Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 9 јули 2018 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Василчо Дамчески од Крушево, со кое бара заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на политичка припадност, за кои смета дека му се повредени со Решение бр.04-28712/15 од 30.11.2017 година, донесено од државниот секретар во Министерството за надворешни работи и Одлука УПбр. 09-634 од 26.12.2017 година, донесено од Агенцијата за администрација.
2. Василчо Дамчески од Крушево, преку полномошник, адвокат Александар Петковски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе барање за заштита на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на политичка припадност, кои смета дека му´ биле повредени со актите означени во точка 1 од Решението.
Во барањето, подносителот изнесува хронологија на настани, поврзани со водена дисциплинска постапка против него, заради негово присуство во Собранието на Република Македонија на протестите на 27 април 2017 година, која резултирала со изрекување на дисциплинска мерка престанок на работниот однос во Министерството.
Имено, министерот за надворешни работи на 07.06.2017 година, упатил допис до Министерството за внатрешни работи со кој побарал информација за евентуално учество на лица од редот на вработените во Министерството за надворешни работи. Министерот посебно го интересирало дали на настанот кој се случил на 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија, барателот и уште двајца негови колеги, биле учесници. Бараната информација министерот ја појаснувал со тековната постапка за упатување на мандат во дипломатско-конзуларни претставништва на Република Македонија, следствено доколку некој бил предмет на кој и да е облик на истрага, со нивното упатување, ќе се отежнела нивната достапност за евентуални истражни дејствија.
Министерството за внатрешни работи, одговорило на бараната информација, примена во Министерството за надворешни работи на 22.09.2017 година, во кој одговор се посочувало името на барателот и уште двајца негови колеги, како и дека за тоа било поднесено известување до Основното јавно обвинителство-Скопје.
По добиената информација министерот за надворешни работи, до непосредно претпоставениот раководител на барателот, иницирал покренување на дисциплинска постапка против барателот, по што непосредно претпоставениот раководител на барателот, поднел предлог за поведување на дисциплинска постапка против барателот, за утврдување на негова дисциплинска одговорност.
Комисијата за водење на дисциплинска постапка за дисциплински престап на Министерството за надворешни работи, на 31.10.2017 година, закажала и одржала расправа, на која барателот дал изјава за што бил изготвен Записник за одржана расправа.
По одржаната расправа, со Решение бр.04-28712/15 од 30.11.2017 година, донесено од државниот секретар на Министерството за надворешни работи, на барателот му била изречена дисциплинска мерка престанок на работниот однос во Министерството.
Против Решението барателот вложил жалба до Комисијата на Агенцијата за администрација за одлучување по жалби и приговори на административните службеници во втор степен, меѓутоа со Одлука УПбр. 09-634 од 26.12.2017 година, жалбата била одбиена како неоснована, а Решенито на Министерството, било потврдено.
Барателот смета дека со актите на Министерството за надворешни работи и Агенцијата за администрација, се вршела и повреда на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија кои се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на политичка припадност.
Воедно со барањето се предлага Уставниот суд да ги поништи посочените акти, да ги отстрани последиците на начин што ќе го задолжи Министерството за надворешни работи, да го врати барателот на работа на претходното работно место, во рок од 8 дена од приемот на одлуката, а под страв од присилно извршување.
Кон барањето, е приложено: Решение за вработување бр.04-6508/1 од 15.08.2013 година во Министерството за надворешни работи и Решение за распоредување и плата бр.04-30159/1 од 04.09.2014 година; Одлука бр.04-11047/14 од 18.05.2017 година, за избор на барателот во групата на високи дипломатски звања во Амбасадата на Република Македонија во Москва; Допис бр.07-69/1 од 07.06.2017 година на министерот за надворешни работи до Министерството за внатрешни работи; Одговор на барана информација бр.08-61430/2 од 14.09.2017 година од Министерството за внатрешни работи; Иницијатива Инт.бр.352 од 05.10.2017 година, од министерот за надворешни работи до непосредно претпоставениот раководител на барателот, за покренување на дисциплинска постапка против барателот; Предлог за поведување на дисциплинска постапка бр.04-28712/1 од 13.10.2017 година, за утврдување на дисциплинска одговорност на барателот; Записник од одржана расправа бр.04-28712/8 од 31.10.2017 година на Комисијата за водење на дисциплинска постапка при Министерството за надворешни работи; Решение бр.04-28712/15 од 30.11.2017 година, на Министерството за надворешни работи, за изречена дисциплинска мерка на Василчо Дамчески за престанок на работниот однос во Министерството за надворешни работи; Жалба од вработениот до Агенцијата за администрација-Комисија за одлучување по жалби и приговори на административните службеници во втор степен; Одлука на Агенцијата за администрација, УПбр.09-634 од 26.12.2017 година, со која се одбива вложената жалба како неоснована, а обжаленото решение се потврдува, со правна поука за правото на понатамошни правни средства пред надлежен суд, против второстепената одлука.
3. Судот на седницата утврди дека на Василчо Дамчески од Крушево со Решение бр.04-28712/15 од 30.11.2017 година, на Министерството за надворешни работи, му била изречена дисциплинска мерка престанок на работниот однос во Министерството за надворешни работи, како и дека со Одлука на Агенцијата за администрација, УПбр.09-634 од 26.12.2017 година, му била одбиена жалбата против истото, како неоснована, а обжаленото решение потврдено, со правна поука за правото на понатамошни правни средства пред надлежен суд, против второстепената одлука.
4. Со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, се определени слободите и правата на човекот и граѓанинот чија заштита се остварува пред Уставниот суд на Република Македонија и тие се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но, не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
Во барањето, според член 52 од Деловникот на Судот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.
До Уставниот суд, Василчо Дамчески поднесе барање за заштита на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување, како и забрана на дискриминација по основ на политичка припадност.
Како акти со кои смета дека му е сторена повредата на слободите и правата, барателот приложува Решение, бр.04-28712/15 од 30.11.2017 година, донесено од Министерството за надворешни работи и Одлука УПбр. 09-634 од 26.12.2017 година, донесена од Агенцијата за администрација – Комисија за одлучување по жалби и приговори на административните службеници во втор степен. Со второстепената одлука, барателот е правно поучен за можноста од понатамошна судска заштита, доколку е незадоволен од Одлуката.
Испитувајќи го барањето од аспект на исполнетоста на условите од член 110 алинеја 3 од Уставот, како и членовите 51 и 52 од Деловникот за барање за заштита на слободи и права пред Уставниот суд, а тоа се: бараната заштита да се однесува на слободите и правата, опфатени со член 110 алинеја 3 од Уставот; повредата да е сторена со поединечен акт или дејство; поединечните акти да бидат конечни или правосилни; да биде запазен рокот во кој може да се бара уставно-судска заштита, причините поради кои се бара заштита, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето по барањето, Судот утврди дека во конкретниот случај, тие не се исполнети, поради следното:
Барателот наведува дека поднесеното барање за заштита на слободи и права, било навремено, бидејќи го поднел во рок од два месеци од приемот на Одлуката на второстепената комисија. Меѓутоа, на Одлуката на второстепениот орган, барателот има право и на судска заштита, за што е правно поучен за правните средства кои понатаму му стојат на располагање доколку е незадоволен од одлуката, во случајов правото на тужба пред надлежен суд, што упатува на фактот дека посочената Одлука со барањето УПбр. 09-634 од 26.12.2017 година, на Агенцијата за администрација, нема својство на конечен акт од аспект на исцрпени или не предвидени други правни средства за заштита на права и правни интереси на граѓаните.
Според тоа, второстепениот акт, кој барателот го врзува со рокот определен во Деловникот, во смисла на запазување на рокот во кој може пред Уставниот суд да се поднесе барање за заштита на слободи и права од член 110 алинеја 3 од Уставот, не може да се прифати како конечен или правосилен акт од аспект на членот 51 од Деловникот, поради што Судот оцени дека постои процесна пречка за постапување по барањето за заштита на слободи и права.
Судот, исто така ги имаше во предвид наводите во барањето, во кое барателот наведува дека бараната заштита се однесува на слободи и права опфатени со членот 110 алинеја 3 од Уставот, повредени со посочените акти, меѓутоа, од содржината на актите и документацијата не произлегува дека тоа се акти донесени по повод негово практикување на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот за кои бара заштита, туку дека станува збор за акти од сферата на работните односи, донесени по повод спроведена дисциплинска постапка за утврдување на дисциплинска одговорност за сторен дисциплински престап на вработен во дипломатска служба, чија законитост се оспорува, што е уште една процесна пречка за постапување по барањето.
Имено од самите наводи во барањето во кое подносителот наведува дека дисциплинската мерка престанок на работниот однос не била изречена како мерка заснована на закон, туку како мерка поради неговата политичка определба и политичко дејствување, всушност упатува на фактот дека преку инструментот уставно-судска заштита на слободи и права од член 110 алинеја 3 од Уставот, барателот сака да оствари заштита на законитоста на поединечните акти од сферата на работните односи, донесени по повод водена дисциплинска постапка против него за повреда на работна должност, што излегува надвор од утврдените надлежности на Уставниот суд, а која заштита, согласно член 50 став 2 од Уставот, се остварува пред судовите на Република Македонија, за што барателот е всушност и правно поучен во правната поука, содржана во второстепениот поединечен акт на Агенцијата за администрација.
5. Имајќи го предвид погоре наведеното, Судот утврди дека постојат процесни пречки за мериторно постапување по барањето, со што настапени се условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот, за отфрлање на барањето за заштита на слободи и права.
6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.
У.бр.27/2018
9 јули 2018 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски