Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 јуни 2018 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на:
– член 16 став 1 од Законот за инспекцијата на трудот („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ број 31/1985, 51/1988, 23/1990, 17/1991 и „Службен весник на Република Македонија“ број 32/1993).
– член 19 став 1 во делот на зборот „осум“ и ставот 3 во делот на зборот „не“, од Законот за инспекцијата на труд („Службен весник на Република Македонија“ број 35/1997, 29/2002, 36/2011, 164/2013, 44/2014, 33/2015, 147/2015 и 21/2018).
2. Дарко Јаневски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценка на уставноста на одредбите од законите означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, член 16 став 1 од Законот за инспекцијата на трудот („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр.31/1985, 51/1988, 23/1990, 17/1991 и „Службен весник на Република Македонија“ бр.32/1993) уредувал право на инспекторот на трудот со решение да нареди во определен рок да се отстранат неправилностите и недостатоците утврдени при вршењето на инспекцискиот надзор. Со ваквата законска одредба, а имајќи ги предвид одредбите од член 4 став 3 од Законот за инспекциски надзор („Службен весник на Република Македонија“ број 50/2010, 162/2010, 157/2011, 147/2013, 41/2014, 33/2015, 193/2015, 53/2016 и 11/2018) спoред кој секој може да поднесе барање односно иницијатива за поведување постапка за инспекциски надзор, и член 9 став 1 од Законот за инспекцијата на трудот („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/1997, 29/2002, 36/2011, 164/2013, 44/2014, 33/2015 и 147/2015), според кој во таа постапка ќе се применувале одредбите од Законот за општата управна постапка, биле ставени во понеповолна положба токму подносителите – иницијаторите на барањето за вршење на инспекциски надзор, во однос на тоа што нив не им се доставувало решението, односно управниот акт од инспекцискиот надзор, кој акт се доставувал до субјектот врз кој се спроведувал надзорот, и со тоа се вршело елиминирање на иницијаторите на надзорот како учесници во постапката, односно на иницијаторите на надзорот им биле намалени правата за заштита на правните интереси загарантирани со Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Макдонија“ бр.124/2015).
Со иницијативата, компарирајќи ги одредбите од оспорената законска одредба со други одредби од наведените закони, се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста на член 16 став 1 од Законот за инспекцијата на трудот („Службен весник на СРМ“ бр. 31/1985, 51/1988, 23/1990, 17/1991 и „Службен весник на Република Македонија“ број 32/1993) како несогласна со член 8 став 1 алинеја 3 и став 2, членот 9 и членот 51 од Уставот на Република Македонија.
Во однос на оспорениот член 19 став 1 од Законот за инспекцијата на труд („Службен весник на Република Македонија“ бр. 35/1997, 29/2002, 36/2011, 164/2013, 44/2014, 33/2015, 147/2015 и 21/2018), во иницијативата се наведува дека таа не била во согласност со член 106 став 1 од Законот за општата управна постапка, па поради тоа не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот на Република Македнија. Имено, оспорениот член предвидувал рок од осум дена за поднесување на жалба против управниот акт и во делот на зборот „осум“ бил неуставен бидејќи Законот за општата управна постапка предвидувал рок за жалба од 15 дена од денот на доставувањето на управниот акт.
Во однос на оспорениот член 19 став 3 од Законот за инспекцијата на труд („Службен весник на Република Македонија“ бр. 35/1997, 29/2002, 36/2011, 164/2013, 44/2014, 33/2015, 147/2015 и 21/ 2018), во иницијативата се наведува дека оваа одредба предвидувала против конечното решение на инспекторот на трудот, донесено по барање на работник за одложување од извршување на конечна одлука на работодавачот, за која се води работен спор пред надлежен суд, не може да се поведе управен спор. Оваа одредба во делот на зборот „не“ била неуставна, односно одредбата во тој дел од зборот не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 50 став 2 и членот 51 од Уставот. Ова од причини што неуставноста произлегувала од несогласноста на делот од оспорената одредба со член 2 став 2 од Законот за општата управна постапка каде било предвидено дека со посебните закони одделни работи можат да се уредуваат поинаку, доколку не се во спротивност со основните начела и целта на законот и не ја намалуваат заштитата на правата и правните интереси на странките загарантирани со Законот. Меѓутоа, според подносителот на иницијативата, било попречено правото на управен спор против решението на инспекторот на трудот донесено по предметното барање на работникот за одложување на извршување на конечната одлука на работодавачот, а тоа било спротивно со Законот за општата управна постапка кој ги гарантирал правата на странките.
Со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста на член 19 став 1 во делот на зборот „осум“ и ставот 3 во делот на зборот „не“, од Законот за инспекцијата на труд („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/1997, 29/2002, 36/2011, 164/2013, 44/2014, 33/2015, 147/2015 и 21/2018), поради тоа што не биле во согласност со одредби од Законот за општата управна постапка.
3. Судот на седницата утврди дека во Законот за инспекцијата на трудот (донесен во 1985 година), објавен во („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр.31/1985, 51/1988, 23/1990, 17/1991 и „Службен весник на Република Македонија бр. 32/1993), бил содржан членот 16 став 1, кој е оспорен со иницијативата и гласи:
„Ако инспекторот на трудот утврди повреда на законите, другите прописи и општи акти, над чија примена врши инспекциски надзор, со решение ќе нареди во определен рок да се отстранат утврдените неправилности и недостатоци“.
Судот, исто така утврди дека со Законот за инспекцијата на труд (донесен во 1997 година) и објавен во („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/1997, 29/2002, 36/2011, 164/2013, 44/2014, 33/2015, 147/2015 и 21/2018), кој влегол во сила на 1 август 1997 година, престанал да важи погоренаведениот Закон за инспекцијата на трудот, донесен од 1985 година („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр. 31/1985, 51/1988, 23/1990, 17/1991 и „Службен весник на Република Македонија“ бр.32/1993), освен одредбите од членовите 16, 17, 18 и 19 и член 26 став 3.
Со новиот Закон за инспекцијата на труд, вклучително со измените и дополнувањата, освен одредбите од претходниот Закон кои се оставени во важност, е предвиден новиот член 19 кој во ставот 1 е оспорен со предметната иницијатива пред овој суд, во делот на зборот „осум“ и во ставот 3 е оспорен во делот на зборот „не“.
Членот 19 гласи:
„Против решението на инспекторот за труд може да се изјави жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението (став 1).
По жалбата против решението на инспекторот одлучува Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен (став 2).
Против конечното решение на инспекторот на трудот, донесено по барање на работник за одложување од извршување на конечна одлука на работодавачот, за која се води работен спор пред надлежен суд, не може да се поведе управен спор (став 3)“.
Судот утврди дека Законот за заштита при работа (донесен во 1998 година) и објавен во („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/1998, 21/1998 и 33/2000) со членот 63 предвидел престанок на важење и на преостанатите членови 16, 17, 18, 19 и 26 став 3 од Законот за инспекцијата на трудот, кој бил донесен во 1985 година.
Со оглед на тоа, оспорениот член 16 од Законот за инспекцијата на трудот („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр. 31/1985, 51/1988, 23/1990, 17/1991 и „Службен весник на Република Македонија бр.32/1993), престанал да постои во правниот поредок уште во 1998 година со донесувањето на Законот за заштита при работа („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/1998).
Со Законот за безбедност и здравје при работа („Службен весник на Република Македонија“ бр.92/2007, 136/2011, 23/2013, 25/2013, 164/2013, 158/2014, 15/2015, 129/2015, 192/2015 и 30/2016“), согласно членот 63, престанал да важи и Законот за заштита при работа („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/1998, 21/1998 и 33/2000).
Во однос на оспорените одредби од член 19 став 1 во делот на зборот „осум“ и ставот 3 во делот на зборот „не“, од Законот за инспекцијата на труд („Службен весник на Република Македонија“ бр. 35/1997, 29/2002, 36/2011, 164/2013, 44/2014, 33/2015, 147/2015 и 21/2018), Судот утврди дека тие, како и целината на Законот, се во правниот поредок.
4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со иницијативата се оспорува член 16 став 1 од Законот за инспекцијата на трудот кој со членот 63 од Законот за заштита при работа („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/1998, 21/1998 и 33/2000) престанал да важи и не е во правниот поредок во Република Македонија.
Со оглед на тоа, Судот утврди дека иницијативата во овој дел треба да се отфрли согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, бидејќи постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со иницијативата, исто така се оспорува член 19 став 1 во делот на зборот „осум“ и член 19 став 3 во делот на зборот „не“ од Законот за инспекцијата на труд („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/1997, 29/2002, 36/2011, 164/2013, 44/2014, 33/2015, 147/2015 и 21/2018). Поаѓајќи од содржината на наводите во иницијативата, се утврди дека со неа се оспоруваат наведените делови од одредбите од Законот за инспекцијата на труд од аспект дека постоела меѓусебна неусогласеност со одредби од Законот за општата управна постапка, па поради тоа оспорените делови на член 19 став 1 и став 3 од наведениот закон требале да се укинат за да добијат содржина која иницијаторот сака да ја имаат, и ја истакнува во барањето на иницијативата. Меѓутоа, Судот нема надлежност да ја оценува меѓусебната усогласеност на законите, како што е во случајов помеѓу Законот за инспекцијата на трудот, кој е посебен закон, и Законот за општата управна постапка, кој е општ закон со супсидијарна примена кој допушта со посебните закони материјата на нивното уредување да се уредува посебно, ниту е надлежен преку оценка на уставноста на делови од содржината на одредбите да креира нова содржина на законски решенија или да ја оценува целисходноста на законските норми, кое е прашање во надлежност на законодавната власт.
Со оглед на тоа, Судот утврди дека иницијативата и во овој дел треба да се отфрли согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, поради ненадлежност на Судот да одлучува по барањето.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.16/2018
20 јуни 2018 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски