Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеи 1и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 3 октомври 2018 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 1 од Законот за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија” бр. 156/2010).
2. Драгица Спасиќ од с.Умин Дол, Куманово до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата означена во точката 1 на ова решение.
Според наводите во иницијативата, законската одредба од членот 72 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување што била донесена во 2010 година и објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.156/2010, била донесена со задоцнување, бидејќи по укинувањето на одредбата од член 72 став 1 и 4 и член 73 ставови 2 и 3 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, настанала правна празнина, период во кој ниту еден граѓанин на Република Македонија не можел да оствари право на семејна пензија без оглед на годините на старост. Проблемот до денес не бил решен иако во меѓувреме имало повеќе од 20 интервенции во Законот.
Подносителот смета дека со оспорената одредба бил повреден член 30 од Уставот, бидејќи во периодот од 24.09.2010 до 06.12.2010 постоел правен вакуум во кој било оневозможено остварувањето на правото на наследство.
Со иницијативата се предлага да се укине оспорената одредба од членот 72 во делот кој се однесува на старосната граница, бидејќи во форма и на начин на кој бил донесен, не давал можност за остварување на право на наследство на семејната пензија. Ниту новиот Закон за пензиско и инвалидско осигурување донесен во 2012 година, со измените што уследиле потоа, не го регулирале ова прашање.
3. Судот на седницата утврди дека членот 72 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување содржината што ја оспорува подносителот на иницијативата ја добил со членот 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.156/ 2010 година, кој бил донесен по укинувачката одлука на Уставниот суд У.бр.83/2009 од 15 септември 2010 година.
Согласно овој член, вдовица стекнува право на семејна пензија, ако:
1) до смртта на осигуреникот наполнила 50 години живот;
2) до смртта на брачниот другар била неспособна за работа или таква неспособност настанала во рок од една година од денот на смртта на брачниот другар;
3) по смртта на брачниот другар останале едно или повеќе деца кои имаат право на семејна пензија по тој брачен другар, а вдовицата ги врши родителските должности спрема тие деца или
4) до смртта на брачниот другар имала наполнети 45 години, кога ќе наполни 50 години живот – или ако во тие години станала неспособна за работа.
Вдовицата која во текот на користењето на правото по основ на вршење на родителската должност (став 1 точка 3) стане неспособна за работа или наполни 50 години живот трајно го задржува правото на семејна пензија.
Вдовицата која го загубила правото на семејна пензија по основ на вршење на родителската должност по наполнети 45 години живот, стекнува право на семејна пензија кога ќе наполни 50 години живот.
Вдовец стекнува право на семејна пензија под условите уредени со ставовите 1, 2 и 3 на овој член.
4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат процесни пречки за постапување по иницијативата.
Од содржината на иницијативата и нејзините наводи произлегува дека подносителот ја оспорува одредбата од членот 72 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување бидејќи таа не давала можност за остварување на семејна пензија без оглед на годините на старост. Подносителот смета дека по укинувачката одлука на Уставниот суд У.бр.83/2009 од 15 септември 2010 година, настанала правна празнина и дека ниту новиот Закон за пензиско и инвалидско осигурување не го решил овој проблем.
По укинувачката Одлука на Уставниот суд У.бр.83/2009 од 15 септември 2010 година, со која Судот ги укинал член 72 став 1 точките 1 и 4 и ставовите 2 и 3 и член 73 став 1 точките 1 и 4 и ставовите 2 и 3 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993, 3/1994, 14/ 1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005, 70/2006, 153/2007, 152/2008, 161/2008 и 81/2009), Собранието на Република Македонија во декември 2010 година го изменил членот 72 од Законот, на тој начин што, согласно образложението на Уставниот суд, ги изедначил вдовецот и вдовицата во поглед на условите за стекнување на семејна пензија. При уредувањето на прашањето, законодавецот го задржал решението семејната пензија да се стекнува со навршување на определена возраст (50 години), којашто подеднакво важи и за мажите и за жените.
Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 30 јули 2012 година го донесе Законот за пензиското и инвалидското осигурување кој беше објавен во Службен весник на Република Македонија бр.98/2012.
Согласно член 248 од Законот, со денот на влегувањето на сила на овој закон престануваат да важат Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр. 80/1993, 3/1994, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005, 70/2006, 153/ 2007, 152/2008, 161/2008, 81/2009, 156/2009, 83/2010, 156/2010, 24/ 2011, 51/2011 и 11/2012).
Од наведеното произлегува дека со денот на влегувањето во сила на важечкиот Закон за пензиско и инвалидско осигурување, оспорената одредба од членот 72 не е веќе во правниот поредок, поради што постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, односно се исполнети условите од член 28 алинеја 3 за отфрлање на иницијативата.
Во однос на наводите дека и новиот Закон за пензиско и инвалидско осигурување предвидува старосна граница за стекнување на семејна пензија, согласно востановената уставно-судска практика на овој Суд, регулирањето на правата од областа на пензиското и инвалидското осигурување и условите под кои тие права се стекнуваат спаѓа во доменот на законодавната власт и не е во надлежност на Уставниот суд.
Уставниот суд согласно Уставот е надлежен да ја оценува согласноста на законите со Уставот, односно согласноста на подзаконските прописи со Уставот и со законите, при што Судот одредбите ги оценува според содржината што ја имаат, а не според содржина што подносителот на иницијативата смета дека треба да ја имаат, за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува.
Имајќи ги предвид наводите во иницијативата, Судот смета за потребно да укаже дека во ситуации кога поради укинувачка одлука на Уставниот суд настанува правна празнина, Уставниот суд не може на законодавецот непосредно да му наметне обврска да донесе нов закон или нова законска одредба наместо оние што престанале да важат како последица на одлуката на Уставниот суд, ниту пак да му укаже со каква содржина треба да биде новата законска одредба. Оттука, пополнувањето на правната празнина што настанала како резултат на престанувањето на важењето на неуставниот закон е задача на законодавниот орган односно на Собранието на Република Македонија, а не е прашање од надлежност на Уставниот суд.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.43/2018
03.10.2018 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски