа не се настапени ниту деловнички претпоставки за мериторно одлучување.
Имено, за Уставниот суд повикувањето во барањето да се заштитат права од корпусот на слободи и права утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, а поради повреда на член 16 став 3 од Уставот, со тоа што би се утврдило дека незаконито постапил претседателот на Советот во текот на главната расправа на 15.05.2018 година и со тоа да се проектира идно постапување односно да се интервенира во идно работење по предметот не е аргумент кој би довел за покренување на уставно-судскиот механизам за заштита на слободи и права, туку е барање за мешање во работата на Советот кој има законско овластување да го води и раководи судењето, што не е во надлежност на постапување и одлучување на Уставниот суд на Република Македонија.
6. Врз основа на изнесеното, согласно наведените уставни и деловнички одредби, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.60/2018
24 октомври 2018 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски